Протокол за обединување на македонското револуционерно движење од 1924 година
„ Протокол за обединување на македонското револуционерно движење од 1924 година“ од Протокол за обединување на македонското револуционерно движење од 1924 година/ |
Виена, 30 април 1924 г. |
„ |
Потпишаните, ја изјавуваме својата длабока убеденост дека успехот на ослободителната револуционерна борба во Македонија при денешната балканска и меѓународна политичка положба, е можен само кога таа борба ќе биде положена врз следните основи: 1. Ослободување и обединување на распарчените делови на Македонија во една наполно независна и самостојна политичка единица, во нејзините природни етнографски и географски граници. 2. Кога политичкото постоење на независна Македонија ќе биде гарантирано од сојузот на самостојно определените балкански народи во една Балканска федерација, која единствено може да ги парализира анексионистичките стремежи на балканските и европските држави, да го осигура правилното разрешување на сите нацианални спорови и да го гарантира културниот развиток на сите етнографски малцинства. 3. Кога борбата за ослободувањето на Македонија и за образувањето на Балканската федерација ќе смета првенствено на обединетите револуционерни сили на целото македонско население, без разлика на вера и народност, и кога таа борба ќе биде поведена во тесна соработка со другите балкански народи, на прво место со балкакското комунистичко движење. 4. Кога таа борба, доколку нејзиниот успех зависи од меѓународната политичка положба, смета и се опира исклучително врз револуционерните и прогресивни движења во Европа, на чело со комунистичкото и врз сестраната поткрепа на СССР, кој единствен денеска се бори за ослободување на потиснатите народи, за нивното вистинско самоопределување и федерирање и кој мема никакви завојувачки цели на Балканот. Со оглед на тоа, првата и најпрека задача на македонската ослободителна борба е обединувањето на сите револуционерни сили во Македонија во единствен македонски револуционерен фронт, како основа за образувањето на единствениот балкански револуционерен фронт, кој ќе поведе најрешителна борба против анексионистичките и империјалистичките политики на сите балкански и европски држави. За остварувањето на единствениот македонски револуционерен фронт, страните заинтересирани во македонското револуционерно движење го сметаат за неопходно и наложително следното: 1. Обединувањето на целото македонско револуционерно движење во една организација и под едно идејно знаме, кое може да биде само гореизложената програма. 2. Тоа обединување треба да биде извршено од обединителниот конгрес, свикан врз основа уставот и правилникот на ВМРО. 3. Со оглед на тоа што условите за свикување на еден обединителен конгрес не се уште узреани и се налага извесна предходна работа за создавање на поволна атмосфера за свикувањето на тој конгрес, двете страни се согласуваат во следното: а) Да ги прекратат сите непријателски дејства помеѓу себе, запазувајќи полна слобода само за организационата дејност на двете страни врз основа на гореизложената платформа. б) Едновремено со тоа заемно се укинуваат сите смртни пресуди и прогони против одделни членови, организациони чети и др. в) Да се востанови една општа согласителна комисија во состав по еден претставник од двете страни и еден член, назначен по желба на двете страни. г) Задачите на согласителната комисија се следните: да работи за отстранувањето на сите конфликти што можат да поникнат меѓу двете страни; да подготвува услови при кои може да се постави прашањето за свикување на обединителниот конгрес; да работи за распространувањето во иностраниот печат на идејата за неопходноста од единствен македонски и балкански револуционерен фронт и Балканската федерација; да го уреди издавањето и редактирањето на општиот иностранен и периодичен орган под името „Балканска федерација". 5. Овој протокол е составен во два примерка, потпишан од секоја страна пооделно. Виена, 30 април 1924 г. Централен комитет ва ВМРО А. Протогеров П. Чаулев Т. Александров
|
“ |