Правото на глас на жените

Од Wikisource
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Правото на глас на жените

од Ема Голдман


Ние се фалиме со времето на напредокот, науката и прогресот. Зарем не е чудно што ние сè уште веруваме во обожување на фетиши? Вистина, нашите фетиши имаат поинаква форма и суштина, но сепак во нивната моќ над човековиот ум тие сè уште се катастрофални како да се од оние од старите. Нашиот модерен фетиш е правото на глас на жените. Оние кои сè уште не ја постигнале таа цел, водат крвави револуции за да ја постигнат и оние кои уживаат во владеењето носат тешки жртви до олтарот на семоќното божество. Уа за еретикот кој се осмелува да се посомнева во таа божественост! Жената, дури повеќе од мажот, е обожавател на фетиши, иако нејзините идоли може да се менуваат, таа повеќе од секогаш е на нејзините колена, држејќи ги рацете, заслепена од фактот дека нејзиниот бог има стопала од глина. Оттаму жената е најголемиот поддржувач на сите божествености уште од древни времиња. Оттаму, таа мора да ја плати цената што само боговите можат да ја одредат – нејзината слобода, крвта од нејзиното срце, нејзиниот живот.

Запаметената максима на Ниче, „Кога одиш до жената, понеси го камшикот“, се смета за многу брутална, но сепак Ниче успеа во една реченица да го изрази ставот на жената кон нејзините богови.

Религијата, особено христијанската религија, ја осудува жената на живот како потчинета, роб. Таа ја осуетува нејзината природа и ја има оковано нејзината душа, сепак христијанската религија нема поголем поддржувач, нема попосветен, одошто жената. Навистина, безбедно е да се каже дека религијата уште одамна би престанала да биде фактор во животите на луѓето, ако не беше поддршката што ја прима од жената. Најревносните црковни работници, најнеуморните мисионери низ светот, се жени, секогаш жртвувајќи се на олтарот на боговите што ѝ го имаат заробено нејзиниот дух и поробено нејзиното тело.

Незаситното чудовиште, војната, ја ограбува жената од се што ѝ е драго и скапоцено на неа. Ѝ ги одредува браќата, љубовниците, синовите, а за возврат ѝ дава живот на осаменост и очај. Сепак најголемиот поддржувач и обожавател на војната е жената. Таа е онаа која ја влева љубовта кон освојувањето и кон моќта во нејзините деца; таа е онаа која ги шепоти славите на војните во ушите на нејзините малечки, која го лула нејзиното бебе за да заспие со трубите и буката од оружјето. Жената е исто така таа која го крунисува победникот по неговото враќање од бојното поле. Да, жената е таа која ја плаќа највисоката цена на тоа незаситно чудовиште, војната. Потоа тука е домот. Каков ужасен фетиш е тоа! Како ја исцрпува животната енергија од жената, овој модерен затвор со златни решетки. Неговиот светкав аспект ја заслепува жената до онаа цена каде што таа треба да плати како сопруга, мајка и домаќинка. Сепак жената се прилепува упорно за домот, за моќта што ја држи нејзе во ропство.

Може да се каже дека бидејќи жената се препознава во ужасната алатка што е направена за да плати на црквата, државата, домот, таа сака право на глас за да се ослободи. Тоа може да е вистина за неколку; мнозинството на гласачи крајно се спротивставуваат на такво богохулење. Напротив, тие инсистираат секогаш на тоа дека правото на глас жените ќе ја направи неа подобра христијанка и домаќинка, непоколеблив граѓанин на државата. Оттаму, правото на глас е само средство на зајакнување на семоќта на самите богови што жената им служи уште од древните времиња.

Какво чудо, тогаш, дека таа треба да биде уште толку посветена, уште толку предана, уште толку соборена пред новиот идол, правото на глас на жените. Како и порано таа издржува гонење, затворање, мачење и сите форми на осудување, со насмевка на нејзиното лице. Аналогно, за неа, најпросветленото, дури, надеж за чудо од божеството од дваесеттиот век, е правото на глас. Живот, среќа, радост, слобода, независност, сето тоа и повеќе треба да запролети од правото на глас. Во нејзиното слепо посветување жената не гледа што луѓето со интелект воочија пред педесетина години: дека правото на глас е зло, дека само помогнало да пороби луѓе, дека им ги затворило очите, дека тие не можат да гледаат колку мајсторски се потчинети.

Барањето на жените за еднакво право на глас се темели главно врз тврдењето дека жената мора да има еднакви права во сите работи во општеството. Никој/а не може тоа да го оспори доколку самото право на глас е право. Конечно, за незнаењето на човековиот ум, кој може да гледа во наметнувањето како право. Или пак зарем не е најголемо наметнување за одредена група на луѓе да прави закони што друга група на луѓе е принудена со сила да се покори? Сепак жената вреска за таа „златна шанса“ што кова толку многу мизерија во светот и го ограби човека од сопствениот интегритет и самодоверба; наметнување кое темелно ги корумпираше луѓето и ги направи апсолутен плен во рацете на бескрупулозните политичари. Сиромашниот, глупав, слободен американски граѓанин!

Слободен да гладува, слободен да скита по автопатите на оваа голема земја, тој ужива во општото право на глас, а со тоа право си закова синџири на своите нозе и раце. Наградите кои ги добива се строги трудови закони забранувајќи му го правото на бојкот, на протестирање, всушност сè освен правото неговите плодови на трудот да бидат украдени од него. Сепак сиве овие катастрофални резултати на фетишот од дваесеттиот век не ја научија жената на ништо. Но, тогаш, жената ќе ја прочисти политиката, ние сме сигурни.

Без да речам, јас сум против правото на глас за жените на конвенционална основа дека таа не е достојна за тоа. Јас не гледам ниту физички, ниту психолошки, ниту ментални причини зошто жената не треба да го има еднаквото право да гласа со мажот. Но тоа не може да ме заслепи од апсурдната помисла дека жената ќе успее онаму каде што мажот не успеал. Ако таа не ги направи работите полоши, таа секако не може да ги направи подобри. Да претпоставиме затоа дека таа би успеала во прочистување на нешто што не е восприемливо на прочистување, да ѝ признаеме натприродни моќи. Бидејќи најголемата несреќа на жената е дека таа е гледана како ангел или како ѓавол, нејзиниот вистински спас лежи ако се смести на земјата, имено, да се смета како човек и затоа поданичка на сите човечки нискости и грешки. Зарем ние ќе поверуваме дека две грешки ќе станат право? Зарем ќе претпоставиме дека отровот кој е наследен во политиката ќе се намали, ако жените влезат во политичката арена? Најревностите гласачи тешко би одржале таква неправилност.

Факт е дека најнапредните проучувачи на општото право на глас заклучиле дека сите постоечки системи на политичка моќ се апсурдни и се комплетно несоодветни за соочување со постоечките прашања од животот. Овој поглед е роден исто така од изјава на една личност која е ревносен верник на правото на глас на жените, д-р Хелен Л. Самнер. Во нејзиното способно дело „Еднакво право на глас“, таа вели: „Во Колорадо, ние сметаме дека еднаквото право на глас постои за да се покаже на најзачудувачки начин суштинската расипаност и деградирачки карактер на постоечкиот систем.“ Се разбира, д-р Самнер има на ум одреден систем на гласање, но истото се однесува со еднаква сила за целосната машинерија на претставничкиот систем. Со таква основа, тешко е да се разбере како жената, како политички фактор, ќе бенефицира или пак целото човештво.

Но, велат нашите посветенички за гласањето, да ги видиме земјите и државите каде правото на глас на жените постои. Да видиме што постигнала жената во Австралија, Нов Зеланд, Финска, скандинавските земји, а и во нашите четири држави Ајдахо, Колорадо, Вајоминг и Јута. Растојанието позајмува зачареност, или да цитирам една полска формула: „добро е каде што ние не сме.“ Оттаму човек би претпоставил дека оние земји и држави не се како останатите земји и држави, дека тие имаат поголема слобода, поголема социјална и економска еднаквост, повеќе се цени човечкиот живот, подлабоко разбирање на големата општествена борба, со сите витални прашања што го засега човечкиот род.

Жените во Австралија и Нов Зеланд можат да гласаат и да помогнат да прават закони. Дали условите за работа се подобри од оние во Англија, каде што гласачките водат херојски борби? Дали таму постои поголемо мајчинство, посреќни и послободни деца од оние во Англија? Зарем жената таму не е повеќе сметана како секс комодитет? Дали таа се еманципирала себеси од пуританските двојни стандарди на моралност на мажите и жените? Се разбира никој освен обичната женa политичарка на говорница ќе се осмели да одговори на овие три прашања потврдно. Ако е тоа така, тогаш изгледа смешно да се посочува на Австралија и на Нов Зеланд како Мека на постигнувањата за еднакви права на глас.

Од друга страна пак, факт е за оние кои ги познаваат вистинските политички услови во Австралија, дека политиката го заќути трудот со спроведување на најстрогите трудови закони, правејќи ги штрајковите кои не се одобрени од арбитражен комитет криминал еднаков на предавство.

Ниту за момент немам намера да имплицирам дека вината за оваа состојба на работите му припаѓа на правото на глас на жените. Но, сепак сметам дека не постои причина да се посочува Австралија како креатор на чуда за женските постигнувања, бидејќи нејзиното влијание не е во можност да го ослободи трудот од ропството на политичкото шефување.

Финска ѝ даде на жената еднакво право на глас; не, дури и правото да седи во парламентот. Дали тоа помогна да се развие во поголем хероизам, во поинтензивен жар од оној на жената во Русија? Финска, како и Русија, страда под ужасниот камшик на крвавиот цар. Каде се финските Провискијаски, Спиридоновки, Фингерки, Брешковискиаски? Каде се безбројните фински млади девојки кои радосно одат во Сибир за нивната кауза? Финска очајно има потреба од херојски ослободители. Зошто гласачката кутија не ги создаде? Единствениот фински одмазник на сопствениот народ беше маж, не жена, а тој користеше поефикасно оружје од гласачката кутија.

Што се однесува до нашите држави каде жената гласа и каде константно се посочуваат како примери од чуда, што се постигна таму преку гласачката кутија што не може да уживаат во неа сите жени од другите држави; или што тие не можеа да постигнат преку енергични напори без гласачката кутија? Вистина, во земјите каде што има гласање на жените им се гарантираат еднакви права на сопственост; но од каква корист е тоа право за женските маси кои се без сопственост, илјадниците наемни работнички, кои живеат од рака до уста? Тоа еднакво право не ги засега, а и не може, нивните услови признаени дури од д-р Самнер, која секако е во позиција да знае. Како ревносен гласач е пратена во Колорадо од Лигата на колегијатот за еднакво право на глас од државата Њујорк за да собере материјал во полза на гласањето, таа би била последна да каже нешто навредливо; сепак ние сме информирани дека „еднаквото право на глас има само мал ефект врз економските услови на жената. Таа жена не прима еднаква плата за еднаква работа, и тоа што, иако жената во Колорадо уживала во училишно гласање уште од 1876, жените учителки се платени помалку отколку во Калифорнија“. Од друга страна госпоѓицата Самнер не го зема предвид фактот дека и покрај тоа што жените имале училишно гласање околу 34 години и еднакво право на глас од 1894 година, цензусот во Денвер само пред неколку месеци го обелоденува фактот од 15.000 дефектни деца во училиштата. И тоа, исто така, со најмногу жени во образовниот оддел, како и незамерувајќи го тоа дека жените во Колорадо „ги донесоа најстрогите закони за заштита на децата и животните“. Жените од Колорадо „покажале голем интерес во државните институции за грижата на зависните, дефектните и деликвентските деца“. Какво ужасно обвинение против интересот и грижата на жената ако еден град има 15.000 дефектни деца. Што е со славата на правото на глас на жените, откако не успеа целосно во најважното општествено прашање, детето? И каде е супериорното чувство на правда што жената требаше да го донесе во политичката сцена? Каде беше тоа во 1903, кога сопствениците на рудниците започнаа герилска војна против Синдикатот на западните рудари; кога генералот Бел воспостави владеење на терор, вадејќи мажи од кревет навечер, киднапирајќи ги преку граничната линија, фрлајќи ги во штали, декларирајќи „по ѓаволите со уставот, палката е устав“? Каде беа жените политичарки тогаш и зошто не ја практицираа моќта на нивните гласови? Но, тие го направија тоа. Тие помогнаа да се порази човекот кој е најфер и либерален, гувернерот Вејт. Тој требаше да се тргне од патот за алатката на рударските кралеви, гувернерот Пибади, непријателот на трудот, царот на Колорадо. „Се разбира, правото на глас на мажите не можеше да стори ништо полошо.“ Потврдено. Каде се тогаш предностите на жената во општеството од правото на глас? Често повторуваните тврдења дека жената ќе ја прочисти политиката се исто така мит. Тоа не се раѓа од луѓето кои се разбираат од политичките услови во Ајдахо, Колорадо, Вајоминг и Јута.

Жената, во суштина пуританец, е природно нестрплива и незапирлива во нејзините напори да ги направи другите добри како што таа си замислува. Оттаму, во Ајдахо, таа ѝ го одзеде правото на глас на нејзината сестра на улицата и декларира дека сите жени од „блуден карактер“ се неспособни да гласаат. „Блудот“ да не се интерпретира како проституција во бракот. Не треба ниту да се нагласува дека нелегалната проституција и коцкањето се забранети. Во овој поглед законот секогаш има потреба од женскиот пол: секогаш забранува. Оттаму сите закони се прекрасни. Тие не одат понатаму, но нивните тенденции ги отвораат сите порти од пеколот. Проституцијата и коцкањето никогаш немале толку расцветан бизнис откога беше донесен закон против нив.

Во Колорадо, пуританизмот на жената беше изразен во подрастична форма. „Мажите со озлогласени нечисти животи и мажите поврзани со салоните, беа оттргнати од политиката откако жената има право на глас.“[1] Може ли Братот Комсток да направи нешто повеќе? Можеле ли сите пуританци татковци да направат повеќе? Се прашувам колку ли жени ја разбираат гравитацијата на ова да се биде способен. Се прашувам дали разбираат дека самото тоа наместо да ја подигне жената, неа ја направи политички шпион, презирливо душкало во приватните работи на луѓето, не толку колку за доброто на каузата, туку, како што кажа една жена од Колорадо, „тие сакаат да влезат во куќи каде што никогаш не биле и да откријат сè што можат, политички и поинаку.“[2] Да, и во човековата душа и во нејзините најситни детали и агли. Бидејќи ништо не ги задоволува копнеењата на жената повеќе од скандал. И кога таа ги уживала тие можности како овие политичките? „Озлогласени нечисти животи и мажи поврзани со јавни куќи.“ Секако, жените собирачи на гласови не можат да бидат обвинети за добар осет при мерење. Дури и да се одобри на овие зафатени жени дека може да одлучат чии животи се доволно чисти за таа еминентно чиста атмосфера, политиката, мора ли да следи дека одржувачките на јавните куќи припаѓаат во истата категорија? Освен ако не е тоа американско лицемерие и нетолерантност, како што се манифестира во принципот на Прохибицијата, кое го санкционира ширењето на пијанството помеѓу мажите и жените од богатата класа, а сепак држи будна стража на единственото место што му преостанува на сиромавиот човек. Без друга причина, тесниот и чист став на жената кон животот ја прави поопасна за слободата каде и да има таа политичка моќ. Мажот уште одамна ги надминал суеверијата што сè уште ја опкружуваат жената. Во економското натпреварувачко поле, мажот е предизвикан да практицира ефикасност, одлучност, способност, компетентност. Тој затоа нема ниту време, ниту инклинација за мерење на сечија моралност со пуританско метро. Во неговите политички активности, исто така, тој не станал заслепен. Тој знае дека квантитетот, а не квалитетот е материјалот за политичката мелница и освен ако не е сентиментален реформатор или стар фосил, тој знае дека политиката не може да биде ништо друго освен мочуриште.

Жените кои се барем малку упатени во процесот на политиката, ја знаат природата на ѕверот, но во нивната самодоволност и вообразеност тие веруваат дека треба да го галат ѕверот и тој ќе стане нежен како јагне, сладок и чист. Како да не може жените да си ги продадат своите гласови, како да не може жените политичарки да бидат поткупени! Ако нејзиното тело може да биде купено за сметка на нешто материјално, зошто да не и нејзиниот глас? Тоа се прави во Колорадо и во другите држави, и не се одрекува дури и од страна на оние кои се за правото на глас на жените.

Како што реков и претходно, тесниот поглед на жената кон човечките работи не е само единствен аргумент против неа како политички супериорна над мажот. Постојат и други. Нејзиниот животен економски паразитизам целосно ја заматила нејзината концепција за значењето на еднаквоста. Таа вреви за еднакви права со мажот, сепак ние учиме дека „малку жени се грижат за собирање гласови во непожелни области.“[3] Колку малку еднаквоста им значи на нив во споредба со руските жени, кои се соочуваат со самиот пекол за нивниот идеал!

Жената ги бара истите права како и мажот, но сепак таа е разлутена дека нејзиното присуство не го убива: тој пуши, си ја има шапката на глава и не скока од неговото столче како подлизурко. Тоа може се тривијални работи, но тоа е, ни помалку ни повеќе, клучот на природата на американските гласачи. За сигурно, нивните англиски сестри ги надминаа овие смешни сфаќања. Тие се покажаа себеси како еднакви во најголемите барања на нивниот карактер и моќ на издржливост. Благодарение на нивните енергични, агресивни методи, тие се покажаа како инспирација за некои од нашите безживотни и безрбетни дами. Но и покрај сè, на гласачките, исто така им недостига ценење во реалната еднаквост. Инаку како треба да се соочи една со огромните, навистина гигантски напори ставени во движење од оние храбри борци за мизерен малечок закон кој ќе биде од корист на шака дами сопственички, со апсолутно без провизија за широките маси на жени работнички? Навистина, како и политичарите тие мора да бидат опортунисти, мора да преземаат полу-мерки ако не можат целосни. Но, како интелигентни и либерални жени тие ќе разберат дека ако гласачката кутија е оружје, таа им треба повеќе на угнетените одошто на економската супериорна класа, и дека оние вторите уживаат премногу во моќта со доблест од нивната економска супериорност.

Брилијантниот лидер на англиските гласачи, г-ца Емелин Пенкхрст, самата призна, за време на нејзината турнеја на предавања низ Америка, дека не може да има еднаквост помеѓу политички супериорните и инфериорните. Ако е така, тогаш како жените работнички од Англија, кои се веќе економски инфериорни на жените кои бенефицираа од Шеклтоновиот закон,[4] би биле во можност да работат со нивните политички претпоставени, ако помине законот? Зарем не е веројатно дека класата на Ени Кини, толку полна со жар, посветеност и мачеништво, ќе биде предизвикана да ги носи на грб нивните женски политички шефици, дури и ако тие ги носат своите економски господари. Тие сè уште би го правеле, ако е воспоставено општото право на глас за жените и мажите во Англија. Без разлика на тоа што прават работниците, тие се принудени да платат, секогаш. Сепак, оние кои веруваат во моќта на гласот покажуваат мало чувство на правда кога тие се загрижуваат најмалку за оние кои, како што тие тврдат, им служи најмногу.

Американското гласачко движење беше, сè до пред некое време, деташирана работа, апсолутно одвоена од економските потреби на луѓето. Оттаму Сузан Б. Ентони, без сомнение исклучителен тип на жена, не само што беше индиферентна туку антагонистична кон трудот; ниту таа се двоумеше да го манифестира својот антагонизам кога, во 1869, таа ги советуваше жените да преземат позициите на работниците што работеа во печатниците кога тие штрајкуваа во Њујорк.[5] Не знам дали нејзиниот став се променил пред нејзината смрт.

Постојат, се разбира, некои суфражетки кои се поврзани со жените работнички – Женскиот синдикален сојуз, на пример; но тие се скромно малцинство, а нивните активности се во суштина економски. Останатите гледаат на трудот само како на одредба од Провидението. Што ќе стане од богатите ако не се сиромашните? Што ќе стане од овие неактивни, паразитски дами, кои трошат повеќе во една недела отколку што нивните жртви заработуваат во една година, ако не се осумдесетте милиони наемни работници и работнички? Еднаквост, кој ли слушнал за такво нешто?

Малку земји произвеле таква арогантност и снобовство како Америка. Особено ова е точно за американската жена од средната класа. Таа не само што се смета себеси за еднаква со мажот, туку и негова претпоставена, особено во нејзината чистота, добрина и моралност. Мало чудо е што американските гласачи го сметаат нејзиниот глас како волшебна моќ. Во нејзината издигната суета, таа не гледа колку навистина е поробена, не толку од страна на мажот колку од своите сопствени поимања и традиции. Правото на глас не може да го подобри овој тажен факт; може само да го нагласи, како што и го прави тоа.

Една од големите американски жени лидери тврдат дека не само што жената има право на еднакви плати, туку таа треба да има легално право на платата на својот сопруг. Доколку тој не успее да ја издржува, тој треба да носи затворенички риги, а заработката во затворот треба да ја собира неговата еднаква жена. Зарем уште еден брилијантен експонент за каузата тврди дека нејзиниот глас ќе го напушти општественото зло, против кое се бореле залудно најпрочуените умови од целиот свет со нивните колективни напори? Навистина е за жалење дека наводниот креатор на универзумот веќе нè претставил нас со неговата прекрасна шема на нештата, инаку правото на глас на жените сигурно би ѝ овозможило на жената да го надмине него комплетно.

Ништо не е толку опасно како анализирањето на фетиш. Ако сме го надживеале времето кога таков ерес беше казнив со колец, ние не го надживеавме тесниот дух на осудувањето на оние кои се осмелуваат да се разликуваат од прифатените поимања. Затоа јас најверојатно ќе бидам претставена како противник на жената. Но тоа не ме заплашува од гледање на прашањето право во лице. Го повторувам тоа што го кажав на почетокот: јас не верувам дека жената ќе ја направи политиката полоша; ниту пак можам да поверувам дека таа може да ја подобри. Ако тогаш таа не може да ги подобри грешките на мажот, зошто го извршува последното?

Историјата може да биде компилација од лаги; сепак, содржи во себе неколку вистини, а тие се единствениот водич кој го имаме за иднината. Историјата на политичките активности на мажите покажа дека тие не му дадоа апсолутно ништо што тој не можеше да го постигне на подиректен, поевтин и потраен начин. Всушност, секој инч од земјата што тој ја добил било со постојана борба, непрекината борба за самопотврдување, а не преку гласање. Не постои причина да претпоставиме дека жената, во нејзиното искачување за еманципација, била, или ќе биде, помогната од гласачката кутија.

Во најмрачните од сите земји, Русија, со нејзиниот апсолутен деспотизам, жената станала еднаква со мажот, не преку гласачка кутија, туку со нејзината волја да биде и да прави. Не само што таа ги освои за себе секоја авенија на учење и вокација, туку таа го освои и почитувањето од мажот, и во тој однос, неговото другарство; Еј, дури повеќе од тоа: таа доби восхит и почит од целиот свет. Тоа, исто така, не преку гласање, туку со нејзиниот прекрасен хероизам, со нејзината духовна моќ, нејзината способност, волја и нејзината издржливост во борбата за слобода. Каде се жените од која било земја или држава што може да тврдат ваква победа? Кога ги сметаме постигнувањата на жената во Америка, наоѓаме исто така нешто подлабоко и помоќно од тоа што ѝ помогнало правото на глас во нејзиниот марш за еманципација.

Пред само шеесет и две години една шака жени на Конвенцијата на водопадите Сенека, поставија неколку барања за нивните права за еднаква едукација со мажите, пристап до различни професии, трговија, итн. Колку прекрасни постигнувања, колку прекрасни триумфи! Кој освен најнеписмениот се осмелува да каже дека жената е само личност која ги врши домашните досадни работи? Кој се осмелува да предложи дека оваа или онаа професија не треба да биде отворена за неа? Преку шеесет години таа создаваше нова атмосфера и нов живот за самата себе. Таа стана светска сила во секој домен на човековата мисла и активност. И сето тоа без гласање, без правото да прави закони, без „привилегијата“ да стане судија, затворски чувар или егзекутор. Да, може да бидам сметана како непријател на жената; но ако можам да помогнам таа да ја види светлината, јас нема да се жалам.

Несреќата на жената не е дека таа не е способна да ја работи работата на мажот, туку дека таа ја троши нејзината животна сила да го надмине, со традиција долга векови која ја направи неа физички неспособна за држење чекор со него. Ох, јас знам дека некои успеаја, но по која цена, по која ужасна цена! Набавката не е таква работа каква што жената работи, туку квалитетот на работата што таа го набавува. Таа не може да даде на правото на глас или на гласачката кутија нов квалитет, ниту пак може да добие нешто од тоа што би ѝ го подобрил нејзиниот сопствен квалитет. Нејзиниот развој, нејзината слобода, нејзината независност, мора да дојдат од и преку неа самата. Прво со потврдување на себеси како личност, а не како секс комодитет. Второ, со одбивање на правото на секој над нејзиното тело; со одбивање да има деца, освен ако таа сака; со одбивање да биде слуга на господ, државата, општеството, сопругот, фамилијата, итн., со правење на нејзиниот живот поедноставен, но подлабок и побогат. Тоа е, со обидување да го научи значењето и суштината на животот и сите негови сложености, со ослободување на самата себе од стравот на јавното мислење и јавното осудување. Само тоа, а не гласачката кутија, ќе ја ослободи жената, ќе ја направи нејзината сила досега непозната за светот, сила за вистинска љубов, за мир, за хармонија; сила за божествен оган, за давање живот; креаторка на слободните мажи и жени.

Референци:

[1] Еднакво право на глас, д-р Хелен Самнер.

[2] Еднакво право на глас, д-р Хелен Самнер.

[3] Д-р Хелен Самнер.

[4] Господин Шеклтон беше водач на трудовото движење. Затоа е очигледно дека би поднел закон за исклучување на неговите избирачи. Англискиот парламент е полн со такви Јуди (предавници).

[5] Еднакво право на глас, д-р Хелен Самнер.


PD-icon.svg Ова дело е во јавна сопственост во целиот свет бидејќи авторот е починат пред повеќе од 50 години.