Закон за државна статистика на Република Македонија
Закон за државна статистика на Република Македонија од Влада на Република Македонија |
закон на Република Македонија, Службен весник на Република Македонија”бр. 54/97 и 21/2007 |
- I. ОПШТИ ОДРЕДБИ
- Член 1
Со овој закон се уредува поставеноста и работата на државната статистика, методолошките и организациски основи на статистичките истражувања, прибирањето, обработката, презентирањето, чувањето, заштитата и давањето на статистички податоци.
- Член 2
Државната статистика е стручна независна дејност која врз база на научни основи, на органите на државната власт, единиците на локалната самоуправа, трговските друштва, јавните претпријатија, јавните служби, јавноста и другите корисници им обезбедува податоци за состојбата и движењето на економијата, човековите ресурси, демографијата, заштитата на животната средина и природата и другите области.
- Член 3
Одделни термини и изрази употребени во овој закон го имаат следново значење:
Под статистичко истражување се подразбира: подготовка, прибирање, обработка, складирање и чување на податоците, анализа и искажување на статистичките податоци за појавите од областите наведени во член 2 од овој закон.
Под извештајна единица се подразбираат носителите на збирки на податоци, правните и физички лица кои се утврдени како даватели на податоци.
Под прибирање на статистичките податоци се подразбира концентрација на одговорите содржани во статистичките прашалници, обрасци, анкетни документи и информациите содржани во другите медиуми со податоци од областите наведени во член 2 од овој закон.
Под збирка на податоци се подразбираат регистрите утврдени со закон, евиденциите утврдени со закон или општите акти врз основа на закон, бази и банки на податоци што се водат врз основа на јавни и други овластувања.
Под база на податоци се подразбираат збирки на податоци уредени по одредени правила и стандарди со пропишан начин на водење, ажурирање и рокови на чување од носителот на базата.
Под идентификациони податоци се подразбираат оние индивидуални податоци кои овозможуваат директна идентификација на правното или физичкото лице, а се однесуваат на името и презимето, адресата и единствениот идентификационен број кој се води согласно со прописите.
Под индивидуални податоци се подразбираат податоците кои се однесуваат на правно или физичко лице.
Индивидуалните податоци кои се однесуваат на физичко лице претставуваат лични податоци.
Под посебни категории на лични податоци се подразбираат лични податоци кои го откриваат расното или етничкото потекло, политичкото, верското или друго уверување, членството во синдикална организација и податоци кои се однесуваат на кривични дела, изречени казни за извршени кривични дела и податоци кои се однесуваат на здравјето или сексуалниот живот.
Под корисник на податоци се подразбираат сите правни и физички лица кои имаат потреба од статистички податоци.
Под програма за статистички истражувања се подразбира акт со кој се утврдуваат статистичките истражувања за повеќегодишен период во согласност со овој закон;
Под дисеминација на податоци се подразбираат активностите за презентирање на резултатите од статистичката продукција и обезбедување пристап на корисниците до статистичките податоци, во форма и на начин соодветен за корисниците;
Под статистички рагистри се подразбираат номинални листи на извештајни единици кои континуирано се ажурираат од сите достапни извори и се користат исклучиво за статистички цели;
Под овластени носители се подразбираат: Државниот завод за статистика, Народна банка на Република Македонија и други субјекти наведени во Програмата за статистички истражувања, кои во прибирањето, обработката и дисеминацијата на податоците применуваат статистички стандарди, методи и техники;
Под носители на административни збирки на податоци се подразбираат правни и физички лица кои ги водат врз основа на посебни закони и ги користат за утврдување на правата и обврските на правните и на физичките лица.
- Член 4
Државната статистика се спроведува според начелата на неутралност, објективност, стручна независност, доверливост и рационалност.
- Член 5
Начелата од член 4 на овој закон го имаат следново значење:
-”неутралност” значи објективен начин на одредување на методите и дефинициите на прибирање, обработка и дисеминација на статистичките податоци, ослободен од какво било влијание;
-”објективност” значи обезбедување на објективни статистички информации со примена на статистички методологии и соодветна документација;
-”стручна независност” значи дека работите на официјалната статистика мора да се вршат врз основа на стручни и научни методи и сознанија и мора да бидат заштитени од какво било влијание;
-”доверливост” значи дека доверливоста на податоците кои се прибираат од извештајните единици преку статистичките истражувања е апосолутно загарантирана и податоците се користат исклучиво за статистички цели и
-”рационалност” значи минимизирање на товарот на извештајните единици и оптимално користење на постоечките ресурси на начин што вложениот труд и трошоците кои се потребни за производство на официјалната статистика треба да бидат пропорционални на важноста на резултатите.”
- II.ОРГАНИЗАЦИОНА ПОСТАВЕНОСТ НА ДРЖАВНАТА СТАТИСТИКА
- Член 6
Основните задачи во извршувањето на дејноста на државната статистика ги врши Државниот завод за статистика (во натамошниот текст: Завод), во соработка со извештајните единици, како и со добивање на статистички податоци од збирки на податоци.
Одделни статистички истражувања спроведуваат и:
-Народната банка на Република Македонија и
-други субјекти наведени во Програмата за статистички истражувања (во натамошниот текст :овластени носители).
Статистичките истражувања што ги спроведуваат овластените носители од став 2 на овој член, се утврдуваат во Програмата за статистички истражувања .
- Член 7
Овластените носители во врска со статистичките истражувања што ги спроведуваат во согласност со Програмата за статистички истражувања (во натамошниот текст: Програма), ги вршат следните работи:
- - ги подготвуваат методолошките основи за статистичките истражувања, во согласност со член 17 од овој закон;
- - ги подготвуваат инструментите за реализација на истражувањето;
- - вршат обработка и објавување на резултатите од статистичките истражувања;
- - вршат и други работи утврдени со овој Закон.
- 1. Државен завод за статистика
- Член 8
Заводот е стручна, самостојна, управна организација со надлежности утврдени со овој и друг закон.
Во Заводот се организираат регионални одделенија на територија на Република Македонија.
Бројот на регионалните одделенија ќе се утврди со актот за организација и работа на Заводот.
Заводот има својство на правно лице.
- Член 9
Заводот во рамките на своите надлежности ги врши следниве стручни работи:
- ги подготвува инструментите за статистички истражувања;
- прибира и обработува статистички податоци;
-врши анализа на статистичките податоци и толкување на резултатите од статистичките истражувања;
- ги исполнува меѓународните обврски во областа на статистиката;
- ги утврдува потребите од статистички податоци;
- ги чува, презентира и посредува при давањето на статистичките податоци;
- соработува со овластените носители кои вршат статистички истражувања од областа на државната статистика во рамките на својата надлежност;
- на овластените носители им дава мислење за методолошки основи согласно со член 17 од овој закон;
- дава мислење при воведување нови и дополнување на постојните збирки на податоци кои можат да бидат извор на податоци за државната статистика;
- пропишува организационо-технички мерки за заштита на индивидуалните податоци;
- дава иницијативи и предлози за содржинско дополнување на постојните евиденции и регистри кои во согласност со закон и Програмата се користат за статистичките истражувања;
- подготвува статистички прогнози, трендови и модели;
- врши услуги во областа на статистиката за потребите на корисниците по нивно барање;
- воспоставува, води и одржува статистички збирки на податоци;
-развива методи и техники за заштита на индивидуалните податоци и прикажување на резултатите од статистичките истражувања;
-ги пропишува, унапредува и усогласува методолошките основи за статистичките истражувања;
- самостојно и во соработка со други носители реализира проекти од областа на државната статистика;
- воспоставува, води и одржува статистички регистри и бази на податоци;
- врши популаризација на статистиката и
- врши и други работи утврдени со овој и друг закон.
- Член 10
Со Заводот раководи директор кој го именува и разрешува Владата на Република Македонија за време од четири години, со право повторно да биде именуван.
Директорот на Заводот има заменик кој го именува и разрешува Владата на Република Македонија за време од четири години.
За директор, односно заменик на директорот, може да биде именувано лице кое ги исполнува следниве услови:
-да е државјанин на Република Македонија;
-да е истакнат научен и стручен работник од областа на статистиката, економијата, општествените дејности и политичкиот систем со најмалку пет години работно искуство во струката и
-да не му е изречена казна забрана за вршење на професија, дејност или должност.
На директорот или на заменикот на директорот функцијата може да му престане со негово разрешување или во случај на смрт.
Директорот, односно заменикот на директорот се разрешува, ако:
-тоа сам го побара,
-биде осуден за кривично дело на безусловна казна затвор во траење од најмалку шест месеца и
-поради нестручно, пристрасно и несовесно вршење на функцијата и надлежностите кои му се доверени со закон.
- Член 11
Директорот на Заводот е одговорен за одлучување за прашања кои се однесуваат на стручно-методолошките прашања на државната статистика, а особено на :
-содржината и методологијата на статистичките активности и
-опфатот и видот на податоците кои се прибираат и дисеминираат врз основа на Програмата.
Директорот на Заводот има право на јавно соопштување во случај на погрешно толкување или злоупотреба на статистичките податоци.
- 2. Совет за статистика на Република Македонија
- Член 12
Се основа Совет за статистика на Република Македонија (во понатамошниот текст: Совет) како стручно, советодавно тело за државната статистика.
- Член 13
Советот е составен од претседател и 12 членови кои ги именува и разрешува Собранието на Република Македонија .
Претседателот и другите членови се претставници на:
-Собранието на Република Македонија од редот на вработените, со звање најмалку до државен советник - еден член;
-Министерството за финансии - еден член;
-Народната банка на Република Македонија - еден член;
-Заедницата на единиците на локалната самоуправа - еден член;
-економско социјалниот совет - еден член;
-невладините организации - еден член;
-овластените носители - два члена ;
-научните институции - три члена и
-органите на државната управа - два члена.
На седниците на Советот присуствува и директорот на Заводот.
Членовите на Советот се именуваат за период од четири години.
Заводот ги врши административно-техничките работи за потребите на Советот.
- Член 14
Советот ги врши следните работи:
- расправа за појдовни основи за Програмата;
- дава мислење по Предлогот за донесување на програмата;
-дава сугестии и предлози по методолошките основи за статистичките истражувања на Заводот и овластените носители;
- дава предлози за измени и дополнувања на Програмата до Заводот;
- дава мислење за предложените измени и дополнувања на Програмата;
- дава мислење за Годишниот извештај на Заводот за реализација на Програмата;
- дава мислење и предлози по закони и други прописи од областа на државната статистика;
- предлага модернизација и рационализација на државната статистика;
- предлага унапредување на меѓународната соработка во областа на статистиката;
-за својата работа, Советот, поднесува Годишен извештај до Собранието на Република Македонија и
- донесува Деловник за својата работа.
- Член 15
Директорот на Заводот може да формира комисии за одредени области (во натамошниот текст: комисии).
Комисиите од став 1 од овој член се составени од стручни лица кои даваат стручна помош во развојот на статистичките методологии, номенклатури, стандарди и слично.
- III.МЕТОДОЛОШКИ ОСНОВИ НА СТАТИСТИЧКИТЕ ИСТРАЖУВАЊА
- Член 16
Методолошките основи за статистичките истражувања содржат:
- избор на извештајните единици;
- задолжителна содржина на статистичкото истражување;
- дефиниции, стандарди и слично кои ќе се применуваат при спроведувањето на статистичкото истражување;
- известување за обврската за задолжително давање на податоците или не и
- структура и степен на агрегираност на податоците на статистичкото истражување.
- Член 17
Методолошките основи за статистичките истражувања ги утврдува Заводот, односно овластените носители.
Методолошките основи кои не се усогласени со меѓународно прифатените норми и стандарди ги донесуваат овластените носители по претходно мислење од Заводот.
Заводот е должен, во рок од 15 дена по приемот на барањето да даде мислење по предложените методолошки основи од овластениот носител.
- Член 18
Методолошките основи за статистичките истражувања утврдени со Програмата, се објавуваат во “Службен весник на Република Македонија” .
- Член 19
Државните органи и други носители на збирки на податоци, при нивно воспоставување или дополнување со податоци, доколку тие ке се користат и за статистички истражувања, прибавуваат писмено мислење за методолошките основи од Заводот.
Заводот во случаите од став 1 на овој член е должен да даде мислење во рок од 15 дена од приемот на барањето.
- Член 20
При реализацијата на статистичките истражувања се користат единствени стандарди кои опфаќаат: класификации и номенклатури.
Стандардите од став 1 на овој член ги утврдува Владата на Република Македонија и се објавуваат во “Службен весник на Република Македонија” .
- Член 21
Единствените идентификации на евиденциите и регистрите содржат:
- определување на единиците на евиденцијата, односно единиците на регистрите;
- еднозначни идентификации;
- методологии на водење и одржување;
- функција на поврзување;
- основи на заштитата на податоците и информациите;
- податоци за единиците на евиденцијата и друго.
При спроведувањето на статистичките истражувања се користат единствените идентификации, евиденции и регистри утврдени со закон или општ акт.
- IV. ПРОГРАМА ЗА СТАТИСТИЧКИ ИСТРАЖУВАЊА
- Член 22
Програмата за статистички истражувања ја донесува Владата на Република Македонија.
Предлогот за донесување на Програмата го подготвува Заводот во соработка со овластените носители.
Програмата се донесува за период од пет години, а по потреба се менува и дополнува годишно.
Програмата се објавува во “Службен весник на Република Македонија” .
- Член 23
За реализација на Програмата Заводот поднесува Годишен извештај до Владата на Република Македонија до 31 мај во тековната за претходната година.
Овластените носители се должни до Заводот да доставуваат податоци за изготвување на Годишниот извештај до 31 март во тековната за претходната година.
Член 24
Со Програмата се утврдуваат:
- називот и ознаката на статистичкото истражување;
- содржината на статистичкото истражување;
- извештајните единици;
-периодиката на статистичкото истражување (месечна, тримесечна, полугодишна, годишна, повеќегодишна);
- критичниот момент или периодот на статистичкото истражување;
-рокот во кој треба да се дадат податоците;
- релевантните меѓународни стандарди;
- називот на носителот кој го спроведува статистичкото истражување;
- роковите во кои треба да се изврши обработка и објавување на податоците и
- податоците што задолжително се објавуваат ;
Член 25
Спроведувањето на Пописот на населението, домаќинствата и становите и Пописот на земјоделството се уредува со посебни закони.
V. ЗБИРКИ НА ПОДАТОЦИ
Член 26
За порационално извршување на Програмата како и за другите потреби во согласност со овој закон, Заводот користи податоци од збирките на податоци.
Член 27
Збирки на податоци можат да се користат како извори на податоци за статистичките истражувања во сите случаи, доколку се обезбеди заштита на податоците согласно овој закон, освен ако со законот со кој се воведени не е стриктно уредено дека тие податоци не можат да се користат за статистички цели.
Носителите на збирките на податоци утврдени со закон, се должни на Заводот да му ги обезбедат податоците кои се содржани во збирките, а се неопходни за реализација на статистичките истражувања.
По преземањето на податоците од збирките на податоци Заводот овие податоци, заедно со претходно прибраните, ги обликува, складира и чува во своите бази на податоци.
VI
Член 28
СТАТИСТИЧКИ РЕГИСТРИ
Заводот користи податоци од административни збирки на податоци, пописи, статистички истражувања и податоци собрани преку методот на набљудување и следење, заради организирање и водење на статистички регистри.
Заводот има право да ги прилагоди податоците добиени од административните збирки на податоци заради нивно усогласување со дефинициите и стандардите кои ги користат за статистичките регистри кои ги води.
Содржината, формата, како и начинот на водењето и користењето на податоците од статистичките регистри од ставот 1 на овој член се уредуваат со Правилник кој го донесува директорот на Заводот.
Член 29
Податоците од статистичките регистри не смеат да се даваат на корисници во облик и на начин кој овозможува препознавање на извештајната единица на која се однесуваат тие податоци.
Член 30
Податоците од статистичките регистри исклучиво се користат за статистички цели
Под статистичка цел во смисла на ставот 1 од овој член се подразбира користење на податоците од статистичките регистри заради селекција на извештајните единици за статистички истражувања и за избор на примерок.
ВИИ. ПРИБИРАЊЕ, ОБРАБОТКА И ЧУВАЊЕ НА ПОДАТОЦИТЕ
Член 31
Извештајните единици се должни на Заводот да му достават статистички податоци, утврдени во согласност со закон и Програмата, без надомест.
Извештајните единици се должни за податоците, што треба да ги обезбедат за статистичките истражувања, да водат соодветна евиденција.
За водењето и содржината на евиденциите од став 2 на овој член Заводот е должен да ги информира извештајните единици пред започнувањето на роковите за кои се однесуваат податоците.
Извештајните единици при водењето на збирки на податоци, кои се користат и за статистички истражувања, ги применуваат единствените стандарди.
Податоците за статистичките истражувања се прибираат преку статистички прашалници, обрасци, непосредно преземање на податоците од соодветните документи на извештајната единица или од збирките на податоци.
Податоците за статистичките истражувања покрај на начинот утврден во ставот 5 на овој член можат да се прибираат и во електронски облик.
Член 32
Пред прибирањето на податоците, Заводот и овластените носители мора да ги запознаат извештајните единици со следново:
- законската основа за прибирање на податоците;
- целта за која се прибираат податоците;
- името на органот што ќе ги прибере и обработи податоците;
- заштитата на податоците;
- опфатот и начинот на прибирање на податоците;
- дали постои задолжителна обврска за давање на податоците.
Член 33
На статистичките обрасци и другите инструменти за спроведување на статистичкото истражување задолжително се наведува:
- правниот основ за извршување на статистичкото истражување;
- називот на носителот кој е надлежен за спроведување на статистичкото истражување;
- називот и содржината на статистичкото истражување и
- обврска за заштита на податоците.
Член 34
На лицата кои се определени непосредно да ги приберат податоците од извештајната единица во својство на анкетари, проценители, попишувачи и други, и на лицата кои се определени да извршат контрола на податоците од извештајната единица, директорот на Заводот им издава писмено овластување.
Писменото овластување од став 1 на овој член ги содржи следните податоци: име и презиме на лицето, единствен матичен број на граѓанинот (ЕМБГ), адреса на живеење, назив на статистичкото истражување за кое е овластен да ги прибере, односно провери податоците, обврска за заштита на податоците и рок за кој важи овластувањето.
Писменото овластување од став 1 на овој член важи само со лична карта и лицето е должно пред прибирањето или контролата на статистичките податоци да го покаже на извештајната единица.
Член 35
Извештајните единици, кои според Програмата имаат обврска да ги дадат податоците, се должни на Заводот во одреден рок да му дадат целосни и точни податоци.
Доколку податоците не се целосни, точни или се неправилно подготвени извештајните единици се должни повторно да ги пополнат или дополнат.
Член 36
За статистичките истражувања што се вршат според територијален принцип податоците се објавуваат и на ниво на единици на локалната самоуправа.
При објавувањето на податоците од став 1 на овој член се применуваат одредбите за заштита на податоците од овој и друг закон.
Член 37
Податоците прибрани во согласност со Програмата се чуваат во Заводот и кај овластените носители во согласност со пропишаните норми и стандарди.
Изворните материјали со кои се добиени податоците од извештајните единици во согласност со Програмата се чуваат во роковите што се неопходни за остварување на целта за која се прибрани.
Директорот на Заводот, односно лицето кое раководи со овластениот носител, ги пропишува роковите од став 2 на овој член за статистичките истражувања во рамките на своите надлежности.
Член 38
Конечните резултати од статистичките истражувања, утврдени со Програмата, како агрегирани, се чуваат трајно на начин и постапка пропишани од Директорот на Заводот, односно од лицето кое раководи со овластениот носител во рамките на своите надлежности.
VIII. ЗАШТИТА НА ПОДАТОЦИТЕ
Член 39
Заводот и овластените носители прибираат индивидуални податоци за статистички цели, за статистичките истражувања утврдени со Програмата и други закони.
По исклучок од став 1 на овој член за статистичките истражувања утврдени во Програмата или со закон, може да се користат и податоци кои не се прибрани за статистички цели.
Идентификационите податоци прибрани во согласност со Програмата може да се користат за создавање на збирки на податоци за статистички цели (избор на примерок и слично).
Член 40
Индивидуалните податоци прибрани, обработени или дадени за статистички цели можат да се користат само за цели утврдени со овој закон. Поединечно овие податоци не можат да се користат за донесување на било какви одлуки во врска со правното или физичко лице на кое се однесуваат, ниту да се компилираат или стават во други збирки на податоци што се користат за нестатистички цели.
Член 41
Во случаите кога индивидуалните податоци се прибираат непосредно, извештајната единица ќе биде информирана за податоците содржани во член 32 на овој закон.
Во случаите кога индивидуалните податоци се преземаат од други збирки на податоци, информирањето на правното или физичко лице на кое тие податоци се однесуваат, ќе се направи на погоден начин, освен ако давањето на таквата информација е невозможна или вклучува неразумен напор.
Член 42
Посебните категории на лични податоци што се обработуваат за статистички цели се прибираат во форма што не овозможува идентификација на лицето на кое се однесуваат.
По исклучок од став 1 на овој член ако за обработката на посебните категории на лични податоци е потребна идентификација на лицето на кое се однесуваат, тогаш ќе се обезбеди соодветна заштита, вклучувајќи и одвојување на идентификационите податоци уште во фазата на нивното прибирање, освен ако ова е очигледно неразумно или непрактично.
Единствениот матичен број на граѓанинот за статистички цели може да се користи исклучиво во фазата на прибирањето на посебните категории на лични податоци.
По внесувањето во збирката на податоците, единствениот матичен број на граѓанинот се одделува од содржината на варијаблите и може повторно да се припои заради следење на истата содржина на варијаблите во одреден временски период, доколку во Програмата за статистички истражувања е утврдено негово користење за подготвување на лонгитудинални збирки на податоци.
Член 43
Сите лични податоци прибрани за статистички цели подлежат на заштита утврдена со овој закон и Законот за заштитата на личните податоци (“Службен весник на Република Македонија бр.07/2005”).
Во однос на правата на лицето во врска со личните податоци кои се прибираат во согласност со овој закон ќе се применува член 16 од Законот за заштита на лични податоци.
Одредбите од ставовите 1 и 2 на овој член соодветно ќе се применуваат и на индивидуалните податоци за правните лица кои се утврдени како извештајни единици.
Член 44
Вработените лица во Заводот и кај овластените носители на определено или неопределено време, како и извршителите кои врз основа на договор вршат прибирање или при својата работа имаат пристап до индивидуални податоци, должни се тие податоци да ги чуваат како доверливи за време и по престанувањето на работниот однос или ангажирање по договор за дело.
Лицата од став 1 на овој член пред запознавањето со податоците треба да бидат запознаени со обврските за заштита на податоците.
Член 45
Индивидуалните податоци прибрани и обработени за статистички цели, по извршената обработка ќе бидат складирани и чувани до објавување на конечните резултати.
По исклучок податоците од став 1 на овој член може да се чуваат и подолго, за намените утврдени во став 3 на член 39 од овој закон, но најдолго до остварување на целта за која се чуваат.
Член 46
Заводот и овластените носители од член 6 на овој Закон можат, врз основа на писмено барање, да даваат индивидуални податоци без идентификациони податоци за извештајната единица, исклучиво на научни институции за научно-истражувачки цели, доколку корисникот ги обезбеди сите мерки на заштита утврдени со закон и други прописи.
Писменото барање од ставот 1 на овој член мора да ја содржи целта, законската основа за користење на индивидуалните податоци и категоријата на индивидуалните податоци кои се бараат.
За користење на податоците од став 1 на овој член се склучува посебен договор врз основа на кој корисникот се обврзува дека податоците ќе ги користи за целта која е наведена во барањето, дека нема да ги даде на увид и користење на неовластени лица и дека после употребата ќе ги уништи.
Трошоците за подготовка на податоците ги сносат корисниците од став 1 на овој член.
Член 47
Статистичките резултати ќе бидат достапни за користење или ќе се публикуваат само ако е обезбедено дека преку овие резултати не може веќе да се идентификуваат субјектите (правното или физичко лице) на кои тие податоци се однесуваат, освен ако субјектот на податоците дал согласност.
Член 48
За да се обезбеди заштита на индивидуалните податоци, прибрани за статистички цели, се преземаат мерки против неовластен пристап, доставување или било каква неовластена обработка, како и мерки со кои се спречува уништувањето, губењето, промената, злоупотребата или неовластената употреба на податоците.
Мерките и техниките за обезбедување заштита на податоците прибрани според Програмата ги пропишува Директорот на Заводот, односно лицето кое раководи со овластениот носител.
IX. ДИСЕМИНАЦИЈА НА ПОДАТОЦИТЕ
Член 49
Статистичките податоци, што се објавуваат во согласност со Програмата, се јавни и секому достапни.
Резултатите од статистичките истражувања ги објавува Заводот и овластените носители.
Примерок од резултатите од статистичките истражувања од Програмата што ги објавуваат, овластените носители доставуваат до Заводот.
Интегралните публикации од статистичките истражувања, предвидени во Програмата ги објавува Заводот.
Член 50
Како официјални службени податоци во Република Македонија за истражувањата предвидени со Програмата се сметаат податоците кои во согласност со истата ги објавува Заводот и овластените носители.
Корисниците на статистичките податоци при употребата на податоците задолжително го наведуваат изворот на податоците.
Член 51
Заводот и овластените носители на корисниците можат, на нивно барање, податоците да им ги даваат и на друг начин односно во друг облик, од утврдениот во Програмата, доколку не се повредуваат одредбите за заштита на податоците.
Трошоците за давање на податоците кои ќе се подготват во согласност со став 1 од овој член ги сносат корисниците, освен државните органи.
Член 52
По исклучок, индивидуалните податоци за правните лица прибрани за статистички цели, може да се објавуваат и даваат во следниве случаи:
- ако има писмена согласност од извештајната единица за која тие податоци се однесуваат;
- ако податоците се земени од јавните - општо достапни збирки на податоците.
Писмената согласност од став 1 алинеја 1 на овој член може во секое време и без образложение да се повлече.
Член 53
Заводот добиените резултати од статистичките истражувања ги објавува во вид на соопштенија, публикации, работни документи, анализи, студии и други видови на публикациони материјали.
Субјектите на кои се дистрибуираат публикациони материјали без надомест и бројот се утврдуваат со акт на Владата на Република Македонија.
Цените на публикационите материјали од став 1 на овој член и трошоците за подготовка на податоците од член 51 на овој закон ги определува Заводот.
На цените од став 3 на овој член согласност дава Владата на Република Македонија.
X. МЕЃУНАРОДНА СТАТИСТИЧКА СОРАБОТКА
Член 54
При исполнување на меѓународните обврски Заводот, во соработка со овластените носители во областа на статистиката, соработува, посредува и разменува податоци со други држави и меѓународни организации.
Примерок од податоците кои овластените носители ги доставуваат во рамките на меѓународната статистичка соработка ги доставуваат и до Заводот.
По исклучок од став 2 на овој член доколку податоците што ги даваат овластените носители треба да се усогласуваат со меѓународните статистички норми и стандарди, податоците се даваат по предходна согласност на Заводот.
При извршување на обврските од став 1 на овој член Заводот односно овластените носители соработуваат со министерството надлежно за надворешни работи, а по потреба и со други органи на државната управа.
Член 55
Доставувањето на заштитените податоци за кои не е дозволена директна идентификација меѓу Заводот и соодветните национални институции на членките на Европската унија и органите на Заедницата, може да се врши само ако тоа доставување е неопходно за продуцирање на специфичните статистики на Заедницата.
Секое натамошно доставување мора да биде одобрено од страна на Заводот.
Член 56
Заводот и другите овластени носители можат да пренесуваат индивидуални податоци во трети држави без идентификациони податоци за извештајната единица на која се однесуваат, по барање на статистички организации и статистички служби на меѓународни организации, за статистички цели и за научни истражувања, доколку се обезбедени сите мерки за заштита и за пренос на податоците во согласност со овој Закон и во согласност со постапката утврдена со Законот за заштита на личните податоци.
Член 57
За извршување на своите задачи, по претходна согласност од Владата на Република Македонија, Заводот може да се зачлени во меѓународни организации и со нив да соработува.
Потребните средства за членскиот влог во случаевите од став 1 на овој член се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија.
Член 58
Меѓународната статистичка соработка се остварува преку:
-подготовка на статистички податоци во согласност со меѓународни и меѓудржавни договори што Република Македонија ги склучила и ги прифатила;
- членување и соработка со меѓународни и регионални организации и асоцијации;
- учество во подготовката на меѓународни публикации;
- учество во реализацијата на меѓународни проекти;
- соработка со статистички органи на други земји во областа на статистиката и
- подготовка и давање на користење статистички податоци на барање на корисници од странство.
Член 59
Во однос на заштитата на податоците при меѓународната статистичка соработка се применуваат одредбите од овој закон и Законот за заштита на лични податоци.
XI. ФИНАНСИРАЊЕ НА ДРЖАВНАТА СТАТИСТИКА
Член 60
Средства за реализација на Програмата се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија.
Приходите од вршењето на работите на државната статистика се уплатуваат на посебна жиро сметка - сметка за сопствени приходи.
XII. ПРЕКРШОЧНИ ОДРЕДБИ
Член 61
Глоба од 2.500 до 5.000 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на правното лице ако на Заводот, не му ги достави бараните податоци во утврдените рокови или ако достави неточни податоци (член 31 став 1 и член 35).
За прекршокот од став 1 на овој член ќе се изрече на одговорното лице во правното лице или службено лице или трговец поединец глоба од 1.000 до 2.000 евра во денарска противвредност.
Член 62
Глоба од 2.500 до 5.000 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на правното лице ако ги повреди одредбите за заштита на индивидуалните податоци добиени по основ на член 41 или не ги обезбеди или преземе мерките за заштита, или ги користи надвор од целите за кои ги добило (член 46 ставови 1 и 2).
За прекршокот од став 1 на овој член ќе се изрече на одговорното лице во правното лице или службено лице или трговец поединец глоба од 1.000 до 2.000 евра во денарска противвредност.
За прекршокот од став 1 на овој член на полнолетно физичко лице кое по основ на работен однос или договор имало пристап до индивидуалните податоци ќе се изрече глоба од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност.
Член 63
Глоба од 1.000 до 2.000 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на одговорното лице во Заводот или овластениот носител и лицето од член 44, став 1 од овој закон за непреземање или повреда на пропишаните мерки за заштита на податоците.
Член 64
Глоба од 1.000 до 2.000 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на одговорното лице во надлежниот орган за водење на збирката на податоци утврдени со законите со кои тие се воспоставени, ако на барање на Заводот не ги обезбеди бараните податоци (член 27 став 2).
Член 65
Глоба од 1.000 до 2.000 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на одговорното лице во надлежниот орган за водење на збирката на податоци утврдени со законите со кои тие се воспоставени ако пред воведувањето или измените и дополнувањето на содржината на збирката не побара писмено мислење од Заводот (член 19 став 1).
XIII. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
Член 66
Подзаконските акти предвидени со овој закон ќе се донесат во рок од три месеци од денот на неговото влегување во сила.
До донесувањето на подзаконските акти предвидени со овој закон ќе се применуваат постојните прописи доколку не се во несогласност со овој закон.
Член 67
Заводот за статистика на Република Македонија продолжува да работи со делокруг определен со овој и друг закон.
Општите акти за организација и работа и за систематизација на работите и задачите на Заводот, Директорот ќе ги донесе во рок од три месеци од влегувањето во сила на овој закон.
Член 68
Со денот на влегување во сила на овој Закон престануваат да важат Законот за статистички истражувања од интерес за Републиката (“Службен весник на СРМ” бр. 5/74 и 20/88) и Законот за статистички истражувања од интерес за целата земја (“Службен лист на СФРЈ” бр. 39/77, 63/86 и 44/89).
Член 69
Овој Закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија“