Прејди на содржината

Прва книга Мојсеева/ 43 глава

Од Wikisource

42 глава Прва книга Мојсеева
43 глава
од Мојсеј
44 глава


   1 Страшен глад ја притисна земјата.
  2 Кога ја изедоа храната, што ја донесоа од Египет, нивниот татко им рече: „Одете пак и набавете ни малку храна.”
  3 А Јуда му рече: „Оној човек ни рече јасно: ‘Не смеете пред мене, ако вашиот брат не биде со вас.’
  4 И така, ако сакаш да го испратиш нашиот брат со нас, ние ќе отидеме таму и ќе ти купиме жито.
  5 Но ако не го пушташ него со нас, тогаш ние таму и нема да одиме, зашто оној ни се закани: ‘Не смеете пред мене, ако вашиот брат не биде со вас.’”
  6 „Зошто ми правите зло - праша Израел - кажувајќи му на човекот дека имате уште еден брат?”
  7 Тие одговорија: „Човекот нè распрашуваше непрекратно за нас и за нашето семејство: ‘Уште ли е жив татко ви? Имате ли уште некој брат?’ Ние му одговаравме на прашањата. Како можевме да знаеме дека ќе рече: ‘Доведете го брата си!’”
  8 Потоа Јуда му рече на татка си Израел: „Пушти го детето со мене, па да станеме и да тргнеме; така ќе преживееме, а нема да изумреме, и ние и ти и нашите деца.
  9 Јас емчам за него, и сметај ме одговорен за него. Ако не ти го вратам тебе и ако не го доведам пред тебе, ќе ти бидам виновен засекогаш.
10 Па ако не се двоумевме толку, можевме веќе и двапати да се вратиме.”
11 Нивниот татко Израел им рече: „Штом е така, нека биде; ама направете го ова: ставете во торбите најодбрани производи на оваа земја: малку балсам, малку мед и миродии, мириси и смирна, и лешници и бадеми, и однесете му ги како дар на оној човек.
12 Земете со себе двојно сребреници, зашто треба да бидат вратени сребрениците, што ги најдовте во отворите на вреќите. Можеби она беше забуна.
13 Земете го својот брат и запатете се пак при оној човек.
14 Нека Ел Шадај (Сèмоќниот Бог) го поттикне оној човек на милост кон нас, па да ви ги пушти и другиот брат и Венијамина. А јас, ако треба да останам без деца, нека останам.”
15 Луѓето ги зедоа даровите; зедоа двојно сребреници со себе, го поведоа Венијамина и слегоа во Египет, и стапија пред Јосифа.
16 Кога Јосиф го здогледа Венијамина со нив, му рече на управителот на своето домаќинство: „Одведи ги луѓето во куќата, заколи едно добиче и зготви, зашто луѓево ќе ручаат со мене на пладне!”
17 Човекот направи како што му рече Јосиф и ги поведе луѓето во Јосифовиот дом.
18 Луѓето се исплашија кога ги поведоа во Јосифовиот дом и рекоа: „Заради сребрениците што ги најдовме во нашите вреќи, првиот пат, нè водат нас внатре, да нè нападнат и да нè земат за робови, заедно со нашите ослиња.”
19 Заради тоа му се приближија на управителот на Јосифовиот дом и, при влезот на куќата, му рекоа:
20 „Прости, господару! Ние, еднаш, и порано дојдовме да набавиме храна;
21 и кога стигнавме во преноќиштето и ги отворивме нашите вреќи; а ете сребрениците на секој од нас: одозгора во неговата вреќа, нашите сребреници, исто количество, сега ги донесовме со себе.
22 А донесовме и други сребреници, за да купиме храна. Ние не знаеме кој ни ги стави сребрениците во нашите вреќи.”
23 „Бидете мирни! - им рече тој. - Не бојте се! Вашиот Бог и Бог на вашиот татко го стави благото во вашите вреќи; вашите сребреници стигнаа при мене.” Потоа им го изведе Симеона.
24 Тогаш човекот ги воведе луѓето во Јосифовата куќа; им даде вода да си ги измијат нозете; а на нивните ослиња им даде храна.
25 Потоа тие ги приготвија своите подароци до Јосифовото доаѓање на пладне, зашто чуја дека ќе ручаат таму.
26 Кога Јосиф дојде дома, му ги дадоа даровите што ги донесоа со себе, и му се поклонија до земја.
27 Тој ги праша за здравјето, а натаму рече: „А дали е добар вашиот стар татко, за кого што ми зборувавте? Дали му е добро здравјето?”
28 „Твојот слуга, нашиот татко, добар е и здравјето му е уште добро”, одговорија и му се поклонија, искажувајќи му почитување.
29 Подигајќи ги своите очи, Јосиф го забележа својот брат Венијамин - синот на мајка си - и праша: „Овој ли е вашиот најмлад брат, за кого ми зборувавте?” И продолжи: „Божјата милост да биде со тебе, сине мој!”
30 Па Јосиф се оддалечи брзо, зашто му се возбуди срцето заради братот; му идеше да заплаче. Влезе во една соба и таму се изнаплака.
31 Тогаш го изми лицето, се јави повторно и, совладувајќи се, нареди: „Послужете ручек!”
32 Му ставија нему одделно, ним одделно, а пак одделно на Египетците, кои јадеа со него. Египетците не би можеле да јадат со Евреи, зашто тоа би им било одвратно на Египетците.
33 И кога седнаа пред него, најстариот според своето првородство, а најмладиот според својата младост, само се загледуваа.
34 И тој наредуваше јадењата од пред него да ги носат при нив, а Венијаминовиот дел беше петпати поголем од сите други. И пиеја и се гостеа со него.
 

Поврзано

[уреди]

Надворешни врски

[уреди]

Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.


It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.

Public domainPublic domainfalsefalse