Прејди на содржината

Македонското прашање

Од Wikisource
Македонското прашање

од Петко Рачев Славејков
оригиналниот тект е на бугарски јазик. Објавено на 18 јануари 1871 во весникот „Македонија“ во Цариград.


Македонското прашање

[уреди]
Првата страница ос статијата
Македонското прашање најпосле излезе на јаве и се појави во печатот. Велиме најпосле зашто ова прашање не е нова работа. Сме чуле за него уште од пред десетина години од некои од Македонија. Отпрво ги зeмавме зборовите на тие млади патриоти како на шега и не многу сериозна закана во горештината на нашите не толку сериозни препирки. Така си мислевме сè до пред една-две години кога од новите разговори со неколку Македонци ни стана јасно дека проблемот не е само голи зборови, туку е идеја што мнозина сакаат да ја спроведат во живот. И жално и тешко ни беше да слушаме такви зборови, но не се решивме да говориме за нив преку печатот, зашто работата ни се гледаше многу деликатна, особено за услови во какви сега се наоѓаме. Денес ова прашање излезе веќе на пазарот благодарение на непретпазливоста на еден од нашите собраќа и сега, сакале или не, веќе сме принудени да го кажеме нашето мислење.

Ако беше само во областа на учебниците, никогаш немаше ни да проговориме за тоа прашање, зашто не гледаме штета во желбата на некои луѓе да ги учат децата на нивното татковско наречје; напротив ние ова го гледаме како знак на освестеност. Основното образование може да дава плодови само ако се изведува е на јазик што децата го разбираат. Целата вина тука е што не се избира еден пат што ќе доведе не до разделување, туку до соединување и усогласување на наречјата. Колку и да е погрешно да се учат Македончињата на наречјето на горните Бугари, исто толку е погрешно и да се раздроби јазикот во училиштата на различни наречја и секој да си го следи само своето наречје, без и најмалку да обрнува внимание на другите. Во таков случај секое наречје треба да си има своја книжевност и никое да ја достигне состојбата која треба да ја има како книжевност на еден цел народ. Разлики во наречјата има меѓу сите европски народи, дури и поголеми отколку кај нас, но ниту еден од овие народи не ни помислил да го раздроби литературниот јазик на мноштво наречја и литератури. Тие си одбрале еден среден пат и прифатиле само еден литературен јазик, оној што бил најразвиен меѓу нив. Така требаше и ние да направиме. Од сите наречја требаше да избереме едно средишно, што ќе биде разбирливо за сите области, и на него да ги учиме нашите деца. Тоа ќе беше и правично и разумно и полезно, зашто ќе го сочуваше единството на нашиот народ.

Само така ќе можевме да ја сочуваме нашата сиромашна книжевност од раздробување и да се одбраниме од тие што сакаат таква поделба. Но кога во желбата за поделба има и други намери, намери за разделување на нашиот сè уште неустроен народ, тогаш секој има должност да се противи на такво зло. Јасно е дека некои од нашите Македонски браќа имаат токму таква намера, и таа намера ја кријат под превезот на јазикот и неговите наречја; ете затоа си земаме за слобода да кажеме нешто за Македонското прашање.

Многу пати имаме слушнато од Македонистите дека тие не биле Бугари, туку Македонци, потомци на древните Македонци, и одамна чекаме да чуеме докази за тоа, а никако да ги дочекаме. Македонистите никогаш не ни покажале на што го засноваат тоа нивно мислење. Тие инсистираат на нивното македонско потекло, а тоа не можат да го докажат на никаков задоволителен начин. Сме читале во историјата дека во Македонија живеел еден мал народ Македонци; но во неа никаде не сме нашле ни што биле тие Македонци, ни од какво племе потекнале, а малкуте македонски зборови сочувани преку некои грчки писатели сосема ги одрекуваат таквите претпоставки. Освен тоа после освојувањето на Македонија од Римјаните веќе ни помен нема од тие Македонци. Среќаваме по нивните места секакви други народи, само нив, Македонците ги нема. Што станало со нив и во кој народ се претопиле, не знаеме, зашто историјата тоа не ни го кажува. Можеме да си претпоставуваме различни работи со еднаква веројатност: можеме да кажеме дека Македонците го продолжиле своето постоење и до денешен ден; можеме да кажеме и дека одамна се изгубиле. И едното и другото ќе биде еднакво лажно, зашто не се потпира на веродостојни факти. Ние можеме да го прифатиме и она мислење дека божем старите Македонци биле Бугари, т.е. Словени. Но во секој случај потеклото на македонистите од старите Македонци е многу сомнителна работа. Нивното мислење денеска не може да се поткрепи со ништо друго освен со местото каде што живеат, а тоа е еден од најлабавите докази. Штом старите Македонци живееле на истите места, зошто и денешните жители да не се со македонска крв? Тие се цели Македонци, заклучуваат македонистите и се успокојуваат од своето големо откритие!

Да беше Македонија исклучена од историските промени, таков заклучок можеше и да има некаква веројатност. Но ние знаеме дека таа земја претрпела големи промени во однос на населението. После многу мешање на нејзиното население со нови доселеници, најнакрај дошле Бугарите, ја спростреле својата власт надалеку и направиле царство во Охрид, во родниот крај на некои од најголемите македонисти. Тие живееле во тие места долго време и се слеале со целото население. Кој ќе ни каже сега каква крв тече во жилите на македонистите? Кој ќе ми каже дека тие не се од бугарска крв, туку од крвта на старите Македонци? И на тоа не можат да се спротивстават македонистите, без да испаднат смешни и плитки.

Сме слушнале и друг доказ. Некои македонисти се двојат од Бугарите врз друга основа, според која тие се чисти Словени, а Бугарите се Татари и не знам ти што. Ако го земеме предвид она што се рече погоре за историските промени во Македонија, нема да ни биде мачно да ја покажеме сета неоснованост на последниот доказ. Кога Бугарите ги претопиле во себе, или уште подобро, кога Словените ги претопиле во себе Бугарите не само во Македонија, но и во другите области на Балканскиот Полуостров; тогаш не знам зошто македонската смеса да биде од друг род, а тракиската и бугарската од друг. Такви аргументи можат да дават само глупавите деца, кои уште не знаат што ќе каже историското сведоштво.

За да им придадат тежина на нивните произволни аргументи, Македонистите ги посочуваат разликите меѓу македонските и горно-бугарските наречја, од кои првото било поблиско до словенскиот јазик, а второто било помешани со татаризми. Немаше да сакаме да веруваме во сериозноста на таквите гледишта, како што и на читателот исто така нема да му се верува, но кога гледаме со каква упорност тие гледишта се бранат и подржуваат од Македонистите, принудени бевме да им поверуваме. Нашите објаснувања дека разликите во дијалектите ништо не докажуваат, дека тие се последица на историските услови, а не на различното потекло, ништо не помогнаа. Македонистите цврсто си стојат на своето.

Во основа гледиштата на Македонистите немаат ниту зрелост, ниту тие се воедначени. Еден вели едно, друг друго, кое му се гледа подобро. Пожелно е да го видиме тоа нивно учење средена во една општа форма, за да можеме целосно да ја процениме и неговата заснованост и последиците што ги носи. Додека чекаме тоа да се случи, ќе си земеме слобода да им набележиме неколку последици што можат да произлезат за нашите луѓе и за Македонистите од поделбата.

Како и сите Бугари, и нашите македонски браќа се до толку прости и слаби, што поделбата не може да не ги замати умовите и да изроди противници. Поголемиот дел од населението секогаш ќе мисли и треба да мисли не како некои од најголемите претставници на искажаните мислења за Македонците. Заради тоа ќе се појават партии со спротивставени интереси, ќе настанаат раздори и внатрешни слабости, а од нив – притисоци однадвор и отцепувања. Занесени во расправии и внатрешни препирања што се и што не се, нашите Бугари во Македонија не ќе можат да се запазат од надворешните посегнувања и од непријателските посегнувања на Грците од југ и на Србите од север.[1]

Македонското прашање (продолжение)

The second page of the article

Тогаш? – Тогаш, ако не Бугари, ништо.

Ако денеска има Бугарски народ, и ако му се слушнал гласот и си спечалил место меѓу другите народи во Турско, тој тоа го постигнал само преку тоа што се соединил во едно и покажал значителна бројност, преку тоа и ќе се закрепи, така и ќе си ја подобри состојбата, така и ќе се запази од надворешни посегнувања. Благосостојбата денес се спечалува повеќе преку соединувањето во едно цело, а не со разделувањето на делови слаби и незначителни. Кога ќе дојдат други времиња и ќе настапи рамноправност на сите народи, мали и големи, тогаш поделбата можат да биде оправдана. Кон такви форми на општествен и политички живот човештвото се движи, но е уште многу далеку. Слободата на секој граѓанин, на секоја општина и на секоја област, и правото сами да се управуваат, тоа е една од главните цели на напредокот на човештвото. Накај самостојност, а не накај потчинување се стреми човештвото, но работата е во тоа што таа самостојност ќе се добие само преку соединување во едно тело. Денеска сите народи ја препознаваат таа потреба од единство и брзаат да се сплотат; само ние ли ќе врвиме наопаку? На други места се соединуваат елементи кои биле со векови разделени, како Пруси и Баварци; Пиемонтци и Наполитанци, а ние сакаме да се делиме сега, да се делиме ние што сме од единороден елемент и сме биле до сега соединети. Зарем тоа е разумно и пофално?

Ние сме уверени дека желбите на македонистите треба да се поткрепат и со други аргументи, и дека тука се замеша и малата нееднаквост меѓу горните и македонските Бугари по бројност и по напредок. Македонистите може си мислат дека во народните работи секогаш ќе преовладуваат горните Бугари, како помногубројни и поразбудени, и дека Македонците ќе останат на второ место. Тоа значат зборовите на Македонистите: Одвај се оттргнавме од Грците, сега под друг ли да потпаднеме? Една проста околност што горните Бугари до сега пишуваат на своето наречје без и најмалку да обрнат внимание на македонското, тоа се зема од Македонците како знак на вообразеност на горните Бугари и како стремеж да заповедаат. Но работата ни оддалеку нема такво значење, ние пишуваме на нашето наречје зашто него си го знаеме, а не заради непочитување спрема македонското. Кога ќе зајакне меѓу нас проучувањето на јазикот и ќе се осознае нуждата за заеднички книжевен јазик, ние со најголема благодарност ќе пишуваме на македонското наречје, ако тоа се види за добро и полезно, или ќе го позајмиме од него она што е неопходно за дополнување.

Во однос на стравот од бројноста на горните Бугари и од нивното порано пробудување, тоа не прилега ни да се спомнува, како што не треба да се гледа така ни на децата на еден татко. Само затоа што некои браќа се освестиле час понапред, од тоа не следува дека тие треба да бидат погорни.

Наш заклучок е дека нема причина да се делиме и не треба да се делиме, ако си го сакаме народот и неговото добро.

Белешки

[уреди]
  1. Во оригиналот пишува: на Грците од југ и на Север од Север. Тоа најверојатно е печатна грешка.


Извор

[уреди]

Лиценца

[уреди]

Оригиналниот докуемнт бил издаден 1871 година а авторот починал 1895. Според тоа тој е во јавен домен. Предлошка:PD-old

Преводот на македонски е лиценциран под GFDL. Предлошка:GFDL