Прејди на содржината

Марко Цепенков/ Силјан штркот

Од Wikisource

Силјан штркот

од Марко Цепенков
На современ македонски правопис.
Во село Мало Коњари имаше еден човек многу чесен и кроток, на име Божин. Тој имаше само еден син на име Силјан; имаше Божин и една ќерка. Силјан беше многу гален и од татка и од мајка, чунки од многу синови Божинови само Силјан беше останал жив, та од тоа беше гален многу и беше го ожениле уште на шеснаесет години и на седумнаесетте години му се роди на Силјана едно дете машко, му го викаа Велко.

Бидејќи гален Силјан и аџамија, ич ќеф немаше да работи селска работа: орање нивјето, копањето лозјата, жниењето нивјето, вршењето и овците гледање оставени беа на Божина и на Божиница. Неда, невестата му, и сестраму, тие да ја работат куќната работа, а пак Силјан ќеф имаше пазарџибашија да биде; да беше кабил катаден да оди на Прилеп на пазар, да купува вино и ракија и друзи слатки работи.

Секое одење на пазар, Силjан, уште не слезен од коњ, право ќе појдеше кај лебарниците и ќе земеше еден топол сомун ас-екмек и ќе си купеше тан-алва, та ќе јадеше. – „ Е, кога ми е посладок сомунов со тан-алвава, бре браќа, им велел на другарите си, како да јадам од дома ’ржани леб?“ На тие зборови и друзи Силјанови што им ги велел на другарите, тие уште повеќе го насрчувале да јаде најслатки работи, чунки покрај него и тие јаделе и пиеле. Некој пат ќе одел на пазар, тики ако му се најдеа повечко пари, два-три дни не си идел ни во најсилната работа дома.

Многупати татко му го скаруваше за дека се забавал в град и не идел да му помага во работата; арно ама Силјан беше фатил еден лош пат, тики ич не го слушаше татка си и мајка си, што ти велат вај, бај да не се настрви пес на касапница, да после мачно е да се одучи. Многупати татко му го поучуваше со кротко, до колку знаеше сиромав Божин, и многу примери му носел ѓоа да се тргне Силјан од тој пусти ајљазлак.

„Синко бре, чедо бре, Силјане! Остај се, бре чедо, од лошиот ајљазлак што си го фатил; остај се од тие лоши другари што не се домаќинска челад; тие те лажат, бре синче, да арчиш пари по пустина, та и ти да се осиромашиш после како нив! Немој, бре чедо, не оди по умиштата од тие другари; слушај ме, синко, јас што те учам и мајка ти, оти ќе те фати некоја клетва од нас, бре синче Силјане! Веруј, синко, оти секој син и ќерка што не слушале татко и мајка големо наказание од Бога добиле. Слушај, синко, нешто што ми текна да ти кажам: за Сивета и Чулета. Тие две пилиња и ти сам си ги видел и си ги чул, синко, в поле кај си стојат по шипјето и глогјето и си пеат; едното си пее: сиве, сиве, а другото – чуле, чуле. Ете тие две пилиња, синко си биле некогаш брат и сестра. Многу биле лоши, разлавални; татко и мајка ич не ризале, многу ги огорчувале, и зер татко им бил многу лут, така и мајка им, та беа ги колнале многупати, ете зер ѓавол натемаго беше се погодил, чедо, некој лош саат, кога ги колнала мајка им вака: „Синко Сиве и ти ќерко Чуле! Пилци да се сторите и од куќава наша да одлетате, да в поле да појдете по трњето да стоите и еден-друзи да се барате, та да неможете никогаш да се најдете. Така куртулија од вас да имаме, од вашиве маки што ни ги давате.“ И за вистина, синко Силјане, беа се сториле пилци и си пошле в поле да живеат по трњето и катаден еден други да се бараат и да не можат да се најдат и да се видат. Ем, тако ми Бога, чедо, тебе може да ти се чини лага, ама мене за вистина, чунки ми е приказано од деда прадеда; чунки во стар век, синко, не лажеа нашите стари како сега што лажат младите.

Дека многу те милувам, синко Силјане, та затоа ти ја прикажувам оваа приказничка, да се свестиш и да се оставиш од тие лоши другари што те учат на лошо оти може Господ да те стори со секакви лошотии. Најпосле, чедо, не знам друго што да ти речам и да те учам отколку што сум чул од татка ми, Бог да ми го прости. Тој многу пати велеше: кој оди од кол на кол, колот...... ќе му се пикне. Ти, синко, не ме слушаш за ова што те учам сега; арно ама ќе дојде саатот, што моиве зборови се по глава ќе те удрат и тогај ќе поверуваш; арно ама што рекол некој: ќе ти дојде умот, ама ќе ти појде кумот. Толку знам сега, Силјане, толку ти велам. Прави што правиш, чести си го таткото и мајката да не добиеш некоја клетва во некој лош саат, да да тргаш мака“.

Дури го учел Божин Силјана сина си, се се пулел во гредите и во ѕидовите, чунки како крв му се гледаше татко му пред очите кога го учеше. – „Ако се раздени, ќе ти кажам јас тебе клетва ќе добијам и друзи маслаати што ми ги кањараш ти мене, си велел сам со себе Силјан, дури да си појдам в град, да ќе ме видиш ти овде да ме тераш ти на жниење на оваа силна горештина, бидејќи има в град ладни меани, да седам и ќеф да терам со граѓаните. Блазе си им анасана на граѓаните, тие ете тие живот поминуваат ја, а не како ние селаните ќе испукаме од горештина, пот да ни тече од челото како река. Утре, дај Боже здравје, одење в град и назад нема да се вратам од овие тешки лакрдии што ми ги рече стариот, да знам оти за вистина клетвата негова ќе ме фати; пиле да се сторам, бело море и црно да прелетам, ама уште еднаш при татка не дојдувам. Ете лели со инаетлак татко ми ме фати, чекај да ме види што маж сум јас. Лели за инает, еден товар сол ќе јадам, ама не му се поклонувам.“ Размислувајќи ги овие зборови и друзи ноќта, Силјан уште во темни зори ја праштил в град и си ошол на еден ан кај што си одел секогаш.

Вечерта за касметот од Силјана дошол еден дуовник на анот, од Божи гроб, да проси милостина по вилаетот Прилепски и по други. Арно ама дуовникот други пат не бил во тој вилает, за да знае да шета сам и му рекол на анџијата за да му бара некој калауз, за да го шета по селата и по градовите. – „Ха, еве ти, Силјане, тебе работа како што бараш, му рекопл анџијата на Силјана, на нога да шеташ по селата“. Силјан асли тоа бараше, за да го пука татка си и мајка си, кога ќе чујат оти и од Прилеп беше избегал. Се удрил со дуовникот и Силјан на пазар; вур, тут, веше ујдисале поштозашто и утрото тргнале по вилает да просат милостиње за на Божи гроб.

Целото лето и есента што шета Силјан со дуовникот и на ден Митровден си дошле во Прилеп и извадил дуовникот пари да му плати на Силјана ругата, колку што беше погоден. Арно ама Силјан парите не му ги земал, чунким сакал и тој да оди со него на Божи гроб. – „Аман, оче дуовниче, те молам, земи ме и мене со тебе на аџилак, за да се сторам и јас еден аџија, да и да умрам да не жалам“. Вака му велеше Силјан на дуовникот и му се молеше дури со плач на очите за да го земе на Божи гроб. Никако не му даваше рака на дуовникот за да го носи Силјана со себе на Божи горб, чунки сакаше да арчи пари за него повеќе отколку што му чинеше ругата. Му се товари анџијата на дуовникот и го моли да го земе Силјана на аџилак, да отаде назад како знае нека си прави. Најпосле, беше кандисал дуовникот и го зел Силјана со себе за на аџилак.

Дошле на Солун и влегле во една гемија та се упатиле за на Божи гроб. Одела што одела гемијата по правиот пат и по некој ден свртел еден противен ветар многу силен, та кога ја подбрал гемијата по морската ширина, летала како некоја црпка по талазите што биле по морето. Бре овде ќе се удави гемијата, бре онде ќе пропадне, една цела недела што ја тера гемијата и едно утро приближила гемијата до една ада, та кога се удрила од камењето, парче по парче се направила; сите што беа во гемијата се удавиле, само Силјанче беше се нашол на една штица задржан и беше го исфрлило далгата на суво.

Многу време стојал Силјан на суво фатен на штицата и се му се чинело оти се носи на море. Некое време сетил оти е на суво и станал просто та се избавил. Застанал крај моер да гледа кај што се скрши гемијата, да не нешто излезе од море дуовникот. Арно ама залудо што чекал Силјан, чунки дуовникот и сите друзите што беа во гемијата, беа се удавиле. Откога виде Силјан оти никој не излезе, тргна да оди по адата, да види што земја ќе биде таа.

Оде што оде и најде еден извор, та појде и се напи една вода; до изворот најде емиш зрел и си скинал та се поранил, оти беше умрел од глад. Над изворот најде една пештера и тамо беше си влегол за вечерта да преноќева; арно ама ако дојде ти да преноќеваш и да заспиеш тамо, да и Силјан да заспие! Целата ноќ што мислел и думал, за кај бил и сега каде е во таа пустелија кај што петел не пеал и куче на лајало. –„Ах мајче! ах татче! ах мое мило синче, и ти моја мила сестро! и ти моја мила домаќинко! Дали ќе видите некој сон оти јас се избавив од улавото море што ќе ме удавеше? Дали ќе видите некој сон оти јас сум во една пуста земја кај што петел не пее! Ќешке со пушка да бев убиен, мајче, и тамо да бев умрен, во нашите гробишта да бев закопан, за ти, мајко да ми идеш на гробот да ми палиш свеќа и да ми раздаваш задужбина! Ами тука, мајко, во оваа пустелија ќе умрам и орли и врани месата ќе ми ги јадат. Ах, татко, татко, зошто толку лошо ме колна за да дојдам во оваа пустелија!“ Со тие зборови и друзи Силјан целата ноќ си ја поминал и одвај во зората беше мигнал малку, та кога се разбудил сонцето беше огреало. – „Сполај ти, Господи, сполај ти, оти сонцево грее од кај што заоѓа овде! Чудна земја ќе биде оваа, си рекол сам со себе, зер долна земја ќе биде оваа! Ејди јас сиромав, нема за мене избавиште и одење веќе во Коњари. Ах, село златно, ах град Прилеп златен, дали ќе ме донесе Господ уште еднаш тамо! Ако рече Господ уште еднаш јас да појдам тамо, три години ќе чинам измет на манастир на Трескавец, на Богородица. Оф јас сиромав само со умот што се богатеам, оту уште еднаш јас ќе било касмет да си одам, ами види го тоа широко море: до кај јас да се вратам уште еднаш назад, овде коски ќе окапам и друго ништо“.

Со прво беше направил еден крст на едно дрво, од некое суво дрвце, за да го познава местото, чунки ќе одел како внатре во адата, за да види што има и што нема, да ако нема некоја трага од човека, пак сакал да се врати назад кај изворот за да поживее тамо со емишот што бил на дрвата.

Си зел в раце едно дрво некастрено како за стап, раце да му се најде, за од лошо да се брани, и тргнал на угорното да оди. Колку еден саат што одил, пак нашол извор со вода и чунки одел прекутрупа, на многу места наоѓал јаготки и си јадел. Тоа само му било мака, што не можел да види некаков пат и да види некоја човечка трага. Пред се тоа Силјан си патувал со голема надеж да најде некоја трага и до кај пладне го изодил угорното, та се качил на планината и кога се опулил натамо, видел едно поленце опколено со планинки и ридови, прилично како Прилепското. – „Сполај ти, Господи, сполај ти, си рекол сам со себе Силјан, дали на Крушово се наоѓам овде и го гледам нашето поле? Дали сон гледам и јас не знам. Во тоа поле треба да има луѓе, чунки гледам како да има ливаѓе и нивје“.

Со надеж Силјан да најде луѓе, тргна да оди од планината в поле. И до кај десет саатот дошол во крајот од полето и видел еден пат кај што оделе луѓе. – „Ете ми трага од луѓе, си рекол сам со себе Силјан; арно, ами што знам што луѓе ќе бидат? Ако се Бугари, арно, - ќе се разберам; ами ако се Турци или Власи или Арнаути, како ќе се разбирам за да зборувам?“ Така си мислел Силјан и си патувал по патчето што го нашол. Патчето било низ едни ливаѓе и во ливаѓето имало киселица, та Силјан си набрал и се изнајал од неа. Близу пол саат што одел, и кога дошол до една тумбичка, се качил на неа и чул од луѓе зборови; арно ама ништо не разбирал од тие зборови, така му се чуло, како кога да кљакаат штркови. Се уплашил сиромав Силјан едно чудо, чунки си рекол со умот оти ќе бидат некои ѕверови. Се засолнал зад едни шипје и отаде ги видел луѓето. Тие си биле маж и жена и си коселе една ливада. Думал, мислел Силјан, како да прави, дали да им се јави, дали назад да се врати. – „О јас сиромав, си рекол сам со себе, угоре високо, удолу длабоко, да се вратам, кај џевнем да одам? Да им се јавам на овие луѓе, ми е страв да не нешто ме отепаат или да не се некои диви луѓе од долна земја? Како да правам, златен Господи? Ај, на име Божје, ќе им се јавам, да како сака нека биде; и така јас сум загубен и така“.

Излегол од зад шипјето и тргнал кај луѓето да оди со прекрстени раце и со солзи на очите, се приближувал кај нив. Едно го виделе Силјана мажот и жената, ги оставиле косите и си проговориле помеѓу си со нивниот јазик и се изнасмеале. Си рекол со умот Силјан да не им проговори, ами да им се поклони, чунки чу оти тие си проговориле по нивниот јазик. – „Од кај ќе знаат овие луѓе, си рекол Силјан сам со себе, по мојот јазик, за да им речам добровечер“. И едно се приближил пред нив, им се поклонил со рацете на градите и ја наведил главата пред нив без да им рече добровечер. – „Море што не проговориш, бре Силјане, да речеш добровечер, му рекол мажот, или помози Бог? Дали онеме нешто од морето што си пливал, дали што?“ – „Сакав, стрико, да проговорам, арно ама чинев оти не знаете по мојот јазик. Вие еве сте знаеле и по бугарски и сте го знаеле дури и името мое, рекол Силјан; ви се молам, стриколе, од кај ме познавате мене што ми рековте на име? Јас вас до денеска не сум ве видел ни во некое село ни пак во некој град; летоово јас со еден дуовник го шетав сиот наш вилает и по села и по градови; арно ама нигдека како вас Човек не сум видел. Ви се молам, стричеле ако не ми кажеш од кај ме знаеш?“ – „Лели те довеал ветрот у нашава земја, кај што човек не дошол досега, му рекол, ќе ти кажам од кај те познавам, чунки си имал касмет да се видиш со мене и гостин ќе ми бидеш у мене. Ја повели, седни, и на малку леб и сирење касни, да тамо ќе се разбереме за се што има да не прашаш и да те прашаме“.

Се смрачило и си го зеле мажот и жената Силјана, та си го однесле дома. Едно влегле во дворот и го догледале синови му на човекот Силјана, дале радосен вик децата: „Иии, ене го Силјан од Коњари; ене го Силјан од Коњари кај ни иде на гости.“ – „Шоана, али навистина е ова, али на соне; види сега и децана да ме познават и на име да ме викаат, чудна оваа работа ќе биде; ај да видиме Господ што ќе каже“, си велел сам во себе и влегол у човекот дома. Се натрчаа сите и добродошол беше му рекле. Го навечерале со најубави манџи како секој гостин најмил. Силјан не можел да се начуди на луѓето, кои се и во кое место се. Еднаш се преесапил, како да е во Охридско Поле и Струшко, чунки тамо имало езеро, да може морето да ја донесло гемијата во езерото и тамо може да се скрши и тој излегол. – „Хаа, не сум Охридско Поле и Струшко; чунки тамо вакви луѓе нема со олку долзи носеви и олку високи во нозете; овие луѓе не се асли како нас, си велел сам со себе. Е арно не се како нас, ами од кај ме познаваат мало големо во куќава шо се?“ Дури си мислел така Силјан, сам беше го оставиле во една одаја луѓето, чунки ошле да ги наранат имањето.

По малку време беше се собрале сите куќни луѓе и дури некои од комшиите и курдисале муабети да го прашаат Силјана. – „Е, Силјане, како е татко ти Божин со здравјето? Го прашал домаќинот, како е мајка ти Стојна, невестата Неда? Ами како е сестра ти Босилка, син ти Велко? Сите здрави и живи се? Ами ти бре Силјане, како си сега со татко ти, али го ризаш потроа? Дали повеќе го пукаш?“ – „Тукуречи повеќе го пукам, стрико, му рекол Силјан, одошто го ризам. И од тоа пусто неризање мое ме накажа зер Господ што дојдов во вашава земја“. Оттука зафатил Силјан да им ги кажува на луѓето сите грешки што му грешавал на татка си и на мајка си, што им правел, при се што домаќинот од половината и повеќе беше му ги знаел на Силјана грешките.

Откога го доказа сето сторение негово, Силјан им се молил за и тие да му кажат од кај го познаваат и од кај го виделе, што му ги кажувале грешките како со очи да му ги гледале. – „Ејди, синко Силјане, му рекле старите, ние сме дојдени во вашето село Коњари уште не беше роден ти; ние сме живееле на вашата куќа; ние знаеме се што имате дома, ем поарно од тебе. Знаеш али не знаеш? И дека ти кажуваме вака тебе дури како да не ти фаќа вера, ама откога ќе ти докажеме здраво, после ќе веруваш“.

Туку седи Силјан и се чуди на тоа што му го кажувале; каква работа ќе биде таа, луѓе невидени ни чуени да му прикажуваат за се што имал дома и за што му се сторило нему и во селото. „ Ви се молам, браќа мои, кажете ми каква е оваа работа што ми знаете се што имам дома? Дали ангели од Бога сте и сте дошле у нас, дали светци сте? Дали пилиња сте и сте долетале у нас? Дали што сте, ве молам кажете ми да се уверам, оти на ум сум станал со вашава приказувачка“. – „ Еве зошто ние знаеме се што имате дома, Силјане, му рекле, оти ви седиме на куќите; ние се правиме штркови, Силјане, и ви идеме во вашето село и во сиот вилает ваш“. – „ Ами кога се правите штркови, им рекол Силјан, зошто сте сега луѓе?“ – „Оти луѓе сме, затоа луѓе сме, му рекле, а за штркови што се правиме, си имаме од деда прадеда клетва да се правиме, чунки тука ние, Силјане, не е чаре да родиме челад според една клетва што ни е оставена од деда прадеда како што ти кажав уште од понапре“. – „Ами не е чаре, стрико, да ми кажеш каква била клетвата од дедови ви за да не раѓате челад?“ му рекол Силјан. - „Можам, Силјане, да ти кажам како се сторило себап за да не ни траат челадта во старо време и да одиме во вашите страни да раѓаме. Имало во старо време некој си старец што бил како светец на оваа земја. Во тоа време децата од преку-преку-дедови ни биле многу лоши; не ги слушале таткови си и мајки си, а пак татковите и мајките ич не ги повелале, триста лошотии правеле. Само тој старец ги учел и децата и мајките и татковите за да не прават така, оти големо зло ќе ги најде. Еднаш беше ги скарал неколку деца што биле собрани онде на крај селоно под едно дрво јаворово. Бидејќи лоши многу биле децата, го удриле од земи старецот и беше му пукнала жолчката на часот. Тогај беше го проколнал старецот сиот народ што се наоѓал во нашава земја: „Ох да би Господ ве судил деца, им рекол, што ме отепавте на правина! Да дадеше Господ една сипаница лоша да дојдеше и сите вас да ве собереше, та после векот едно да не пркне: овде да се роди, ама бело море и црно да препливаат таткови и мајка ви, тамо да видат челад; откако ќе видат челад тамо, еден Господ нека суди и еве јас си умирам“. Тие и други зборови беше рекол стариот и беше си умрел, и тамо беше го закопале. На трите години од помеѓу гробот на старецот извреа два извора што се и ден денеска. И за вистина, Силјане, клетвата од старецот, што ги колна прадедови ни, ни се исполни и до неколку години сите деца од лошата сипаница изумреа и останале сите како црни кукавици без челад; да му е милост на Бога, зер нејќел да не сотре сите, ами и дошол на старата од стариот на сон за да им каже на дедови ни да појдат кај изворите и во едниот извор да се искапат, та ќе се сторат штркови, и да прелетаат бело море и црно, та да појдат во вашата земја и тамо челад да родат и да ги изгледаат, та пак овде да си дојдат и да се искапат во другиот извор, та да се сторат пак луѓе. И ете кај си правиме така од илјадница години и дури стои веков, Силјане внучко се така правиме“, му рекол домаќинот и друзите.

– „Сполај ти, Господи, сполај ти, бре стрико, што беше била клетвата лоша, им рекол Силјан, татко ми кажуваше за две пилиња што се кај нас в поле, едното го викаат Сиве, а другото Чуле. За нив татко ми прикажуваше оти тие биле брат и сестра и ич не живееле како што рекол Господ, та беше ги колнала мајка им и татко им да се сторат пилиња и да одлетаат в поле, та да се бараат и еден други и да не се најдат. Ете вистина, стрико, се тие пилиња кај нас и везден кај се бараат и не можат да се видат. Арно, сега салам поверував оти клетвата од татка и од мајка фаќала, чунки еве мене кај ме фати.

Тоа веќе, стрико, оти е така како што кажавте, така си е, и не инаку, туку јас сиромав, како ќе правам за дома да си одам? Некоја гемија дали дојдува покрај земјава ваша за да се качам и да си одам? Чунки сам знаеш ти стрико; те молам, стрико, ако е кабил, кажи ми како ти е името? ( „Името ми е, Силјане, му рекол домаќинот, Аџи Кљак-кљак, внучко!“) – колку е жал за кај што се родил човек“. – „Колку за гемија, Силјане, околу нашава земја не е чаре да може да дојде, чунки бијат талазите во бреговите и околу наоколу бреговите се спили и камења. Ем јас чунки сум прв на земјава наша, како војводата ваш што го имате во Прилеп, така и јас сум овде, - да сум ја опколил сета земја околу наоколу сум видел оти не може ништо да се прибере од лоши спили и далги. Туку ти лели си при мене, нема да те оставам овде, ќе ти барам некое чаре и ќе си одиме заедно дома. Ем еве како ќе направиме. Кога ќе ни дојде времето за одење кај вас, ќе се искапеш и ти и ќе се сториш еден штрк, ќе си земеш едно шише вода од другиот извор и ќе си го обесиш на гуша и кога ќе си одиме дома, ќе се потуриш и еве си пак човек. Ете така, Силјане внуче, ќе си одиме, ич да не береш колку за тоа гајле. Дотогај ти гостин ќе ни бидеш, јади си, пиј си и ќеф терај си“, му рекол Аџи Кљак-кљак војводата.

Откога беа го довршиле муабетот, легнале и си спале. Утрото станале и го зел Силјана Аџи кљак-кљак, та го прошетал низ неговото градче и го однесол кај двата извора, што се правеа штркови и човеци – „Ако не веруваш, Силјане, оти човек се прави штрк, еве јас ќе се искапам за да поверуваш“. Влегол Аџи Кљак-кљак во изворот, се искапал и се сторил штрк. Летнал вамо, летнал тамо, прокљакал и пак се искапал, па се сторил човек. Брго-брго, Силјан и тој така се обишол и се сторил штрк и пак човек. Со тоа се уверил Силјан оти ќе си одел дома.

Неколку месеци што седел Силјан тамо, во сите полски работи им помагал. Али е тој Силјан што не работеше дома кај татка си? Тамо работел гологлавечки и јуначки. Приближало времето за да се готват за вамо да идат, пратил пратеници Аџи Кљак-кљак по сите домаќини и сите младоженци да идат тамо за да се прават штркови. Во неколку дни се направија штркови и сите одлетаа крај море за да се чекаат дури сите да се соберат. Тамо имало едно големо блато и во блатото илје и милје имало жаби и други водни животники, тамам за штрковите гозба. Си наполнил Силјан едно шише од човечката вода и си го врзал на гуша, та си се сторил штрк и си летна заедно со Аџи Кљак-кљак, та дошол кај што беа збрани сите штркови. Откога се изнајале сите арно убаво од жаби, се дало заповед од Аџијата и сите летнале и се извишиле наугоре дури до облаци.

Отаде бе се упатиле право за кај нас да идат; летале, летале токмо 24 саати, дошле до една ада, та слегле на адата и се најале отаде жаби и друзи животинки. Во тоа време ете кај иделе низ море две ламји за да ги јадат штрковите; едно се приближале, и штрковите летнале пак вишно небо. Откога се извишиле до облаци, беа му се пуштиле за кон кај нас да си идат.

Летале што летале и приближиле до некое краиште од земјата, слегле и си починале, си попасале тамо троа тревичка, чунки такво било местото што немало никаква животинка рана за штркови. Откога се починале и се понајале, си летнале пак и си дошле во тие земји кај што си имале седела, та секој си тргнал во својот вилает, а Силјан со Аџијата и друзи се упатиле за кај Прилеп. Кога дошле близу селото Плетвар, кај дервенот, го видел Силјан полето Прилепско; ги видел Маркови Кули; го видел манастирот Трескавец, и од радост веднаш слегол до едни камење, за тамо да се потури со шишето вода, за човек да се стори и оттука пеш да си оди дома.

Арно ама што рекол некој: „Не треба човек да се радува многу, ни да жали многу, оти зијан ќе го најде“. Така и Силјан коњарецот, голема радост му се сврте на голема жалост, чунки од големата радост слегувајќи на земи не стори мукает да не го окрши шишето; да што рекле стари: „зла суправа – готова штета“, така му се сторило и на Силјана, дека силно паднал на земи и го удрил шишето од каменот и го окршил парче по парче и водата се разлеала по каменот. Брго-брго се испрепелал над истурената вода Силјан, арно ама немаше да се натопи барем ич и си остана пак штрк.

Радоста од Силјана се свртела на преголема жал и плач и тогај дури се уверил оти штрк ќе си биде и штрк ќе си умре. – „Ех, кој не слуша татко и мајка, си рекол сам со себе, клетвата го фаќа, нели ме донесе Господ на мојот вилает, не ни е толку жал, чунки овде ќе си умрам“. Со тие мисли Силјан си летна од Плетварско и си одлетал во село Коњари, та си кондисал на седелото од Аџијата. – „Силјане, му рекол Аџијата, при се што те милувам многу, атер нема да ти остане, нема да седиш во моево седело, ами ќе си седиш на другиот крај на куќата, чунки нам ни е седелото домаќинска постела. И не бери гајле, пак јас ќе те однесам и ќе те донесам и пак човек ќе те сторам; арно беше сега да не го окршиш шишето, ама откога ќе се стори едно лошо, не се враќа лесно. Здравје нека ни даде Господ и сè ќе биде“.

Му текнало на Силјана оти така е како што му рекол Аџијата и си отишол на другиот крај на куќата да седи. Бидејќи било многу рано, уште не беа развражале куќните луѓе, само татко му беше излегол во двор, со прво него го видел и од жал што му паднало се расплакал. По малце време беа растанале сите од куќа и секој по нешто работа работел: мајка му фатила кравите да ги молзи, невестата му овците ошла да ги молзи, син му свињите и телците, прлињата ги испуштило за в говеда да одат, сестра му куќата фатила да ја мете и гнојот да го фрла. За Силјана и напре немало работа и сега немало, при се што сега му се смилила работата и куќата; арно ама требало да си ја трга џезата што го колнале татко му и мајка му.

Откога си поплакал Силјан на куќа на деветти марта за домашните, кога ги гледал и не можел со нив да зборува, на жалта згора си летнал од куќа и си ошол в поле да си ги види нивјето, ливаѓето, лозјата и чаирите кај што паселе говедата. Прошетал по сето Коњарско поле и слегол дури на Врбјанско, крај блатото, та си се најал жаби, кауѓерици, скакулци и гуштерици. – „Ах, јас сиромав, си рекол сам со себе, дали така ми било речено, наместо од прасе месо да јадам понапред, сега си јадам жаби; наместо јагули и риби напред што јадев во златниот град Прилеп по ладните меани, сега си јадам гуштерици и кауѓерици. Нека ми е уѓе: на таква глава таков брич, што го вели тој збор татко, ем ак има што го вели, чунки се што ме учеше и ми велеше, се по глава ме удри. Ах Боженце, и ти златна Богородице, ви се молам, душата да не ми ја земете дури не се сторам пак човек и тогаш ќе познае татко ми и мајка ми како ќе работам во куќава и како ќе ги слушам“.

Кога ќе се замислел Силјан штркот понекогаш вака тики ќе се заборавел кај што стоел. Стоејќи еднаш на куќа, ја видел жената му кај ги молзе кравите и од милост на убавите телиња слегол во двор и отишол до телињата да ги помилува ѓоа; арно ама кај го знаеше син му Велко оти штркот Силјан е татко му; Велко си имал едно стапче в раце, и видело оти телињата ги милувал Силјан со клунот, та и свикало на мајка си: „Мајко мори, види го штркот ќе ги јаде со клунот телињата!“ – „ Не јаде штрк телци, а чедо, туку лели ти е страв, бркни го.“ Кога чу Велко зборот од мајка си, фрли со стапчето по него и го удри по глава, та го ошумоглави и не можел Силјан веднаш да си летне. Кога видело Велко оти стоел Силјан на тоа место, пошол да си го земе стапчето и го грабнал штркот преку половина со обете раце и свикал по мајка си: „Мајко, мајко го фатив штркот.“ Во тоа време дошла кај жената му и мајка му да и помага за кравите молзење. И нејзе и кажувал Велче оти штркот го удрил со стапчето и после го фатил. Пусти Силјан тогај дури се сетил оти штрк е и може син му да го удави и умре, ако не беше му свикала мајка му на Велка да го пушти од раце, и умирачка ќе си го најдеше, чунки можеше да го врзе Велко со еден сиџим за нога и да си игра со него, како што си играат деца кога да врзуваат врапчиња и чавки. – „Пушти го, Велко чедо, штркот, пушти го, му рекла Неда, оти е гревота, зер и тој, завали, е некој вдовец ја вдовица како мене што сум без татка ти, еве ќе стори близу две години како поштукот му го нема. Да што бил црн пусти касмет мој, да останам уште млада вдовица.“ Од тие зборови што му ги рече на Велета, беше го пуштил штркот Силјан и си одлетал Силјан на куќа. Збивал, збивал, одвај душата си ја зел од пусти страв што беше превидел од држењето на Велка.

По неколку дни му се смилило на Силјана да појде кај трлото да си ги види јагнињата, чунки тогај се јагнеле. Одејќи околу трло, го догледала кучка Лиса и му се пуштила молкома, та го фатила за опашка. Ако не беше и свикал очарот Смиле на кучка да го пушти Силјана, ќе го испердушела уште за малце. – „ Погледај, кучкана една, ќе го испердушеше сиромашкиот штрк што си е единак,“ овчарот рекол. И тогај Силјан куртулисал од смрт.

По некоја недела ги спрегнал татко му Божин воловите и отишол на нива да ора. Си го зел со себе внука си Велка да му ги тера воловите. Му се смилило на Силјана да појде и тој на нива за да го гледа татка си како ќе ора. Тргнал една бразда, две, Божин во нивата и Силјан застанал на долниот крај кај нивата да им се пули на браздите што ги ора татко му. Гледајќи во браздите видел кај мрдаат од земјата црвените црвје. – „Ја чекај да си позобам троа црвје, и така ми се јаде,“ си рекол Силјан и си влегол во браздите да си збира црви.

Оди по бразда, чини, и збира Силјан црви и бидејќи многу чекореше, дошол близу зад татка си. Не знам како се сврте Велко назад, го видело штркот оти е близу деда си си му свикало: „Дедо, дедо, опули се зад тебе, ете го нашиот штрк.“ – „Ако е, внучко, ако, терај ги ти воловите.“

Поорале уште една бразда, пак Велко беше се опулил и бидејќи дете, пак му свикало на деда си: „Дедо, дедо, ете го штркот зад тебе, заврти се да го видиш.“ - „Море терај ги, бре внучко, воловите, не пули се по чавките, оти треба до ручек да ја изораме нивата.“ Поораа уште малку и бидејќи Силјан си одел по браздите се близу, си зобал црвјето, чунки му се сладило, и му се чинеше оти татко му го милува, без да му текна оти е штрк во тој саат.

Треќи пат пак беше му рекол Велко на деда си: „Тате, тате, види го штркот до тебе.“ – „Е доста со тој ѓаволски штрк, бре внучко, се џари.“ Тоа рече Божин и замавна со остенот на штркот, та беше го удрил по десната нога. Од големата болештина Силјан летнал како некој стршен и отишол на куќа, та си застанал на левата нога да ја плаче лошата болештина од скршената нога. Не знам колку дни што боледувал дури му оздравела ногата.

Вечерта, како што си вечерале дома, му текнало на Велка за штркот како одел по бразда и како го удрил дедо му со остенот. – „За гревови, завали штрк, рекла Неда, што сте го тепале, доста му е самотијата што е вдовец како мене, па сте го тепале.“ – „Тепање, ем лошо тепање сум му сторил, рекол Божин, со остенот ногата сум му ја окршил, ама сиот кабает го има Велко, што сеедно се џареше во него и не ми ги тераше воловите арно. Откога го удрив, го пожалив пусти штрк, ама се стори. Господ да ме прости, неарно сторив, ама пуста лутина човечка е лоша, тики човек колку да се чува да не греши пак ќе згреши.“ Во тоа време Силјан си седеше до баџа и го слушаше сето ова што зборуваа.

Бидејќи сестра му од Силјана била свршена, си седела во двор на ругузина и си низала едно ѓерданче од стари рупчиња. Во тоа време сите куќни луѓе биле по работа в поле, само Босилка била дома и како што си го низала ѓерданчето, го оставила на ругузина па станала да ги види в куќа свињите, нешто пакост да не сторат. На часот на Силјана му текнало та слегол во двор и го зел ѓерданчето и го качил на куќа та го скрил во сламата. По малку време излегла Босилка од куќа и си седна на ругузината. Кога го побара ѓерданчето, го немало; барала, барала и не го нашла, плакала и колнала едно чудо.

По некоја недела беше останала жената му на Силјана сама дома и си седела во двор на ругузина та си везела една кошула со црна преѓа, како за вдовица; си везела и си плакала за касметот што го имала, дека без домаќин останала. – „Не ќе жалав толку, Боже, си велела со жалосен глас, за Силјана мој, ако беше умрел овде, барем гробнината ќе му ја знаев и свеќа ќе му палев, ами како да не жалам и да не плачам кога в море може да се удави одејќи на тој пусти аџилак.“

Силјан ги слушал тие зборови од жената си и срцето му се корнеше, од жал што му идеше; арно ама канонот, што бил даден треќата вечер, требало да го трга.

Станала Неда да си семе нешто дома и Силјан слегол од куќа, та и го зел клопчето што везела сосемати игла и го качил на куќа, та го скрил во сламата за ич да не се сеќава. Кога дошла Неда кај ругузината, клопчето не си го нашла. - „Што се срдиш, мори ќерко, толку, и рекла свекрва и, чунки тогај си дошла од работа, што зијан ти се стори? Ја ај кажи ми да чујам јас, да да видам имаш ли право што се срдиш?“ И кажала Неда оти клопчето и загинало дури влегла дома и излегла, и го зел некој. – „Арно сторил тој што ти го зел клопчето, ќерко, и рекла, оти од узур ќе ми везеш црна кошула, сосила ќе ми се правиш ти вдовица; Силјан ни е на аџилак со дуовникот, а пак ти сосила сакаш да умре и да не дојде; гревота е, а ќерко, ова ти што го правиш; моли Бога за Господ да ни го донесе, не туку плачеш и жалиш. Ете некни ѓерданчето на Босилка и загина; не е човечка глава да, човек умира и никому ништо, а ќерко, а не ти оти едно клопче ти загинало и да плачеш.“

По малку време се приготвиле свадба да прават за Босилка, чунки одамна била свршена. При се што нејќеле да ја даваат без Силјана, арно ама откај зетот не чекале и друго чаре не бидувало: или ќе им ја даделе или ќе ја оставеле; на зортот згора, за да не и го расипат касметот, стрексале да им ја дадат и друго ништо. Си каниле некоја куќа сватови кај Божина и чекаат во неделата да им дојдат сватовите со зетот за да ја земат Босилка. Се задале сватовите од под село да идат: нункото напред со ургулицата в рака, по него зетот и сите сватови, свирејќи со гајдата и фрлајќи пиштоли дошле во Божинови дворови.

Застанал зетот пред врата и сите сватови на коњи, наметнати со белите јапанџаци, на главите фесови тунузи преврзани со белите чалми, опкачени сите со пиштоли жолтомедни, а на нозете сите со скорни црвени. Сите млади и зелени, да ти е мило да ги гледаш. Гајдите свират, дури саѓите паѓаат од гредите. Сите млади коњарки беа дошле во дворот од Силјана за да ја гледаат радоста; сите се радувале и се веселеле; само Силјан штркот стоел на таткова си куќа омаудрен со главата в земи, од голема жал што му дошла, дека ја гледал од сестра си свадбата. – „Ах, проклет да е тој саат, си велел сам со себе Силјан, кога им грешив на мајка и на татка, да ме втаса ваква клетва, бев човек сега и да си ги пречекав сватовите, и јас да се веселам како сите што се на свадбава.“

Влегле сватовите дома да ручаат, а Силјаница си го зела детето за рка и се качила на амбар да плаче и да жали дека не и бил тука Силјан. – „Немој, мори мајко, не плачи за Силјана, и велел Велко, оти за Велигден ќе си дојде аџија.“ Од тие зборови што ги слушал Силјан штркот, голема жал му идела, што дури сакал да се сам убие или во бунарот да се удави; арно ама душа е мила, пак се попишманил. Би свадба, доби, и времето беше приближило да си одат штрковите на својот вилает. Младите штрчиња ги учеле да летаат нависоко и Аџијата беше распратил абер по сите страни да се чинат азар сите штркови, за на свети Панделимон да тргнат за на вилает; му стори абер и на Силјана за и тој да се стори азар.

Во тие неколку дни Силјан го испрошетал сето поле Прилепско и извидел секое долче и ритче. Си ги прошетал нивјето негови, си ја прошетал куќата, и најпосле летнал и отишол дури на манастир на Богородица на Трескавец, та застанал на кубето од црквата и многу и се молил на Богородица, за да му поможе да појде на штрков вилает и пак да си дојде и човек да се стори, та три години ќе служел на манастирот. Си летнал од манастирот и си ошол пак на село. На ден Панделејмон си летнале со Аџи Кљак-кљак и со аџиицата, со децата нивни, и си отидоа во штрков вилает здрави и живи како што сакаше Господин Бог.

Целото лето тамошно што им работил по полските работи на Аџиовците и тие многу го честеле и гледале како свој човек. Приближало времето пак за кај нас да идат штрковите и тогај веќе Силјан беше се сторил мукает, та беше нашол едно малечко црпче и си го наполнил со од човечката вода и го врзал на гуша кога дошол денот за да кинисаат за кај нас да идат.

Како што првиот пат што идоа, така и тогај беа си долетале на нашава земја. Поодиле внатре како кај нас и дошле до едно место од кај што започнувале да се делат штрковите по вилаетите. Во тоа место беше се направил еден бој и многу луѓе имало истепани и изоставени по планината, та поради мршите беа се собрале орли да јадат од мршите. Орлите биле тукуречи и тие на број колку штрковите. Близу до таа планина имало и едно поленце што било полно со скакулци од најголемите, - тамам за рана на штрковите. Слегле тука штрковите и се изнајале арно со скакулците. Ами лели им завидоа орлите, оти јадат штрковите скакулци, и од збор на збор се капаштисаа да се бијат едни други. На кавгата згора се примешаа големците, ѓоа да смират некоја работа, да повеќе ја запалија работата (што ти велаат: „ѓаволот ни ора ни копа, само луѓе скарува“) и туку беше се поткачиле сите да се бијат и да се тераат по таа пуста планина. Три дни и три ноќи што се биле и се тепале. Крв до колена беше направиле. Силјан во бојот никако не зел дел, чунки Аџијата го имал покрај себе и бидејќи бил гостин не го внесол во џенгот. Силјан, дека го носел црпчето на гуша, многу му помогнало да се плашат орлите од него, беше нашол една пештера и тамо беше се засолнал дури се свршил џенгот. И така џенгот се свршил и штрковите наттепале, та си отвориле пат и си се упатиле за кај нас. Радосни штрковите си тргнале и си се упатиле секој род и фамилија за својот вилает, а Силјан со Аџиовци си долетале во село Коњари здрави и живи.

Силјан дошол на амварче и си го отнал црпчето, да си се потурил и ете ти го човек како што си бил дома у себеси при татко и мајка, при жена и дете. Слегол од амбарче Силјан долу и тргнал за дома да си влезе, чунки рано било и малку ремето расипано со дожд и лапавица, била уште баба Марта, та домашните си седеле крај огон и си се грееле. Кучката Лиса лежела на врата и веднаш не го познала Силјана, та го слајала: „хам, хам, хам.“ _ „Лисо мори, на мене лаеш?“ и рекол. – „Ду! Мајко, Силјан по трем проговори“, и свикала Неда на мајка му од Силјана. Рипнале сите просто и на врата в куќи го пречекале, сите плачејќи го избакнале и здраво и живо сториле, а Силјан им бакна на татка си и на мајка си десница и проштење им сака за клетвата што го втаса.

Брго-брго мајката го клала ѓумчето со ракија до огнот да се стопли, а Неда го донесла големиот стол, та го клала да седи Силјана; му ги собула опинците и му ги измила нозете и го променила со велигденската руба. Станал од спиење Велко и си го грабна Силјан в раце, та си го измилувал и слатко си го целивал.

Се расчу низ село оти Силјан Божиноски си дошол од аџилак. Секому радост му дошло оти Аџи Силјан си дошол и отрчал да го види и добре дојде да му рече. Се исполнила куќата од селани, повеќе стари, и секој му велел: „Добре дошол, Аџи Силјане, добре дошол Аџи Силјане.“ – „Море не велете ми аџија, бре селани им рекол Силјан, оти не би касмет да одам на аџилак, чунки дуовникот што ме зеде да ме носи се удави в море; оставете, браќа, не е за кажување и за верување тоа што сум патил во овие две-три години, ама ак ми беше тоа што сум патил оти од таткова и мајкина клетва не сум верувал. Вие, како сте, браќа, како поминувате во селово?“ – „ Море ние, Силјане, сполај Богу, си поминуваме, туку ти, ти како помина по туѓина, кажи ни некои унерии, елбете тоа, што си видел ти, ние не сме виделе,“ му рекле селаните.

- „Ами како се удави сиромашкиот дуовник в море, бре чедо?“ му рекол татко му. – „Ете како: откога влеговме в гемија во Солун, кога не забра еден силен ветар, та кога ја спотераа талазите гемијата, една недела што ја носи силно морете и на неделата кога ја удри од едни спили, парче по парче се стори и за касметот мој ме исфрли на една штица морето на суво. Тамо најдов еден извор и дрвја со емиш, та си појадов и тамо ноќта прележав. Утрото тргнав за повнатре да одам. Одејќи си најдов едно чудо јаготки и со нив проживеав. Цел ден што патував и на пладне стасав до едно поле и ево ти двајца луѓе маж и жена кај си косеа една ливада. Арно ама луѓето беа бамбашка: не беа како нас асли; тие беа во нозете долги и во носовите вудве од нашите носови. Ами лели едно ме видоа и на име ми рекоа и ме однесоа дома, та ме нагостија и многу ме честија.“ – „Море, од кај те познаваа, бре Силјане, што те честија,“ – „Тие луѓе се штрковите наши што ни идат овде, браќа, им рекол; тамо во градот кај што бев има два извора: во едниот да се искапеш ќе се сториш штрк, а во другиот да се искапеш, да се сториш човек. Како било и што било, што се прават тамошните луѓе штркови, другаш ќе ви кажам, браќа им рекол Силјан, сега згора-згора ќе ви кажам оти и јас се сторив штрк на двапати и едно цело лето сум ви седел овде на нашава куќа и сум патил триста маки; арно ама не верувам да ми верувате оти сум бил штрк.“ – „Море ами кој е тој будала што ќе ти верува, бре Силјане, му рекле селаните, оти си бил штрк.“ – „Море браќа бре, ами Силјан е шетан човек, им рекол некој стареа, тики видел замја секаква, ти видел море, тики со секакви луѓе се кунуштисал, да од тоа Силјан се научил вакви приказни и сторении да ни кажива.“ – „Ба, братко, клку за тоа така си е, му рекле друзите на стареата, нека е жив Силјан, многу итроштиње научил дури шетал по туѓи земји, да од тоа ќе знае и приказни што чул да ни каже и да не чуди.“

-„Море не ви кажувам, бре браќа, приказни, им рекол Силјан, ами ви кажувам вистинско сторење и патување мое, и преѓе ви кажав и сега ви кажувам оти штрк бев и во штркова земја бев, две лета тамошни сум работил полска работа во куќата од штрковите наши што се на нашава куќа. Јас знам оти чудно ви е ова што ви го кажувам ама не е чаре да ве излажам, чунки најпосле испат ќе ви го сторам и ќе ве уверам. Јас што дојдов овде, штрк, не оти сакав да бидам штрк, ами клетвата од татка и од мајка ме фати, што не ги слушав како врапчињата Сиве и Чуле.“ – „Море колку за нив знаеме оти се сторија од брат и сестра две пилиња, му рекле сите, туку тој век друг бил, кога шетал Господ по земи и светците, да слушале луѓето што зборувале, а пак севишниот век повеќе ѓаволот шета по земјава, да од тоа тебе не те веруваме да си бил штрк.“

Откога видел Силјан оти не веруваат, почнал да им кажува што му правел на татка си, како го поучувал татко му и тој не слушал, како се главил со дуовникот, како влегол во морето, како се нашол на долна земја, како правел муабет првата вечер у Аџи Кљак-кљак, како му прикажувал за старецот што го отепале децата и што колнал, како излегле двата извора од кога им изумреле сите деца од големата сипаница, како се сторил штрк и си врзал шише на гуша и како патувал од штрковата замја преку широкото море, како дошол над Плетвар и го окршил шишето, та си останал штрк и си дошол дома.

Силјан селаните ги видел оти ним им било како приказна, почнал да им кажува што патил дома дури бил штрк и што видел и што сторил. – „А бре татко и ти мајко, што не ме верувате оти бев штрк и ви седев на куќава на другиот крај; имаше летово еден штрк али немаше?“ – „Е, имаше, бре синко, туку што дека имаше?“ – „Ете јас бев, татко, тој штрк, што си седев на куќа; мајко мори, и ти Недо, знаете кога ги молзевте кравите и ме удри Велко со стапчето, оти си ги милував телињата? Лели јас тогај се ошумоглавив и Велко ме фати, та одвај ме пушти?“ – „Боже! Зер си гледал од некаде, ја ти кажал некој, море синко Силјане,“ му рекла мајка му. –„Арно, за тоа ми кажал, ами за Лиса, што ќе ме испердушеше ако не беше Смиле овчарот да ме одбрани, се сврте кај овчарот и му рече: не беше вака, бре Смиле?“ – „Така беше, така Силјане, вистина штркот што беше сам летоска на куќава, ќе го испердушеше Лиса.“ – „Па некој ти ги кажувал овие работи, му рекол татко му, во градот што ни ги гаткаш.“ – „Е лели и ова не ми го веруваш, бре татко, ами кога беше ти на орање во големата нива, лели ти ги тераше Велко воловите и јас си зобав црви во браздите изорани; ами лели Велко ти рече два три пата: дедо, дедо, нашиот штрк ете го зад тебе, ит ти на треќиот пат ме удри со остенот и ми ја окрши писката од ногата, та едно чудо време боледував, одвај дури оздравев. И вечерта ме пожалавте кога Велко ви кажуваше. Не беше вака, татко?“ – „Море вистина така беше, бре синко Силјане, туку ова ти е кажано од некого, ја на сон ти се сонило а инаку не верувам да било“. – „Ами за Сивета и Чулета како веруваш, бре татко, да за мене да не веруваш му рекол Силјан и си го собул објалото од десната нога та му ја покажал ногата кај што му била заварена“. – „Ја види ја, бре татко, ногата, кај што ми ја окрши и ми се завари“. Кога му ја виде Божин ногата, на чудо беше станал тој и сите селани; арно ама пак нејќеле да го поверуваат оти бил штрк. – „Кој знае, бре синко, според нишаниве што ни ги кажуваш, вистина како да си бил штрк“, му рекол татко му. – „Вистина, татко, и вие браќа селани, им рекол Силјан, ама за приказна е мојава работа што бев дури во долна земја или штркова земја кај што човек досега не пошол и не ќе појде, и да ми верувате оти не е чаре да ве лажам јас, чунки не ќе ви земам нешто да си кладам в ќесе, за да не поверувате за здраво. Еве друго што ќе ви кажам: сестра ми Босилка седеше еден ден во двор на ругузината и си шиеше едно ѓерданче и од ругузината и загина; по неколку дни невестата ми Неда седеше и таа во двор на ругузина и си везеше вдовичинска црна кошула, преденото со сета игла везарка и загина. Не беше вака, ти мајко и ти Недо, моја домаќинке?“ – „Така беше, бре синко, за тоа, му рекла, туку кој беше тој човек што ги зеде?“ – „Ете јас бев, мајко, што ги зедов, и рекол, ја качи се, бре Смиле, на куќа кај што стоев јас, побарај во сламата, ќе ги најдеш, земи ги вамо да ги видат за да поверуваат“. Се качил Смиле и ги нашол и ги донесол пред сите селани да ги видат и да поверуваат. Кога ги видоа домашните, на големо чудо беше станале. – „Сполај ти, Господи сполај ти, што не било да биде, човек штрк да биде“, сите беа рекле и поверувале, та затоа до ден денеска се прикажува за штрковите оти се луѓе. – „Ете вака, синко Марко, се сторило со Силјана од Мало Коњари; знам оти тебе ти е како лага; арно ама мене ми е навистина, оти од татка ми е прикажана оваа приказна“, вака ми рече татко ми кога ми ја прикажа со прво.


Поврзано

Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.


It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.

Public domainPublic domainfalsefalse