Прејди на содржината

Житие на Методија (Панонски легенди)

Од Wikisource
„ПАНОНСКИ ЛЕГЕНДИ“


Шести ден од месец април
Спомен и житие на блажениот
отец наш и учител Методиј,
архиепископ моравски, Господи,
благослови отче


1.

Благиот и семоќен Бог, Кој создал од небитие во битие сè што е видливо и невидливо, и го украсил со секаква убавина, па оној што размислува по малку може делумно да разбере и да Го познае Оној што создал такви чудесни и многубројни дела, бидејќи според големината и убавината на созданијата преку размислување, се познава нивниот Творец (сп. Мудр. Сол. 13,5), што Го воспеваат ангелите со трисвети гласови и сите правоверни Го славиме во Света Троица, односно во Отца и Сина и Светиот Дух, кој е во три ипостаси, што може да се рече и три лица, но во едно божество. Зашто пред секој час и време и година, над секој ум, несфатливо и за бестелесните сили, Самиот Отец Го родил Синот, како што вели Премудроста: „Ме роди пред сите ридови“ (Изреки 8,25). И самото Божјо Слово, Кое во последните години се овоплоти заради нашето спасение, со својата пречиста уста, во Евангелието вели: „Јас сум во Отецот и Отецот е во Мене“ (Јн 14,11). Од истиот Отец исходи (произлегува) и Светиот Дух, како што рече самиот Син со својот Божји глас: „Духот на вистината Кој излегува од Отецот“ (Јован 15,26). Тој Бог ја создаде сета твар, како што вели Давид: „Преку словото на Господа се утврдија небесата и преку Духот на Неговата уста - сите нивни сили, зашто Он рече и тие настанаа, Он заповеда и се создадоа“ (Пс 32,6,9).

...