Прва книга Самоилова/ 10 глава

Од Wikisource

9 глава Прва книга Самоилова
10 глава
од н.п.
11 глава


  1 Тогаш Самоил зеде сад со масло па го излеа врз главата на Саула, потоа го пољуби и рече: „Со ова Господ те помаза за кнез над Својот народ Израел. Ти ќе владееш над Господовиот народ, и ќе го избавиш од рацете на неговите непријатели наоколу. И еве ти знак дека Господ те помаза за кнез над Своето наследство.
  2 Кога ќе заминеш сега од мене, ќе најдеш двајца луѓе кај Рахилиниот Гроб, на границата на Венијаминовата Земја, во Селса. Тие ќе ти речат: ‘Се најдоа ослиците, кои тргна да ги бараш; и ете, твојот татко ги заборави ослиците, и се загрижи за вас и вели: „Што да направам за својот син?”‘
  3 Кога ќе заминеш оттаму натаму и ќе дојдеш до Таворскиот Даб, ќе сретнеш таму тројца луѓе кои ќе одат горе кон Бога во Ветил. Едниот ќе носи три јариња, другиот три леба, а третиот мев со вино.
  4 Тие ќе те поздрават, и ќе ти дадат два леба, а ти прими ги од нивните раце.
  5 Потоа ќе дојдеш во Божја Гаваја каде се наоѓаат филистејските граничари. Кога ќе влезеш во градот, ќе сретнеш дружина пророци, кои ќе слегуваат од високото место, а пред нив псалтири, тапанчиња кавалчиња и гуслиња; и тие ќе пророкуваат.
  6 Тогаш Господовиот Дух ќе слезе на тебе, и ќе пророкуваш со нив, и ќе се измениш во друг човек.
  7 А кога ќе се исполнат тие знакови, тогаш прави како што ќе посакаш, зашто Бог е со тебе.
  8 Потоа ќе слезеш пред мене во Галгал, и јас ќе слезам при тебе, за да принесам паленици и помирителни жртви. Чекај седум денови додека не дојдам кај тебе и да те поучам што ќе правиш.”
  9 Штом Саул ги сврте плеќите за да си отиде од Самоила, Бог му го промени срцето, и сите оние знаци се исполнија во оној ден.
10 Имено кога дојдоа во Гаваја, ете, му дојде во пресрет дружина пророци, и Божјиот Дух слезе на него, и тој пророкуваше среде нив.
11 И кога сите, кои го познаваа отпорано, го видоа како пророкува со пророците, почнаа да зборуваат еден на друг: „Што се случи тоа со Кисовиот син? Зар е Саул меѓу пророците?”
12 А еден од нив одговори и рече: „А кој е нивниот татко?” Од тоа стана пословицата: „Зар е и Саул меѓу пророците!”
13 Кога прекрати да пророкува Саул се врати дома.
14 А Сауловиот чичко ги праша него и слугата: „Каде отидовте?” А Саул одговори: „Да ги бараме ослиците; а кога видовме дека ги нема, отидовме кај Самоил.”
15 А неговиот чичко го замоли: „Раскажи ми што ви рече Самоил.”
16 А Саул му одговори на својот чичко: „Ни рече дека се најдоа ослиците.” Ама не му рече ништо за царската чест што му ја прорече Самоил.
17 Потоа Самоил го свика народот пред Господа во Миспа
18 и им рече на Израелевите синови: „Вака зборува Господ: ‘Јас го изведов Израел од Египет и ве избавив од египетските раце и од рацете на сите царства, кои ве угнетуваа.’
19 А вие го отфрливте денес својот Бог, Оној Кој ве избавуваше од сите ваши зла и од сите ваши неволји, и Му рековте: ‘Не, туку постави ни цар над нас!’ Затоа сега застанете пред Господа според своите племиња и родови.”
20 Потоа Самоил ги приведе сите Израелеви племиња, и жрепката падна на Венијаминовото племе.
21 Потоа го приведе Венијаминовото племе по родовите, и жрепката падна на Матриевиот род; и кога го приведе Матриевиот род, човек по човек, жрепката падна на Саула, синот Кисов; но кога го побараа, не го најдоа.
22 Тогаш го прашаа уште еднаш Господа: „Дали дојде тој човек тука?” А Господ одговори: „Ене го, се скрил зад товарот.”
23 Стрчаа и го доведоа оттаму; а кога застана среде народот, беше со главата и со рамениците повисок од сите.
24 Тогаш Самоил му рече на сиот народ: „Видовте ли кого го избра Господ? Не му има рамен во сиот народ.” И сиот народ почна да воскликнува и да вика: „Да живее царот!”
25 Тогаш Самоил му го соопшти на народот царското право и го запиша во книжен свиток што го положи пред Господа. Најпосле Самоил го отпушти сиот народ, за да си оди секој во својата куќа.
26 Саул исто така се врати дома во Гаваја, а со него тргнаа јунаците на кои Бог им ги допре срцата.
27 Ама некои ништожници рекоа: „Како ќе нè спаси тој?” И го презреа и не му донесоа никаков подарок. Тој се преправаше како да не го гледа тоа.

Поврзано[уреди]

Надворешни врски[уреди]


Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.