Орохидрографија на Македонија

Од Wikisource
Орохидрографија на Македонија

од Васил К’нчов


Насловна Страница

1. Местоположба, граници, вид и големина[уреди]

Македонија е важна област во Балканскиот полуостров и ја опфаќа јужната половина од неговиот средишен дел. Таа се простира меѓу областите Тракија, Бугарија, Стара-Србија, Албанија и Тесалија и на тој начин е поставена во остар судир со главните народности на полуостровот; затоа уште од старо време добила големо значење, кое го има и до денешен ден.

Не можат да се дадат точни граници на областа Македонија, зашто таа не е заклучена во некои строго одредени географски предели, ниту пак е административно одвоена од другите области. Само во етнографска смисла Македонија има поопределени граници, зашто бугарското племе е населено по целата област и ретко излегува од нејзините граници. Областите на север, на запад и на југ од Македонија имаат предимно друго население. При определувањето на границите ние ќе се раководиме главно од општото самоопределување на месното население и од определувањето кое го даваат највештите нови патешественици.

Месните Бугари и Куцовласи, кои живеат во пределите на Македонија, самите себе се нарекуваат Македонци, и околните народи ги нарекуваат така. Турците и Арнаутите не се нарекуваат Македонци, но запрашани од каде се, одговараат: од Македонија. Арнаутите од северниот и северозападниот дел на областа, кои својата татковина ја нарекуваат Арнаутлук, а исто така и Грците, кои живеат во јужните области, не се нарекуваат себеси Македонци, па затоа границите во тие места, според народното самоопределување, не се јасно одредени.

Прва Страница

Источната граница на Македонија се поклопува во главни црти со границата на Солунскиот вилает. Започнува од устието на река Места и врви по нејзиното течение северно се’ до селото Бук, каде што јужномакедонската железничка линија ја поминува реката Места и влегува во Тракија. Северно од Бук започнува родопско помашката област Чеч, која е поставена меѓу Тракија и Македонија, и низ неа не може да се одреди точно граница меѓу тие две големи области. На север од Чеч како источна граница се смета Родопскиот планински венец, почнувајќи од врвот Крушово и следејќи ја вододелницата се’ до Рила. Тука грамадниот колос Мусала стои на границата меѓу трите бугарски области на полуостровот: Бугарија, Тракија и Македонија.

Од Мусала започнува северната граница на Македонија која се движи по Рила и Осогово до врвот Патерица и е едновремено граница меѓу Кнежевството Бугарија и Турција. Во постаро време и Ќустендилското поле, заедно со коритото на Струма се сметало за дел од Македонија. И во црковна смисла Ќустендилското поле било поврзано со Македонија, зашто целите кази на Штип, Малеш и Кочани биле делови од Ќустендилската Епархија.

Врвот Патерица стои на средината межу Кнежевството Бугарија, Турција и Србија. Од него границата на Македонија продолжува кон запад по вододелната висорамнина меѓу коритото на Вардар и на реката бугарска Морава, се’ до планината Скопска Црна Гора, и после го следи сртот се до Качаничката клисура.

Во постаро време како дел од Македонија се сметала и областа околу долното течение на реката бугарска Морава со градовите Гилјани и Врања. Сега Врања, откако стана дел од српското кралство, не се брои за македонски град, а пак Гилјани со околината е присоединет и црковно и административно кон Призрен, и исто така не се брои за македонско место, иако етнографски припаѓа на скопскиот крај, а според тоа и на Македонија.

Од другата страна на Качаник високата Шар планина ја дели Македонија од Стара Србија во целиот тек на планинскиот венец, кој завршува до реката Црн Дрим, северно од градот Дебар. На тоа место околу долината на реката Црн Дрим и нејзината притока Радика се простира месноста Дебарца, населена од Бугари и Албанци. Ние ја сметаме за дел од Македонија, а исто така и месното бугарско население, кое е мнозинство, ја смета за дел од Македонија.

На запад Македонија се одвојува од Албанија со планински венец кој врви на југ покрај Црн Дрим и Охридското езеро, опфаќајќи го целото негово корито; а потоа границата на Македонија го опфаќа и коритото на Преспанското езеро, следеќи ја вододелницата меѓу реката Девол, која се влива во Јадранското море и реката Бистрица, која се влива во Белото море, и ја достига високата Грамос планина. По на југ целото корито на Бистрица се смета за дел од Македонија.

Од јужната страна Македонија се одделува од Тесалија со вододелната планина, која го одделува коритото на Бистрица од коритото на тесалиската река Сапаторија. Потоа следува Белото море до устието на реката Места.

Во тие предели Македонија има околу 60 илјади квадратни километри. Таа личи на неправилен четириаголник од кој најголеимот дел лежи меѓу 40 и 42 степен северна географска ширина, и меѓу 39 и 43 степен источна географска должина според Гринич. Најисточната точка на земјата е устието на реката Места, најзападната точка е градот Дебар, најсеверната кај прешевската висорамнина над градот Куманово, а најјужната кај големиот завој на реката Бистрица, каде што таа образува лак кој се извива накај коритото на Белото море.

Од беломорските острови само Тасос припаѓа на областа Македонија.