Прејди на содржината

Езра/ 4 глава

Од Wikisource

3 глава Езра
4 глава
од н.п.
5 глава
Текстот е базиран на македонскиот превод на Библијата од 1999 година.

  1 А кога Јудините и Венијаминовите непријатели чуја дека повратниците од пленство Му градат Светилиште на Господа, Израелевиот Бог,
  2 ги побараа Зоровавела, Исуса и семејните главатари и им рекоа: „Ние сакаме да градиме со вас, зашто, како и вие, Го бараме вашиот Бог и Нему Му принесуваме жртви од времето на Есар Адон, асириски цар, кој нè доведе тука.”
  3 Зоровавел, Исус и главатарите на израелските семејства им одговорија: „Не е за вас да Му градите со нас Дом на нашиот Бог: Ние сами ќе Му градиме на Господа, Израелевиот Бог, како што ни нареди Кир, персискиот цар.”
  4 Тогаш народот на онаа земја ги плашеше луѓето на Јудеја и им пречеше во градењето.
  5 Ги поткупија советниците да им пречат во замислата: така беше во времето на персискиот цар Кир сè до царувањето на персискиот цар Дариј.
  6 А кога се зацари Ахашверош, во почетокот на неговото царување, напишаа обвинение против жителите на Јудеја и Ерусалим.
  7 И во времето на Артаксеркс, му пишуваа Вислам, Митредат, Тавеил и другите нивни другари на персискиот цар Артаксеркс против Ерусалим. Поднесокот беше напишан на арамејско писмо и на арамејски јазик.
  8 Потоа управителот Реум и тајникот Симсај му напишаа на царот Артаксеркс вакво писмо против Ерусалим:
  9 „Управителот Реум, писарот Симсај и другите нивни другари: персиски судии, пратеници, чиновници; Архевци, Вавилонци, Сузанци - то ест Еламци -
10 и другите народи, кои великиот и славен Асурбанипал ги беше одвел во заточение и ги населил во градовите на Самарија и во другите краишта оттаде Реката.”
11 Еве го преписот на писмото што му го испратија: „Цару Артаксерксу, твоите слуги, од онаа страна на Реката. И така, сега,
12 царот нека знае дека Јудејците стигнаа кај нас од тебе; откако дојдоа во Ерусалим имаат желба повторно да го изградат одметничкиот и опак град; подигаат ѕидови, а основите веќе ги поставија.
13 Царот нека знае: ако биде изграден овој град и ѕидовите подигнати, не ќе се плака веќе данок, ни порез, ни царина, и овој град ќе и биде на штета на царската благајна.
14 Бидејќи јадеме дворска сол, не ни прилега да го гледаме овој срам нанесен на царот. И така, затоа го известуваме царот:
15 нека бидат преземени истражувања во летописите на твоите татковци: во тие летописи ќе најдеш и ќе утврдиш дека овој град е одметнички град, несреќен за царевите и покраините и дека во него беа кревани буни од памтивека. Затоа беше разурнат овој град.
16 Го известуваме царот дека нема да биде твое подрачјето преку Реката, ако овој град биде повторно изграден и ѕидовите подигнати!”
17 Царот го испрати овој одговор: „До управителот Реум, до тајникот Симсај и до другите нивни другари, кои престојуваат во Самарија и на друго место, оттаде Реката - мир! Еве,
18 поднесокот што ми го испративте беше прочитан пред мене во неговиот превод.
19 По моја наредба беа преземени истражувања и утврдија дека тој град се кревал од памтивека против царевите и дека во него се збиднуваа востанија и буни.
20 И силни цареви царуваа во Ерусалим, кои господареа со сè од онаа страна на Реката: ним им беа плаќани данокот, порезот и царината.
21 И така, заповедајте да биде прекратен потфатот на оние луѓе: тој град не ќе се ѕида додека не одлучам јас за тоа.
22 Пазете се од секаков пропуст во постапката, за да не порасте злото за штета на царевите.”
23 Откако преписот на одговорот на царот Артаксеркс беше прочитан пред управителот Реум, писарот Симсај и пред нивните другари, тие отидоа брзо во Ерусалим кај Јудејците та им ги забранија со вооружена сила работите.
24 Така беа прекратени работите околу градењето на Божјиот Дом во Ерусалим. Беа прекратени сè до втората година на царувањето на Дариј, персискиот цар.

Поврзано

Надворешни врски


Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.


It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.

Public domainPublic domainfalsefalse