1 Во месецот Нисан, во дваесеттата година на Артаксерксовото царување, виното стоеше пред царот. Го зедов и му го понудив на царот. Никогаш не бев тажен пред него.
2 Тогаш царот ми рече: „Зошто ти е тажно лицето? Дали не си можеби болен? Не е друго, туку е тага во твоето срце!” Јас се исплашив многу
3 и му реков на царот: „Царот нека живее секогаш! Како не ќе ми биде лицето тажно, кога градот, каде се гробовите на моите татковци, е разурнат, а вратите му се изгорени со оган?”
4 Царот ме праша: „И така, што сакаш?” Го повикав небескиот Бог
5 и му одговорив на царот: „Ако му е по волја на царот, и ако ти е мил твојот слуга, пушти ме да отидам во Јудеја, во градот на гробовите на моите татковци, за да го обновам”.
6 Царот ме праша пред царицата, која седеше покрај него: „Колку ќе трае твојот пат? Кога ќе се вратиш?” Откако го утврдив времето, што му одговараше на царот, ме пушти да одам.
7 Уште му реков на царот: „Ако му е по волја на царот, би можел да им однесам писма на управителите од онаа страна на Реката, за да ме пуштат до Јудеја;
8 и писмо до Асафа, надгледувачот на царевата гора, за да ми даде дрва за градење на вратата на тврдината на Храмот, за градскиот ѕид и за куќата во која ќе се настанам”. И царот ми даде, зашто добрата рака на мојот Бог беше над мене.
9 И така дојдов кај управителите од онаа страна на Реката и им ги дадов царевите писма. А царот испрати со мене воени началници и коњаници.
10 Кога Санавалат, Оронец, и слугата Товиј, Амонец, го чуја тоа, им беше многу одвратно, бидејќи дојде човек, за да се заземе за доброто на Израелците.
11 Откако стигнав во Ерусалим, останав таму три дни.
12 Потоа станав ноќе, во придружба на неколку луѓе, не доверувајќи му никому што мојот Бог ме вдахна да направам за Ерусалим; а немав друго животно освен добичето на кого јавав.
13 И така, излегов ноќе на Долинската Врата и се запатив кон Змевскиот Извор, а потоа кон Вратата на Буништето: го разгледав ерусалимскиот ѕид, каде беше разурнат и вратата што беше изгорена.
14 Го продолжив патот кон Изворската Врата и Царевиот Рибник, но не најдов премин за животното на кое јавав.
15 Затоа се искачив ноќта покрај Потокот, и натаму разгледувајќи го ѕидот, и повторно влегов низ Долинската Врата. Така се вратив,
16 а советниците не забележаа каде отидов и што направив. Сè досега не им реков ништо на Евреите: ни на свештениците ни на големците, ни на советниците, ниту на другите настојници.
17 Тогаш им реков: „Гледате во каква неволја сме: Ерусалим е во урнатини, а вратите му се изгорени. Ајде, да го изградиме ерусалимскиот ѕид, за да не бидеме веќе изложени на потсмев”.
18 И им објаснив како добрата рака на мојот Бог беше над мене, а им ги соопштив и зборовите, што царот ми ги беше рекол. „Да станеме - извикаа тие - и да градиме!” И рацете им зајакнаа за добро дело.
19 На тие вести, Санавалат, Оронецот, и слугата Товиј, Амонецот, и Гисем, Арабјанец, почнаа да ни се потсмевнуваат. Ни зборуваа презирно: „Што работите тука? Сакате ли да се побуните против царот?”
20 Но јас им одговорив со овие зборови: „Небескиот Бог ќе ни даде да успееме. Ние, Неговите слуги, станавме да градиме. А вие немате ни дел, ни право, ни спомен во Ерусалим.”