Гане Тодоровски/ Дојди в Охрид

Од Wikisource
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Дојди в Охрид

од Гане Тодоровски


Во мугрите кога ги растури исток
по небото темно златестите зракој;
штом сонцето тргна проблеснато, чисто,
по пресните следи на нокта и мракот;
езерните далги во утринен блесок
го гушкаат мило крајбрежниот песок,
- тогаш дојди в Охрид!

Кипарисот висок, дабјето крај патот
со ветрот кога ќе запеат песна,
во полето кога се лулее злато,
Дрим разлутен бега под врбите ресни.
Галичица кога ред приказни реди
и мирот со шепот и трепет го следи,
- тогаш дојди в Охрид!

Темнината кога пласт кадифен фрли
и избега денот зад врските снежни;
штом зативне ѕвонот од блиските трла,
врз небото темно ѕвездената мрежа
се дипли, а светот в сон потонал длабок,
сал негде е слушно шумолење слабо,
- тогаш дојди в Охрид!

Во тихата вечер притаена, мирна,
штом месецот тргне по сводот да шета,
и некаде, таму в недоглед ширен,
сакана ѕвезда тој среќен ја срети;
во облесок чуден езерото сјае,
а околу светот се занемел, трае,
- тогаш дојди в Охрид!