Моето учество во револуционерните борби на Македонија/Поглавје XII
Поглавје XI | Растурање на социјалистичката група во Битола — Моето несогласување со ставот на Веле Марков и Никола Русински — Делчев ја брани социјалистичката група во Велес од Алексо Мартулков |
Поглавје XIII |
Веле Марков и Никола Русински се настанија во Битола, каде што држеа своја дрводелска работилница. Таму тие основаа социјалистичка група и во прво време развија добра дејност. Тогаш мнозина ученици од Битолската гимназија добија политичка и револуционерна школовка од таа група. Меѓу нив се и Ѓорѓи Сугарев, Лазар Москов, Филдишев и Александар Ефтимов, коишто станаа големи функционери во ВМОРО.
Но сето тоа не можеше да се трпи од меродавните кругови на ВМОРО. Беа заплашувани да престанат да постојат како социјалистичка група и да се влеат во Организацијата, каде што ќе им се даваат погодни должности во неа за работа. Инаку Организацијата ќе биде принудена да примени против нив санкции предвидени во статутите на РО. Никола Русински и Веле Марков се сретнаа со Дамета Груев во затворот (тој беше по тоа време во битолскиот затвор) да преговараат со него за условите при кои ќе работат во Организацијата. И постигнаа спогодба. Групата бидува растурена и нејзините членови заминуваат по одредените реони на работа. Пред да заминат, тие ми пишаа во Велес. Писмото ми го донесе другарот Борис Весов, исклучен ученик Од Солунската гимназија, кого бев го испратил во Битола да учи дрводелски занает при нив и да се школува при нивната социјалистичка група. Во писмото ми пишуваа дека постигнале спогодба со ВМОРО и дека им даваат војводски места. Никола Русински го назначуваат за организатор на четничкиот институт во Втората револуционерна област, а Велета Марков за крушевски околиски војвода. Исто така ми пишуваа оти било уговорено и за мене да заземам војводско место и ме викаа да појдам во Битола кај нив. Јас им одговорив оти не го споделувам нивното становиште за растурање на нашите социјалистички групи и стојам на нашето старо становиште: coрaботка со ВМОРО на база на нашите принципи во однос на нашата национално-револуционерна борба јасно определена од принципите легнати во нашата програма, зашто ние, слеани во таа огромна маса на Револуционерната организација, ќе се стопиме и нашиот социјалистички индивидуалитет ќе се загуби. Ние како социјалисти немаме за цел само национал-револуционерни задачи, ами исто така имаме и специфични наши класни задачи, кои можат да се остварат само ако имаме одделен организационен живот. Ете зошто си останувам во Велес и ќе го пазам тој факел на социјализмот — ако не свети, барем да светка — и сум убеден оти ќе го запазам докрај, за да стане еден ден сонце и да свети насекаде во Македонија и Турција. Не сум против членувањето во ВМОРО. Како што реков, Веле Марков беше околиски војвода во Крушевскиот реон, а Русински организатор на четничкиот институт во Втората револуционерна област. Голема е неговата заслуга за создавањето на постојаниот четнички институт. Битолчани им пишаа и на софиски другари да ја растурат Македонската социјалистичка организациона група и парите од направениот екс во Велес да и бидат дадени на ВМОРО. Задграничното претставителство го повикува Малезанова и му ја кажува заповедта на битолчани за предавањето на парите. Овој бидува заплашен со смрт во случај да не ги предаде парите. Тој му предава на Делчева 45 турски лири и со околу 100 лири, што се најдуваа во него, пребегува во Србија. Тој живееше Во Врање до 1903 година, потоа се враќа во Турција и им се предава на властите за да ја одлежи пресудата пет години во солунскиот затвор „Беас-Куле". Поставени одново при старите услови, со скудни средства и многу ограничена литература, без можност да набавиме нова, живеевме тежок организационен живот. Агитацијата ни беше првенствено усна и при ерата, „класа против класа со три гласа", при една грозна еснафска средина и произлезената од неа интелигенција. Се нафрлија против нас со најнавредливиот епитет „цуцулисти“ и сл. Особено против мене беше кампањата ужасна. Се чудам и сега како ми издржаа нервите без да се скинат. Еснафската рутина беше страшна, конзервативните елементи во ВМОРО беа озлобени против мене и другарот Андон Шулев и нѐ осудуваа на смрт поради „штетна“ дејност. Со растурањето на социјалистичката литература и со водењето на социјалистичка агитација сред членовите на ВМОРО сме ја слабеле нејзината моќ. Ова нешто станува во 1901 година. Не знам дали ќе можеа да ја реализираат пресудата изречена против нас, Зашто ние знаевме за неа и ги зедовме нужните мерки. Се чувавме и, ако станеше нужда, ќе реагиравме. Но во тоа време дојде во Велес Делчев и раководството му кажува за нашава „опасна“ дејност и за пресудата над нас. Тој им рече: „Тие луѓе вршат една вистинска револуционерна работа, растурајќи социјалистичка литература, за да можат социјалистички идеи да проникнат во нашите редови. Тие можат да изиграат преродбенска а не штетна улога, како што тврдите вие. Затоа и едно влакно ако падне од главата на „осудените“, ќе ве сметам одговорни вас сите“. По таков начин се осуетија намерите на раководството на ВМОРО во Велес. |