Закон за претседател на Република Македонија
Закон за претседател на Република Македонија од Влада на Република Македонија |
закон на Република Македонија |
Правни норми со кои се регулира положбата, изборот и надлежностите на претседателот на Република Македонија
[уреди]Одредбите кои се однесуваат на претседателот на Република Македонија се сместени во Уставот на Република Македонија (III дел - глава 2 и во други делови и глави) како и во определени закони како:
- Закон за одбрана - )30 мај 2001),
- Закон за склучување, ратификација и извршување на меѓународни договори - (22 јануари 1998),
- Закон за помилување - (25 март 1993),
- Законот за одликувања и признанија на Република Македонија - 27 јуни 2002 година
- Законот за Агенцијата за разузнавање - 29 март 1995 година
- Законот за Народната банка на Република Македонија - 15 јануари 2002 година
- Закон за избор на претседател на Република Македонија - 12 април 1994 година
- Закон за изменување и дополнување на законот за избор на претседател на Република Македонија - 21 јули 1999 година
- Закон за изменување и дополнување на законот за избор на претседател на Република Македонија - 8 март 2004 година
- Закон за правата на претседателот на Република Македонија и неговото семејство по престанување на функцијата - 2 јули 2004 година
Надлежностите на претседателот според Уставот на Република Македонија
[уреди]III. Организација на државната власт
2. Претседател на Република Македонија
Член 79
Претседателот на Република Македонија ја претставува Републиката. Претседателот на Републиката е врховен командант на вооружените сили на Македонија. Претседателот на Републиката своите права и должности ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.
Член 80
Претседателот на Републиката се избира на општи и непосредни избори, со тајно гласање, за време од пет години. За претседател на Републиката исто лице може да биде избрано најмногу два пати. Претседателот на Републиката мора да биде државјанин на Република Македонија. За претседател на Републиката може да биде избрано лице кое на денот на изборите наполнило најмалку 40 години живот. За претседател на Републиката не може да биде избрано лице кое до денот на изборите не било жител на Република Македонија најмалку десет години во последните 15 години.
Член 81
Кандидат за претседател на Републиката можат да предложат најмалку 10.000 избирачи или најмалку 30 пратеници. За претседател на Републиката е избран кандидатот кој добил мнозинство гласови од вкупниот број избирачи. Ако во првиот круг ниту еден кандидат за претседател не го добил потребното мнозинство гласови, во вториот круг се гласа за двајцата кандидати кои во првиот круг добиле најмногу гласови. Вториот круг на гласање се одржува во рок од 14 дена од завршувањето на првиот круг на гласањето. За претседател е избран кандидатот кој добил мнозинство гласови од избирачите кои гласале, доколку гласале повеќе од половината избирачи. Доколку и во вториот круг на гласање ниту еден од кандидатите не го добил потребното мнозинство гласови, се повторува целата изборна постапка. Ако за претседател на Републиката е предложен еден кандидат, а во првиот круг на гласање не го добил потребното мнозинство гласови, се повторува целата изборна постапка. Изборот за претседател на Републиката се врши во последните 60 дена од мандатот на претходниот претседател. Во случај на престанок на мандатот на претседателот на Републиката од кои и да е причини, изборот за нов претседател се врши во рок од 40 дена од денот на престанокот на мандатот. Пред преземањето на должноста претседателот на Републиката дава свечена изјава пред Собранието со која се обврзува на почитување на Уставот и законите.
Член 82
Во случај на смрт, оставка, трајна спреченост да ја врши функцијата или престанок на мандатот по сила на Уставот, до изборот на нов претседател на Републиката, функцијата претседател на Републиката ја врши претседателот на Собранието. Настапувањето на условите за престанок на функцијата претседател на Републиката го утврдува Уставниот суд на Република Македонија по службена должност. Во случај на спреченост да ја врши функцијата, претседателот на Републиката го заменува претседателот на Собранието. Кога претседателот на Собранието ја врши функцијата претседател на Републиката, тој учествува во работата на Собранието без право на одлучување.
Член 83
Должноста претседател на Републиката е неспојлива со вршење на друга јавна функција, професија или функција во политичка партија. Претседателот на Републиката ужива имунитет. За одземање на имунитетот на претседателот на Републиката одлучува Уставниот суд на Република Македонија со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број судии.
Член 84
Претседателот на Република Македонија:
- го определува мандаторот за состав на Владата на Република Македонија;
- ги поставува и ги отповикува со указ амбасадорите и пратениците на Република Македонија во странство;
- ги прима акредитивните и отповиковните писма на странските дипломатски претставници;
- предлага двајца судии на Уставниот суд на Република Македонија;
- предлага двајца членови на Републичкиот судски совет;
- именува тројца членови на Советот за безбедност на Република Македонија;
- именува и разрешува и други носители на државни и јавни функции утврдени со Уставот и со закон;
- доделува одликувања и признанија во согласност со закон;
- дава помилувања во согласност со закон и
- врши други функции утврдени со Уставот.
Член 85
Претседателот на Републиката го известува Собранието за прашања од неговата надлежност најмалку еднаш годишно. Собранието може да побара од претседателот на Републиката мислење за прашања од неговата надлежност.
Член 86*
Претседателот на Републиката е претседател на Советот за безбедност на Република Македонија. Советот за безбедност на Републиката го сочинуваат: претседателот на Републиката, претседателот на Собранието, претседателот на Владата, министрите кои раководат со органите на државната управа во областите на безбедноста, одбраната и надворешните работи и тројца членови кои ги именува претседателот на Републиката. Советот ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и Владата.
- ) Ставот 2 на чл.86 е дополнет со точка 1 на Амандманот XIII
АМАНДМАН XIII
1. При именувањето на тројцата членови, претседателот ќе обезбеди составот на Советот, како целина, соодветно да го одразува составот на населението во Република Македонија.
Член 87
Претседателот на Републиката е одговорен за кршење на Уставот и законите во вршењето на своите права и должности. Постапка за утврдување на одговорност на претседателот на Републиката покренува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. За одговорноста на претседателот одлучува Уставниот суд со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број судии. Ако Уставниот суд утврди одговорност на претседателот на Републиката, функцијата му престанува по сила на Уставот.
- Норми содржани во други глави и делови од Уставот
Член 75
Законите се прогласуваат со указ.
Указот за прогласување на законите го потпишуваат претседателот на Републиката и претседателот на Собранието.
Претседателот на Републиката може да одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот. Собранието повторно го разгледува законот и доколку го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот на Републиката е должен да го потпише указот.
Претседателот е должен да го потпише указот, доколку според Уставот, законот се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Член 90 став 1
Претседателот на Република Македонија е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието.
Член 110 алинеја 6
Уставниот суд одлучува за одговорноста на претседателот на Републиката.
Член 119
Меѓународните договори во името на Република Македонија ги склучува претседателот на Република Македонија. Меѓународни договори може да склучува и Владата на Република Македонија кога е тоа определено со закон.
Член 120 став 1
Предлог за стапување во сојуз или заедница со други држави или истапување од сојуз или заедница со други држави можат да поднесат претседателот на Републиката, Владата или најмалку 40 пратеници.
Член 124
Воена состојба настапува кога претстои непосредна воена опасност од напад врз Републиката или кога Републиката е нападната или и е објавена војна.
Воена состојба прогласува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници по предлог од претседателот на Републиката, Владата или најмалку 30 пратеници.
Ако Собранието не може да се состане, одлука за прогласување на воена состојба донесува претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане.
Член 125
Вонредна состојба настанува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии.
Постоењето на вонредна состојба на територијата на Република Македонија или нејзин дел го утврдува Собранието по предлог на претседателот на Републиката, Владата или најмалку 30 пратеници.
Одлуката со која се утврдува постоењето на вонредна состојба се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и има важност најмногу 30 дена.
Ако Собранието не може да се состане, одлука за постоење на вонредна состојба донесува претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане.
Член 127
За време на воена состојба, ако Собранието не може да се состане, претседателот на Републиката може да ја именува и разрешува Владата и да именува и разрешува функционери чиј избор е во надлежност на Собранието.
Член 128
Мандатот на претседателот на Републиката, Владата, судиите на Уставниот суд и на членовите на Републичкиот судски совет се продолжува за време на траењето на воената или вонредната состојба.
Член 130
Предлог за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија може да поднесат претседателот на Републиката, Владата, најмалку 30 пратеници или 150.000 граѓани.
Надлежностите на претседателот според Законот за одбрана - 30 мај 2001 година
[уреди]Член 16
Раководењето со одбраната се остварува во согласност со Уставот на Република Македонија и закон.
Раководењето со одбраната го остваруваат Собранието на Република Македонија, претседателот на Републиката и министерот кој раководи со Министерството за одбрана.
Член 18
Во остварувањето на одбраната, претседателот на Република Македонија и врховен командант на Армијата:
- донесува стратегија за одбрана на Републиката;
- донесува план за одбрана на Републиката
- ги пропишува мерките на приправност и наредува нивно спроведување;
- пропишува организација и формација на Армијата;
- донесува документи за употреба на Армијата на наредува нејзина употреба;
- дава согласност на документите за развој на Армијата
- ги определува мерките за зголемување на борбената готовност на Армијата и наредува нивно спроведување;
- наредува мобилизација на Армијата;
- го пропишува командувањето во Армијата;
- донесува прописи што се однесуваат на борбената готовност, вооружената борба и мобилизацијата на Армијата;
- поставува старешини на формациски места, генерали и унапредува и разрешува генерали и
- поставува и отповикува воени претставници на Републиката во странство.
Во остварувањето на функциите од областа на одбраната, претседателот на Републиката и врховен командант на Армијата донесува подзаконски акти.
Член 28 став 1
Претседателот на Републиката е врховен командант на Армијата.
Надлежностите на претседателот според Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународни договори - 22 јануари 1998 година
[уреди]Член 3
Меѓународните договори во име на Република Македонија ги склучува претседателот на Републиката.
Меѓународните договори во име на Република Македонија може да склучува и Владата на Република Македонија со кои се уредуваат прашања од областа на економијата, финансиите, науката, културата, образованието и спортот, сообраќајот и врските, урбанизмот, градежништвото и заштитата на животната средина, земјоделството, шумарството, водостопанството, здравството, енерегетиката, правдата, трудот и социјалната политика, човековите права, дипломатско-конзуларните односи, како и од областа на одбраната и безбедноста на државата, освен за прашања во врска со границата на Република Македонија, стапување во сојузи или заедници со други држави или за истапување од такви сојузи И заедници И други меѓународни договори кои, според меѓународното право, ги склучуваат шефови на држави.
Член 4
За водење на преговори и склучување на меѓународни договори одлучува претседателот на Република Македонија.
За водење на преговори и склучување на меѓународни договори за кои, согласно член 3 став 2 на овој закон е надлежна и Владата, одлучува Владата на Република Македонија.
Член 5
Претседателот на Република Македонија поведува постапка за водење на преговори за склучување на меѓународни договори по одлука донесена по пат на референдум, по сопствена иницијатива, по акт на Собранието на Република Македонија и по предлог на Владата на Република Македонија.
Владата поведува постапка за водење на преговори и за склучување на меѓународен договор по сопствена иницијатива, по писмено барање на претседателот на Републиката, по акт на Собранието на Република Македонија и по предлог на органот на државната управа, во чија надлежност се прашањата кои треба да се уредат со меѓународен договор.
Член 14
Делегацијата на Република Македонија, по завршените преговори во рок од 30 дена на претседателот на Република Македонија, односно на Владата поднесува писмен извештај за извршените со усогласниот, односно парафираниот текст на меѓународниот договор.
Член 15
Претседателот на Републиката може да овласти друго лице кое во негово име ќе потпиеше меѓународен договор.
По прифаќањето на извештајот од член 14 на овој закон и на усогласениот, односно парафираниот текст на меѓународниот договор, Владата ќе определи лице кое во нејзино име ќе го потпише меѓународниот договор.
Член 16
Полномошно за водење на преговори и за потпишување на меѓународен договор, издава претседателот на Републиката, претседателот на Владата или министерот за надворешни работи.
Член 19
Претседателот на Републиката, односно органот на државната управа во чија надлежност се прашањата што се уредуваат со склучениот меѓународен договор, оригиналниот текст на потпишаниот договор со предлог за поведување на постапка за ратификација и обрзложение во врска со тоа го доставуваат до Министерството за надворешни работи, најдоцна во рок од 30 дена од потпиешувањето на договорот.
Член 23
За извршување на меѓународните договори на Република Македонија се грижи Владата на Република Македонија и претседателот на Републиката.
Надлежностите на претседателот според Законот за помилување - 25 март 1993 година
[уреди]Член 1
Претседателот на Република Македонија дава помилување на поименично определени лица за кривични дела предвидени со закони на Република Македонија, согласно со одредбите на Кривичниот закон и одредбите на овој закон.
Член 11
Претседателот на Републиката по исклучок, може да дава помилување и без спроведување на постапка за помилување пропишана со овој закон кога е тоа од интерес на Републиката или кога посебни околности што се однесуваат на личноста и на кривичното дело укажуваат дека тоа е оправдано.
Надлежностите на претседателот според Законот за одликувања и признанија на Република Македонија - 27 јуни 2002 година
[уреди]Член 3
Одликувањата и признанијата на Република Македонија ги доделува и врачува лично претседателот на Република Македонија.
По исклучок, претседателот на Република Македонија може да определи и друго лице кое ќе го врачи одликувањето или признанието.
Член 4
Одликувањата и признанијата на претседателот на Република Македнија му ги доделува Собранието на Република Македонија.
Член 18
Одликувањата се доделуваат со указ на претседателот на Република Македонија, а пак признанието се доделува со одлука на претседателот на Република Македонија.
Одликувањата п признанијата што се доделуваат на претседателот на Република Македонија се доделуваат со одлука на Собранието на Република Македонија
Указите и одлуките за доделување и за одземање на одликувањата се објавуваат во “Службен весник на Република Македонија”.
Член 19
Претседателот на Република Македонија доделува одликувања и признание по своја сопствена иницијатива или по иницијатива на Собранието на Република Македонија, Владата на Република Македонија, државни органи и организации, здруженија на граѓани, граѓани на Република, правно лице, единица на локалната самоуправа, културно-уметнички и спортски друштва.
Иницијативите се доставуваат до претседателот на Република Македонија.
Иницијативата би требало да ги содржи потребните податоци заради постапување по истата, а особено: име и презиме на кандидатот за одликување, назив на органот, како и образложение за неговите особени заслуги.
Надлежностите на претседателот според Законот за Агенцијата за разузнавање - 29 март 1995 година
[уреди]Член 3
Со агенцијата раководи директор кој го именува и разрешува претседателот на Република Македонија.
Директорот се именува за време од четири години.
Надлежностите на претседателот според Законот за Народната банка на Република Македонија - 15 јануари 2002 година
[уреди]Член 60 став 1
Членовите на Советот на Народната банка, освен вицегувернерите, ги именува Собранието на Република Македонија, на предлог на претседателот на Република Македонија, за период од седум години.
Член 70 став 1
Гувернерот на Народната банка го именува и разрешува Собранието на Република Македонија, по предлог на претседателот на Република Македонија, за период од седум години, со право на уште еден последователен избор.
Надлежностите на претседателот
[уреди]- Закон за избор на претседател на Република Македонија - 12 април 1994 година
- Закон за изменување и дополнување на законот за избор на претседател на Република Македонија - 21 јули 1999 година
- Закон за изменување и дополнување на законот за избор на претседател на Република Македонија - 8 март 2004 година
- Закон за правата на претседателот на Рsепублика Македонија и неговото семејство по престанување на функцијата - 2 јули 2004 година