Прејди на содржината

Чудата на Свети Димитрија Солунски

Од Wikisource

„Чудата на Свети Димитрија Солунски“ (Miracula Sancti Demetrii) спаѓаат во редот на најзначајните хагиографски трудови од рановизантиската литература. Тие се состојат од три збирки. Првата збирка која ги опфаќа „Чудата“, што се однесуваат на периодот од крајот на 6 век до 20-тите години на 7 век, ја составил солунскиот архиепископ Јован, современик на овој период. Втората збирка ги опфаќа „Чудата“ што се однесуваат на времето од 20-тите години на 7-ми век, па се до крајот на тој век. Авторот на оваа збирка е анонимен. Третата збирка од „Чудата“, составена најверојатно во 10-ти век, не содржи значајни податоци за периодот на словенската колонизација на Македонија.[1]

Прва книга

[уреди]

Словенска војска го напаѓа Солун (584 година)

[уреди]

На 26 октомври, по обичај, целата земја го празнуваше денот на победоносецот, маченикот Димитрија, којшто си го сакаше својот град...Никаде не се слушаше варварски глас. Меѓутоа, на вториот ден од прославата по решение на победоносецот (ме тера така да зборувам исходот на настанот), на полноќ изненадно се запали светиот негов сребрен кивориј. Кога ова за кратко време се расчу низ целиот град, сите најмлади граѓани...се собраа во пресветиот храм...и ја спречија опасноста од пожар...Масите потоа не се разотидоа...

Еден човек, заслужува да се спомене, којшто служеше во славната војска на дакиската скринија на префектурата Илирик...започна да вика:
„Граѓани, варвари се појавија ненадејно околу ѕидот. Сите излезете со оружје за својата татковина“...Целиот народ, откако го слушна неочекуваниот повик, се втурна по куќите и вооружувајќи се, се искачи на ѕидот.

Тој потоа виде во полето кај светиот храм на христоносната маченица Матрона, не многу голема варварска војска (зашто ние ги изброивме накај пет илјади) но многу јака, бидејќи беше составена од избрани и искусни борци. Зашто тие во таков број не би нападнале така ненадејно на еден толку голем град кога не би ги надминувале по својата сила и дрскост оние со кои дотогаш понекогаш војувале...

И се до доцна во ноќта тие се бореа меѓу себе и луѓето на победоносецот се излагаа на поголем ризик при настапувањето и повелкувањето, зашто, како што е речено, за противник го имаа одбраниот цвет на целиот словенски народ. Најпосле, кога се појави помошта од самиот победоносец, варварите уште истиот ден беа прогонети и отстапија, во масовни групи, од оние места во кои беа навлегле.
Miracolorum s. Demetrii martyris liber 1. Ed. C. Byeus. Patrologiae cursus completus. Series Graeca, t.116. Paris 1891, col. 1277.

Аварско - Словенска војска го напаѓа Солун и ја пустоши и ограбува Македонија (586 година)

[уреди]

Најпосле време е да го засегнеме и најглавното од чудата на пресветиот маченик и љубител на градот. Би сакал да споменам за најголемото (чудо) кое што најмногу сјае од дотогашните војни што се воделе за Солун и кое чудо не спаси неочекувано од онаа опасна и неизбежна опсада, а може да се каже дека скоро и не воскресна од мртвите...

Велат дека тогашниот водач на Аваритерешил да испрати пратеници за некаква работа кај блаженопаметниот Маврикиј, кој во тоа време ја држел ромејската власт. Меѓутоа, бидејќи барањето му било одбиено, него го обзел неиздржлив гнев, а бидејќи не бил во состојба ништо да му направи на оној што откажал да му ја исполни желбата, тој измислил средство со кое сметалл дека најмногу нему ќе му напакости...

Тој го повикал кај себе од Склавиниите сето верно ѕверско племе, зашто целиот овој народ го имал под своја власт и додавајќи кон нив и некои други варвари, им наредил на сите да заминат во поход против од бога заштитениот Солун.

Мили мои, тоа беше најголемата војска што сме ја виделе во наши времиња. Според едни таа изнесувала повеќе од сто илјади тешко вооружени мажи, според други помал број, а според трети многу повеќе. Беше тешко да се одреди вистината поради нивниот број и затоа беа различни мислењата на набљудувачите. Како да гледавме нова војска. Ксерксова или војска од Етиопјани и Либијци, коишто порано војувале против Јудеите. Слушнавме дека пресушиле реките и изворите кај кои заседнале и дека сета земја низ која поминувале ја претвориле, како што вели пророкот, во опустошено поле.

И така огромно множество добило наредба да го измине патот со таква брзина што ние не дознавме за нивното пристигнување се до пред еден ден; затоа што за нивното доаѓање стана познато во неделата, на 22 септември. И додека граѓаните се сомневаа дали тие ќе можат да пристигнат во овие краишта дури по четири или пет дена, а поради тоа што беа понемарни за заштита на градот, тие пристигнаа безгласно пред градските ѕидишта уште во понеделникот утрината. И веднаш се појави првата закрилна сенка на сеславниот маченик Димитрија - во таа ноќ, тој ги заслепи и задржа доста часови околу тврдината на победоносната маченица Матрона, за да мислат дека тоа е градот. Но, откако најпосле пукна зората и дознаа дека градот е во близина, се нафрлија на него еднодушни како лав кој граби и рика. Потоа на ѕидот ги исправија скалите што, направени беа ги донеле, зашто некои од нивните војници беа непромислено решиле да се искачат на ѕидот. Имено, токму тогаш се случи прочуеното и големо чудо на светиот Победоносец...

И токму тогаш појасно се забележа безбројната маса. Имено, тие го опсадија градот како смртоносен венец од крајот на источниот ѕид до морето, па се до крајот на западната страна на ѕидот кај морето, така што не се гледаше никакво место на земјата коешто варварот не го газеше. Наместо земја, дрвја или трева сега можеа да се видат главите на непријателите што беа еден до друг дури и притиснати и така не заплашуваа со неизбежна смрт во утрешниот ден. И ни беше чудно дека во овој ден тие не само пто го опсадија ѕидот, како песокот морето, туку голем број од нив ги зазедоа утврдувањата околу градот и преградијата, грабајќи притоа и истребувајќи и газејќи со нозете се што останало. Тогаш не им беше потребно да направат околу градот оклоп или насип, зашто ним оклоп им беше непосредното сплетување на штитовите допрени еден до друг, а пак насип маса од живи тела сплетена како мрежа...
Во градот тогаш неискажан страв предизвика и тоа што за шрв пат е видена варварска фаланга, зашто никогаш пред тоа не беа видени непријателите така одблизу да опсадуваат (и повеќето граѓани не го познаваа) дури нивниот лик, освен оние што беа вклучени во војничките списоци. Тогаш, всушност, храброста стана еднаква и за похрабрите и поплашливите. Меѓу нив не постоеше разлика, зашто изгубија надеж за спас, им течеа солзи на сите како река и страшна потиштеност беше ги потемнела и изменила сите...
Сите мислеа дека спасувањето на градот е нешто неостварливо, зашто тогаш кај луѓето беше изгубена секаква надеж за него. Прво, бидејќи (тогаш, до месец јули) страшната чума го држеше и по божја човекољубивост (беше добил околу 50 дена) некаков одмор. Наеднаш, како што е речено, на 22 септември ги обзеде божјиот гнев оние варвари што ги затекоа малубројните жители на градот, а кои беа увилени од жал за неодамна погребените. Второ, оние пак што го опсадуваа (градот) беа по број рамни на песокот. Зашто ако некој би си ги претставил на куп не само во Солун собраните Македонци, туку и Тесалијците и Ахајците, тогаш не би се добил дури и минималниот дел од оние што однадвор го опсадуваа градот. Трето, пак, што од се друго најмногу ја зголеми нашата беспомошност, беше тоа што во градот тогаш се наоѓаше само еден минимален дел неспособни граѓани и војската, кои останаа болежливи (од чумата), додека пак повеќето, бидејќи беше време на гројеберење, беа отсечени надвор по нивјето и не можеа да влезат во градот. Непријателите пак наеднаш и неочекувано одблизу го опсадија ѕидот...

И така, бидејќи остана градот со малку луѓе од разни причини, безизлезната положба одземаше секаква надеж за спас...

И понатаму еве што се случи. Тогаш, истиот ден, откако излеговме надвор, тие се погрижија околу собирањето на храна, заробеници, материјални богатства и премногу жито, заграбувајќи и други храни. И се што роди земјата и што остана како резерва од претходните години, се наоѓаше надвор и одвај и стигна за оној ден. Потоа ги собраа плодовите од дрвјата, гранките и корењата нивни, како и сиот зеленчук и потоа и кревката трева, дивите растенија, т.н. зелени трње, најпосле излижувајќи го и правот на земјата. Но и натаму останаа гладни, а земјата пак не можеше да ја издржи нивната тежина. Истата таа вечер кога пристигнаа, собраа дрва и запалија околу градот огнови...

Целата ноќ потем, ние слушавме наоколу врева. Утредента тие ги монтираа хелеполите, железните овнови, огромните каменофрлачки и т.н. желки, кои како и каменофрлачките, ги беа покриле со суви кожи. Но, подоцна им текнало и заковале на овие направи крвави кожи од што туку заклани волови и камили за да не настрадаат тие од оган или од вжарена смола. И така тие ги донесоа близу до ѕидот и од третиот ден натаму фрлаа камења кои пос војата големина прилегаа на карпи. Понатаму и нивните стрелци со стрелитеоставаа впечаток на зимен снег, така што никој од оние на ѕидот не можеше да се наведне и нешто да ѕирне однадвор без опасност. Откако ги прилепија и желките до надворешниот ѕид, тие со лостови и секири ги поткопуваа силно неговите темели...
Тогаш кога сите беа душевно и телесно умртвени од бедите што ги гледаа, како и од очекуваните поголеми несреќи, ненадејно на третио ден на опсадата, а и натаму, им се крена духот така што почнаа да се смеат и да бијат шега со непријателите. Исто така со поканување и (ветување) мнозина од нив успеаја да ги разубедат да преминат кон градот, така што општествените бањи, кои повеќе не се употребуваа, беа преполни од оние што преминуваа од варварското множжество, а што предизвика голема радост и смелост кај граѓаните...

...Како што рековме, овие непријатели во првиот и вториот ден од опсадата ги собра храните и приготвија против градот многу страшни и најразлични опсадни направи. Третиот ден, па се до седмиот (бидејќи прославениот маченик понатаму не им дозволи да го држат под опсада градот), тие довлекоа до ѕидовите се: хелеполи, овнови, каменофрлачки и со плот обвиени желки што се влечкаат по земјата. Најпрвин тие насочени против т.н. Касандриска порта. Меѓутоа, откако увидоа дека на неа бранителите на градот беа закачиле некаква си куса железна кукалка, слична на плашило за деца, ги фати страв пред ваквата направа, т.е. сакам да истакнам за овенот, така што, без да сторат нешто, се повлекоа кон своите шатори, запалувајќи го притоа и него, како и се што беше слично на него...
...Впрочем нека пресуди справедливиот слушател дали можеа тие што беа излегле на предното утврдување само со копје и лак да им наштетат на оние што се наоѓаат под желките и го поткопуваа со лостови? Од каде и која е причината за нивниот пропуст? Секако оној што им вдахна смелост на Македонците. Во случајот, со божјето решение непријателот беше лишен од помош...

...Од рано утро до седум часот, непријателите секој ден гаѓаа со оние огромни камења, но скоро никој од нив не падна на ѕидот, туку паѓаа или надвор или пак внатре од ѕидот, така што таму каде ќе паднеа ископуваа јама. Од друга страна пак, голем број од исфрелните камења од градот паѓаа, како по заповед, врз тесниот врв на варварските камеофрлачки и ги убиваа оние што беа внатре...

...Беше света недела, седмиот и последен (ден) од нашата опсада, кога на овој ден непријателите се смирија, како да се починуваа од уморот на изминатите денови, за следниот ден да поведат против градот битка на живот и смрт, кога сите заеднички, без исклучок ќе го нападнат ѕидот од сите страни, целејќи со тоа да ги исплашат и симнат долу бранителите од запците или, доколку не им се оствари целта, на дело да се уверат во бескорисноста на натамошната борба.

И навистина, откако се решија за тоа, како што можеме да дознаеме од пребеганите и нние сите бевме опфатени од страв пред испитот што не очекуваше утредента, истиот тој ден, неочекувано, околу осум часот, варварите од сите страни извикаа со заеднички вик и побегнаа кон височините, оставајќи ги шаторите заедно со опремата...
Понатаму, граѓаните, испраќајќи коњаници, дознаа дека непријателите навистина избегале, дека во ноќта изминале големо растојание, повекувајќи се панично и со страв и дека ја изоставиле по патот опремата, добитокот и зарбениците...
Mirac.1, 13, p.1285-14, 1313; A.Tougard, De l'histoire profane dans les Actes grecs des bollandistes. Paris 1874, p.89-104

Втора книга

[уреди]

Македонските словенски племиња предводени од Кнезот Хацон го напаѓаат Солун (614-616 година)

[уреди]

И така, се случи, како што е речено, за време на епископувањето на блаженопаметниот Јован да се крене народот на словените, составен од неизмерно множество Драговити, Сагудати, Велегезити, Вајунити, Берзити и други племиња. Најпрвин тие научиле да прават кораби, издлабени од едно дрво и откако се вооружиле за по море, ги опустошилле цела Тесалија, околните острови, Еладските и Кикладските острови, цела Ахаја, Епир и поголемиот дел на Илирик и дел од Азија.

Притоа тие опустошиле...многу градови и области и еднодушно решиле да го нападнат и разурнат и нашиот христољубив град, како (што направија) и со останатите. А потоа, откако се договорија за тоа, со приготвените кораби, издлабени од едно дрво, а кои ги имаше во огромен број, се расположија на логор кај морскиот брег. Останатото непрегледно множество го опсади овој од Бога чуван град од сите страни од исток, север и запад, носејќи ги со себеи своите семејства заедно со покуќнината, а нив планираа по заземањето на градот да ги сместат внатре.

И тогаш се пролеаја реки од солзи и се слушнаа лелеци од целиот народ на градот, сосипан од самата вест, бидејќи беше дознал за неискажаните разурнувања на градовите и за извршените безбројни колежи и пленства, како и поради тоа што сите и на секаде добро знаеја за нивната пропаст. Освен тоа, не беа останале кораби на месните (жители), а немаше и од околните места, ниту пак имаше за заштита на влезот на овдешното пристаниште. Поголем страв пак ги обзеде граѓаните на пребегнатите христијани, кои беа се намериле на оваа безмилосна војска. И тогаш во иста душевна состојба се наоѓаа плашливите и храабрите, и секој пред очи го гледаше тешкото пленство или смртта, без да имаат друга можност за бегство, според божјото слово коешто вели: „Ако од овој град побегнете во друг“, бидејќи целиот варварски народ на Словените го опсадуваше градот како некаков смртоносен венец...

Откако целиот словенски народ се построи за да го нападне ѕидот сложено и одеднаш, Словените кои се наоѓаа во корабите, решија да ги покријат одозгора со штици и т.н. одрани кожи, а при нападот на ѕидот веслачите да се заштитат од ранување од камењата и стрелите фрлани против нив. Отпрвин...вишата сила преку маченикот им влеа страв, да не се насочат директно против градот, туку да се насочат кон еден залив каде што постоеше некакво пристаниште уште од дамни времиња наречено Киларион. И варварите, откако заминаа таму за да ја извршат замислената итра работа, задоцнија, а пак оние во градот малку се поохрабрија, ашто добија малку време. За тоа време во пристаништето тие изградија некакви дрвени потпори, врз кои поставија вериги, како и некакви железа, некои со заострени прачки, а други со мечовидни шајки, кои стрчеа над дрвата. Непосредно до нив ги наредија затечените туѓи кораби, наречени кивеи и откако ги закотвија еден до друг при влезот на пристаништето, направија премин за очекуваната битка...

И така изминаа три дена, а словенските кораби пловеа на оддалеченост од две милји од ѕидот, набљудувајќи ги секојдневно лесно пристапните места од каде што беа со намера да го извршат заземањето (на градот). На четвртиот ден, при изгревот на сонцето, целото варварско племе, едногласно извика и се нафрли од сите страни на градскиот ѕид, едни стрелајќи со камења од приготвените каменофрлачи, други доближувајќи ги скалите до ѕидот, се обидуваа да го заземат, трети пак нозеа оган на портите, а останатите ги опстрелуваа ѕидиштата со стрели како зимни снегулки. И можеше да се видинеобична појава: безбројните оружја како градоносен облак ги засенија сончевите зраци, покривајќи го така воздухот со стрелите и исфрлените камења.

За време на таквиот силен напад, варварите посмели во морепловството и похрабри во војувањето бргу се приближија со своите кораби до извидните места, насочувајќи се едни на запад кон кулата од црковната скала, каде што се наоѓаше малечка порта и преку неа ќе го извршат заземањето на градот. Токму тогаш целиот град, место камења и стрели, пред бога, господарот на сите, пролеа солзи како дождовни облаци...

...И еве го најголемото чудо кое што е навистина достојно да се спомне. Водачот на оние Словени, по име Хацон, посаакал по својот обичај, да дознае преку гатање дали ќе влезе во нашиот од бога чуван град; му било одговорено дека ќе влезе, но не му било кажано како. И навистина, според пророштвото што му било дадено, изгледало дека ќе успее, тој со дрскоста своја го забрзал настанот.

Но, оној што ги изменува условите и времињата и ги попречува желбите на непријателите, тој него жив како заробеник им го предаде на граѓаните преку спомнатата малечка порта. Некои од првенците на нашиот град го скрија дома од некаква корист и со недобри намери. Но и овој пат изостана грижата на Победоносецот, вдахнета од Христос. Потикнувајќи кај жените машка храброст, тие го извлекоа од куќата каде што се криеше и откако го спроведоа низ градот го каменуваа. И така тој доби заслужена смрт, достојна за непријателската негова намера. Но никој, од вас маченољупци да не пројавува за тоа недоверба кон овој груб и краток расказ. Ако пак некој помисли дела сето тоа невистинито сум го опишал, нека погледне како стои на натписот пред пресветиот храм на вечнопаметниот маченик Димитрија, на страната на т.н. камбанарија, којашто (напис) го покажува целиот тек на битката...

Mirac.II,1,p.1325-1333; Tougard, p.118

Окружување на Солун со Словенски населби (околу 618 година)

[уреди]

По споменатиот масовен напад на Словените, т.е. на Хацон и по лесниот и праведен колеж што ги снајде благодарејќи на Победоносецот и најпосле по срамната војна што ја водеа против нас, тие претрпеа не мала штета, кога во нашиот од бога чуван град пребегаа нивните заробеници, кои беа ослободени од нивниот водач и спасител од нашиот заштитник Димитрија. Тоа, всушност, кај нив предизвика огорченост зашто наспроти тоа што се лишија од заробеници, тие пребегнувајќи кај овдешните, им одзедоа и дел од воениот плен. Големата беда ги натера да свикаат советување и откако собраа премногу подароци, ги испратија преку пратеници до хаганот на Аварите, ветувајќи му и уверувајќи го дека ако им укаже сојузничка помош, за неговото заземање ќе му дадат огромни пари, што би ги ограбиле од нашиот град. Притоа, самиот признаваше дека градот лесно ќе падне, а и тие велеа дека ќе биде заземен од нив и дека тој не само е окружен од нив, туку дека се пусти сите градови и области кои зависеле од него, така што единствено тој, како што е речено, стои окружен од нивните населби и ги прифаќа сите бегалци од дунавските краишта, Панонија, Дакија, Дарданија и од останатите провинции и градови, давајќи им засолниште...
Mirac.,II, p.2, 1336; Tougard, p. 128-130

Обиди на Словенскиот народ настанет околу Солун да го заземе градот (околу 630 година)

[уреди]

Народот на Словените, пак којшто живееше во близина, не смееше дури ни да се доближи (поради земјотресите), а камоли да го опсади градот и тоа оние што отпорано сакаа да го заземат, додека ѕидиштата беа цели и граѓаните не беа се растуриле, иако земјотресите веќе повеќе денови не престануваа и поголемиот дел од она што се наоѓаше зад ѕидиштата, какошто се вели, беше паднат и кога портите беа отворени, а повеќето од невооружениот народ беше се растурил, бидејќи никој воопшто ја немаше смелоста да влезе в куќа...

И така, при овие божји мачења, оние од споменатите Словени, што беа настанети во близина, триумфираа разгласувајќи ги со песни чудата околу нашиот спас што ги изврши спасителот-победоносец на градот. Тие имено раскажуваа дека при првиот силен земјотрес, по кој следуваа непрекинато и други, го виделе замрачен целиот воздух повеќе часови, како што велеа, од правот на урнатините. И откако се спуштијакон ридиштата околу градот, тие го видоа целиот град урнат и земајќи ги копачите и другиот алат за расчистување, невооружени потрчаа да ги откопаат и присвојат домашните работи на граѓаните, зашто им изгледаше дека сите изгинале. И така, откако го тргнаа со таква намера и се доближија, тие видоа дека целиот ѕид од сите страни е неоштетен и дека градот си останал како и порано, а и војниците што стражареа на ѕидините се гледаа однадвор; и така тие се вратија назад исплашени и без резултат...
Mirac.,II, p.3; Tougard, p. 140-144

Византија ги спречува Македонските Словени да создадат своја држава на чело со Ринхинскиот рекс Пребонд (674-677 година)

[уреди]

Откако ги изложив делумно, како што си замислив, гоелмиот број од чудата на прославениот освојувач и наш заштитник Димитрија...ќе поминам на грижата која сега се пројави...и како, наспроти очекувањаата, го спаси градот од неизбежни опасности. Зашто, често споменуваните Словени, кои се настанети во близина на овој од бога чуван град, само навидум го чуваа мирот. Оној пак што управуваше тогаш во оваа област, не знам на кој начин и зошто му испрати извештај до богомудрите уши на оној што по божја волја царуваше над нас, против рексот на Ринхините, по име Пребонд, дека тој кроел планови против нашиот град со итра и пакосна намера.

Од овој богочовечен император, пак испрати свое писмо до префектот, со наредба да му го испрати рексот врзан кај него, на начин како што смета тој. И таквото богоугодно писмо им беше посебно покажано на највидните првенци, кои веднаш го фатија, зашто тој се наоѓал во градот и го испратија окован во синџири на споменатиот благочестив император, како што и беше напишано во богоугодното писмо.

И откако тоа се случи и целиот народ на Словените дозна т.е. и двете страни и оние од Ринхиниа и оние од Стримон, решија заедно со градот да го замолат погоре споменатиот господар да не го погуби, туку да му ја прости грешката и им го испрати, молејќи го да го ослободи него. И така, за таа цел беа испратени до најмилостивиот император по избор некои од овдешните опитни мажи, заедно со избрани словенски пратеници, кои ја најдоа неговата благочестивост да се подготвува за спротиставување на од бога презрените Агаријани, спогодувајќи се притоа со сите овие пратеници дека ќе го ослободи Пребонда по војната.

И така, со таквото ветување ги испрати тука, наредувајќи притоа да се одврзе и да му се даде облекло, а и да му биде задоволена секојдневната потреба. Откако погоре споменатите пратеници се вратија заедно со варварските, при ваквото ветување сите Словени се откажаа од својот бес.

Меѓутоа, непријателот на сите и демон од најстарата сплетка пронајде средство за својата несреќа во лицето на еден од императорските толкувачи, познат и сакан од споменатиот Пребонд да побегне и замине на неговиот имот што се наоѓаше во тракиските места, договарајќи се притоа по неколку дена и самиот да допатува за да го земе и (одведе) во неговата земја и го спаси.

Откако помеѓу себе вака се договорија, рексот Пребонд, кој беше облечен во ромејска облека и зборуваше наш јазик, како да е еден од граѓаните излезе од портата на Влахерните и замина на имотот на толкувачот, каде што тајно престојуваше. Меѓутоа, откако Пребонд беше побаран во престолнината и не беше пронајден, а бидејќи не знаеја за договорот меѓу него и толкувачот, носителот на скиптарот и првенците ги обзеде голем очај. Тој нареди да се запре морепловството на сите страни, да се затворат сите порти на градот и да се испратат коњаници и бродови насекаде за да го бараат споменатиот Пребонд. Барањето (на Пребонда), траеше околу четириесет дена, кога беа испраќани секојдневно една по друга (потери).

Императорот нареди да бидат заклани со меч, по многу мачења, оние што го чуваа него; другите пак , што беа под сомнение, да им се отсечат крајните делови; трети да се затворат и подложат на мачења, а на практорите да им се запре работата; и просто речено, голем број луѓе беа изложени на опасност поради неговото бегство, така што дури и оној комушто му беше доверена управата на градот беше испратен тука, зашто стана омразен. И можеше да се види дека целиот овој среќен град е зафатен од голема паника, жалост и солзи. И веднаш по бегството на споменатиот Пребонд, христољубивиот император, кој се грижеше за се со дромон го извести нашиот град за неговото бегство, наредувајќи притоа да се погрижи за својата безбедност, како и да се собере и резервна храна, ,бидејќи се очекуваше наскоро градот да биде нападнат од народот на Словените... ...И наспроти очекувањата, кога потрагата по споменатиот Пребонд требаше да пропадне, тој беше неочекувано пронајден на имотото на споменатиот толкувач , криејќи се во трстјето близу до градот Визатанците, тајно снабдуван со храна од жената на толкувачот. И тоа беше резултат на провидението небеско, бедјќи рексот Пребонд таму издржа и остана многу денови, иако местото се наоѓаше на голема оддалеченост од престолниот град, не беше под сомнение, а се наоѓаше и во близина на други словенски племиња, каде што можеше да побегне и да се спаси. Но, како што е речено, по молба на Победоносецот нашиот многумилостив бог мудро го стори тоа чудо, како што ќе разјасниме понатаму преку изјавите на самиот Пребонд.

Откако беше фатен и одведен во пресреќниот град, го распрашаа за неговото бегство, а тој им раскажа дека побегнал по советот и согласноста на споменатиот толкувач и дека се договориле да го чека, зашто требало да се спаси преку него. Тогаш христољубивиот император, којшто ги надминува сите по својата благочестивост, нареди да се заколе со меч споменатиот толкувач, заедно со жената и своите деца, а Пребонда не го гибна, туку нареди да се стави под стража и тоа слично како и порано, ветивајќи дека ќе го пушти кај нас со некаква гаранција. Но, опасниот, демон, непријател на сите, не остана задволен од тоа, туку го поттикна Пребонда пак да избега. А кога овој сакаше замислата да ја спроведе и во дело, неговото решение беше откриено по божјата грижа и јавено за тоа на предобриот император, а исто така и за целта и намерата што ја имал доколку ќе успеало да побегне.

И откако беше извршена грижлива истрага, тој изјави дека ако би се вратил во своето место, не би водел повеќе сметка за мирот. Напротив, би ги собрал сите нему околни племиња, и како што е речено, понтаму не би оставил незасегнато место од војната ниту по копно, ниту по море, туку непрекинато ќе војувал и не ќе го оставел жив кој и да било христијанин. И така, со божјата помош беше разоткриена неговата намера и како што е речено, самиот си ја навлече смртта, добијаќи заслужена пропаст, за потоа племињата на споменатите Словени, велам оние од Стримон и Ринхина, а и Сагудатите, наполно да се кренат на оружје против нашиот град Солун. И најпрво тие помеѓу себе решија Словените од Стримон да ги попленат источните и северните краишта, а оние од Ринхина и Сагудатите, западните и приморските, испраќајќи секојдневно сврзани кораби. И тоа тие го вршеа непрекинато скоро две години.

Секојдневно, како што е речено, тие испраќаа групи од три или четири (кораби), така што градското население на крајот беше премалено и не можеше да го издржи таквото вознемирување и мачење... ...Но, кога нјапосле кај варварите помина многу народ, (бог) има влеа на непријателите некаква мисла: тие да им го продаваат на словенскиот народ од внатрешноста сите оние што избегале кај нив, за да не се соберат таму во голема маса и да се премислат кога се близу до градот. И откако варварите ја извршија својата намера и некои пребегнаа оттаму со грижата на Победоносецот, тогаш останатите, кои се готвеа да избегаат, почнаа да се воздржуваат, зашто на тој начин скоро целиот град ќе останеше без жители уште пред да го заземат варварите... Тогаш управата на градскиот совет и граѓаните решија да ја испратат преостанатата бродска опрема, моноксилите заедно со споменатите десет бродови, кај племето на Велегезитите во краиштата на Теба и Деметријада, за најпосле да донесат храна, т.е. да купат од нив сушени плодови, та така да мусе олесни малку на градот. Притоа го имаа предвид и тоа дека останатото, за војна неспособно население до нивното враќање ќе стои непрекинато ваму-таму по ѕидиштата. И така се стана, останаа само сосема нејаките и слабите, додека пак оние што беа телесно силни и во расцутот на возраста, отпловија со своите бродови кај споменатите Велегезити, кои изгледа, одржуваа мирни односи со населението на градот. Ригесите на племето Драговити еднодушно решија да се наредат во борбен ред кај ѕидиштата за да го заземат градот, не обраќајќи притоа внимание на нејакото и малубројно население. Инаку, беа наполно убедени од некои од истото племе на Словените дека бездруго ќе го заземат градот. Поради тоа тие приготвија против портите огнофрлачкиорудија и некакви направи од исплетени прачки, скали до небо високи, а исто и каменофрлачки и безброј други дрвени направи, како и новоприготвени (направи) за стрели и просто речено, тоа беа работи за кои никој од нашето поколение не беше чул или видел; за многу од нив, досега, дури и имињата не можевме да им ги приведеме. И така, сите Словени од племето Ринхини, заедно со Сагудатите, на дваесет и петти јули, индиктион петти (677 година)...го нападнаа градот, едни по копно, а други по море, со безброј пловни објекти.

...Бог, кој секогаш им се притечува на помош на оние што ќе го повикаат, веднаш се појави и како прво од чудата што ги стори беше тоа што ги одврати другите варвари, т.е. оние од реката Стримон. Бидејќи тие по своето доаѓање на околу три милји од нашиот од бога чуван град, според склулчениот меќу нив договор, беа вратени од бога преку молитвите на Победоносецот. Како резултат на тоа, пак, целото споменато племе на Ринхините и останатите околни варварски племиња, заедно со Сагудатите, не опсадија на копно и море, пколувајќи го првиот ден целиот град од западниот до источниот ракав, а поопитните во воените работи ги разгледаа сите места од каде што им се чинеше дека ќе е полесно со опсада да го заземат градот. Исто така сојузниците Словени го извидоа заеднички брегот и покрај ѕидиштата довлечкаа и поставија опсадни направи, што беа ги приготвиле за нивното уништување... ...И кога најпосле се раздени, третиот ден се крена целото варварско племе и едногласно извика, така што целата земја се растресе и ѕидиштата разнишија. И наеднаш, сите (се доближија) до ѕидот со приготвените одбранбени орудија, направи и оган, едните по копно, а другите наредени покрај целиот брег на споените понтони: стрелци, штитоносци, обични пешаци, копјеносци, оние со праќи и раководители на направи, додека најсмелите, пaк, со скали и оган се стрчаа кон ѕидот.

Така, малата порта, иако изгоре, остана неуништена, а варварите, исплашени, се повлекоа од тоа место. Притоа варварите невидливо дадоа жртви и претрпеа не малку удари и рани и тоа не само на тоа место туку и по целото копно и по морето. И бејќи кај портите и по местата што им изгледаа дека лесно ќе ги освојат и се погодни за борба, на тој начин војуваа три дена, ја понесоа со себе и несреќата со солзи и плач, како и испотепаните водачи од бога преку Победоносецот и ранетите од него и карајќи се меѓу себе се вратија во своите места...По неколку дена и оние што беа кај Велегезитите, се вратија по жито и варива, спасувајќи се благодарејќи на застапувањето на Победоносецот, зашто уште таму дознаа од Словените за спасот на градот...
Mirac.,II, p.4; Tougard, p. 148-176

Византија им објавува војна на Струмјаните (677-680 година)

[уреди]

Но...иако опсадата беше разбиена, сепак не престануваа грабежите, т.е. секојдневните непрекинати напади, туку на споменатиот начин тие од секаде ги напаѓаа од заседа и ги заробуваа поневнимателните. И навистина, тоа што се случи (потоа) беше најголемото чудо, чудо над чудата. Имено, споменатите Словени за својата катастрофа злосторнички измислија и правеа одбранбени орудија и направи за напад на градот, еден измислувајќи нови, непознати направи, друг пак на нов начин правеше мечови и стрели, така што секој ден се стремеше да стекне подобро име и се покаже поактивен од другиот, со што настана вистински натпревар за истакнување пред племенските водачи. Меѓу нив се наоѓаше и еден од истиот словенски народ, искусен во однесувањето, делата и расудувањето, а беше таков затоа што имаа голем опит во подготвувањето и правењето на борбени направи. Тој од самиот водач побара дозвола и работна сила за да изработи една подвижна кула од добро сврзани дрва и поставена на тркала и некакви валци умешно конструирани. Беше со намера кулата да ја покрие со тукушто одрани кожи, да ја преградии одозгора да и поставо каменофрлачки и да закова од двете страни мечовидни делови. Одозгора, пак, (требало) да има и круниште каде што би се движеле војниците. Таа би била на три ката и во неа би се сместиле стрелци и тие со прачки. И просто речено, сакал да согради таква направа со која, тврдел тој, со сигурност ќе го освои градот. А пак споменатите водачи на Словените беа восхитени од проектот на чудната направа за која зборував, па однесувајќи се со недоверба кон неговите зборови, побараа наземи да го прикаже устројството на споменатата направа. Без да се колеба во тоа, мајсторот што ја измисли ваквата направа, моделот на делото го покажа наземи. Како што реков, убедени за ужасот што ќе се случи тие со готовност му дадоа многу младинци, едни да сечат дрва за основите, други, пак извежбани и силни дрводели, трети искусни ковачи на железа, а четврти тешковооружени војници и стрелци. И (така во изработката) на споменатат направа учествуваа голем број помошници... ...Најпосле (со посредство на маченикот Димитрија) работата врз многусложената направа беше напуштена...и беше симната и опсадата (на градот)... ...Од сите Словени, кои отогаш делумно мируваа и го положија своето оружје, единствено оние од Стримон и Ринхина напажаа и пленеа голем број морепловци кои одеа кон престолниот град превезувајќи храни, како и кај островите и тесното море при местата Парион и Проконез, заробувајќи ги притоа заедно со пловните објекти и оние од царинарницата; и така со многу бродови се враќаа дома во своите колиби.

Тогаш господарот на државните работи, од Христа крунисаниот наш император, гледајќи ја упорноста и дрскоста на непријателите не само против нашиот град туку дека се осмелуваат да ги нападнат и самите владетели, побара неговата христољубива војска преку Тракија и од земјите од другата страна да замине во поход против оние од Стримон и тоа не скришно или тајно туку однапред известувајќи ги за нападот против нив. А тие пак откако дознаа, ги зазедоа клисурите и утврдените места и се вооружија за отпор против ромејските војски, барајќи за сојузништво секаква варварска помош од разни водачи. Но и во овој (случај), како што е речено, силниот маченик, вооружувајќи се заедно со другите светци, ја возвиши победата над Словените ромејската војска, убивајќи ги во заседи направени од самите нив, нивните храбри предводници и хоплити. И се разбега целото варварско племе, така што некои од оние што беа се вовлекле тајно во нашиот од бога чуван град, ги поттикнаа да се приближат до своите колиби, каде што беа ги оставиле своите семејства, за да земат храна, оставена таму поради неопишливиот страв и колежот што станаа меѓу нив. И можеше да се види како заминуваат победените и граѓаните-бегалци, заедно со жените и децата во колибите околу градот и останатите блиски места, носејќи на рамо жито, варива, друга покуќнина и се друго потребно при бегство; и беа невооружени и полуоблечени, како што обично се случува при патување и жега... ...Најпосле варварите, принудени од крајната безизлезност, проговорија за мир.
Mirac.,II, p.4; Tougard, p. 178-180

Наводи

[уреди]
  1. Документи за борбата на македонскиот народ за самостојност и за национална држава, том еден, Униврзитет Кирил и Методиј - Факултет за филозофско - историски науки, Скопје, 1981