Прејди на содржината

Прва книга Самоилова/ 22 глава

Од Wikisource

21 глава Прва книга Самоилова
22 глава
од н.п.
23 глава

  1 Давид си отиде оттаму и се засолна во пештерата Одолам. А кога го чуја тоа неговите браќа и сето негово семејство, слегоа онаму при него.
  2 Освен тоа се собраа околу него сите кои беа во неволја, сите задолжени, сите незадоволни, и тој им стана водач. А ги имаше околу него до четири стотини луѓе.
  3 Оттаму Давид отиде во Миспа во Моавската Земја и му рече на моавскиот цар: „Дозволи мојот татко и мојата мајка да се засолнат кај вас додека не видам што ќе направи Бог со мене.”
  4 И ги остави кај моавскиот цар, и тие останаа кај него сè додека Давид беше во скривалиштето.
  5 Ама пророкот Гад му рече на Давида: „Не останувај во своето засолниште, туку оди и навлези во Јудината Земја.” И Давид отиде и навлезе во Аретската Гора.
  6 Саул научи дека се појави Давид со луѓето кои беа со него. Саул токму беше во Гаваја; седеше под даб на ридот во Рама, со копје во раката, а околу него стоеја сите негови дворјани.
  7 И Саул им рече на своите дворјани, кои беа околу него: „Послушајте ме Венијаминови синови! Дали и Јесејовиот син ќе ви подари ниви и лозја? Дали ќе ве постави сите за илјадници и стотници?
  8 А зошто тогаш сите се заверивте против мене? Нема никој да ми јави кога мојот син склучи сојуз со Јесејовиот син, нема никој меѓу вас за да ме пожали и да ми открие како мојот син го разјари мојот слуга против мене, лежејќи во заседа, како што се случува денес?”
  9 Тогаш проговори Идумеецот Доик, кој стоеше меѓу Сауловите дворјани и рече: „Јас го видов Јесејовиот син кога дојде во Ноб кај Ахимелех, Ахитовиот син.
10 Овој побара за него совет од Господа, и му даде храна и му го предаде мечот на Филистеецот Голијат.”
11 Тогаш Саул заповеда да ги повикаат свештеникот Ахимелех, синот Ахитов, и сето негово семејство, свештениците во Ноб и сите дојдоа пред царот.
12 Тогаш Саул рече: „Чуј ме, Ахитов сине!” А тој одговори: „Еве ме господару!”
13 А Саул го праша: „Зошто се заверивте против мене, ти и Јесејовиот син? Ти му даде леб и меч, и побара совет од Бога за него, за да се крене против мене, лежејќи во заседа како што се случува денес.”
14 Ахимелех му одговори на царот: „А кој му е рамен на Давида од сите твои слуги, толку верен, покрај тоа царев зет, главатар на твојата телесна стража, човек кој е почитуван во твојата куќа?
15 Зар јас денес за првпат барав совет од Бога за него? Далеку да е од мене! Нека царот не ги обвинува во ништо својот слуга и сето негово семејство, зашто неговиот слуга не знаеше ништо за тоа!”
16 Но царот одговори: „Ти ќе умреш Ахимелеху, ти и сето твое семејство!”
17 И царот им заповеда на телохранителите, кои стоеја околу него: „Пристапете и погубете ги Господовите свештеници, зашто и тие му помогнаа на Давида: знаеја дека е во бегство, а не ми јавија за тоа.” Но царските стражари не сакаа да кренат рака на Господовите свештеници, за да ги погубат.
18 Тогаш царот му заповеда на Доик: „Пристапи ти и погуби ги свештениците!” Идумеецот Доик пристапи и ги погуби свештениците: тој погуби во оној ден осумдесет и пет луѓе кои носеа ленен наплеќник.
19 И Ноб, свештеничкиот град, ги разурна со острилото на мечот, погубувајќи ги мажите и жените, децата и доилчињата, ослињата и овците, со острилото на мечот.
20 Се избави само еден син на Ахимелеха, синот Ахитов, по име Авијатар, и пребега кај Давида.
21 Авијатар му јави на Давида дека Саул ги искла Господовите свештеници.
22 А Давид му одговори на Авијатар: „Јас веќе во оној ден, кога таму беше Идумеецот Доик, знаев дека тој бездруго ќе му го јави тоа на Саула! Јас сум виновен за животите на твојот татков дом.
23 Остани кај мене, не бој се: кој ќе го бара твојот живот, ќе го бара мојот живот. Кај мене ќе бидеш чуван добро.”

Поврзано

Надворешни врски

Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.


It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.

Public domainPublic domainfalsefalse