Леток на Комунистичката партија на Албанија по повод бесењето на шестмината македонски партизани
Леток на Комунистичката партија на Албанија по повод бесењето на шестмината македонски партизани[1]
Народе на Тирана, шест Македонци, борци за слобода, ги бесат денес фашистичките колачи на тиранската земја. Народе на Тирана, на својата земја си ги видел обесени од фашистичките џелати твоите почитувани синови: Шукри Ишма, Амид Шијак, Ферит Џајо и Никола Тупе; на својата земја си видел како се убиени како лавови војувајќи за слободата на Татковината: Ќемал Стефа, Војо Куши, Садек Ставелци, Џорџ Мартини, Мисто Мане, Михал Дури и други; на твојата земја сега гледаш обесени, исто така од крвавите раце на фашистичките колачи, шест деца од македонски мајки, кои војуваа, исто така како твоите синови, со иста душа на самопрегор и жртви против фашистичкиот окупатор и против предавниците, а за слобода на својата Татковина. Тероризмот извршен над тие шестмина македонски херои на албанска земја, поради истата идеја - за ослободување од фашистичкото ропство, нè прават уште повеќе да бидеме солидарни, со соседните народи нè сврзуваат со заеднички пролеаната крв. Борбата на тие херои е и наша борба, тоа е народноослободителната борба на потиснатите народи против поробувачкиот фашизам и против неговите квислинзи.
Протестираме сите заедно против ова срамно злосторство, против владата Либокова - Кол Биба, против балканските квислинзи, кои се десна рака на фашизмот на Балканот и заколнати непријатели на народите, против криминалната алијанса на предавниците Либокова - Кол, Биба - Мер, Лика - Борис - Антоанеску - Павелиќ - Недиќ, против заедницата на балканските терористи со фашистичкиот окупатор.
Долу фашистичките окупатори и нивните квислинзи!
Да живее единството на потиснатите народи во борбата за слобода!
Смрт на фашизмот - Слобода на народот!
Наводи
[уреди]- ↑ "Душко Поповиќ - Ѓоко" Дејан Алексиќ. Архив на Скопје 1985 година, 345-346 стр.