Прејди на содржината

Молитва

Од Wikisource

„Песни“, 1953 година

од Блаже Конески


Да појдеш ноќе в шума
Од сите утајум тајно,
На тиха полноќ да втасаш
До едно место знајно.
Ставити трепетни борје
До небо таму се вишат,
Тревите околу бујно
Опоен омав дишат.
Нема да истрпи веќе
Срце што лудува силно,
Со викум ти ќе се фрлиш
На земи дивно и вилно.
Земјо, радост ѝ треба
На една младешка снага.
Лекуј ме, лекуј ме, земјо,
Од немир темен и тага!