Постановка и метод за разгледување на прашањето за македонската нација
Постановка и метод за разгледување на прашањето за македонската нација од Христо Калајџиев |
Македонска мисъл кн. 9-10, год. 2, 1946 - Софија |
Македонската нација е факт. A фактите се тврдоглава работа од која нема бегање. Сепак, има луѓе кои упорно ритаат и ја одрекуваат. Тоа се великобугарите, великосрбите, великогрците и оние Македонци кои се воспитани од нив, кои се нацицани од нивната идеологија и станале поголеми католици од папата, поголеми Турци и од султанот. Тие си се токму според народната поговорка: нема поглув од тој што не сака да слуша, нема послеп од тој што не сака да види. За нив македонската нација е голем, ужасно непријатен призрак што ја нарушува нивната душевна рамнотежа. Тоа се истите оние кои, кога во Бугарија се проговори за потребата од македонско сознание, пред сè во градењето на македонското дело, долго и хистерично пропиштеа дека тоа е најголемата ерес. Сепак благонаклоно ја поздравија позицијата на Македонците во Југославија, дека тие претставуваат посебна македонска национална група во Југославија. Тие се истите оние што го вееја знамето на самостојна Македонија, а во пресудниот момент ја предаваа во канџите на великобугаризмот.
Тие денес уплашено и нервозно прашуваат: Како и од каде излезе оваа македонска нација? - Но господата кои претендираат на голема објективност и научност забораваат дека ништо не се раѓа во светот случајно, по идејата на овој или оној, без присуство на поволни објективни услови. А македонската нација не само што се роди, туку и зајакнува. Таа не е еднодневка, туку нејзе ѝ припаѓаат вековите. Ова не го гледаат само тие божемните објективисти. Таа е рожба на животот и нејзе и следува живот. Неспорно е дека таа не се појави одеднаш како чудо, како резултат на некакви шпекулативни политички сметки.
Кој не знае дека и покрај теориите на великобугарските, великосрпските и великогрчките научници, дека божем Македонци се Бугари, Срби или Грци, народните маси во сите тие три земји ги третирале Македонците како Македонци, дека ги препознавале дури и при првите разменети приказни и дека самите Македонци, кога ќе попаднеа во тие кругови, се декларираа дека се Македонци и си ја бранеа својата македонска чест наспроти различните епитети што им се лепеа. Исто така е јасно дека ваквиот став воопшто не бил спрема секој македонец, на пр. спрема Албанците, Турците, Грците и Евреите од Македонија. Не. Вторите без двоумење биле третирани како Албанци, Турци, Грци и Евреи. Овој став беше само спрема македонските Словени. На секој постар, чесен и разумен Македонец му е јасно дека во пооддалеченото минато, соочени со срамната и понижувачка игра, често придружена со безобразно насилство од страна на балканските држави да ги бојадисаат Македонците со својата национална боја, кај вторите раѓала сознание, гордост и волја да реагираат во името на македонштината. Ова стана уште помасовно и очигледно кога Македонците увидоа дека нивната борба за ослободување од експлоатацијата на турските бегови беше искористена од балканските чорбаџии, за да им се нафрлат врз снагата како паразити. Она што претходно беше единечно, заради овој факт, потоа стана масовно и денес македонското чувство е несомнено доминантно низ целата Вардарска Македонија, ги завладеа Македонците од Егејска Македонија, пушта корени, иако со извесни тешкотии и среде Македонците во Бугарија и неговото темпо ќе се зголемува под водството на македонската држава и покровителството на балканските демократии.
Во животот на народните маси поимот Македонец е утврден како национален поим. За нив фактички нема разлика меѓу географскиот и етнографскиот поим за Македонија, како што упорно се трудат да ни сугерираат некои заинтересирани или во најмала рака заблудени луѓе. Да погледнеме од научно гледиште каква вредност има таквиот однос спрема тоа прашање во практичниот живот на народните маси.
Во мојата статија „За нацијата и националното прашање“, објавена во последниот број на списанието „Македонска мисла“, ги истакнав елементите на нацијата и нејзиниот развој. Овие елементи се: заедничка територија, заедничко минато и култура, заеднички јазик и што е најважно потребата еден народ да претставува економска единица, економска заедница, да го поврзуваат длабоки економски интереси. Во однос на нејзиниот развој беше истакнато дека нацијата е рожба на новото време, на капиталистичкиот развој, дека нејзиниот развој е нерамномерен, дека овој процес продолжува и дека е погрешно да се бара раѓањето на една нација нужно во 18-ти, 19-ти, 20-ти век, кога се појави буен процут на националната форма на општествениот живот и дека овој процес, при утврдувањето на империјалистичката форма на капитализмот, беше сериозно отежнат од економски, политички и стратешки интереси на империјалистичките сили.
Каков однос може да се заземе спрема прашањето за македонската нација?
Како стојат работите со територијалниот принцип во однос на Македонија? - За ова прашање спор нема. Општо е признато дека Македонија е добро определена територија на Балканскиот Полуостров уште од античко време. Дури и најжестоките непријатели на македонската нација не ја негираат и не можат да ја негираат Македонија како географски поим. Тие што беа на власт само се обидуваа да го променат со името Јужна Србија или да го фрлат во заборав, приклучувајќи македонски територии на други области.
Се разбира, целосно се согласуваме дека само врз основа на еден географски концепт, една нација не може да се роди и напредува. Сталин вели: ако недостасува само еден од елементите што ја сочинуваат нацијата, таа не може да постои. За да има нација, сите елементи мора да бидат присутни. Во овој случај само сакаме да го утврдиме постоењето на одредена територија на која може да се роди и напредува македонската нација.
Како стојат работите со второто прашање, прашањето за јазикот? На ова прашање шовинистите обично одговараат дека македонскиот јазик е или бугарски или српски. Дека говорите во Македонија немаат основа за еден заеднички јазик, и дека се одделни наречја на бугарскиот или српскиот јазик.
На прашањето за еднаквоста на јазикот можеме да одговориме, пред сè, дека оваа еднаквост не ѝ пречи на теоријата на нацијата. Имаме бројни примери на две различни нации кои зборуваат на ист јазик, на пример српска и хрватска нација, англиска и американска, австриска и германска, итн. Тоа не е важно. Важно е дека поголемиот дел од луѓето во една земја зборуваат на ист јазик. А што се однесува до Македонија, тоа е неоспорно.
Каков е тој јазик, бугарски, српски или македонски? - Неспорно е дека источните наречја се блиски до бугарскиот јазик, северните до српскиот, но исто така е неспорно дека централните и западните наречја длабоко се разликуваат и од бугарскиот и од српскиот јазик.
Може ли од сите тие наречја да се роди еден јазик што ќе ги обединува сите Македонци? - Неспорно, да. При формирањето на другите нации разликите во наречјата биле уште подлабоки. Разликите во наречјата на Прованса, Марсеј и Париз, на Баварија и Прусија се толкави што тие се практично не можат да се разберат. Процесот на формирање на заеднички литературен јазик е ист за сите нации. Се наметнувало наречјето на онаа област која најмногу се издигнала економски, а со тоа и политички.
Историски оваа улога за Македонија му се додели на Вардарскиот дел. И тој успешно ја игра таа улога.
Како и секој јазик и македонскиот на почеток изгледа малку чуден. Развојот на јазикот е прашање на долга еволуција. Во таа еволуција ќе бидат избрани најдобрите и најкарактеристичните зборови од целиот народ, и ќе се позајмува од другите народи, како што позајмувале сите мали народи, задоцнети во нивниот развој.
Факт е дека денес македонскиот јазик се изградува. На него веќе се леат прекрасните песни на Венко Марковски, на Коста Рацин и други. Се манифестираше и се утврди во највисоката форма на човечкиот говор - лириката. Се преведуваат научни дела. Изработена е граматика. Годинава, за прв пат, македончињата ќе учат да читаат и пишуваат на македонски јазик. Се даваат претстави на македонски јазик со голем успех.
Дали Македонците, како Македонци, имаат некаква историска заедница и своја сопствена култура?
На ова прашање обично одговараме по инерцијата на буржоаскиот развој и воспитување: какво царство и аристократија, какви цареви и патријарси имаа Македонците во минатото?
Во една статија во минатиот број, јас посочив, осврнувајќи се на Сталин, дека овие царства и аристократии во феудалното време не биле индикации и аргумент за она што денес се нарекува нација. Значи при неговото разгледување прашањето не треба да се постави на таа основа. Научната, марксистичка постановка е: дали македонските народни маси, низ вековите, имале какви било заеднички преживеалици, заеднички бремиња, заеднички борби, некаква заедничка судбина што ги зближува, што ги правеи единствени, што имала влијание врз нивната култура, начин на живот и морал?
Оваа страница од историјата е малку истражена и еден ден веројатно ќе даде многу материјал. Но, дури и сега има крупни факти кои очигледно се наметнуваат и никој не може да ги одрече. Тие се:
1. Во историјата постојат двајца браќа, Св. Св. Кирил и Методиј, кои им ја дадоа на Словените азбуката и првиот моќен поттик за нивната култура. Точно е дека тие им припаѓаат на сите Словени, а не само на Македонците. Но, дали е случајно што тие се појавија токму среде македонските Словени, дека пораснаа во нивната средина, се напоија со нивниот начин на живот и го искористија нивниот говор? Дали е случајно што огништето на неговите многубројни ученици, предводено од Свети Климент, беше Македонија? Не, ова не е случајно и јасно зборува за јавниот живот на народните маси во тоа време.
2. Дали македонските народни маси се бореле против доминацијата и експлоатацијата на византиските и бугарските феудалци, макар и под водство на некои локални феудалци? Да, се бореле. Подемот на цар Самуил беше резултат на поддршката на народните маси што му ја дале, во врска со нивниот стремеж да се ослободат од угнетувањата и експлоатацијата на бугарските феудалци, обединети во свое царство. Борбите на Самоил против Византија несомнено ја имаат истата социјална база. Тие борби говорат за заеднички страдања, за заедничка судбина на народните маси во Македонија, што, без сомнение, се одрази врз нивната психа.
3. Во Македонија се развило едно социјално движење кое, како во ниту една друга земја, ги зафатило народните маси. Тоа е богомилското движење. Таа се развивало и владеело, не со децении, туку со векови. Овој протест против социјалните неправди врз народните маси, под религиозна форма, е сврзан со крвави борби. Многу е напишано за богомилството. Но зошто се роди и се разви токму во Македонија и како влијаеше врз животот на македонските Словени, на ова прашање никој не обрнал внимание. А за темата која е предмет на разгледување тоа е најголемото, најважното прашање што треба да биде проучено пред сè од македонските историчари и кое секако ќе даде обилен материјал за ова прашање.
4. Разгледувајќи го на таа основа прашањето, противниците на македонската нација обично се потпираат на еден аргумент кој го сметаат за поразителен. Тој е дека за време на борбата на Бугарите против грчката патријаршија за своја самостојна црква, Македонците исто зеле учество. Тоа делумно е точно. Делумно, велам, затоа што на некои места во Македонија оваа борба беше под знакот на католицизмот (Кукушко, Ен. Вардарско, Гевгелиско), а во други под знакот на протестантизмот (Разлошко). Делумно велам и затоа што оваа религиозна борба во тоа време не беше јасно и длабоко поврзана со националното прашање. Главното што ги движеше масите беше да се ослободат од корупцијата и експлоатацијата на грчките владици. И уште една трети околност. Во Македонија, оваа религиозна борба не е тесно поврзана, како во Бугарија, со борбата за политичко ослободување и формирање на своја држава. Напротив: борбата за политичко ослободување и создавање сопствена држава остро е разграничена од таа на бугарскиот народ, и згора на тоа: таа е остро спротивставена на сите балкански држави. Како резултат на тоа македонскиот народ веќе 60 години остро се разграничи од сите други балкански народи, ја исцрта својата славна историја, полна со подвизи и востанија, се чувствува и се наложи како посебен, како македонски народ. Оваа страница од борбите на македонскиот народ да создаде своја држава е поважна од колку за кој било друг народ, гледана преку призмата на националниот развој, затоа што нејзините борби се, пред сè, борба против аспирациите на балканските држави да го присвојат чисто македонското дело.
Дали овие 60 години независни македонски борби, дури и да биле сами тие, не се доволни за да засноваат историска заедница како неопходен елемент во македонската нација?
Да, но противниците велат, ова се политички борби, а не национални. И ние велиме, тоа се борбите на Македонците за македонска држава, а во срцето на овие борби, моторот на овие борби, се македонските Словени. И Ленин вели: нацијата и државата се две работи што се неразделно поврзани. Овие борби, според тоа, за македонска држава, го содржеа зародишот што се разви и не можеше да не се развие, во македонската нација. Во нашата теза се содржи логиката на развојот во животот на народните маси, а во тезата на противниците се содржи дипломатијата на освојувачите.
Оваа теза на македонските народни маси ја разбраа, ја прифатија и ја направија своја политика денес и народните маси во балканските земји, откако ги разбија освојувачите и се ставија под знамето на нивните демократски водачи: Тито, Димитров, Захаријадис. Македонскиот народ е особено благодарен на Маршал Тито, кој најдобро го разбра и најдобро и отсечно го постави во живот македонското прашање.
Покажавме и во овој и во претходниот напис во број 9-10 од списанието, дека од сите елементи што ја сочинуваат нацијата, најважниот, цементот што ги спојува во здрава врска сите други, без чие појавување и до неговото појавување останатите елементи се во пасивна состојба, е економскиот елемент кој прави од даден народ една економска целина.
Како стои ова прашање на македонско тло, дали македонското стопанство претставува економска целина, дали има одредена физиономија, се создава ли на таа основа една стабилна врска меѓу одделните Македонци?
Македонското земја и македонскиот труд се пројавиле и се манифестираат главно во неколку земјоделски производи што служат за индустриски цели. Врз основа на ова, во 18 и 19 век се развила напредна трговија со центар Велес, Банско, Битола, Солун и Кавала. Овој развој неизбежно доведе до појава на индустрија за обработка на овие материјали и развој на патни комуникации што ќе ги поврзат одделните економска делови во една економска целина.
Постојат неспорни чекори во овој поглед. Во Македонија се беше оформила значајна тутунска индустрија уште во турско. Се појавија големи мелници за масло и брашно. Воспоставени се три железнички линии, кои ги поврзаа северна, западна и источна Македонија со главното пристаниште Солун. Но, исто така е неспорно дека ниту индустријата, ниту патната комуникација не ја достогнаа потребната големина за стопанството. Главната линија на економсиот живот си остануваше извозот на суровини преку Солун кон странски земји. Ова се должи на општата слабост на Турција и зависноста на целата нејзина економија од странските индустријализирани земји. Тоа се должеше на феудалната доминација во Турција.
Во повоената Македонија, сликата е: во стопанството на Пиринска Македонија доминира и му дава лик производството на дрвен материјал и тутун. Во Вардарска Македонија главни гранки на производство се: тутун, афион, ориз, сточарство. Во Егејска Македонија: тутун, памук и свилени кожурци.
За целата македонска земја, главни производи се: тутун, афион, памук, свилени кожурци, дрвен материјал, сточарство и огромни рудни богатства, кои се откриени и неразвиени, и доволно реки.
Но, во повоена Македонија, економскиот развој е задушен. Затоа и денес, нејзиното стопанство е толку бледо и слабо. Нема ни чекор накај развивањето на нејзините богатства. А очигледно е дека таму може да се развијат барем неколку видови на индустрија, врз основа на суровините што ги раѓа македонското земја, индустрија што последователно би ја прошарала Македонија со патна мрежа и би оформила на здрава основа македонската економска целина.
Зошто тоа не се случило досега? - Бидејќи нејзините владетели се чувствуваа несигурни, привремени гости и размислуваа краткотрајно, да искористат што можат, и уште затоа што поделбата на Македонија на три дела го спречи тој развој. Бидејќи владетелите се плашеле таму да го инвестираат својот капитал, и гледале само да ги користат суровините за својата индустрија, за својата трговија, се дојде до однос што империјалистите го имаат спрема колониите.
Затоа македонскиот народ се бореше и се обидуваше да создаде своја држава. Затоа за македонската држава е од животно значење да ја обедини цела Македонија под своја стреа. Таа ги разбира своите стопански задачи, ги поставува правилно и со ентузијазам се впрегнала да ги реши. Го поттикнува сточарството во северниот планински дел на Македонија и го поврзува уште од сега со соодветните индустрии: килимарска и индустрија за млечни производи. Пробиваат нови патишта, градат брани за електрична енергија, првиот услов за спроведување на индустриските планови; се прават планови за искористување на рудните богатства. За реализација на сите овие планови за издигнување на македонското стопанство, кое ќе му служи на благосостојбата на македонскиот народ, македонската држава е великодушно помогната од сојузната влада на Народна Република Југославија. И тоа е главната нова, демократска, гранитна база за нормален национален развој во неа.
Многумина си прават капитал од доцното појавување на македонската нација на историската сцена, за да ја негираат. Има луѓе и од лево и од десно кои ги бараат корените на македонската нација во далечното минато, за да ја прифатат или да ја негираат. Тоа се луѓе кои догматски гледаат на работите и не можат да ги видат во нивниот развој. За нив, формирањето на нациите е заклучено во тесните рамки на Ренесансата. После таа ера, тие ги затвораат портите и не даваат виза на ниту една нација да се појави на историската сцена. Погледот е замаглен во голема мерка и од фактот што многумина пристапуваат кон ова прашање со буржоаската метода, додека други, кои се многу повеќе, затоа што се под влијание на империјалистичките и долгогодишните пропаганди на завоевателните политики на балканските држави, кои имаа голем интерес да создадат соодветно расположение за успешно водење на оваа освојувачка политика.
Се разбира, тие не се во право. Процесот на формирање на нации, чиј основен стимул го дадоа Ренесансата и Француската револуција, продолжува со таа разлика што овој поттик веќе не го дава текот на буржоаската револуција, туку од оној на пролетаријатот.
Доцното појавување на македонската нација на балканската општествена сцена е разбирливо и природно. Патем, исто така е погрешно да се мисли дека ова оформување се случува одеднаш, како изненадување. Такви работи во светот не се случуваат. Таквите работи се нарекуваат чуда, а чуда воопшто не се случуваат. Пред да стане видлив за сите бујниот пламен на македонската нација, му претходеа доста видливи и невидливи пламени. Вакви пламени беа лозарите, Мисирков, македонската студентска група во Санкт Петербург, владиката Теодосиј и други.
Но зошто овој процес се оформил доцна во споредба со истиот процес на другите балкански народи?
1. Бидејќи националното оформување на Балканот одеше од периферијата кон центарот, а Македонија е во самиот центар;
2. Балканските држави, управувани од разни монарси и реакционерни клики околу нив, систематски и упорно го опструираа и го спречуваа овој развој од политички, економски и стратешки причини.
За оваа тенденција, содржана во животот и развојот на македонскиот народ, да добие надмоќ и да се наметне, неопходно беше да падне на поволна балканска почва. Ова значи дека требаше да се појават нови сили што ќе ги поразат и отстранат од опшествената сцена во балканските земји факторите на освојувачката политика.
Точно тоа се случи во Југославија под водство на Маршал Тито и во Бугарија под водство на Георги Димитров. Овој огромен историски факт ја осветли македонската нација и ја направи видлива за целиот свет, освен за оние што не можат да ја видат, затоа што не им се сака да ја видат.