Прва книга Самоилова/ 19 глава
18 глава | Прва книга Самоилова 19 глава од н.п. |
20 глава |
1 Саул им ја образложи на својот син Јонатан и на сите свои дворјани својата намера да го убие Давида. Но Јонатан, Сауловиот син, мошне многу се радуваше на Давида.
2 И Јонатан тоа му го соопшти на Давида вака: „Мојот татко Саул има намера да те убие. И така биди внимателен утре наутро, остани во скривалиштето и скриј се.
3 А јас ќе излезам и ќе стојам покрај мојот татко во полето каде што ќе бидеш ти, и ќе зборувам за тебе со мојот татко. Кога ќе научам како е, ќе ти јавам.”
4 Јонатан му го пофали Давида на својот татко и му рече вака: „Царот нека не се огреши за својот слуга Давид, зашто тој ништо не згрешил за тебе; спротивно, тоа што го правеше беше од голема полза за тебе.
5 Тој го стави својот живот на коцка, го уби Филистеецот, и Господ му прибави голема победа на сиот Израел: виде и се радуваше. И така зошто би згрешил за невина крв, убивајќи го Давида без причина?”
6 Саул ги сослуша Јонатановите зборови и се заколна: „Живиот ми Господ, Давид нема да умре!”
7 Тогаш Јонатан го повика Давида и му ги кажа тие зборови. Потоа Јонатан го доведе Давида кај Саула, и Давид пак ја доби службата што ја имаше порано.
8 И пак избувна војна, Давид излезе на боиште за да се бори со Филистејците; и ги порази така што избегаа пред него.
9 Тогаш лошиот Божји дух го обзеде Саула; кога седеше во својата куќа со копјето во раката, а Давид свиреше со лирата,
10 Саул се обиде да го прикове Давида со своето копје за ѕидот. Давид побегна и се спаси
11 Во истата ноќ Саул испрати гласници за да ја надгледуваат Давидовата куќа, зашто сакаше да го убие Давида рано наутро. Но Давидовата жена Михала му го соопшти тоа на Давида, говорејќи: „Ако ноќеска не избегаш на безбедно место, утре ќе бидеш мртов!”
12 Тогаш Михала го спушти Давида низ прозорецот. Тој си отиде и се спаси со бегство.
13 А Михала го зеде кипот, го положи во постела, му стави козји влакна околу главата и го покри со покривка.
14 Кога Саул испрати гласници за да го фатат Давида, таа им рече: „Болен е.”
15 Но Саул ги врати гласниците за да го видат Давида, и им заповеда: „Донесете го кај мене во постела, за да го убијам!”
16 А кога гласниците влегоа, ете: во постелата беше кипот, со козина околу главата!
17 Тогаш Саул и рече на Михала: „Зошто ме измами така и го пушти мојот непријател да побегне и да се спаси?” А Михала му одговори на Саула: „Тој ми рече: ‘Пушти ме да си одам, или ќе те убијам!’”
18 Така Давид избега и се спаси. И тој отиде кај Самоила во Рама и му јави за сè што му направи Саул. Потоа тој и Самоил отидоа и се настанија во Најот.
19 А на Саула му јавија вака: „Ене го Давид во Најот во Рама.”
20 Тогаш Саул испрати гласници за да го фатат Давида. Кога тие видоа пророчки собир во пророчки занес, а Самоил на нивно чело, Божјиот Дух ги опфати и Сауловите гласници, та и тие пророкуваа.
21 Кога му го јавија тоа на Саула тој испрати други гласници, но и тие пророкуваа. Потоа Саул испрати и трети гласници, ама и тие пророкуваа.
22 Тогаш Саул тргна сам во Рама, и кога дојде до големиот кладенец кај Сокхот, праша: „Каде се Самоил и Давид?” И му одговорија: „Ене ги во Најот во Рама.”
23 Тој веднаш тргна кон Најот во Рама. Но и него го обзеде Божји Дух, па одеше во пророрчки занес сè додека не дојде во Најот во Рама.
24 Таму и тој ги соблече своите облеки зашто и него го обзеде занес пред Самоила; потоа легна гол и остана така целиот тој ден и сета ноќ. Оттогаш се вели: „Зар е и Саул меѓу пророците?”
Поврзано
[уреди]Надворешни врски
[уреди]
Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.
Public domainPublic domainfalsefalse