Прејди на содржината

Моето учество во револуционерните борби на Македонија/Поглавје XLI

Од Wikisource
Поглавје XL Учество на Македонците во војната против Австро-Унгарија — Дезертери од српската војска — В затвор — Врховистички чети ги провоцираат Србите — Бугарија се замешува во војната против Србија — Пренесување на затвореници во Битола, Струга и Охрид — Ослободување — Пак во Велес — Секретар на општината во село Оморани

од Алексо Мартулков
Поглавје XLII
Австро-Унгарија испрати нота до Србија, со која ја држеше одговорна српската влада за атентатот во Сараево. За да може да биде осигурана во иднина од такви изненади и да се зачува мирот, Австро-Унгарија настојуваше да и натури на Србија такви услови што ќе значеа губење на нејзината независност и поставување во вазална положба.

Српската влада ја отфрли нотата. Дојде до мобилизација во Австро-Унгарија и Србија. По тоа изби војна меѓу нив. Но таа не можеше да се локализира и прерасна во светска војна (1914 - 1918).

Збогум, спокоен и мирен животе! Пак настапуваа услови за бурен живот, полн големи опасности. Но што да се прави кога така ми било речено! Далеку сум од тоа да сум фаталист; но возможно ли ми беше да останам мирен во новиот ужас, којшто уште малку па ќе ја зафатеше и нашата напатена земја? Не! Тоа би било исто што и мојата смрт.[1] Што и да станува, ќе ги пресретнам опасностите како што треба.

По избивањето на војната започна мобилизацијата кај нас. Отпрвин собраа два набора младинци — регрути. Но по кратко време дојде мобилизирање до 32 и 33-годишна возраст. Откако ги мобилизираа, ги затворија во казармите, да не бегаат. Потоа веднаш ги испратија на север, во Митровица и други градови во кралството.

Во тоа време бев назначен за учител во село Америќу, Белградски округ. Но не можев да отидам, зашто наскоро Австријците го презедоа Белград и Америќум стана военен фронт. Другите учители, што беа назначени во внатрешноста на кралството, си отидоа по своите места.

Мобилизацијата и понатаму се рашири и ги опфати луѓето и од 40-годишна возраст, па и постари.

Мобилизираните Македонци, без потребна припрема, беа фрлани да се борат во прва борбена линија. За кого?! Може војната да беше популарна и оправдана за српскиот народ. но за нашиот народ таа беше тежест. За туѓи интереси ние станувавме месо на австриските топови.

Негодувањето на нашиот народ беше силно. Тоа се засили уште повеќе кога почнаа да стасуваат првите раненици и вести од фронтот дека овој или оној е убиен

Многу се замислувавме што да се прави за да си помогнеме. А нѐ труеја и пламените фалоспевни статии во српските весници за херојската и самопожртвувана борба на „Старосрбијанците“ од „новоослободителните краишта“. Тие биле бедем во остварувањето на великите идеали на српскиот народ. Српскиот печат истакнуваше дека нивното држење на фронтот било непобитен доказ дека се вистински Срби, и дека сите други докази на заинтересираните фактори да ја одречат таквата нивна националност се побиваат од овој факт. — Право да си кажам, сето тоа ме збеснуваше; а и не само мене, туку и уште многу други другари и пријатели.

Еден ден добив телеграма од Јордана Шурков со која ме викаше веднаш да дојдам во Скопје. На скопската станица ме пречекаа: тој, Кочо Бандиков и Петре Хаџи Ничов од Велес. Последниве двајца беа интелигентни младинци со борбен темперамент. Како војници беа ранети на фронтот и донесени на лекување во Скопје.

Кога отидовме дома кај Шуркова, ми кажаа зошто ме викале. Раните на Кочо и Петрета им заздравувале, но тие нејќеле да се вратат на фронт, а времето за тоа се доближувало. Тие двајцата ми се обратија и ме прашаа што да прават. Тие се надевале на мене да им помогнам и да ги спасам од тешката положба.

Шурков предлагаше да се соберат пушки што се наоѓаа кај некои граѓани и да се формира чета, во прво време со двајцава другари и уште некои ранети војници. А подоцна да се организира населението од нашата околија за да ги прикрива војниците што не сакаат да се вратат на фронт.

Јас ја оставив таа работа за понатаму. Сега требаше да им помогнам на Коча и Петрета. Се договоривме вака: кога ќе се испишат од болница, веднаш да дојдат во Велес, а за тоа време јас да уредам да можат да се префрлат во Бугарија.

Се вратив во Велес и веднаш се зафатив со работа да се организира канал за препраќање во Бугарија дезертери од српската армија. По четири-пет дена доjде во Велес Петре Хаџи Ничов и успешно беше префрлен Во Бугарија. Кочо Бандиков исто така беше испратен за Бугарија со пашапорт на еден Турчин од Тетово. (Шурков уште од минатото имаше широки врски со истакнати Турци во Скопје. Со нивно посредување беше изваден пашапортот и предаден на Коча. Возраста и цртите на Турчинот беа слични со Кочовите).

Така беше создадена основа на организираното дезертирање на Македонците од српската армија и нивното префрлување во Бугарија.

Српската власт во нашиот град не можеше да не го види незадоволството и негодувањет на народот, затоа што Македонците масовно се фрла на прва борбена линија без да имаат елементарна воена подготовка (поради што беше голем бројот на убиените и ранетите).[1] Боејќи се дека можат да избијат непожелни инциденти. Окружната управа од Скопје го испрати Јордана Шурков во Велес како свој повереник подобро да го следи граѓанството, и во случај на нужда да бидат земени потребните мерки. (Како што опишав понапред, поради опасноста што му грозеше од неоврховистите, преку опишаниот случај Шурков успеа да се зближи со српските окупатори. Таа близост во текот на времето уште повеќе се затврди, па Србите имаа во него голема доверба). Таа околност беше многу згодна за нас, бидејќи имавме база во самата власт и можевме да бидеме посигурни за својата безбедност.

Проширувањето на мобилизацијата зафакаше сѐ поголем број луѓе. Нивното праќање на фронтот го наголемуваше бројот на ранетите. Растеше бројот на оние што не сакаа да одат или да се вратат на фронтот. Сето тоа, од една страна, и незадоволството на нашиот народ, од друга, не можеше да не остави нас неми гледачи. Ние бевме принудени да направиме нешто.

Затоа се собравме на конференција, ние бившите дејци од национал-револуционерното движење, да ја опсудиме ситуацијата и да видиме што да се прави. Мнозина од другарите на чело со Шурков предлагаа да се обнови Организацијата и да се формира една вооружена чета. (За нејзиното вооружување имавме потребно оружје). Во таа чета би се испраќале дезертерите, и по тој начин сама по себе би започнала вооружената борба против Србите.

Јас решително се противставив на овој предлог. Застапував гледиште да се создаде едно „експедиторско друштво“ за организирање на масовно дезертирање од српската армија и префрлување на дезертерите во Бугарија. Сметав дека не само што не располагаме со потребното оружје за една масовна борба, но и дека ни недостанува раководен кадар за неа. Понатаму, сокривањето и издржувањето на големиот број бегалци ќе биде голем и тежок товар за нашиот народ. Од друга страна, знаев дека, во случај на вооружени конфликти со власта, мерките што ќе ги преземе во воено време ќе бидат крајно лоши за нашиот народ.

Докажував дека со постојаното испраќање на дезертерите за Бугарија не ќе имаме голем товар. Почетокот беше поставен со префрлањето на Петар Хаџи Ничов. Ние требаше тогаш создадениот канал сега да го заздравивме и прошириме за да може да послужи за нараснатите потреби. За една таква акција ние ќе бидеме поткрепени од целиот наш народ. Зашто тој е животно заинтересиран за спасувањето на неговите блиски. Меѓутоа, сметав дека во една вооружена борба е сомнителна поткрепата на народот, поради големите рискови од неа.

По доста долги и разгорештени дебати беше примено моето гледиште. Ние отпочнавме една акција за организирање на дезертирањето и префрлање на дезертерите во Бугарија. Со посредништво на Марко Чакар, стар наш борец од ВМРО, што ни служеше како главен курир, и неговите помошници: Петре Оризарчето, стар четник уште од турско време, и Трајко Ракот, многу смел и тврд човек, — влегов во врска со мои стари пријатели од Штип.

Уште во првите денови почнавме да испракаме групи од 50, 100 и 150 души бегалци. Нивниот број непрекинато растеше и за многу кратко време беа испратени преку 1500 воени дезертери. Ги имаше од сите градови од западна и централна „српска“ Македонија.

Масовна беше поткрепата од страна на граѓанството. Тоа сокриваше по стотици дезертери. Сите агитираа меѓу војниците за бегање и неодење на фронтот. Акцијата веќе беше прифатена од целото граѓанство и доби масовен карактер. Успехот беше огромен. Сето тоа многу ги загрижи српските власти. Тие презедоа големи разузнавачки мерки за да ти откријат иницијаторите и организаторите.

Ние знаевме дека една таква широка акција не може да не се раскрие. Добро сфаќавме дека ќе ни биде нанесен удар. Почнавме да насетуваме дека се сомневаат во нас и дека се припремаат да не уапсат. Затоа се спремавме ние — раководниот комитет заедно со месниот гарнизон, создаден од мобилизирани граѓани и селани (со исклучок на мобилизираните србомани од Азот) да избегаме во Бугарија, а во иднина некомпромитирани граѓани да ја продолжат нашата работа во возможни размери.

Но еден непредвиден случај ги осуети нашите планови. Еден ден дојдоа право кај мене дома пет-шест души кавадарчани да ги префрлам за Бугарија. Меѓу нив беше и мојот зет во кого се сомневав дека е српски агент. Решително им откажав и им реков дека немам никаква мешаница во таа работа, па затоа не можам да им бидам полезен.

Но вечерта двајца од нив, мои блиски познати во кои имав доверба, ги викнав кај мене на гости и им реков да останат неколку дена за да бидат препратени. Утрината сите заедно отидовме во кафето на Адата што го држеше Шурков.

Одеднаш еве ти го Драгомира, жандармериски наредник! Тој ги повика двајцата гости да одат со него. Одејќи кон вратата на кафето, Драгомир се запре па ме викна и мене со зборовите: „Дојдете со мене и вие за една справка со вас“. Мене ме апна змија. Не си правев никакви илузии за последиците.

Отидовме во „Среското начелство". По кратко испитување гостите ги ослободија, а мене ме викнаа на распит. Присутни беа „срескиот“ началник и полициските писари. Ме запрашаа дали биле кај мене на гости кавадарчаните. Го признав тоа. Ме праша зошто не сум и соопштил на власта дека имам гости. Јас им одговорив: „Наредба е да соопштам во рок од 24 саата, а рокот уште не поминал. Сакав тоа да го сторам утринава."

Но напразно! Ме казнија со 30 дена затвор или 150 динари глоба. Јас побарав да им јавам на моите домашни да најдат пари и да ја платат казната. Меѓутоа, тие mи одговорија: „Ти си сиромав човек. Поарно излежи си ја казната. Се наближува Божиќ. Ќе ни бидеш наш гост и со нас весело ќе си го поминеш!“

Сфатив дека со мене почна ударот против нас. Предавството почна од мојот зет.

Ме одвелоа в затвор. Затворениците, политички кривци од градот и околијата, ме дочекаа со прашања зошто сум затворен. Јас им кажав зошто и дека сум казнет со 30 дена затвор. Тие ми одговорија: „Твојата е лесна. На една страна ќе ги излежиш триесетте дни!“. Им одговорив дека оваа казна е само прелудија на една друга, поголема и не полесна од нивната.

Затворениците беа повеќе велешани и селани од околијата што беа паднале в затвор, во врска со идењето од Бугарија на четата на Владо Сланков, од Штип, во почетокот на војната. Оваа чета изврши атентат на железничката пруга кај село Згрополци. По овој атентат после, четата беше откриена кај с. Скачинци и уништена. — Сигурно и нив ги чекаше тешка казна.

Македонците — неоврховисти, дворски преторијанци, беа на своето место за да го забрзаат замешувањето на Бугарија во војната. Уште кон крајот на летото 1914 година почнаа да испраќаат вооружени чети во Македонија. Една од тие чети беше и споменатата чета на Владо Сланков. Не задоцне и генералната провокација: се организира напад со голем број четници на железничката станица Удово. Таму се заврзале големи борби со српската војска, а потоа четниците се повлекле кон Струмица.

Не помина ни една седмица, па беа уапсени и другите другари од нашиот комитет: Јордан Шурков, Никола Војницалиев, Никола Јанчев, Ѓорѓи Богданов, Трајко Ракот, Петре Кучукот, Никола Панов, Мишо Николов, Лазо Белештевецот и други. Повеќе од луѓето на организацијата веќе беа собрани во ќупот.

Почна истрага. Но властите не можеа од никого да извлечат признанија, освен од Мишо Николов. Од сите најмногу беше тепан Трајко Ракот. Ќотекот што тој го изеде беше чудовишен. Мачењата над него продолжуваа неколку вечери со ред. Снагата му беше поцрнета од тепање. Ние го мачкавме со зејтин за да се растера крвта, зашто имаше опасност да се отворат рани.

Србите беа узнале дека Ракот бил курир, па затоа го тепаа многу, бидејќи се надеваа преку неговите признанија да го откријат каналот и така да ги фатат сите луѓе што беа поврзани со префрлувальсто на воените дезертери во Бугарија. Но тој се покажа многу тврд и од него тие ништо не узнаа.

Меѓутоа, за да можат да нѐ обвинат и осудат, властите имаа многу докази од изјавите на некои сведоци; особено од исказите на провокаторот во нашите редови Кочо..., родум од Бугарија, четник во турско време, којшто по младотурскиот преврат, Хуриетот, остана да живее во Скопје, а после во Велес.

Во затворот не бевме изолирани од надворешниот свет: имавме возможност да го следиме развојот на настаните. Добавувавме[1] редовно весници. Се допишувавме и со некои другари на слобода, па на тој начин работевме и понатаму за препракањето на дезертерите.

Една вечер, набрзо по нашето апсење, ги доведоа во затворот и раководителите на турскиот комитет. Тие биле фатени во една куќа баш кога имале седница. Во затворот ние имавме возможност да влеземе во контакт со нив и да им помогнеме за да не паднат во контрадикција при истрагата. Тие сите тврдеа дека биле кај домаќинот на гости, каде што биле поканети на „каспилаф" (Турците имаат обичај, кога колат поугосна гуска, со нејзината маст да направат пилав и да повикаат гости). Така истражните власти не можеа да откријат контрадикции во нивните искази и беше јасно дека ќе ги ослободат.

Тој случај нам ни помогна да воспоставиме со нив соработка за понатамошното препраќање на дезертерите, бидејќи нашиот канал беше разорен. Меѓутоа, преку нив, односно преку турските села, можеше да се организира друг канал дури до бугарската граница. Но порано кога се обидувавме тоа да го сториме Турците ни ја откажуваа својата помош. Сега, кога и Турците почнаа да ги собираат војници, и тие беа принудени да го организираат дезертирањето, и ние веќе можевме да се спогодиме со нив за заедничка работа.

По две недели Турците ги пуштија од затвор. Ние им дадовме напатствија на нашите другари на слобода, веднаш да влезат во врска со нив и да го уредат соработувањето.

Во меѓувремено беа се собрале многу дезертери. Нивното сокривање во градот стануваше веќе невозможно. Иако уште добро неприпремени, беа принудени да побрзат, и кон крајот на 1914 година, околу Божиќ, повеќе од 1000 души Македонци и Турци се упатија кон границата за да пребегаат во Бугарија. Уште по патот, тие биле откриени од српските власти, и нивната вооружена заштитница имала неколку борби со жандармериските одреди. Во тие борби тие имале доста жртви. Најголема борба се развила на самата граница, и во неа имало поголем број жртви. Но покрај сé тоа, огромен дел од воените дезертери успеале да се префрлат преку граница.

Така вкупно од српската војска беа извлечени и префрлени во Бугарија повеќе од 2500 воени дезертери Македонци и Турци од западна и централна Македонија. Центарот беше Велес.

И на фронтот имаше големо дезертирање на Македонците: штом ќе дојдеа во допир со непријателот, тие се предаваа. Србите не видоа голема полза од „Јужносрбијанците“.

Меѓутоа, војната се отегна. Австријците не можеа да постигнат голема и решителна победа, иако беа посилни. Српската армија даваше голем и успешен отпор. Дури може смело да се рече дека во почетокот им нанесе на Австријците големи удари. Тоа можеше да го направи само народ, чија што независност беше навистина застрашена. Сами Австријците се покажаа неспособни да ја земат иницијативата во свои раце. Им помогнаа Германците. Оттогаш ситуацијата на фронтот почна да се менува во штета на Србите.

Ние го следевме со голем интерес развојот на настаните во Бугарија. И двата лагера што војуваа настојуваа да ја привлечат Бугарија на своја страна.

На две седмици пред замешувањето на Бугарија во војната, бевме осудени сите на по двадесет години робија. Беа ослободени само двајца: Ѓорѓи Богданов и Никола Панов. Причината што не[2] осудија на смрт беше тоа што Србите нејќеа да го озлобуваат граѓанството и што се боеја, во тешките моменти што ги преживувавме, да не дојде до непожелни инциденти.

Бугарија влезе во војна против Србија. На новиот фронт Србите имаа слаби сили. Поради тоа уште во првите моменти Бугарите постигнаа големи успеси и брзо настапуваа.

Започна евакуацијата на Србите од Велес. Нас, затворениците, прво беа со намера да нѐ евакуираат за Скопје. Но тоа беше невозможно поради настапувањето на Бугарите, коишто ја беа прекинале врската меѓу Скопје и Велес. Затоа беа принудени да не испратат кон Прилеп.

Уште утрината од денот кога нѐ евакуираа, ни соопштија да се припремиме за пат. Не ни дозволија да ги известиме своите домашни за да се снабдиме со па- ри и храна, барем за неколку дена.

Бевме 99 души затвореници. Кога нѐ изведуваа од Велес, нѐ спроведоа низ чаршијата. Сите дуќани беа затворени и не можеше да се види ни еден човек. Но по куќите и споредените улици беа натрупани мажи, жени и деца.

Целата коњаничка и пешадиска жандармерија беше на нозе и во кордон бевме изведени од градот. Таму нашата охрана остана со нас, а останатиот дел од полицијата и жандармеријата се врати назад во градот.

Дури се одмаравме искрај градот, поминаа нашите судии со архивата на судот натоварена на коли. И тие бегаа. Јас не можев да се стрпам ами им викнав: „Ајде со здравје! Добар ви пат!“ Ме изгледаа налутено, без да ми одговорат.

Вечерта стасавме до Врановски ан на Долги Рид и таму на отворено преноќевавме. Утредента го продолживме патот. Нам, на затворениците осудени на 20 години, уште од затвор ни ги беа врзале рацете. Сега не одврзаа. Не брзавме многу, зашто меѓу нас имаше и такви што беа повеќе од една година в затвор, па не можеа да издржат подолг пат и брзо одење. Поминувавме најмногу до 20 километри на ден. Често се одмаравме, особено кога почнавме да се искачуваме по Бабуна кон Абдипашин ан.

Патот беше пренатрупан со воени единици што отстапуваа, комори и граѓани бегалци од источните краишта и од Велес. Тисканицата стануваше сé поголема. Масата се валкаше на југ кон Прилеп и понатаму.

На утро стасавме во Абдипашин ан. Во своето држење спрема нас џандарите стануваа посурови. Та дури вечерта бевме во Прилеп. Прилепскиот затвор не беше стока за фалење. Надзирателот — каплар, црн како циган и пожесток од пантер, просто чудовиште, пцуеше и налетуваше на нас со камшик.

На другиот ден тргнавме за Битола: кон командата што не тераше се присоедини една група четници од Азот и некои Турци од Овче Поле. Почнавме да веруваме дека се тие нашите егзекутори и очекувавме секоја ноќ сите, или некои од нас, да бидеме „очистени“. (Во тоа време такви случаи не беа ретки).

Во текот на четири дена патувајќи со џандарите што беа повеќе дезертери од австриската армија, сега на служба кај Србите, нарочно се спријателив со еден младинец. Тој се приврза многу кон мене, стана мој љубимец, а јас за него, „вољени чика“. Таа околност беше многу удобна за мене, и имаше практични последици. Така, кога преноќевавме четвртата вечер во анчето кај „Петилеп“, благодарејќи на неговото заземање, јас се сместив под суво, а не надвор на земја и под отворено небо.

Истата вечер, по предлог на другарите ги помолив џандарите да купиме ракија. Тие ни дозволија, и бидејќи имавме пари, стодрамчињата со ракија почнаа да течат. Особено се „развесели“ Шурков и бидејќи си беше многу зборлив, собра околу себе големо друштво. Џандарите се веселеа заедно со нас и не прашаа дали сме затвореници или се наоѓаме на митинг. Така, токму вечерта кога очекувавме да бидеме исклани, си поминавме многу весело.

На петтиот ден стасавме во Битола и не затворија во новиот дом. Таму останавме пет седмици. На оние што имаа пари не им беше тешко во битолскиот затвор: тие имаа возможност од надвор да си добиваат храна. Но неколцина што немавме пари страшно мизерувавме.

Уште во ноќта кога падна Прилеп, не потераа за Ресен. Таму ноќевавме во конакот на Нијази беј, водачот на Младотурскиот преврат.

Сега со нас ги водеа и затворениците од Прилепско и Битолско. Меѓу нив беше и некој Димо од село Секирци, српски војвода, затворен заради убиство.

Кога стасавме во Ресен и се сместивме во конакот, Димо, војводата, се осети неудобно сместен и почна да се кара со началникот на етапната команда, поднаредникот — надзорник на велешкиот затвор. Утредента, кога тргнавме на пат за Охрид, Димо го врзаа, го одделија од нас и неколцина џандари го тераа пред нас. Кога сѐ искачувавме по џадето преку Бигла, Дима го одведоа по друг пат. Откако пројдовме неколку километри, токму кога седнавме малку да се одмориме, чувме пукотници од пушки од спротивната страна, токму во правец кај што го одведоа Дима. Ни стана јасно: со Дима се сврши.

Ние го продолживме патот, и уште неколку пати си отпочинувавме дури се искачивме на билото на Бигла. Но кога почнавме да слегнуваме надолу, џандарите почнаа да не тераат да брзаме, бидејќи немаше каде да преноќеваме, а до Охрид ни остануваше уште многу.

Џандарите упорно не нагоне да брзаме, а ние бевме страшно истоштени и уморн По патот почнаа некои наши другари да заостану зат или да паѓаат од преумореност. Џандарите на лесен начин им притекнуваа на помош на постанатите: — куршумот, и — трупот го отстрануваа од патот. Таков беше крајот на шестмина затвореници.

Кога наближивме на неколку километри до село Опеница, седнавме на една ливада покрај патот да се одмориме. По малку време се запре кај нас еден генералштабен полковник со својата придружба од неколку војници. Полковников го запраша началникот на командата кои сме ние. Поднаредникот му одговори, на што полковникот рече: „Држава пропада а хапшенике водите. Осим тога, путем сте побили многе од њих!“[3] Поднаредникот му одговори дека добил наредба или да ги предале затворениците на одредено место, или смртен акт! На тоа полковникот решително рече: „Па ово су људи а не кокоши. Наређујем ти да преноћите у оближњем селу, јер до Охрида имате још 17 километара. Сутра наставите пут“.[4]„Разумем, господине пуковниче“ беше одговорот на поднаредникот — „Осим тога, одвежите људе. Што сте их завезали?!“[5] додаде полковникот. Веднаш не одврзаа. Полковникот си отиде за Битола. Сите му бевме од сѐ срце благодарни, а мнозина и гласно го благословуваа.

Кога дојдовме во село Опеница, бевме капнале од умор. Ми пријде поднаредникот, началник на командата, и ми рече: „Учо, види где бисмо могли да нађемо добро и здраво место, да би сместили хапшенике. Ако такво нема, бићу принуђен да продужим пут за Охрид. Можда ћете сви посустати на путу; онда ћемо све вас да поубијамо, а напослетку ћу и себе убити"[6]. Јас му одговорив: „Како одредила судбината, така ќе биде“. — Но, го повикавме кметот од селото, и брзо беше се наредено. Се сместивме во една здрава коњушница, соѕидана со камен. Од селото ни донесоа и малку леб и ни го поделија.

Утредента поручек стигнавме во Охрид. Ние се одморувавме накрај град крај езерото, кога дојде кај нас Ќирковиќ бивш инспектор на српските училишта во Македонија и еден од меродавните шефови на српската пропаганда, којшто сега беше окружен управител во Охрид. Тој се покачи на едни камења и почна да ни чита, „коњско евангелие“: „Вие помисливте дека е свршено со Србија, па се појавивте како многу опасни бугарски агенти... Вие би сакале овде во Јужна Србија да се воспостави господството на Фердинанда. Но бидете уверени дека тоа нема никогаш да стане. Ние имаме силни сојузници и сме сигурни во нашата победа. Но запаметете: ако српскиот народ сепак биде принуден да отстапи некој дел од својата територија, тоа последна ќе биде Јужна Србија и пред сѐ градов Охрид. За нас, господството над Јужна Србија е животно прашање".

Тогаш Кирковик го догледа поп-Дамета од село Чичево, затвореник во врска со Скачинската афера, и му се обрати нему: „И ти ли, попе, со овие авантуристи. Како не те срам! Ти имаш свештенички чин, и со својата лојалност спрема власта би требало да бидеш пример за своите еноријци“. Сиромав Даме! Тој си беше малку страшлив: и сега просто пропадна в земја и стана жолт како мртовец.

Се во тој дух Кирковиќ продолжуваше да ни чита, „коњско евангелие“, а ние бевме принудени да стоиме смирено и да го слушаме. Откако се измори, престана и си отиде.

Потоа нѐ одведоа во затворот крај езерото и нѐ разделија во различни соби. Нас, осудените на 20 години, нѐ затворија во „црвеното собче“. Веднаш на Шурков му реков: „Нас нѐ затвораат во „црвеното собче“. Сигурно овде ги затвораат оние што ќе бидат „очистени““. Шурков ми одговори: „Нека станува што сака. Ние не сме во состојба да се браниме“.

На третиот ден откако бевме во охридскиот затвор, дојде кај нас поднаредникот и ни рече дека нас, велешаните, ќе нѐ испрателе во Струга и со нас ќе појдел неговиот помошник Милан, многу добар џандар а тој со другите затвореници ќе одел на друго место. „Му наредив на Милана — додаде поднаредникот — да ве чува. Досега јас не дозволив да настрада ни еден затвореник — велешанец, па ви пожелувам и во иднина да сте здрави и живи.“ Пријателски се разделивме.

Уште истата вечер еден полициски писар нѐ примаше во затворот во Струга. При сместувањето тој нареди: „Осуђене на 20 година — баците у „ћоравицу““![7] И навистина, кога влезовме во таа „ћоравица" се уверизме дека името наполно ѝ одговараше: тоа беше една мала, темна соба со една дупка над вратата, без прозорец со под од камења, а вода од секаде капеше. Кога влезов, се сетив на мојот бронхит и си реков: „Овде ќе се умира.“

На другиот ден еден писар земаше податоци зошто сме затворени и колку сме осудени. Кога сврши со нас што бевме осудени по на 20 години, ги запраша исто затворениците во врска со Скачинската афера, но тие сите одговараа дека не знаат зошто се осудени. Писарот се разбесне. При тоа затвореникот — слободњак Тоде Качарот рече: „Лежат због пруге". Писарот подрипна и почна да вика: „А, због пруге! А пруга је животно питање. Баците све ове у „коравицу“, а осуђенике на двадесет година — на њихово место!“[8]

Така се спасивме од „ћоравица". И право да си речам, се зарадував и покрај тоа што бев свесен дека тоа спасение беше за сметка на несреќата на другите. Но беше ли во моите сили да ја изменам положбата?

Во Струшкиот затвор лежавме седумнаесет дена. За тоа време само три пати ни дадоа по пол кило леб. Гладот беше страшен, особено за оние како мене што немаа пари. На неколку пати ни дадоа по една рака мувлосана царевка. Некои другари од коњскиот измет вадеа зрнца царевка, ги миеја и ги јадеа.

Еден ден кога гладот беше неиздржлив, еден затвореник, Гемиџи Асан од село Скачинци[9] — Велешко, стар арамија, затворен во врска со префрлувањето на војниците — дезертери, извади од својата кожена торба ронки од леб, и ни раздели по една рака. „Јас сум пател многу во време на мојот арамилак, рече Асан, па ронките не ги фрлав, ами ги собирав во торбата, знаејки дека ќе дојдат тешки денови кога и тие ке ќе ни притребаат“. И навистина тие денови беа дошле.

Фронтот се наближуваше кон Струга. Српски воени единици и многу граѓани, бегалци од Србија — непрекинато отстапува кон Албанија. Почна да се зборува дека и нас ќе нѐ евакуираат во Албанија. Сите не обземаше ужас од таа неизвесност. Што ли уште ќе преживееме?

Затворениците почнаа да се спремаат за претстојниот тежок пат. Ние се стремевме со сите сили макар за еден ден да го продолжиме својот живот, зашто се надевавме дека токму во тој ден ќе настапи обрат во нашата положба.

Моите чевли веќе беа дупнати одоздола и можеа да ме напуштат секој момент. А бос не можев да одам, ќе постанев на патот, и тогаш куршумот не ми гинеше. И бидејќи пари немав, решив да си ја продавам последната преоблека од долни алишта. Петре Дејковски од село Крајници, политички затвореник, ми даде за нив три и пол динари. Голема сума! Токму толку чинеше само конецот на нив. Но таа сума тогаш за мене беше голема (Една турска поговорка вели: „Бир пара не боктур? — Ачан јоктур - чоктур“. — т. е.: „Една пара не е ништо — но кога ја нема — многу е)". Со тие пари си ги закрпив чевлите и купив една ока варени коштани. А тоа беше чудо: моите другари: Шурков, Никола Војницалиев, Никола Јанчев и јас добро се најадовме.

Така настапи и последниот ден. Beќe се наближуваше разврската на нашата трагедија. Вечерта од последниот ден дојде една чета српски четници и ја смени стражата џандари. Кога го разбравме тоа, поминавме една трагична ноќ, полна со исчекувања да бидеме ликвидирани.

Затвореникот Илија Оровчанов, којшто имаше многу пари, та така беше се зближил со надзорниците на затворот и со нив спиеше и јадеше, подоцна ми го расправаше следното: таа вечер вечерале заедно со четниците. Нивниот „четовоѓата“, некој Илија од Лесковац, богат трговец, му бил познаник на Оровчанов уште од турско време. Во разговорот „четовоѓата“ Илија му рекол на Оровчанов дека поголемиот дел затвореници ќе требало да бидат убиени, а останатите, по нивното отстапување, да бидат оставени во затворот. Тогаш Оровчанов му рекол: „Та тоа ќе биде голема катастрофа за вас, особено со оглед на тоа што сега го напуштате поголемиот дел од вашата територија. Бугарите ќе ги окупираат овие краишта, па веројатно и вашиот град Лесковац. Овие затвореници се истакнати општествени работници и борци уште од ослободителните борби во турско време. Како што ги знаете Бугарите, тие во вакви случаи не си плукаат на рацете, и за нивното ликвидирање крваво ќе одмаздат. Резултатите од нивната одмазда ќе бидат ужасни: многу Срби Ке бидат исклани...". Во подолгиот разговор и надзорниците го поткрепиле Оровчанова. На крајот комитаџиите решиле на никој ништо да не му направат, и, кога ќе се повлечат од градот сите затвореници да ги остават во затворот.

На седумнаесеттиот ден уште рано наутрото дојдоа кај нас надзорниците на затворот и ни рекоа дека и тие си одат, а нас ќе нѐ оставеле затворени. Но ние ништо да не сме се вознемирувале и боеле: тие му кажале на кметот на градот да нѐ ослободел когa ќe отстапеле и последните воени единици. Нѐ предупредија дека сега било опасно да нѐ ослободат бидејќи како туѓинци сме можеле да им станеме сомнителни на воените власти, и да настрадаме.

Тие се поздравија со нас, и откако ослободија шестмина затвореници од струшките села, си заминаа. Со нив отидоа и затворениците: Илија Оровчанов и еден Старосрбијанец, Драги, "деловоѓа“ во Баничката општина — Велешко, којшто беше затворен поради злоупотреба.

Откако останавме сами, но затворени, го викнавме слободњакот Лазо Гачев, од село Скачинци — Велешко. (Тој им беше готвач на надзорниците). Му рековме со нешто да ги скрши катанците за да ги отвориме вратите и најпосле да излеземе од затворот. Со секира тој ги искрши клучевите и катанците — и ние бевме слободни. Слаб сум да го опишам тој момент. За него е потребно перо на поет.

Веднаш се јави несовладлива желба да излеземе надвор во градот. Но јас решително се спротивставив на тоа. Ме поткрепи и Шурков. Очигледно беше опасно кога една војска отстапува а близу до нас се водат борби, една олкава група бивши затвореници да го напушта затворот и излегува на улица. Предлагав да почекаме да отстапи војската па после да излеземе. Најпосле сите се согласија со тоа.

Наредивме да се пазат двете порти на затворот: едната што излегуваше на улица покрај Дрим, и другата на споредната уличка десно. Во случај да бидеме нападнати, со еден копач што тука се затече, бевме со намера да го дупнеме ѕидот од керпич и да се префрлиме во соседната турска куќа. Се забарикадиравме и се „вооруживме“ со камења и дрвја, во случај на потреба да можеме да се браниме.

Но сите тие предострожни мерки се покажаа непотребни. Српската војска си отстапуваше во ред. По друмот и преку мостот на Дрим се повлекуваа и на другата страна од градот се укрепуваа за претстојните борби.

Затворениците почнаа да си го донесуваат во ред надворешниот изглед. Се најде и четка и боја за чевли и некои се чистеа. Имаше сварена царевка, па си ја поделивме за да се поткрепиме. Сѐ си идеше како кај слободни луѓе. Накратко — сите се чувствувавме многу среќни.

Во екот на тие подготовки дојде некој од осматрачницата и ми рече дека отстапила и последната воена единица, еден коњанички вод, којшто бил крајот на отстапницата. Уште го коментиравме тој случај кога дојде еден друг од осматрачницата и целиот зазбивтан се провикна: „Мостот на Дрим гори!“ Не мина ни десетина минути, дојде кај мене Петре Кучукот и ми рече: „Бај Алексо, ела да се видиш со бугарските војници. Тие се кај нас и си разговараме.“ Појдов со него во градот. Навистина, во Струга веќе беа стасале единици од бугарската војска.

Затворениците се раштркаа кој каде. Повеќе од нив тргнаа за Охрид, така што околу мене останаа уште неколку души.

Меѓу нас имаше неколку Турци, граѓани од Струга. Тие отидоа да побараат леб од соседните куќи. По малку се вратија со леб, па ми дадоа и мене едно парче. Веднаш почнав да јадам. Но ни првиот залак не можев да го проголтам. Почна да ми се повраќа. И при вториот и третиот залак се појави истото. Од долго гладување мојот стомах се одвикнал да меле и не ја прифати храната. Но јас бев упорен и наскоро сѐ беше пак во ред.

По неколку саата се упативме за Охрид. Но, пред да тргнеме чувме од некои бугарски војници дека на неколку километри од Струга имало убиени наши затвореници. (Тие тргнале од Струга пред 2 — 3 саата и настрадале во двобојот меѓу српската и бугарската артилерија.) Таа вест нѐ потресе и со удвоени сили брзавме да ги стасаме другарите и разбереме што станало.

Кога стигнавме до мостот на четири километри од Струга, ги најдовме другарите уште таму. Разбравме дека бил убиен Илија Црцорот од село Двориште, брат на војводата Кане, што беше убиен при борбата кај село Скачинци, на Тодета од село Бусилци — Велешко му била откивата ногата и околу седум-осум души биле полесно ранети. Шурков ми велеше: „Да се благоари на тоа што земјата беше каллива, гранатите не експлодираа; инаку сите ќе бевме направени парчиња.“ Некако уредивме воените санитари да ги однесат луѓето на лекување во Струга, а полесно ранетите ги преврзаа на лице место.

Но овде нѐ потресе еден друг ужас. Имено: кога бугарскиот артилериски командант, некој полковник, видел дека пострадале од српската артилерија невооружени луѓе, издал наредба — како што тој се искажуваше — да бидат исклани една група млади српски војници, коишто уште дури и не биле облечени во војнички алишта, а Бугарите ги заробиле.

За таа случка Шурков ми расправаше: „Сликата беше страшна. Кога гледавме што станува, јас и неколку други другари плачевме... Бегајќи пред куршумите, многу од тие младинци се фрлија во езерото, но по кратко време сите беа истепани. Искасапените трупови исто така ги фрлија во езерото за да не останат траги од престаплението.“

Бесподобен садизам! Каква ли беше таа душа што ги уништи тие млади момчиња! Тогаш си реков: Колку право има великиот Волтер кога вели дека човекот е ѕвер, чиј што садизам го надвишува садизмот на сите ѕверови во природата собран во едно. Но и денес кога ќе се присетам на тоа, очите ме се наполнуваат со солзи.

Но јас веќе бев се посовзел од гладот и имав сили да го продолжам патот за Охрид. Со еден другар малку поживо избрзав пред другите, за да можам во Охрид да уредам за храна и преноќевање на затворениците што доаѓаа по нас.

Во Охрид веднаш се упатив кон реквизиционата комисија. Бев пријатно изненаден кога видов дека претседател на таа комисија е еден мој стар пријател, Христо Кузмановски, учител, со кого бев заедно на учителскиот курс во Белград. Таа околност многу ја олесни мојата задача. Кузмановски веднаш нареди, моите другари да се сместат во еден ан и да им биде дадено на секој по еден килограм леб. Мене ме задржа на гости кај себе. Јас ја примив поканата, но го предупредив дека имам вошки. Кузмановски се насмеа, па рече дека ги има и тој, како и целата бугарска војска. „Сега да ги смешаме нашите со твоите — се шегуваше Христо — па кога ќе настанат подобри времиња, ќе имаме возможност да се пресоблечиме и очистиме од нив“.

Ha заедничката вечера со неговото семејство и некои војници, јас јадев како дамлосан човек: мелев сѐ што ќе дојдеше пред мене и не знаев за доста. На другиот ден, по добар појадок, се поздравив со неговите домашни, и отидов да ги побарам моите другари.

Не сакав да ја примам поканата на Кузмановски да му останам на гости неколку дена. Решително му откажав не само поради силната желба да си одам побрзо дома, ами и за тоа што гледав дека бргу во Охрид и Охридско ќе настапи глад. Веќе беше очигледно дека недостануваат прехранбени артикли. Во блиска иднина тој глад во Охрид навистина и настапи.

На разделбата Кузмановски ми даде три динари, што беше голема сума за моментот, срдечно ме испрати и ми пожела добар пат.

Испреварувајќи ги другите другари, преку Петрина-Планина и по патот покрај Преспанското Езеро, стасав во Ресен меѓу првите. И овде првата работа ми беше да ја најдам реквизиционата комисија и да уредам за храна и сместување на другарите. Овде претседател на реквизиционата комисија беше Костадин Миљовски, исто така мој познаник и пријател од учителскиот курс во Белград.

Тој нареди затворениците да бидат сместени во училиштето и анот и да им се даде по едно кило леб. Мене ме одведе на вечера кај него дома — и јадев пак со охридскиот апетит, така што мајка му на Миљовски остана зачудена од тоа. Јас и објаснував дека тоа идело поради моето долго гладување.

Да останам да ноќевам кај нив нејќев поради вошките. Миљовски ме одведе до училиштето и ми рече утре да одам кај нив, бидејќи мајка му ќе ми спремела нешто за по пат. Но утрото уште во темни зори појдовме за Битола, и јас немав време дури ни да се поздравам со нив.

И во Битола стигнав меѓу првите. Таму го најдов мојот стар пријател од Бугарија, Аце Дорев, бивш пунктов началник на ВМОРО во Ќустендил и преку него ги сместивме другарите и ги обезбедивме со храна. Владо Калајџиев и јас бевме на гости кај браќа Кимови на кои јас им бев кум, и вечерта многу арно си поминавме. Шурков и Никола Војницалиев беа кај Давовци, коишто, како и Кимови, беа велешани по потекло.

Рано утредента пазаривме три пајтона и ние што имавме да платиме по 25 лева се качивме на нив и си тргнавме кон Велес. Бидејќи бевме позајмиле малку пари од пријатели во Битола, во Прилеп преноќевавме во еден ан, каде што најдовме доста за јадење и пиење.

Таму дојде кај нас да нѐ види прочуениот прилепски војвода Милан Ѓурлукот. Го запрашавме да ни каже нешто за ситуацијата. Тој ни го рече горедолу следното: „Војната против Србија на српска територија се сврши среќно. Но сега почнуваат мачнотиите. Германците не спречуваат да ги продолжиме борбите на грчка територија за да го очистиме Балканот од соглашенците. Перспективите за во иднина не се розови. Храна недостанува и снабдувањето на војската е тешко. Прехранувањето на населението во Западна Македонија исто така е тешко“. Тој беше загрижен за исходот од таа положба. Но уште истата вечер јас разбрав дека тој заедно со блиските му капетани се осигурил за претстојните тешки преживелици. Тој веќе беше собрал доста пари и други резерви најдат за секој случај. да му се

Ha другиот ден тргнавме за Велес. Нашите роднини и пријатели во Велес веќе знаеја дека ќе дојдеме. Воениот командант на Битола, полковник Калев, родум од Трн, беше роднина на Владо Калајџиев. Уште во Битола Калев го викна Влада кај себе. На средбата бев и јас. Тој тогаш ни вети дека ќе телефонира во Велес и ќе ги извести нашите роднини дека сме слободни и по два дека ќе си дојдеме во Велес. Освен тоа, некои наши не се одмараа во Битола, па затоа стасале во Велес помлади и поздрави другари. еден ден пред нас, и кажале дека на следниот ден и ние ќе сме си дојделе.

Ете зошто нашето дочекување во Велес беше извонредно свечено и без принуда срдечно. Та ние пострадавме заради една благородна цел и нашата paбота ги спасуваше синовите и блиските на велешани од очигледна опасност како војници во српската војска.

Моите домашни ги најдов горедолу во добра состојба. Мене ми преостануваше да се снајдам во новосоздадената положба. Ми се наметнуваше прашањето: што сега да работам? Романтичниот дел од мојот живот се сврши и требаше да се мисли на средства за живеење, зашто на моите плеќи ми тежеше читиричлено семејство. Бев принуден да нагазам на земја и помалку да летам во облаците.

Во прво време позајмив малку пари од некои мои роднини. Но со заеми не може да се живее, а тие еден ден мораше да се враќаат. Освен тоа, бев свикнал никому ништо да не му должам.

Еден ден ме викнаа во околиското управление кај секретарот. Секретар беше Орце Андов, велешанец, учител, мој добар пријател (Тој студираше социологија во Швајцарија и имаше полувише образование). Андов ми предложи да одам за секретар на општината во село Оморани, Велешко. По долго размислување во врска со тој предлог, се согласив и уште другиот ден отидов во Оморани.

Положбата во селото беше „ужегубернаторска". Во селото се беше разбашкарил Темелко Карпус, родум од истото село, кулак и во минатото близок пријател на прочуениот во Прилепско и Велешко — деребеј Расим, од село Десово, Прилепско. Тој бил јатак и проводник на Расима кога овој го закупувал спаилакот. На тој начин Темелко свлечувал големи печалби од грбот на селаните, ограбувајќи ги по најжесток начин.

Селаните многу го мразеа овој тип. Кога оморанчани станаа србомани, Темелко, како бугарофил, водеше борба со нив. Но неговото останување во селото во тоа време (во турско) беше невозможно и тој беше принуден да се исели во Велес. Сега пак тој беше во својата стихија. Преку различни предавства тој стана доверливо лице на воените власти и правеше страотни произволи и насилија над селаните. (Истиот тој тип по окупацијата се спријатели со српските власти и преку прочуениот главорез Бабунски — тој, заедно со целото свое семејство, стана одличен великосрпски агент). Имено, овој Темелко, за да се домогне до поголема власт, беше им доставил на бугарските власти дека во Оморани се појавила србоманска чета. Поради тоа во селото беше сместена една чета бугарски војници. Четен командир и командант на селото беше капетан Чукурски, еден суров војник. Со него човек мораше да биде многу претпазлив. Војската ја хранеше селото, а војниците се снабдуваа многу нашироко. Имаше случаи војниците да колеа овци само заради бубрезите и џигерот за мезе, а сето друго месо го фрлаа.

Во тоа време богатото село Оморани, што се наоѓа ниско во полите на планина Мукос, имаше завидно сточарство. А и земјата беше плодна, особено онаа во лаките покрај река Бабуна. Селото произведуваше и доста голема количина ориз. Селаните беа во добра материјална положба, особено по Балканската војна, кога Албанците беа принудени да се иселат од селото. Тогаш некои Албанци беа дури и „очистени“, а нивните имоти ги разграбија селаните —србомани.

Меѓутоа, сега ова богато село беше во многу тешка положба и, ако тоа продолжеше така, беше сигурно дека ќе биде упропастено. Омразата на бугарските „патриотари“ спрема оморанчани, како едни од најголемите србомани, беше голема. Оттука мојата задача да му помогнам на селото беше многу тешка. Освен тоа, ја комплицираше положбата фактот што многу селани беа интернирани во Јужна Бугарија, а семејствата им останале без домакини.

Првата работа ми беше да проучам дали има нешто верно во гласовите дека во селото или неговата околина има србоманска чета. Од разузнавањето не само во Оморани ами и меѓу селаните од село Поменово, коешто исто така спаѓаше во Оморанската општина, успеав да разберам дека се јавиле некои од избеганите оморанчани.

Но селаните од Поменово, коишто не беа србомани и меѓу кои имав познати пријатели уште од турско време кога јас бев четник, тврдеа дека тоа било уште во првите денови веднаш по идењето на бугарската војска: тие не можеле да пребегаат во Грција па се криеле во околните места низ планината Мукос и дошле во селото да си набават храна. Но откако биле забележени од бугарските органи на власта и откако окупаторот ги презел потребните мерки, тие биле принудени да се упатат кон Грција и да пребегнат. Но исклучено беше дека имале задача да останат постојано во тој реон поради разузнавачки цели или некакви диверзантски намери.

И покрај моите напори ништо повеќе не можеше да се открие. Затоа се стремев да ги уверам погорните власти дека веќе никакви сомнителни лица не се забележуваат во општината и настојував да биде повлечена војската за да му се олесни на селото. Но тоа одеше тешко и бавно.

Па сепак по повеќе од еден месец четата на командирот Чукурски беше повлечена од селото и испратена на фронтот. На нејзино место дојде друга чета со капетан Манолев, високо интелигентен човек и доволно благороден. Преку него успеав малку да ја смекнам положбата. Но четата продолжуваше да се снабдува по контрибуционен начин.

Уште порано успеав да го ограничам Темелка Карпус и тој веќе не можеше да деребејствува. Но сега го направив невозможно неговото понатамошно останување во Оморани. Заедно со своето семејство беше принуден да се исели во Велес, каде што имаше своја куќа. Тоа беше големо олеснување за селаните. Сега главно ми остануваше да ја укинам контрибуцијата што беше наметната на селото. За таа цел отидов дури во Скопје и преку македонствујуштите во губернаторството успеав да се укине контрибуцијата: во иднина воената чета во селото се снабдуваше преку своето интендантство.

Остануваше да се ослободат од интернација интернираните селани. Таа работа беше тешка. Но со својата упорност сепак успеав по неколку месеци интернираните да бидат ослободени. Во селото атмосфе- рата се расчистуваше и започна еден понормален живот.

По извесно време отпочна мобилизирањето на помладите што подлежеа на воена обврска. Од оморанската општина приличен број селани беа мобилизирани.

Положбата беше отежнета поради честите реквизиции, а беше тешко тие да се ограничат. Едно време дојде во селото дури и една германска чета, којашто просто не можеше да се засити. (Тогаш со месо и други продукти војската се снабдуваше преку реквизиција, а за плаќањето на тие производи беа одредени многу ниски цени). Кое повеќе, кое помалку — но сите села страдаа од овие реквизиции, а особено селата во Азот. Јас вложував севозможни напори да ја сведам таа ситуација во кругот на возможностите на општината.

Белешки

  1. 1,0 1,1 1,2 Печатна грешка во самото издание.
  2. Според списокот на правописни грешки додаден во идни тиражи, наместо „што не“ требало да пишува „што не нѐ“
  3. Превод: „Државата пропаѓа, а ти водиш затвореници. Освен тоа, многу од нив ги убивте на патот!“
  4. Превод: „Па, тоа се луѓе, не кокошки. Ти наредувам да преноќевуваш во блиското село, бидејќи до Охрид имаш уште 17 километри. Продолжете со патувањето утре“
  5. Превод: „Освен тоа, одврзете ги луѓето. Што сте ги заврзале?!“
  6. Превод: „Учо, види каде можеме да најдеме добро и здраво место за сместување на затворениците. Ако нема, ќе бидам принуден да го продолжам патувањето до Охрид. Сите може да се колебате на патот; тогаш ќе ве убиеме сите, а на крај ќе се убијам и јас“
  7. Превод: „Осудени за 20 години - фрли ги во „горилникот““
  8. Превод: „О, поради железницата! А железницата е прашање на живот. Сите овие фрлете ги во „бурето“, а на нивно место осудените на дваесет години!“
  9. Според списокот на правописни грешки додаден во идни тиражи, наместо „Скачин“ требало да пишува „Кочинци“