Прва книга Мојсеева/ 48 глава
47 глава | Прва книга Мојсеева 48 глава од Мојсеј |
49 глава |
1 По некое време му јавија на Јосифа: „Ене, татко ти се разболе.” Тогаш тој ги зеде со себе своите два сина Манасиј и Ефрем.
2 Кога му рекоа на Јакова: „Еве ти дојде синот Јосиф”, Израел ја собра својата сила и седна на постелата.
3 Јаков му рече на Јосифа: „Ел Шадај (Сèмоќниот Бог) ми се јави во Луз, во Ханаанската Земја; и ме благослови,
4 а потоа ми рече: ‘Ќе те направам плоден и многуброен, и ќе произведам од тебе мноштво народи, и на твоето потомство, по тебе, ќе му ја дадам оваа земја во вечна сопственост.’
5 Сега, двата твои сина, кои ти се родија во Египетската Земја, пред да дојдам јас при тебе во Египет, нека бидат мои - Ефрем и Манасиј нека бидат мои, како и Рувим и Симеон!
6 А децата кои ти се родија по нив нека останат твои; а во нивното наследство нека се викаат со името на своите браќа.
7 Имено, кога се враќав од Падан (Месопотамија), за моја жалост, почина мајка ти Рахила при патувањето во Ханаанската Земја, на сосем мала оддалеченост од Ефрат. Јас ја погребав таму покрај патот за Ефрат, денешниот Витлеем.
8 Забележувајќи ги Израел Јосифовите синови, праша: „Кои се овие?”
9 Јосиф му одговори на татка си: „Тоа се моите синови, кои ми ги даде Бог тука.” „Доведи ми ги да ги благословам”, рече.
10 Израелевите очи беа ослабени, од старост, не гледаше. Затоа му ги приведе синовите, а тој ги пољуби и ги прегрна.
11 И Израел му рече на Јосифа: „Не се надевав да го видам твоето лице; но, ете, Бог ми даде да ги видам и твоите деца.”
12 Тогаш Јосиф ги слезе од неговите колена и му се поклони со лицето до земја.
13 И Јосиф ги зеде двајцата - Ефрема со својата десница: одлево на Израел, а Манасиј со својата левица: оддесно на Израел - па ги приближи до него.
14 Но Израел ја протегна својата десна рака и ја стави врз Ефремовата глава, иако беше помлад, а левицата врз Манасиевата глава - иако Манасиј беше првороденец.
15 Па го благослови Јосифа, и рече: „Бог, по чии патишта одеа моите татковци Авраам и Исак; Бог, Кој ми беше Пастир од кога постојам па сè до денес,
16 ангелот, кој ме избавуваше од секое зло, нека ги благослови децава! Преку нив, нека се спомнува моето име и името на моите предци Авраам и Исак! Да се размножат на земјата во многубројни мноштва!”
17 Кога Јосиф виде дека неговиот татко ја стави десницата врз Ефремовата глава, не му беше мило; затоа посегна по раката на татка си да ја премести од Ефремовата глава врз Манасиевата глава.
18 „Не, така, татко мој - му рече Јосиф на татка си - зашто овој е првенец; затоа возложи ја десницата на неговата глава!”
19 Но неговиот татко го одби, велејќи: „Јас знам сине мој, знам; и од него ќе стане народ и ќе биде голем. Но неговиот помлад брат ќе биде поголем од него, од него ќе произлезе многуброен народ.”
20 И ги благослови во тој ден, зборувајќи: „Израел ќе биде благословуван преку вас, велејќи: ‘Бог нека ти направи и тебе, како на Ефрема и Манасија!’” Така го стави Ефрема пред Манасија.
21 Потоа Израел му рече на Јосифа: „Еве, јас ќе умрам скоро; но Бог ќе биде со вас и пак ќе ве врати во земјата на вашите татковци.
22 А тебе ти оставам дел повеќе отколку на браќата твои, што го освоив, со мојот меч и лак, од Аморејците.”
Поврзано
[уреди]Надворешни врски
[уреди]
Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.
Public domainPublic domainfalsefalse