Прејди на содржината

Манифест на ТМОРО-ВЕП

Од Wikisource
М А Н И Ф Е С Т


на ТМОРО - ВЕП



БРАЌА И СЕСТРИ, МАКЕДОНЦИ И МАКЕДОНКИ !!!


Ги живееме едни од најдраматичните мигови во поновата македонска историја,мигови на конечната разрешница на наталожените балкански премрежиња,мигови на конечната разрешница на последните нерешени европски прашања.

Под покровителство на меѓународната заедница веќе две десетлетија на Балканот се водат крвави војни, со кои се бришат постојните, а се испишуваат новите државни граници. Веќе две десетлетија се одвива, за многумина, невидливиот процес за создавање природни (етнички чисти или големи) држави на балканските народи.

Невидлив, посебно за неподготвените македонски политичари, чиј единствен став се упатствата за политичко делување добиени од Брисел и Вашингтон. Македонските политичари, кои, свесни за сопствената неспособност, успешно Ви ја наметнаа тезата дека немањето сопствен став и мислење е голема доблест и мудрост, а клечењето пред американските амбасадори патриотизам и државотворност. Наспроти тоа, сакаат да Ве убедат дека искажувањето сопствен став во заштита на интересите на македонскиот народ и држава е радикализам и ерес, па, како таков, е забранет и анатемисан.


БРАЌА И СЕСТРИ, МАКЕДОНЦИ И МАКЕДОНКИ !!!


Токму заради тоа, решивме да Ви се обратиме на ваков начин. Решивме да Ви ја кажеме добро криената вистина за она што се случува и ќе се случува.

Имено, по распадот на СФРЈ, големиот проект за создавање природни држави на балканските народи, предвидува распаѓање и на неколку од неа создадени држави. Последната територијална поделба на Република Македонија е во функција токму на овој проект. И, по завршувањето на процесот на распаѓање, следната фаза во длабоко осмислениот проект од Ленгли, би требало да биде повторно обединување на територии, но овојпат, според едни новоисцртани граници.

Во меѓувреме, сите балкански држави, нивните академии на науки, нивните политички партии и нивните влади изготвија стратегии за создавање свои природни држави и поитаа да заземат што подобра позиција на стартот на трката за територии. Така, сите наши соседи подготвено ја очекуваат новата, се поизвесна конференција за Балканот на која ќе се испишат новите граници.

Единствено македонските политички партии, македонската академија на науки, досегашните македонски влади и претседатели, како и во 1913-та во Букурешт, влегуваат неподготвени и без сопствена стратегија. Немајќи сопствена стратегија, опстанокот на државава го темелат само и само врз скориот влез во воената НАТО организација.

И, веќе на почетокот на април, кога влезот во НАТО ќе остане само пуста желба на вазалните македонски политичари, македонскиот народ и држава ќе останат препуштени на милост и немилост, со партии на кои ќе им пропадне единствената стратешка точка, со партии кои не ќе знаат што понатаму, со партии, кои, немајќи стратегија, едноставно ќе капитулираат пред налетите на случувањата потоа. А потоа, доколку и ние како народ не влеземе во проектот и не се заложиме за формирање сопствена природна држава, за жал, ќе ја доживееме поделбата на Република Македонија и уништувањето на македонскиот сон.


БРАЌА И СЕСТРИ, МАКЕДОНЦИ И МАКЕДОНКИ !!!


Единствена надеж за напатениот и поделен македонски народ е возобновувањето на автентичната македонска мисла, како СТРАТЕШКА ОПРЕДЕЛБА за формирање природна македонска држава на целата нејзина територија. Со тоа, вистинската македонска мисла, мислата на нашите дедовци и прадедовци за обединета македонска држава, како СОВРЕМЕНА ПОЛИТИЧКА ПЛАТФОРМА, ќе се наметне пред меѓународната заедница во нејзиниот проект за создавање природни држави на балканските народи. Со еден збор,


ВЕ ПОВИКУВАМЕ


Сите заедно да се заложиме за реафирмација на македонската мисла за создавање ОБЕДИНЕТА МАКЕДОНИЈА, како единствен реален услов за опстанокот на македонскиот народ.


БРАЌА И СЕСТРИ, МАКЕДОНЦИ И МАКЕДОНКИ !!!


Македонскиот народ има само две можни насоки на движење: да ги следи упатствата на Брисел и Вашингтон и партиите кои работат според нив, или да размисли со сопствена глава и да создаде политичка сила - партнер на меѓународната заедница во проектот за формирање природни држави на балканските народи.

Првата насока води кон повторна поделба на македонскиот народ и држава, како вечна монета за поткусурување на туѓите интереси. Втората насока ќе биде обид да се создаде ОБЕДИНЕТА МАКЕДОНИЈА, како единствена можна иднина на македонскиот народ.

Македонскиот народ неповратно изгуби осумнаесет години самостојност, во кои не се изготви стратегија за негов опстанок. Неповратно изгуби осумнаесет години за да влезе во проектот за создавање природна држава. Денес, истекуваат последните мигови кога може да го стори тоа. Нашите деца го очекуваат тоа од нас, од оваа генерација Македонци.


СЛОБОДА ИЛИ СМРТ ЗА МАКЕДОНИЈА !!!



ТАТКОВИНСКА МАКЕДОНСКА ОРГАНИЗАЦИЈА ЗА
РАДИКАЛНА ОБНОВА ВАРДАР - ЕГЕЈ - ПИРИН
Претседател
Страшо Ангеловски

Извор

[уреди]