Прва книга Мојсеева/ 35 глава

Од Wikisource
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

34 глава Прва книга Мојсеева
35 глава
од Мојсеј
36 глава



 1 Бог му рече на Јакова: „Стани, оди горе во Ветил и остани таму! Направи Му таму жртвеник на Бога, Кој ти се јави кога бегаше од брата си Исава!”
  2 И Јаков им рече на сите во својот дом и на сите што беа со него: „Отфрлете ги туѓите идоли, што се наоѓаат во ваша средина; очистете се и преоблечете се.
  3 Одиме горе во Ветил; таму ќе Му направам жртвеник на Бога, Кој ме послуша кога бев во неволја и беше со мене на патот, по кој одев.”
  4 Тие му ги предадоа на Јакова сите туѓи идоли, што ги имаа, и наушниците што беа на нивните уши, и Јаков ги закопа под дабот во Сихем.
  5 Кога тргнаа, страв од Бога ги опфати околните места, така што не тргнаа во потера по Јакововите синови.
  6 Јаков стигна во Луз, односно Ветил, во Ханаанската Земја, и сите луѓе што беа со него.
  7 Таму изгради жртвеник - и местото го нарече Ел-Ветил, зашто Бог му се јави таму, кога тој бегаше пред својот брат Исав.
  8 Тогаш умре Ревекината доилка Девора, па ја погребаа под Ветил, под дабот, што оттогаш се вика „Тажен Даб.”
  9 Бог му се јави пак на Јакова, кога стигна од Падан Арам, и го благослови.
10 Бог му рече: „Името ти е Јаков, но отсега нема да се викаш Јаков, туку твоето име ќе биде Израел.” Така го нарече Израел.
11 Тогаш Бог му рече: „Јас Сум Ел Шадај - Сèмоќен Бог! Биди плоден и размножувај се! Од тебе ќе произлезе народ, множество народи, и цареви ќе излезат од твоето крило.
12 Земјата што им ја дадов на Авраама и Исака, Јас ти ја предавам тебе; и на твоето потомство, по тебе, ќе му ја дадам оваа земја.”
13 Тогаш Бог се вознесе од него, каде што му зборуваше.
14 На местото каде што Бог разговараше со него, Јаков исправи столб, столб од камен; принесе жртва врз него и го полеа со масло.
15 А местото каде што му зборуваше Бог, Јаков го нарече Ветил.
16 Потоа тргнаа од Ветил. Имаше уште малку пат до Еуфрат, а Рахила се најде на породување. Ја нападнаа тешки болки.
17 Кога породилните болки и беа најголеми, бабицата и рече: „Не бој се, зашто и овој ти е син!”
18 Кога се делеше од душата - зашто Рахила умираше - му го даде на синот името Венони; но таткото го нарече Венијамин.
19 Така почина Рахила. Ја погребаа покрај патот за Ефрат, односно Витлеем.
20 А Јаков подигна споменик на нејзиниот гроб - оној што е до денес на Рахилиниот гроб.
21 Израел тргна натаму и го оптегна својот шатор од онаа страна на Мигдал-Едер.
22 Додека Израел престојуваше во оној крај, Рувим отиде и легна со Вала, соложница на татка си. Израел научи за тоа. Јаков имаше дванаесет синови.
23 Со Лија: Рувим, Јакововиот првороденец, Симеон, Леви, Јуда, Исахар и Завулон.
24 Со Рахила: Јосиф и Венијамин;
25 со Рахилината слугинка Вала: Дан и Нефталим;
26 со Лиината слугинка Зелфа: Гад и Асир. Тоа се Јакововите синови, кои му се родија во Падан Арам.
27 Јаков дојде при татка си Исака во Мамвриј, во Киријат Арва, односно Хеврон - каде Авраам и Исак престојуваа како придојденици.
28 Исак умре кога имаше сто и осумдесет години.
29 Исак издивна и почина, старец и заситен со години, па беше придружен при своите луѓе. Неговите синови, Исав и Јаков, го погребаа.

Поврзано[уреди]

Надворешни врски[уреди]

PD-icon.svg Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.
Nuvola apps important.svg
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.