Прејди на содржината

Крсте Петков Мисирков/ Македонски и Болгарски национали идеали

Од Wikisource
Неколку статии

од Крсте Петков Мисирков
„Македонскиј голос (Македонски глас)”, II, 10, 13.8.1914, 10-14.
Mакедонскиот и бугарскиот национален идеал

Мошне важно прашање за сите приврзаници на автономијата на Македонија, како и за нејзините противници, се јавува прашањето: кои се и што претставуваат Македонците што се борат за независноста на Македонија? Од кои луѓе се состои лагерот на приврзаниците на автономијата? Од чие име тие го поставуваат ова прашање? Кој стои зад нивниот грб во Македонија и на Балканот? Врз што тие ја засновуваат својата борба за македонскиот национален идеал? Кои се нивните непријатели во Македонија и на Балканот и дали движењето е национално или политичко?

На ова прашање Редакцијата на „Македонски глас“; одговара кратко, со зборовите на македонскиот борец за слобода Борис Сарафов: „Ние, Македонците, не сме ниe Срби ни Бугари, туку просто Македонци. Македонскиот народ постои независно од бугарскиот и српскиот. Ние им сочувствуваме и на едните и на другите, и на Бугарите; и на Србите: кој ќе го помогне нашето ослободување нему ќе му речеме благодарам, но Бугарите и Србите нека не забораваат дека Македонија е само за Македонците.[1]

Овие зборови Б. Сарафов му ги рече на еден странски дописник што го интервјуираше кон крајот на 1903 година[2] и, велат, за таа своја македонска политика, наречена „македонски сепаратизам”, тој падна како жртва на убијците.

Личноста, дејноста и смртта на Борис Сарафов[3] се најдобриот одговор на прашањето што нас не’ интересира: кои се и што се Македонците и што сакаат тие?

Б. Сарафов по потеклото е Македонец што целиот живот и го посвети на борбата за ослободувањето на Македонија. До почетокот и дури и во првите години од својата револуционерна дејност тој се наречуваше, се чувствуваше Бугарин, а од 1903 година тој почна да се наречува себеси и своите соплеменици просто Македонци, т.е. не ги признаваше ни за Срби ни за Бугари.[4] Сарафов имаше многу непријатели и загина од раката на убијци во престолнината на Бугарија. Турската влада скапо ја уцени главата на Б. Сарафов, но тоа не му пречеше со своите четници вдолж и попреку да ја крстосува цела Македонија. И не во Турција и од турски куршум, туку во престолнината на Бугарија, од предавнички куршум падна тој за слободата на Македонија.

Го убија Сарафова и го заборавија, иако тој едно време се претставуваше како центар на македонското движење против Турците за ослободувањето на Македонија. Вистина, тој имаше непријатели сред раководителите на „Внатрешната македонска организација”,[5] а да не зборуваме за Централниот македонски комитет во Софија[6] раководен од ген. Цончев. Но Б. Сарафов беше идолот на македонскиот народ: и на селаните и на граѓаните. Тој беше претставникот на македонските идеали во странство, со каква што цел ги посетуваше европските престолнини, разговараше со претставниците на европскиот печат и дури ги посетуваше и дипломатските канцеларии. Б. Сарафов беше идеалниот борец за слободата на Македонија.

Сепак, каде е споменот за Б. Сарафов? Зошто за него не зборуваат веќе? Зошто тој толку брзо е заборавен и не се споменува сред Бугарите со чувство на признателност кон него?

Ботева Бугарите го креваат до небеси, а Б. Сарафова?

Впрочем, Сарафова треба да го крева до небеси Македонија, но каде е таа? Таа, благодарејќи на непријателите на Сарафова, е разделена на три дела и поднесува ропство неспоредливо потешко од турското ропство.

Б. Сарафов е убиен и физички и морално во престолнината на Бугарија.[7] Софија долго време беше губилиште за идеалите и за борците за тие идеали што ги проповедаше Сарафов. Поточно, во Софија беа трпени „Сарафовците” без „сепаратизмот”, но кога кај „Сарафовците” се разбудуваше „сепаратизмот”, како оној што го гледаме кај Б. Сарафов по 1903 година, тогаш започнува развенчувањето на македонскиот херој; тој во очите и во устите на Бугарите од идеен борец се претвора во авантурист.

„Авантуризмот” на Б. Сарафов и на нему сличните и луѓе се состои во тоа што тие неотстапно стојат врз единството и неделивоста на Македонија; тие водат чисто македонска политика што никако не се совпаѓа со бугарската политика.

Единството и автономијата на Македонија - ете го , идеалот на Б. Сарафов; заграбувањето на цела Македонија од Бугарија или барем нејзината поделба помеѓу Бугарија и Србија со присоединување на поголемиот дел од Македонија кон Бугарија - ете го идеалот на бугарските националисти.

Бугарските влади една по друга во коренот ја уништуваа можноста за создавање автономна Македонија и на таков начин станаа морално одговорни за поделбата на Македонија.

Софија не можеше и не сакаше да ги разбере интересите на Македонија. Во Софија мислеа за голема Бугарија, за Санстефанска Бугарија, без оглед на тоа какви земји ќе влезат во составот на таа „Санстефанска Бугарија”. Органите на Народната партија во Бугарија „Мир,” и „Б’лгарска Сбирка” со гордост укажуваат на заслугите на кабинетот на г. Гешов што создал Гол. Бугарија во границите што ја надминуваа Санстефанска Бугарија. „Без војната со Србите и Грците, велат приврзаниците на г. Гешов, ние би го задржале сето она што го владеевме до 16 јуни 1913 година и плус она што би ни го досудил Високиот арбитар во Македонија.”

Голема Бугарија, според зборовите на бугарските народници, била на лице; а што Македонија си остануваше раздробена и во ново, полошо ропство, ним им беше сеедно. Па самите тие го склучија сојузот со Србите врз база на поделбата, правејќи ја поделбата единствена основа за решение на македонското прашање.

Уште појасно се определува егоизмот на бугарската политика спрема Македонија со цитатот во „Македонски глас” (№ 9) од софискиот весник „Балканска трибуна”: „Нашата политика не беше бугарска политика. Во неа имаше многу идеализам, но малку реализам. Нашите државници не беа државници, туку некакви си македонски авантуристи; тие беа готови за Струмица да ја жртвуваат Добруџа, за Битола - Варна. Таа антинационална и антидржавна политика не доведе до срамните Букурешки и Цариградски мир...”

И така, на „националната” политика на Бугарија за судбината на Македонија и е сеедно. Само македонските „авантуристи” можат сериозно да мислат за единството и автономијата на Македонија. Но тогаш, зошто толку непоштедно во Бугарија се водеше борбата против македонскиот „сепаратизам”? Ако Бугарите не сакале да не’ ослободуваат, ами си мислеле само за зголемување на својата територија, зошто не ни кажаа отворено: Спасувајте се како што знаете; барајте помош каде што ќе најдете, зашто ние не сакаме да ви ја дадеме; зошто Бугарите забрануваа да се зборува за одделни македонски национални интереси, различни од националните интереси на Бугарија?

Б. Сарафов за неговиот македонски патриотизам беше прогласен за авантурист, К. Мисирков за неговата книга „За македонцките работи” беше прогласен предавник,[8] а групата на петербуршките Македонци на чело со Д. Павле-Чуповски, коишто се борат за единството и автономијата на Македонија и за националната самобитност на Македонците, беше обвинувана за подмитливост дека таа била орудие на С—Петербуршкото словенско благотворно друштво за обезбедување на српските интереси во Македонија.

Во Бугарија беше заглушено движењето во полза на единството и автономијата на Македонија, но во Русија, којашто еднакво се однесува кон сите Словени, Македонците наидуваат на полно сочувство спрема себе и спрема своите национални идеали,[9] кои по силата на природниот развиток на настаните, а исто така, очигледно, „за задоволство” на Бугарите, треба да бидат различни од националните идеали на Бугарија.

Нека си мечтае Бугарија за своето проширување. Македонците тоа не ги интересира. На Македонците им е потребно повторно обединување и независност. На Македонците им треба не голема Бугарија, туку обединета и слободна Македонија.

Ќе праша некој: на кого, на какви тоа Македонци им е потребно ослободување и обединување на Македонија? - На сите Македонци, и на оние што живеат внатре и на оние што се надвор од Македонија, зашто носителите на оваа идеја се плот од плотта на Македонија, се наоѓаат во тесна врска со македонскиот народ, со неговите традиции, потреби и идеали.

Последниве дваесет години од новата историја на Македонија дадоа редица прекрасни работници на полето на борбата за ослободувањето на Македонија. „Македонски глас” и носителите на неговите идеали се јавуваат како продолжувачи на тие борци за националниот идеал и религиозно-националната политичка слобода на Македонија. На таков начин, движењето во полза на автономијата сред Македонците има свое минато, па поради тоа и не се јавува како отстрана измислено.

Ние не можеме да плаќаме по бугарските сметки; за политиката на Стамболов страдавме ние Македонците; за политиката на г. Гешов Македонија беше раздробена на делови и потпадна под туѓо тројно ропство; за новите грешки на Бугарите нас не’ чекаат нови несреќи. Време е да го отстраниме бугарскиот параван што ни го преградува патот кон непосредното обраќање кон совеста на цивилизирана Европа за помош и соработка. Поради бугарските грешки и недостатоци не ги гледаат нашите историски заслуги и национални доблести. Време е да му се докаже на целиот свет дека во Македонија живее македонски народ, а не српски, ни бугарски, нигу пак грчки, дека овој народ си има своја историја, свои национални достоинства, свои крупни историски заслуги во културната историја на словенството.

Треба да му се отворат очите на словенскиот свет за тоа дека околу половината од спомениците на старословенскиот (старомакедонскиот) јазик на таканаречената бугарска редакција се напишани во Македонија и од Македонци и дека три четвртини од пишаните споменици на таканаречената српска редакција на старословенското (старомакедонското) писмо, пишувани во 14 век, се напишани во Македонија и исто така од Македонци. Треба громогласно да се потврди пред словенскиот свет дека непријателот на Србите, македонскиот владетел Марко Крале е воспеан од Македонците како свој национален јунак, потоа стана национален јунак на Србите и на Бугарите. А да не ни зборуваме за тоа дека во текот на 19. век Македонците водеа борба со фанариотите за словенско писмо и литургија, тие во текот на дваесет години водеа упорна борба за ослободувањето на Македонија, и притоа оваа борба Македонците ја водеа и покрај нејзиното неодобрување од Егзархијата и од бугарската влада што секогаш си ги припишуваше себеси заслугите на Македонците, а за своите дипломатски неуспеси ги обвинуваше Македонците.

Македонија е земја со древна словенска култура и никој нема да успее да ја искорени оваа древна словенска култура и на пустината да ги утврди своите интереси. Македонија ќе ги преживее сите несреќи, зашто уште не се исчезнати јунаците во Македонија. Ликовите на светите Кирил и Методија, на светите Климент и Наум Охридски на синовите на Македонија им служат како порака дека и за Македонија ќе дојде светлата иднина кога таа обединета и ослободена ќе влезе како рамноправен член во семејството на балканските народи.

К . Пелски : Македонски и Болгарски национали идеали, „Македонскиј голост? (Македонски глас)”, II, 10, 13.8.1914, 10-14.

Забелешки

  1. Овие зборови на Б. Сарафов стојат во насловниот дел на корицата на секој број од сп. „Македонскиј голос (Македонски глас)”, како и на другите изданија што ги печатеше оваа редакција.
  2. Вистина, слични изјави Сарафов имаше дадено и во 1903 година но оваа мисла беше објавена од европскиот печат уште во август 1902 (в. „С-Петербургскија В’домости”, 21.8.1902). Разликата е само во тоа што во изворот стои: „Македонскиот јазик” а во во „МГ“ пишува „Македонскиот народ“.
  3. Личоста и делото на Б. Сарафов се’ уште не биле предмет за посебна монографска обработка ни кај нас, ниту пак, што е симптоматично, во Бугарија. Иако не можеме наполно да го прифатиме мислењето на Мисирков за личноста на Сарафов, не можеме да не го почитуваме поводот што е искористен за да се искажат авторовите ставови спрема суштественото прашање за националниот идеал на Македонците и на Бугарите.
  4. Б. Сарафов беше еден од ретките видни македонски револуционерни раководители што и морално и материјално го помагаше македонскиот „национален сепаратизам” и на Македонскиот клуб во Белград (1902) и на Македонското научнолитературно другарство во Петербург (1902), па напишаново сугерира и лична средба на Мисирков со Сарафов –веројатно во Софија кон крајот на 1903 год.
  5. На Мисирков му пречи што Организацијата се наречува „внатрешна”, зашто со тоа се остава место да постои и „надворешна”.
  6. И овде, како и во својата книга „За македонцките работи”, Мисирков погрешно го именува Врховниот македонски комитет како „Централен“.
  7. За Мисирков имаше посебна тежина фактот што физичкиот убиец на Сарафова беше Бугаринот Тодор Паница и што тоа се изврши во престолнината на Бугарија.
  8. Бидејќи статијата е објавена под псевдоним (К. Пелски), Мисирков за себе зборува во трето лице.
  9. Оваа оценка кореспондира со политичкиот опортунитет во моментот кога К. Мисирков и Д. Чуповски во Петроград и поднесоа значаен меморандум на руската влада за судбината на Македонија по штотуку започнатата Прва светска војна.

Поврзано


Ова дело е во јавна сопственост во целиот свет бидејќи авторот е починат пред повеќе од 70 години.