Прејди на содржината

Кои се Македонците?

Од Wikisource
Кои се Македонците?

од Генадиј Георгиев
Статијата е напишана од рускиот славист Генадиј Георгиев, и е објавена 1914 година во весник "Македонски Глас" во Санкт Петербург.


Запознавајќи се со историјата на населувањето на народите на Балканскиот Полуостров, мора да се дојде до следниов заклучок по однос потеклото на Македонците.

Тесалиско-пелопонеските, македонските, тракиските и мизиските Словени дошле воопште од североисток односно преку Карпатските планини (племето Карпи - жители на карпатите), Србо-Хрватите и Словенците – од север, откај сегашните Прусија, Лузитанија и Полска. На тој начин, првата група Балкански Словени им е сродна на источните Словени (на руските), а втората – на западните.

Со текот на времето, и особено во периодот на големата преселба на народите и на крстоносните походи се случува следното: 1) Тесалиско-пелопонеските Словени се слеале со Грците и делумично со Епирците и Латините и ја образувале ново-елинската или грчката нација; 2) Во Мизија и Тракија во различни времиња се населиле и слеале со месните Словени разни источни турско-татарски мали народи, кои ја образувале словено-бугарската нација; 3) Во областа, заземена од србо-Хрватите и Словенците, престојувале и делумно се населиле и слеале со последниве некои келтски и тевтонски племиња, т.е. внеле во словенската крв извесна доза на келтска и тевтонска крв; 4) Македонските Словени пак, опкружени, речиси, од сите страни од високи планини и од морето, останале надвор од пределите на големата преселба на народите, и единствено само Куманите ги пречекориле овие планини и заседнале во североисточниот агол на Македонија, и со текот на времето се слеале со македонските Словени, оставајќи спомен за себе во основаниот од нив град Куманово.

На тој начин, македонските Словени, според типот и јазикот, се почисто словенско племе, отколку Бугарите и Србо-Хрватите и Словенците, како што се Великорусите по однос на Малорусите и Пољаците; како што во крвта и јазикот на Малорусите и Бугарите има многу нешто турско-татарско, така и во крвта и јазикот на Пољаците, Србо-Хрватите и Словенците има многу нешто западно. Додека кај Великорусите има само безначајна примеса на финска и друга крв, кај македонските Словени има само безначајна примесана куманска и можеби трако-епирско-илирска (куцовлашка и албанска) крв, а исто така и некои посебни јазични особености. Може да се каже дека, според типот, (крвта) јазикот, дури и по карактерот, според географската положба, која го разделува северното и јужното словенство, и инородниот (германско-унгарско-романски) клин, македонските словени се јавуваат како јужни Великоруси (се разбира, не во колочински однос), Бугарите – како јужни Малоруси, а Србо-Хрватите и Словенците – како јужни Пољаци и Лужички Срби.

Според тоа, македонските Словени не се Срби и не се Бугари, туку едноставно Македонци, а се сродни и на едните и на другите, пришто се поблиски, по сродство и по јазик до Бугарите, отколку до Србите. Врз основа на тоа може да се дојде до ваков заклучок: независна и слободна од татарското и друго иго Великорусија послужи како цврста основа за постепеното обединување на, речиси, целото североисточно словено-руско племе, и нека бог даде, да послужи за иста таква основа на натамошното обединување на сето северно словенство. Независна и слободна Македонија пак единствено, може да послужи како цврста основа врз која ќе биде изградена величествената постројка на националното обединување на македонското, бугарското и српското племе, а следствено, и на сето јужно словенство, како неопходен чекор кон идното негово обединување со северното словенство...

“Кои имаат уши да чујат – нека чујат“, а Словените, движени од чувството, не на ситен шовинизам, туку на словенското братство и единство врз основа на почитувањето на индивидуалните особености на секоја одделна словенска нација, не можат а да не се придружат кон нашиот извик:

“Да живее независна и слободна Македонија!“


Г. Георгиев

Види исто

[уреди]

Моето мислење за Македонците - Александар Фјодорович Риттих

Извор

[уреди]