Крсте Петков Мисирков/ Македонска култура

Од Wikisource
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Неколку статии

од Крсте Петков Мисирков
„Мир“, XXX, 7155, 19.IV.1924, 1.
Нашата увереност не само во нашето национално самозачувување, туку и во триумфот на општомакедонскиот идеал за независна Македонија, како што го имам речено тоа и на друго место, се засновува не толку на слабостите на нашиот противник или на надворешната помош, колку на познавањето на квалитетите и минатото на нашиот народ.

Но ќе праша некој: има ли навистина македонска национална култура и македонска национална историја што би можеле да им бидат спротиставени на Србите и да го обосноват македонскиот идеал за независна Македонија?

За среќа, можеме да дадеме потврден одговор: да, македонска национална култура и македонска национална историја, одделни од тие на Србите и на Бугарите, има, и покрај сето тоа што и едната и другата досега не биле предмет за опстојно и непристрасно проучување: Србите и Бугарите еднострано и со голема пристрасност го одбирале од македонската култура и историја само она што го прославува нивното национално име, игнорирајќи прашања од капитална важност само затоа што тие не ги засегнуваат или им противречат на националните стремежи на одбирачите и нивните соплеменици.

Велам, за среќа, има македонска национална култура и историја, зашто тој факт го вооружува македонскиот народ со непобедливо оружје во неговата борба за човечки права и за слободен национален живот како рамноправен член во бројот на културните народи.

Првиот приговор е: ами каде ви е македонскиот литературен јазик?

Ќе одговорам: и Хрватите немаат одделен литературен јазик од Србите, но тоа не им пречи да се сметаат како одделен народ од Србите. Хрватите доброволно си го одбраа јазикот на В. Караџиќ за свој литературен јазик.

Истото нешто е и со Македонците: ние доброволно со одбравме еден заеднички литературен јазик со Бугарите уште пред ослободувањето на Бугарија, кога последнава не беше покултурна од нас и не можеше ни културно ни политички да ни наложи; со други зборови, ние си имаме литературен јазик со Бугарите коешто е наша работа и резултат на слободен избор.

Забраната од страна на Србите да го употребуваме тој наш јазик, кошто е единствената врска помеѓу нас и Бугарите, е едно од болните нарушувања на човечките права.

Во се друго, освен во јазикот, ние и Бугарите сме си оделе, па и си одиме по свои самостојни патишта. Благодарејќи на тоа нашата македонска култура и историја се толку богати со факти достојни за национална гордост, што и кога ни се забранува да се викаме, да ја изучуваме бугарската историја и ни се предлага да се срамиме од сето она што било заедничко меѓу нас и Бугарите, доста е да ја научиме нашата македонска народна култура и историја, па ќе се убедиме дека ние сме оддлен народ, со поголема разлика отколку што е разликата помеѓу Хрватите и Србите, додека пак односите на Македонците кон Србите се речиси исти како меѓу Хрватите и Србите.

За жал самостојното проучување на македонската култура и историја започнува одвај сега од самите Македонци, кои кон крајот на минатиот век почнаа да не им веруваат на белградските и софиските научници што речиси во еден глас се искажаа дека во средните векови „Словените“ биле еден дезорганизиран и без национална свест народ што бил спасен од погрчување само благодарејќи на образувањето на државата од страна на туранските Бугари, а после од српската држава на Неманиќевците.

Но слично тврдење е толку софиска килку и белградска заблуда, макар што зад едните стои авторитетот на М. Дринов, а зад другите авторитетот на Јагиќ.

Ние Македонците сметаме дека тоа е една основна заблуда, поради која криво е разбрана и од Бугарите и од Србите не само историјата на Македонија и Македонците со средните векови, туку дури и историјата на Србите и Бугарите.

Ние сме во состојба да го докажеме токму спротивното, а имено дека Македонците се најактивниот елемент од сите јужни Словени, па дури и покативни и од Бугарите туранци низ сите средни векови до покорувањето на Балканскиот Полуостров од турците и исто така како нив тие воделе најтешка, најдолготрајна борба за своето духовно и политичко ослободување во XIX и првата четвртина на XX век.

Нашите неуспеси како во средните векови така и во најново време се должат на причини што немаат ништо заедничко со националната свест и божемната невозможност за организирање на Македонците.

Збирот од вековните услиби за културно издигнување и национално самозачувување на Македонците, почнувајќи 400-500 години пред појавата на српската држава на Немањичевците и продолжувајќи и во времето на засилувањето и опаѓањето на последнава заедно со нашите епски борби за црковна и политичка слобода во XIX и првата четвртина на XX век, ја составуваат нашата македонска национална култура , нашата македонска историја.


К. Мисирков-македонец, Македонска култура, „Мир“, XXX, 7155, 19.IV.1924, 1.

Забелешки


Видете исто така


Ова дело е во јавна сопственост во целиот свет бидејќи авторот е починат пред повеќе од 70 години.