Крсте Петков Мисирков/ Македонски национализам
Неколку статии од Крсте Петков Мисирков |
„Мир” XXXI, 7417, Софија, 12.3.1925, 1. |
Македонскиот национализам
Ние, македонската интелигенција, без сомнение, ја носиме најголемата одговорност за положбата во која денеска се наоѓа нашата татковина. Меѓутоа, има околности што ја намалуваат нашата вина, не оправдуваат пред нашите несреќни сонародници, особено пред оние што прокудени од своите родни огништа се принудени денеска немили и недраги да скитаат низ разните краишта на Бугарија.[1]
Цели триесет години се водеше херојска борба на Македонците за соборување на турското ропство. Едновремено со тоа во Македонија беснееја, деморализирајќи дел од населението, туѓите пропаганди. Македонската интелигенција се оддаде пред се’ на револуционерна дејност. Но имаше и такви што наоѓаа дека има и други патишта и можеби не помалку важни од револуционерната борба за успехот на македонското дело.
Мојата книшка за македонските работи, издадена во Софија во 1903 година, и мојата статија „За значењето на моравското или ресавското наречје за современата и историската етнографија на Балканскиот Полуостров”[2] покажуваат дека дел од македонската интелигенција барала и наоѓала и други средства за борба, а имено самостојната македонска научна мисла и македонската национална свест.
Јас не се каам што уште пред 28 години се објавив за македонскиот сепаратизам.[3] Последниов беше и си останува за мене единствениот излез, најдобриот пат по кој македонската интелигенција би го исполнила и ќе го исполни својот долг пред татковината и пред нашиот народ.
Во 1912 година на прашањето на моите сотатковинци - што да се прави ако нашето село остане под грчка власт, им одговорив: под каква власт и да остане селото вие ќе си останете на местото, нема никаде да се иселувате.[4]
Можеби од општобугарско гледиште јас не сум дал наполно патриотски совет, но од македонско гледиште тој совет е единствено правилен.
Кога, меѓутоа Грците изгонија насила многу Македонци во Бугарија, јас како Бугарин би требало да се радувам што бугарското племе изгуби земји, но си, го зачува населението од елинизирање.
Но јас не се радувам на тоа иселување. Исто така не можам да гледам на прашањево со очите на г. Мих. Маџаров[5], којшто вели дека подземните богатства и градските индустрии на Бугарија печалеле од пристигањето на бегалците.
Мојот македонски патриотизам и тука го победува бугарскиот патриотизам. Македонците и се нужни на Македонија; само со Македонци Македонија ќе биде на Македонците, а не без нив. Македонците или треба да си останат на родните места, па ако сака и ѓаволот да ги владее, или пак, ако им е судено да се местат, тие треба да се преместат од едниот крај на Македонија во друг крај, но пак на Македонија, а не на Бугарија, Србија или Елада. Изгонети од грчка Македонија, Македонците требаше да отидат во српска Македонија, да образуваат воени населби и да го дочекаат денот кога би можеле да се вратат на родните пепелишта.
Ќе речете: така не може да размислува еден Бугарин. Да, но така може и треба да размислува еден Македонец.
Можеби ќе бидам упрекнат за малодушност, за изневера. Ќе речат: тоа што е денеска нема да остане вечно така; и за бугарштината еден ден ќе огрее сонце.
Тоа е онаа иднина за која ние водиме и треба да водиме сметка и пред која ние сме одговорни. Но прашувам јас: правилно ли е разрешено македонското прашање со преселувањето на 300-400.000 Македонци од грчка Македонија во Бугарија наместо тие да бидат население во српска Македонија.
И од македонско и од српско, па дури и од бугарско, т.е. од општо јужнословенско гледиште најправилно, најцелесообразно и најпредвидливо би било изгонетите Македонци да бидат населени во Јужна Македонија за да образуваат една непробојна стена против азијатскиот грцизам расположен со фронт на север против Југославија и Бугарија.
Нека ми биде простено, но јас, како Македонец, на прво место ги поставувам интересите на мојата татковина и моите сонародници и само потоа интересите на Бугарија и Југославија. Јас сум Македонец, со македонска свест, и како таков си имам свое македонско гледиште врз минатото, сегашноста и иднината и на мојата татковина и на целото јужно словенство и затоа сакам и нас Македонците да не’ прашаат за сите прашања што не засегнуваат нас и нашите соседи, а не да се свршува се’ само со спогодби помеѓу Бугарија и Србија за нас, но без нас.
И нека бидат уверени сите заинтересирани дека кај Македонецот ќе се најде достатно такт, предвидливост, самопожртвување за постигањето на едно општо добрување на Балканот, доста е да биде зачетено националното и личното достоинство на Македонецот.
К. Мисирков! Македонски национализам, „Мир” XXXI, 7417, Софија, 12.3.1925, 1.
Забелешки
- ↑ Како резултат на бугарско-грчката спогодба на Молов-Кафандарис за „размена на населението”, од Егејскиот дел на Македонија беа насилно изгонети стотици илјади Македонци што беа дојдени во Бугарија и се’ уште необезбедени мрзнеа и умираа по железничките станици и по разните логори во внатрешноста на земјата.
- ↑ Статијата е објавена во сп. „Живаja старина” (1897) како прва печатена научна работа на К. Мисирков.
- ↑ И својот „национален сепаратизам” Мисирков го врзува токму со таа статија од 1897 год.
- ↑ По објавувањето на Првата балканска војна и Мисирков дојде во Јужна Македонија, па го посети и своето родно село Постол во моментот кога беше веќе окупирано од грчките војски.
- ↑ Михаил Маџаров (1854-1944) е виден бугарски конзервативен политичар, државник, дипломат, публицист и редактор на народничкиот весник „Мир“.
Поврзано
}}
Ова дело е во јавна сопственост во целиот свет бидејќи авторот е починат пред повеќе од 70 години. |