Прејди на содржината

Моето учество во револуционерните борби на Македонија/Поглавје X

Од Wikisource
Поглавје IX Софиската група ги праќа Никола Русински и Јордан Малезанов за извршување на ексот — Напад на Хаџи-Јована, чорбаџија од Велес — Една моја претпазливост

од Алексо Мартулков
Поглавје XI
Зедовме стан и се наместивме да живееме во Скопје. Со помошта на скопски другари се готвевме веќе сериозно за ексот. Но токму во силата на нашите приготвувања, софиската група понапред го испраkа Никола Русински со редовен паспорт за Велес, а Јордан Малезанов преку Србија да ја префрли границата илегално за Турција (зашто овој имаше вон ранична пресуда од 5 години и не можеше по легален пат да дојде). Еден прекрасен ден, тој, со префрлањето на границата, оди во Бојановци, каде што имаше свој братучед од Башино Село — Велешко. Се снабдува со туѓ паспорт и тргнува за Скопје со воз. На станицата в Скопје, каде што го пречекав возот од српската граница, еден човек со преврзана вилица, божем го боли заб, ме чукна по рамо. Кога се завртив, го познав. Веднаш се сообразив што да правам. Без да извикам од изненада, му реков да врви по мене. Преку тарабата на оградата се префрливме, и од таму право во мојот стан. Откога си почина малку, ми кажа за каква цел дошол.

Ние решивме веднаш да заминеме јас и тој за Велес пешки, а другарот Трајко Иванов да дојде таму утредента со воз. Ние пристигнавме во Катланово кога беше веќе стемнато и, скршнувајќи од патот за да ја заобиколиме жандармериската станица, среќно го прејдове и мостот на Пчиња со нужната претпазливост и се отправивме нагоре за „Ат Јокуш", но времето беше дождливо и се сторивме жива вода. Во темницата го загубивме патот. Долго време лутавме во гората и не можевме да го најдеме патот, зашто се бевме отстраниле многу и се бевме приближиле до с. Брезница.[1] Се запревме да починеме во шумјакот и, запалувајќи кибрит, го погледавме компасот на саатот од Јордана. Лесно се ориентиравме за патот и со многу усилено одење стигнавме уште в темно во Башино Село, каде што го оставив Малезанов, а јас заминав за Велес и уште истиот ден испратив курир за да го доведе и него ваму. Тоа беше во крајот на месец август 1900 година.[2]

Уште во 1899 година през летниот распуст беше дошол Илија Раштанов,[1] велешанец, мој школски другар, студент по хемија во Софиското више училиште. Често заедно со мојот другар Андона Шулев се сретнувавме дома кај него и меѓу другото често го опсудувавме прашањето за ексот. И тој беше на мислата да се направи екс во куќата на браќа Весови, откаде што можеше да се земе поголема сума. По овој проект бевме речиси и тројцата согласни. Раштанов тогаш беше заразен со социјалистички идеи и не им беше туѓ на другарите во Софија со кои другаруваше и соработуваше. (После како гимназијален учител играше видна улога во ВМОРО, но по востанието емигрира BO Бугарија, стана индустријалец и доста се обогати. Разбирањата кај него беа толку трајни, како кај повеќето од интелигенцијата, кои се определуваат од кариерата на нивниот живот и бидејќи таа се променува, и овие подлежат на метаморфоза). Во Софија тој ги запознава со тој наш проект нашите другари и тие решаваат да ги испратат во Велес гореспоменатите другари за таа цел.

Се готвевме усилено за екс. Оружје, како што посочив погоре, имавме на расположение колку што беше потребно за целта, и еден ден, по Велигден, пристапивме кон работа. Планот беше: другарите Јордан Малезанов, Никола Русински и Трајко Иванов да бидат во куќата на Ивана Елезов и да чекаат јас да им дадам знак, да излезат и да се отправат кон куќата на чорбаџијата хаџи-Јована така што, кога ќе приближи кон портата, да влезат и тие со него, да го принудат аџијата да ја отвори касата и да прибереме пари колку што ќе најдеме за потребно. Се разбира, да не го оставиме без ништо. Јас, движејќи се по чаршија покрај магазинот на аџијава, штом видов дека го затвора магазинот, близу на стемнување, веднаш ги предупредив другарите да тргнуваат, а самиот почнав да го следам аџијата. Кога наближивме до куќата негова, тројцата од другарите одеа од спроти него, но тој, сомневајќи се во нив, се запре. Тие налетуваат на него да го принудат да влезе в порта, но овој, исплашен, фрла една кесија со пари, што ја носеше в раце. (Оваа кесија со париве, која имаше околу 160 турски лири, му беше дадена од Ивана Богданов, трговец манифактурист, за да биде препратена сумата во Солун). Јордан Малезанов се наведува да ја прибере кесијата но во таа саштисаност Никола Русински, кога наближува да го фати аџијата за рака, бидува ранет в рака со нож од слугата негов што го придружуваше. Сето ова стануваше кога беше време граѓаните да се прибираат од работа дома и улицата беше затната од луѓе, та стануваше веќе опасно да се упорствува и понатака да се влезе дома, зашто можеше веднаш да биде известена полицијата и сé да биде осуетено.

Бевме принудени да се растуриме кој каде. Имавме достаточно можност каде да се скриеме. Јас заминав за спротивната страна на Вардар, во куќата на нашиот другар Диме Дојчинов и вечерта ноќевав при него. Но уште со пристигањето мое, незабележливо, ја померив стрелката на ѕидниот саат назад со дваесет минути и го прашав по малку време колку е спатот. Тој, погледнувајќи кон саатот, Ми рече оти е дванаесет и пол (по турски), а тоа беше времето кога стана нападот пред куќата на аџијата. За станатото заб не обелив пред Дојчинов и вечерта за сешто друго прикажувавме, но ниту збор за случката.

Утрината, малку подоцна ја напуштив куќата на Дојчинов и отидов во берберницата на Милан Цуцулов. Таму Диме Варналиев, мајсторот, веднаш ми рече: „Го фативте бибето, не ќе разбереме ли и ние нешто барем од таа работа?". Јас се направив на удрен во главата и му реков оти не го разбирам,[1] но овој ми рече: „Синоќа го обравте аџи-Јована и во кесијата што му ја дрпнавте имало околу 150 турски лири и сега полицијата уште од синоќа те бара. Стрико ти и очув ти се затворени в апсана. Поради тебе направија на многу места претрес во куќите на другарите ваши и не те најдоа никаде“. Од ова известие не бев многу изненаден и уште од синоќа јас си го бев[1] осигурал моето алиби со враќањето на стрелката на саатот за 20 минути назад. Веднаш отидов на дуќан кај стрико ми и баба ми. Таа беше ја[1] отворила само вратата на дуќанот. Кога ме виде почна да ме напаѓа со офкање: „Уште ли ќе ни носиш беља за беља на глаата? Што све напрајле синоќа та татка ти и стрика ти ги затворија и ги скапаа од ќотек во коушот (жандармериската станица) Којник“. Јас и одговорив: „Ништо не си знам, бабо, од ова што ми кажуваш. Јас синоќа бев нагости кај Димета Дојчинов, но сега ќе одам во конакот при полицијата да се јавам, за да ги ослободат чичета и татета".

Белешки

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 Печатна грешка во самото издание
  2. Во списокот на печатни грешки додаден во идни изданија на книгата, наместо август требало да пишува април.