Книга на Исус Невин/ 1 глава
нема | Книга на Исус Невин 1 глава од н.п. |
2 глава |
1 По смртта на Господовиот слуга, Мојсеј, Господ му рече на Исуса, синот Навинов, на Мојсеевиот помошник:
2 „Мојот слуга Мојсеј почина; затоа сега стани, помини преку тој Јордан, ти и сиот тој народ, во земјата што им ја давам на Израелевите синови.
3 Секое место на кое ќе стапне вашата нога ви го давам, како што му ветив на Мојсеја.
4 Од пустината и од Ливан па до Големата Река, реката Еуфрат, целата земја на Хетејците, и сè до Големото Море на сончевиот запад - сè тоа ќе биде ваше подрачје.
5 Никој не ќе одолее пред тебе во сите дни на твојот живот; јас ќе бидам со тебе како што бев со Мојсеја, и никогаш нема да те напуштам ниту ќе те оставам.
6 Биди одлучен и храбар, зашто ти ќе го воведеш овој народ за да ја прими во наследство земјата за која им се заколнав на нивните татковци дека ќе им ја дадам.
7 Само биди одлучен и храбар за да направиш сè верно според наредбите што ти ги даде Мојсеј, Мојот слуга. Не свртувај од тоа ни десно ни лево, за да ти биде среќно сè што ќе преземеш.
8 Книжниот свиток на Законот нека биде на твојата уста: размислувај за него дење и ноќе, за да пазиш верно сè што е напишано во него: само тогаш ќе бидеш среќен и ќе успееш во потфатите. Нели ти заповедав:
9 биди силен и биди храбар? „Не бој се и не плаши се, зашто каде и да тргнеш, со тебе е Господ, твојот Бог.”
10 Тогаш Исус им заповеда на народните главатари:
11 ”Поминете низ логорот и разгласете му ја на народот оваа заповед: ‘Пригответе си храна, зашто по три дни ќе преминете преку Јордан, за да ја примите во сопственост земјата, која Господ, вашиот Бог, ви ја дава во наследство.’”
12 Потоа Исус им рече на племето Рувимово и Гадово и на половина Манасиево племе:
13 ”Сетете се за она што ви нареди Мојсеј, Господовиот слуга, кога ви рече: ‘Господ, вашиот Бог, сака да се одморите, и ви ја дава оваа земја.’
14 Вашите жени, деца и стада можат да останат во земјата, која ви ја даде Мојсеј од онаа страна на Јордан. Вие пак воините, спремни за бој, треба да тргнете вооружени пред своите браќа за да им помогнете,
15 сè додека Господ не им даде починка и на вашите браќа, како и вам, и додека не ја освојат земјата, што им ја дава Господ, вашиот Бог. Тогаш ќе можете да се вратите во земјата што ви припаѓа и што ви ја даде Господовиот слуга Мојсеј, на другата страна на Јордан, кон изгрејсонцето.”
16 Тие му одговорија на Исуса: „Сè што ќе ни заповедаш, ќе направиме, и каде и да нè пратиш, ќе тргнеме.
17 Како што го слушавме Мојсеја, така ќе ти се покоруваме и тебе. Само Господ, твојот Бог, нека биде со тебе, како што беше со Мојсеја!
18 Секој кој ќе им се спротиви на твоите заповеди и не ги послуша твоите зборови во сè што ќе му наредиш, нека биде погубен. Само ти биди решителен и храбар!”
Поврзано
[уреди]Надворешни врски
[уреди]
Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.
Public domainPublic domainfalsefalse