Наум (вики-превод)

Од Wikisource
(Пренасочено од Наум (слободен превод))

Миха Наум
Библија (вики-превод)
од н.п.
Хавакук


Глава 1[уреди]


1Пророштво за Нинева, книга за видението на Наум[1] од Елкоши.

Гневот ГОСПОДОВ против Нинева[уреди]

2ГОСПОД е Бог љубоморен и се одмаздува. Одмазда врши ГОСПОД, исполнет со гнев. Одмазда врши ГОСПОД врз противниците Свои, гневот Негов се истура против непријателите Негови. 3ГОСПОД е спор на гнев и голем во Својата сила. Не, нема да го остави виновникот неказнет. ГОСПОД е во виорот и во бурата е патот Негов, а облаците се прав од Неговите стапки. 4Го прекорува морето и го исушува. Ги исушува сите реки. Овенати се Башан и Кармел[2], свена бујноста на Либан. 5Планините се тресат пред Него, ридовите се топат, земјата трепери пред лицето Негово. Трепери светот и сѐ живо по него. 6Пред Неговата огорченост кој може да истрае? Кој може да ја издржи пламената лутина Негова? Гневот Негов се истура како оган и карпите се дробат пред Него. 7Добар е ГОСПОД. Прибежиште е Тој во ден тегобен. Се грижи за оние кои во Него веруваат. 8Но со потоп голем крај ќе стави[3] на местото нејзино[4], непријателите Негови ќе ги прати во мрак. 9Што и да спремате против ГОСПОД, Тој крај ќе му стави! Неволјата втор[5] пат нема да дојде! 10Ете, оние кои меѓу трње се заплеткани[6] и од вино се опиени, како суво стрниште до крај ќе бидат проголтани! 11Од „реф> Нинева.</ref>тебе излезе оној[7] кој спремаше зло против ГОСПОД, кој советуваше злоба. 12Вака вели ГОСПОД: „Иако се здружени и толку многубројни, ќе бидат покосени и ќе изгинат. Иако те[8] натажив, нема да те натажувам веќе. 13А сега ќе го скршам јаремот нејзин[9] што е врз тебе[10], прангите твои ќе ги скинам.“ 14Па заповеда ГОСПОД за тебе[11]: „Ќе нема веќе кој да го наследи името твое во храмот на твоите богови. Ќе ги уништам резбаните и леаните богови! Гробот[12] твој ќе го приготвам, оти си зла.“ 15Погледај, на планините се стапките на Оној Кој носи добри вести, Оној Кој прогласува мир. Слави ги Јуда празниците твои, исполни го она за што си дал завет! Ете, нема повторно да навлезе во тебе зол. Сите тие ќе бидат уништени.

Глава 2[уреди]


Падот на Нинева[уреди]

1Напаѓач[13] напредува против тебе[14]. Чувај ја тврдината, наблјудувај го патот, препашај ги половините, подготви ја целата своја сила! 2Ете, ќе го обнови ГОСПОД раскошот на Јаков и на Израел, иако уништувачите ги поразија и лозјата нивни ги уништија. 3Штитовите на неговите борци се црвени. Војниците се облечени во алово. Блеска металот на колите на денот кога се подготвени[15]. Боровите[16] копја заканувачки штрчат. 4Бојните коли татнат по улиците. Јурат натаму наваму по плоштадите. Личат на пламени факли. Како молњи светкаат наоколу. 5Ги повикува одбраните одреди - тие потклекнуваат на нивниот пат. Нагрнуваат на градскиот ѕид[17]. Поставен е штитот. 6Речните[18] врати се ширум отворени, а +дворецот се руши. 7Наредбата падна[19] и исселена е, одведени се жителите. Робинките нејзини лелекаат како гулабици и се бијат во гради. 8Нинева е како локва со вода, а водите нејзини истекуваат. „Застанете! Застанете!“ Но никој не се свртува! 9Грабајте сребро, грабајте злато! На залихата во ризницата крај ѝ нема, богатство од сите видови. 10Ограбена, опљачкана и соголена[20]! Срцето замира, потклекнуваат колената, треперат телата, бледнеат сите лица. 11Каде е дувлото лавовско[21]? Хранилиште беше за лавчињата! Таму влегуваа и лавот и лавицата, таму лавчињата беа сосема безбедни[22]. 12Лавот убиваше доволно за своите млади, давеше за лавиците свои. Ги полнеше своите дувла со жртви и леглата со плен. 13<Гледај, Јас сум против тебе!“ - вели ГОСПОД Семоќен! - „Ќе ги изгорам, во дим ќе ги претворам колите твои! Твоите млади лавови меч ќе ги проголта! Ќе го збришам од земјата твојот плен и нема повеќе да се чуе гласот на твојот гласник!“

Глава 3[уреди]


Тешко на Нинева[уреди]

1Тешко на градот крволочен[23]! Полн е со лага, со грабеж е полн, никогаш не е без жртва[24]. 2Прасок на камшик и тропот на тркало. Трчаат коњи, трескаат коли. 3Коњаниците напаѓаат! Блесок на меч и сјај на копје. Многу ранети, купишта мртви, на телата број им нема, се сопнуваат преку нивните трупови. 4Сето ова е заради сите страсти на блудницата[25], успешна во заведувањето, љубовница на маѓесници, поробителка на многу народи преку блудствувањата нејзини, поробителка на многу племиња преку магиите нејзини. 5<Ете, Јас сум против Тебе,“ - вели ГОСПОД Семоќен - „и ќе ти ги кренам[26] скутите твои преку лице, па ќе им ја покажам на народите голотијата твоја, и на царствата срамот твој. 6Ќе нафрлам врз тебе нечистотии, ќе те презрам и ќе направам од тебе ругло. 7Сите што ќе те видат, ќе бегаат од тебе и ќе велат: >Нинева е во урнатини. Кој ќе жали за неа!?' Каде да ти најдам утешители?“ 8Подобра ли си ти од Но Амон[27], кој беше поставен меѓу водите нилски, околу кого реката беше одбрана, водите - ѕид негов. 9Куш[28] и Египет беа силата негова безгранична, Пут[29] и Либија беа меѓу сојузниците негови. 10Па сепак отиде во заробеништво и во прогонство. Децата негови лежеа искасапени по крстопатите, за благородниците негови жрепка фрлаа и сите големци негови беа оковани во ланци. 11Така и ти ќе се опиеш, ќе се криеш, ќе бараш засолниште од непријателот. 12Сите тврдини твои се како смоквини дрвја со првите зрели плодови. Кога ќе ги затресат - паѓаат во устата на оној што сака да ги јаде. 13Погледни ги војниците твои - жени среде тебе! Ширум отворени се портите на твојата земја за непријателите твои. Оган ги проголта лостовите твои. 14Нацрпи вода за опсада! Зајакни си ги тврдините! Меси глина, прави тули, поправи ја фурната за тули! 15Таму оган ќе те проглта, меч ќе те сосече, ќе те изеде како скакулец. Намножи се како скакулците, наплоди се како скачките! 16Се зголеми бројот на трговците твои повеќе од ѕвездите на небото. Како скакулци - соголуваат и одлетуваат. 17Стражарите твои се како скакулците - службениците твои како рој од скакулци. Се населуваат во ѕидините во ден студен. Штом сонцето се појави тие одлетуваат и не се познава каде било местото[30] нивно. 18Дремат пастирите твои царе[31] Асирски, одмараат благородниците твои. Народот твој е распрснат по планините и нема кој да ги собере. 19Нема лек[32] за раната твоја, смртоносна е твојата повреда. Сите што ќе чујат вести за тебе, плескаат раце, оти до кого сѐ не допре твојата бескрајна суровост.


Белешки[уреди]

  1. Наум, поточно Нахум, значи утеха, веројатно е изведено од Нехемија што значи ГОСПОД утешува.
  2. Башан, Кармел и Либан, места познати по плодноста, пасиштата, лозјата и богатите шуми.
  3. Нинева е уништена во 612 г. пр. Хр.
  4. Нинева.
  5. Бог не дозволил Асирците по втор пат да извојуваат победа над Јудејците. Првата победа била со падот на Самарија 722-721 г. пр. Хр., а нападот во 701 година бил само против северното царство и не била извојувана целосна победа (2 Цар 18:13-19:37; Иса 36-37).
  6. Не е сосема јасно што точно овој стих значи.
  7. Можеби Асурбанипал (669-627 г. пр. Хр.), последниот голем Асирски цар, кој го покорил Египет, а царот Манасија му бил вазал (2 Цар 33:11-13).
  8. Јуда.
  9. Нинева.
  10. Јуда.
  11. Нинева.
  12. Бог ги употреби Вавилонците, Медејците и Скитите за да ја порази Нинева во 612 г. пр. Хр. (Езе 32:22-23).
  13. Се однесува на сојузот меѓу Вавилонците, Медејците и Скитите, Медејците предводени од Цијаксарекс и Вавилонците предводени од Небополасар.
  14. Нинева.
  15. За битка.
  16. Вака е во Хебрејскиот текст. Во Септуагинтата и Сирискиот текст: Коњаниците продираат на сите страни.
  17. Градскиот ѕид на Нинева бил околу тринаесет километри долг и имал петнаесет порти.
  18. Веројатно се мисли на браната која ја преградувала реката Косер. Таа река минувала низ градот и се вливала во Тигар. Напаѓачите веројатно ја разурнале браната, така што градот бил поплавен, а поплавата делумно го уништила градскиот ѕид и така тие навлегле во градот.
  19. Значењето на овој збор во Хебрејскиот јазик не е сосема јасно.
  20. Во Хебрејскиот јазик овие три збора слично звучат: бука, вамбука, вамбуллака, образувајќи стилска фигура со која се засилува дејството на глаголот.
  21. Лавот бил симбол на Асирсото царство.
  22. Букв. никој не ги заплашуваше.
  23. Асирскиот цар Шалманесер Трети подигал пирамиди од отсечените глави на победените непријатели, другите цареви труповите ги ределе покрај ѕидините како ограда од тела.
  24. На победените непријатели им ги сечеле главите, ги набивале на колец или живи ги гореле, Асирија била позната по големата суровост.
  25. Веројатно се однесува на главната божица на Нинева, божицата на љубовта, како симбол за целиот град.
  26. Казна за проституција и прељуба.
  27. Теба, главен град на областа во горниот тек на Нил, сега на тоа место се градовите Луксор и Карнак. Бил уништен од Асирија во 663 г. пр. Хр.
  28. Област во горниот тек на Нил.
  29. Соседно царство на Египет, чија местоположба не е позната.
  30. Сѐ до 1845 година, кога археолозите ја откопаа, не се знаеше местоположбата на Нинева.
  31. Во времето на падот на Нинева, со Асирија владеел царот Шиншарискун.
  32. После падот на Нинева во 612 г. пр. Хр. таа била до темел уништена. За само неколку столетија била покриена со пустински песок и никогаш повеќе не била обновена.