Устав на Република Македонија (Пречистен текст)

Од Wikisource
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Содржина

Опфат[уреди]

        Неофицијалниот пречистен текст на Уставот на Република Македонија ги опфаќа: Уставот на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 52/1991), Амандманите I и II на Уставот на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 1/1992), Амандманот III на Уставот на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 31/1998), Амандманите IV, V, VI, VII, VIII, IX, X, XI, XII, XIII, XIV, XV, XVI, XVII и XVIII на Уставот на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 91/2001), Амандманот XIX на Уставот на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 84/2003), Амандманите XX, XXI, XXII, XXIII, XXIV, XXV, XXVI, XXVII, XXVIII, XXIX и XXX на Уставот на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 107/2005), Амандманот XXXI на Уставот на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 3/2009), Исправката на Амандманот XXXI на Уставот на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 13/2009) и Амандманот XXXII на Уставот на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 49/2011), во кои е означено времето на нивното влегување во сила и примена.

УСТАВ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА (Неофицијален пречистен текст)[уреди]

(Преамбула)[уреди]

        Граѓаните на Република Македонија, македонскиот народ, како и граѓаните кои живеат во нејзините граници кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите, преземајќи ја одговорноста за сегашноста и иднината на нивната татковина, свесни и благодарни на своите предци за жртвите и посветеноста во нивните заложби и борба за создавање самостојна и суверена држава Македонија и одговорни пред идните генерации за зачувување и развој на сè што е вредно од богатото културно наследство и соживот во Македонија, еднакви во своите права и обврски кон заедничкото добро - Република Македонија - во согласност со традицијата на Крушевската Република и одлуките на АСНОМ и на Референдумот од 8 септември 1991 година, одлучија да ја конституираат Република Македонија како самостојна, суверена држава, со намера да се воспостави и зацврсти владеењето на правото, да се гарантираат човековите права и граѓанските слободи, да се обезбеди мир и соживот, социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот и заедничкиот живот, преку своите претставници во Собранието на Република Македонија, избрани на слободни и демократски избори го донесуваат овој
                                  УСТАВ
               НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

I. ОСНОВНИ ОДРЕДБИ[уреди]

Член 1[уреди]

        Република Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава.
        Суверенитетот на Република Македонија е неделив, неотуѓив и непренослив.

Член 2[уреди]

        Во Република Македонија суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните.
        Граѓаните на Република Македонија власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници, по пат на референдум и други облици на непосредно изјаснување.

Член 3[уреди]

        Територијата на Република Македонија е неделива и неотуѓива.
        Постојната граница на Република Македонија е неповредлива.
        Границата на Република Македонија може да се менува само во согласност со Уставот, а врз принципот на доброволност и во согласност со општо прифатените меѓународни норми.
        Република Македонија нема територијални претензии кон соседните држави.

Член 4[уреди]

        Граѓаните на Република Македонија имаат државјанство на Република Македонија.
        На државјанин на Република Македонија не може да му биде одземено државјанството, ниту може да биде протеран од Република Македонија. Државјанин на Република Македонија не може да биде предаден на друга држава, освен врз основа на ратификуван меѓународен договор, со одлука на суд.
        Државјанството на Република Македонија се уредува со закон.

Член 5[уреди]

        Државни симболи на Република Македонија се: грб, знаме и химна.
        Грбот, знамето и химната на Република Македонија се утврдуваат со закон кој се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Член 6[уреди]

        Главен град на Република Македонија е Скопје.

Член 7[уреди]

        На целата територија во Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.
        Друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, исто така, е службен јазик и неговото писмо, како што е определено со овој член.
        Личните документи на граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, се издаваат на македонски јазик и неговото писмо, како и на тој јазик и неговото писмо во согласност со закон.
        Кој било граѓанин кој живее во единиците на локалната самоуправа во која најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, во комуникацијата со подрачните единици на министерствата, може да употреби кој било од службените јазици и неговото писмо. Подрачните единици надлежни за тие единици на локална самоуправа одговараат на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на службениот јазик и писмо што го употребува граѓанинот. Секој граѓанин во комуникација со министерствата може да употребува еден од службените јазици и неговото писмо, а министерствата одговараат на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на службениот јазик и писмото што го употребува граѓанинот.
        Во органите на државната власт во Република Македонија службен јазик различен од македонскиот јазик, може да се користи во согласност со закон.
        Во единиците на локалната самоуправа јазикот и писмото што го користат најмалку 20% од граѓаните е службен јазик, покрај македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. За употребата на јазиците и писмата на кои зборуваат помалку од 20% од граѓаните во единиците на локалната самоуправа, одлучуваат органите на единиците на локалната самоуправа.

Член 8[уреди]

        Темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се:
        - основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот;
        - слободното изразување на националната припадност; соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа;
        - владеењето на правото;
        - поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска;
        - политичкиот плурализам и слободните непосредни и демократски избори;
        - правната заштита на сопственоста;
        - слободата на пазарот и претприемништвото;
        - хуманизмот, социјалната правда и солидарноста;
        - локалната самоуправа;
        - уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата и
        - почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право.
        Во Република Македонија слободно е сè што со Уставот и закон не е забрането.

II. ОСНОВНИ СЛОБОДИ И ПРАВА НА ЧОВЕКОТ И ГРАЃАНИНОТ[уреди]

1. Граѓански и политички слободи и права[уреди]

Член 9[уреди]

        Граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.
        Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Член 10[уреди]

        Животот на човекот е неприкосновен.
        Во Република Македонија не може да се изрече смртна казна по ниту еден основ.

Член 11[уреди]

        Физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени.
        Се забранува секој облик на мачење, нечовечко или понижувачко однесување и казнување.
        Се забранува присилна работа.

Член 12[уреди]

        Слободата на човекот е неприкосновена.
        Никому не може да му биде ограничена слободата, освен со одлука на судот и во случаи и во постапка утврдена со закон.
        Лицето повикано, приведено или лишено од слобода мора веднаш да биде запознато со причините за неговото повикување, приведување или лишување од слобода и со неговите права утврдени со закон и од него не може да се бара изјава. Лицето има право на бранител во полициската и судската постапка.
        Лицето лишено од слобода мора веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа од моментот на лишувањето од слобода, да биде изведено пред суд, кој без одлагање ќе одлучи за законитоста на лишувањето од слобода.
        Притворот до подигнување на обвинението, по одлука на суд, може да трае најдолго 180 дена од денот на притворувањето.
        По подигнување на обвинението, притворот го продолжува или го определува надлежниот суд во случај и во постапка утврдени со закон.
        Притвореното лице може под услови утврдени со закон да биде пуштено да се брани од слобода.

Член 13[уреди]

        Лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино сè додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.
        Лицето незаконито лишено од слобода, притворено или незаконито осудено, има право на надомест на штета и други права утврдени со закон.
        За прекршоци определени со закон, санкција може да изрече орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања.
        Против конечна одлука за прекршок се гарантира судска заштита под услови и постапка уредени со закон.

Член 14[уреди]

        Никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.
        Никој не може повторно да биде суден за дело за кое веќе бил суден и за кое е донесена правосилна судска одлука.

Член 15[уреди]

        Се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд.
        Правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања се уредува со закон.

Член 16[уреди]

        Се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.
        Се гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање и слободното основање на институции за јавно информирање.
        Се гарантира слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување на информации.
        Се гарантира правото на одговор во средствата за јавно информирање.
        Се гарантира правото на исправка во средствата за јавно информирање.
        Се гарантира правото на заштита на изворот на информацијата во средствата за јавно информирање.
        Цензурата е забранета.

Член 17[уреди]

        Се гарантира слободата и неповредливоста на писмата и на сите други облици на комуникација.
        Само врз основа на одлука на суд, под услови и во постапка утврдена со закон, може да се отстапи од правото на неповредливост на писмата и другите облици на комуникација, ако тоа е неопходно заради спречување или откривање кривични дела, заради водење кривична постапка или кога тоа го бараат интересите на безбедноста и одбраната на Републиката.
        Законот се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Член 18[уреди]

        Се гарантираат сигурноста и тајноста на личните податоци.
        На граѓаните им се гарантира заштита од повреда на личниот интегритет што произлегува од регистрирањето на информации за нив преку обработка на податоците.

Член 19[уреди]

        Се гарантира слободата на вероисповеста.
        Се гарантира слободно и јавно, поединечно или во заедница со други, изразување на верата.
        Македонската православна црква, како и Исламската верска заедница во Македонија, Католичката црква, Евангелско-Методистичката црква, Еврејската заедница и другите верски заедници и религиозни групи се одвоени од државата и се еднакви пред закон.
        Македонската православна црква, како и Исламската верска заедница во Македонија, Католичката црква, Евангелско-Методистичката црква, Еврејската заедница и другите верски заедници и религиозни групи се слободни во основањето на верски училишта и на социјални и добротворни установи во постапка предвидена со закон.

Член 20[уреди]

        На граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања.
        Граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.
        Програмите и дејствувањето на здруженијата на граѓаните и политичките партии не можат да бидат насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Републиката и кон поттикнување или повикување на воена агресија или разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост.
        Забранети се воени или полувоени здруженија што не им припаѓаат на вооружените сили на Република Македонија.

Член 21[уреди]

        Граѓаните имаат право мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест без претходно пријавување и без посебна дозвола.
        Користењето на ова право може да биде ограничено само во услови на воена и вонредна состојба.

Член 22[уреди]

        Секој граѓанин со наполнети 18 години живот стекнува избирачко право.
        Избирачкото право е еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање.
        Избирачко право немаат лицата на кои им е одземена деловната способност.

Член 23[уреди]

        Секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Член 24[уреди]

        Секој граѓанин има право да поднесува претставки до државните органи и другите јавни служби и на нив да добие одговор.
        Граѓанинот не може да биде повикан на одговорност, ниту да трпи штетни последици за ставовите изнесени во претставките, освен ако со нив не сторил кривично дело.

Член 25[уреди]

        На секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.

Член 26[уреди]

        Се гарантира неповредливоста на домот.
        Правото на неповредливост на домот може да биде ограничено единствено со судска одлука кога е во прашање откривање или спречување, на кривични дела или заштита на здравјето на луѓето.

Член 27[уреди]

        Секој граѓанин на Република Македонија има право слободно да се движи на територијата на Републиката и слободно да го избира местото на своето живеалиште.
        Секој граѓанин има право да ја напушти територијата на Републиката и да се врати во Републиката.
        Остварувањето на овие права може да се ограничи со закон, единствено во случаите кога е тоа потребно заради заштита на безбедноста на Републиката, водење на кривична постапка или заштита на здравјето на луѓето.

Член 28[уреди]

        Одбраната на Република Македонија е право и должност на секој граѓанин.
        Остварувањето на ова право и должност на граѓаните се уредува со закон.

Член 29[уреди]

        Странците во Република Македонија уживаат слободи и права гарантирани со Уставот, под услови утврдени со закон и меѓународни договори.
        Републиката им гарантира право на азил на странците и на лицата без државјанство, прогонети заради демократско политичко уверување и дејствување.
        Екстрадиција на странец може да биде извршена само врз основа на ратификуван меѓународен договор и врз начелото на реципроцитет. Странец не може да биде екстрадиран заради политичко кривично дело. Дејствијата на тероризам не се сметаат за политички кривични дела.

2. Економски, социјални и културни права[уреди]

Член 30[уреди]

        Се гарантира правото на сопственост и правото на наследување.
        Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата.
        Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.
        Во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.

Член 31[уреди]

        Странско лице во Република Македонија може да стекнува право на сопственост под услови утврдени со закон.

Член 32[уреди]

        Секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност.
        Секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.
        Секој вработен има право на соодветна заработувачка.
        Секој вработен има право на платен дневен, неделен и годишен одмор. Од овие права вработените не можат да се откажат.
        Остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Член 33[уреди]

        Секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Член 34[уреди]

        Граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Член 35[уреди]

        Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.
        Републиката им гарантира право на помош на немоќните и на неспособните за работа граѓани.
        Реубликата им обезбедува посебна заштита на инвалидните лица и услови за нивно вклучување во општествениот живот.

Член 36[уреди]

        Републиката им гарантира посебни социјални права на борците од Антифашистичката војна и од сите националноослободителни војни на Македонија, на воените инвалиди, на прогонуваните и затвораните за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата државност, како и на членовите на нивните семејства кои немаат можности за материјална и социјална егзистенција.
        Посебните права се уредуваат со закон.

Член 37[уреди]

        Заради остварување на своите економски и социјални права, граѓаните имаат право да основаат синдикати. Синдикатите можат да основаат свои сојузи и да членуваат во меѓународни синдикални организации.
        Со закон може да се ограничат условите за остварување на правото на синдикално организирање во вооружените сили, полицијата и органите на управата.

Член 38[уреди]

        Се гарантира правото на штрајк.
        Со закон може да се ограничат условите за остварување на правото на штрајк во вооружените сили, полицијата и органите на управата.

Член 39[уреди]

        На секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита.
        Граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.

Член 40[уреди]

        Републиката му обезбедува посебна грижа и заштита на семејството.
        Правните односи во бракот, семејството и вонбрачната заедница се уредуваат со закон.
        Родителите имаат право и должност да се грижат за издржување и воспитување на децата. Децата се должни да се грижат за старите и изнемоштени родители.
        Републиката им обезбедува посебна заштита на децата без родители и децата без родителска грижа.

Член 41[уреди]

        Право на човекот е слободно да одлучува за создавање на деца.
        Републиката, заради усогласен економски и социјален развој, води хумана популациона политика.

Член 42[уреди]

        Републиката посебно ги заштитува мајчинството, децата и малолетните лица.
        Лице помладо од 15 години живот не може да биде вработено.
        Малолетните лица и мајките имаат право на посебна заштита при работа.
        Малолетните лица не смеат да бидат вработувани на работни места што се штетни за нивното здравје и моралот.

Член 43[уреди]

        Секој човек има право на здрава животна средина.
        Секој е должен да ја унапредува и штити животната средина и природата.
        Републиката обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина.

Член 44[уреди]

        Секој има право на образование.
        Образованието е достапно на секого под еднакви услови.
        Основното образование е задолжително и бесплатно.

Член 45[уреди]

        Граѓаните имаат право, под услови утврдени со закон, да основаат приватни образовни установи во сите степени на образованието, освен во основното образование.

Член 46[уреди]

        На универзитетот му се гарантира автономија.
        Условите за основање, вршење и престанок на дејноста на универзитетот, се уредуваат со закон.

Член 47[уреди]

        Се гарантира слободата на научното, уметничкото и на другите видови творештво.
        Се гарантираат правата што произлегуваат од научното уметничкото или друг вид интелектуално творештво.
        Републиката го поттикнува, помага и штити развојот на науката, уметноста и културата.
        Републиката го поттикнува и помага научниот и технолошкиот развој.
        Републиката ги поттикнува и помага техничката култура и спортот.

Член 48[уреди]

        Припадниците на заедниците имаат право слободно да го изразуваат, негуваат и развиваат својот идентитет и особеностите на своите заедници и да ги употребуваат симболите на својата заедница.
        Републиката им ја гарантира заштитата на етничкиот, културниот, јазичниот и верскиот идентитет на сите заедници.
        Припадниците на заедниците имаат право да основаат културни, уметнички, образовни институции, како и научни и други здруженија заради изразување, негување и развивање на својот идентитет.
        Припадниците на заедниците имаат право на настава на својот јазик во основното и средното образование на начин утврден со закон. Во училиштата во кои образованието се одвива на друг јазик се изучува и македонскиот јазик.

Член 49[уреди]

        Републиката се грижи за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во соседните земји и за иселениците од Македонија, го помага нивниот културен развој и ги унапредува врските со нив. Републиката притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.
        Републиката се грижи за културните, економските и социјалните права на граѓаните на Републиката во странство.

3. Гаранции на основните слободи и права[уреди]

Член 50[уреди]

        Секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност.
        Се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања.
        Граѓанинот има право да биде запознат со човековите права и основни слободи и активно да придонесува, поединечно или заедно со други за нивно унапредување и заштита.

Член 51[уреди]

        Во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
        Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Член 52[уреди]

        Законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.
        Законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија” најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување.
        Законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето, а по исклучок, што го утврдува Собранието, со денот на објавувањето.
        Законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Член 53[уреди]

        Адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.

Член 54[уреди]

        Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.
        Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот.
        Ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.
        Ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правото на живот, забраната на мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста.

4. Основи на економските односи[уреди]

Член 55[уреди]

        Се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото.
        Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.
        Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Член 56[уреди]

        Сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба, како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита.
        Републиката гарантира заштита, унапредување и збогатување на историското и уметничкото богатство на Македонија и на сите заедници во Македонија, како и на добрата кои го сочинуваат без оглед на нивниот правен режим.
        Со закон се уредуваат начинот и условите под кои определени добра од општ интерес за Републиката можат да се отстапат на користење.

Член 57[уреди]

        Републиката го поттикнува економскиот напредок и се грижи за порамномерен просторен и регионален развој, како и за побрз развој на стопански недоволно развиените подрачја.

Член 58[уреди]

        Сопственоста на трудот се основа за управување и учество во одлучувањето.
        Учеството во управувањето и одлучувањето во јавните установи и служби се уредува со закон и врз принципите на стручност и компетентност.

Член 59[уреди]

        На странските вложувачи им се гарантира правото на слободно изнесување на вложениот капитал и добивката.
        Правата стекнати врз основа на вложениот капитал не можат да се намалуваат со закон или друг пропис.

Член 60[уреди]

        Народната банка на Република Македонија е емисиона банка.
        Народната банка е самостојна и одговорна за стабилноста на валутата, за монетарната политика и за општата ликвидност на плаќањата во Републиката и кон странство.
        Организацијата и работата на Народната банка се уредуваат со закон.

III. ОРГАНИЗАЦИЈА НА ДРЖАВНАТА ВЛАСТ[уреди]

1. Собрание на Република Македонија[уреди]

Член 61[уреди]

        Собранието на Република Македонија е претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт на Републиката.
        Организацијата и функционирањето на Собранието се уредуваат со Уставот и со Деловникот.

Член 62[уреди]

        Собранието го сочинуваат од 120 до 140 пратеници.
        Пратениците се избираат на општи, непосредни и слободни избори со тајно гласање.
        Пратеникот ги претставува граѓаните и во Собранието одлучува по свое уверување.
        Пратеникот не може да биде отповикан.
        Начинот и условите за избор на пратениците се уредуваат со закон што се донесува со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Член 63[уреди]

        Пратениците во Собранието се избираат за време од четири години. Мандатот на пратениците го верифицира Собранието. Мандатот почнува да тече од конститутивната седница на Собранието. Новоизбраното Собрание се состанува на конститутивна седница најдоцна 20 дена по одржаните избори. Конститутивната седница ја свикува претседателот на Собранието од претходниот состав.
        Доколку не се закаже конститутивна седница во предвидениот рок, пратениците сами се состануваат и го конституираат Собранието на дваесет и првиот ден од денот на завршувањето на изборите.
        Избори за пратеници во Собранието се одржуваат во последните 90 дена од мандатот на стариот пратенички состав или во рок од 60 дена од денот на распуштањето на Собранието.
        Мандатот на пратениците во Собранието може да се продолжи само во случај на воена или вонредна состојба.
        Со закон се утврдува неспојливоста и неизбирливоста на функцијата пратеник во Собранието со вршење на други јавни функции или професии.
        Собранието се распушта ако за тоа се изјасни мнозинството од вкупниот број пратеници.

Член 64[уреди]

        Пратениците уживаат имунитет.
        Пратеникот не може да биде повикан на кривична одговорност или да биде притворен за искажано мислење или за гласање во Собранието.
        Пратеникот не може да биде притворен без одобрување на Собранието, освен ако е затечен во вршење кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години.
        Собранието може да одлучи да се примени имунитет над пратеник и кога тој самиот не се повикал на него, ако е тоа потребно заради вршење на функцијата пратеник.
        За време на мандатот пратениците не подлежат на обврска во вооружените сили.
        Пратеникот има право на надомест утврден со закон.

Член 65[уреди]

        Пратеникот може да поднесе оставка.
        Пратеникот оставката ја поднесува лично на седница на Собранието.
        На пратеникот му престанува мандатот кога е осуден за кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години.
        На пратеникот може да му биде одземен мандатот кога е осуден за кривично или друго казниво дело што го прави недостоен за вршење на функцијата пратеник, како и за неоправдано отсуство од Собранието повеќе од шест месеци. Одземањето на мандатот го утврдува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Член 66[уреди]

        Собранието е во постојано заседание.
        Собранието работи на седници.
        Седниците на Собранието ги свикува претседателот на Собранието.
        Собранието донесува деловник со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Член 67[уреди]

        Собранието од редот на пратениците избира претседател и еден или повеќе потпретседатели, со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
        Претседателот на Собранието го претставува Собранието, се грижи за примена на Деловникот на Собранието и врши други работи утврдени со Уставот и со Деловникот на Собранието.
        Функцијата претседател на Собранието е неспојлива со вршење на друга јавна функција, професија или функција во политичка партија.
        Претседателот на Собранието распишува избори за пратеници и избор на претседател на Републиката.

Член 68[уреди]

        Собранието на Република Македонија:
        - го донесува и изменува Уставот;
        - донесува закони и дава автентично толкување на законите;
        - ги утврдува јавните давачки;
        - донесува републички буџет и завршна сметка на буџетот;
        - донесува просторен план на Републиката;
        - ратификува меѓународни договори;
        - одлучува за војна и мир;
        - донесува одлука за менување на границата на Републиката;
        - донесува одлука за стапување и истапување од сојуз или заедница со други држави;
        - распишува референдум;
        - одлучува за резервите на Републиката;
        - основа совети;
        - избира Влада на Република Македонија;
        - избира судии на Уставниот суд на Република Македонија;
        - врши избори, именувања и разрешувања и на други носители на јавни и други функции утврдени со Уставот и со закон;
        - врши политичка контрола и надзор над Владата и над другите носители на јавни функции што се одговорни пред Собранието;
        - дава амнестија и
        - врши други работи утврдени со Уставот.
        Собранието за вршење на работите од својата надлежност донесува и одлуки, декларации, резолуции, препораки и заклучоци.

Член 69[уреди]

        Собранието може да одлучува ако на седницата присуствува мнозинство од вкупниот број пратеници. Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници, а најмалку со една третина од вкупниот број пратеници, ако со Уставот не е предвидено посебно мнозинство.
        За закони кои директно ги засегаат културата, употребата на јазиците, образованието, личните документи и употребата на симболите, Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија. Спорот во врска со примената на оваа одредба го решава Комитетот за односи меѓу заедниците.

Член 70[уреди]

        Седниците на Собранието се јавни.
        Собранието може да одлучи да работи без присуство на јавноста со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Член 71[уреди]

        Право да предлага донесување на закон има секој пратеник во Собранието, Владата на Република Македонија и најмалку 10.000 избирачи.
        Иницијатива за донесување на закон до овластените предлагачи може да даде секој граѓанин, група граѓани, институции и здруженија.

Член 72[уреди]

        Интерпелација може да се постави за работата на секој носител на јавна функција, Владата и секој нејзин член поединечно, како и за прашања од работата на државните органи.
        Интерпелација можат да поднесат најмалку пет пратеници.
        Пратеничко прашање може да постави секој пратеник.
        Начинот и постапката на поднесувањето и расправата по интерпелација и пратеничко прашање се уредуваат со Деловникот.

Член 73[уреди]

        Собранието одлучува за распишување на референдум за одделни прашања од својата надлежност со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
        Одлуката на референдумот е усвоена, ако за неа гласало мнозинството од избирачите кои гласале, доколку гласале повеќе од половината од вкупниот број избирачи.
        Собранието е должно да распише референдум кога предлог ќе поднесат најмалку 150.000 избирачи.
        Одлуката донесена на референдумот е задолжителна.

Член 74[уреди]

        Собранието донесува одлука за менување на границата на Републиката со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
        Одлуката за менување на границата на Републиката е усвоена на референдум, доколку за неа гласало мнозинството од вкупниот број избирачи.

Член 75[уреди]

        Законите се прогласуваат со указ.
        Указот за прогласување на законите го потпишуваат претседателот на Републиката и претседателот на Собранието.
        Претседателот на Републиката може да одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот. Собранието повторно го разгледува законот и доколку го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот на Републиката е должен да го потпише указот.
        Претседателот е должен да го потпише указот, доколку според Уставот, законот се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Член 76[уреди]

        Собранието основа постојани и повремени работни тела.
        Собранието може да основа анкетни комисии за сите области и за секое прашање од јавен интерес.
        Предлог за основање анкетна комисија можат да поднесат најмалку 20 пратеници.
        Собранието основа постојана анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот.
        Наодите на анкетните комисии се основа за поведување постапка за утврдување на одговорност на носителите на јавните функции.

Член 77[уреди]

        Собранието избира народен правобранител со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.
        Народниот правобранител ги штити уставните и законските права на граѓаните кога им се повредени од органите на државната управа и од други органи и организации што имаат јавни овластувања. Народниот правобранител ги штити уставните и законските права на граѓаните што им се повредени од органите на државната управа и од други органи и организации што имаат јавни овластувања. Народниот правобранител посветува особено внимание за заштита на начелата на недискриминација соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците во органите на државната власт, органите на единиците на локалната самоуправа и во јавните установи и служби.
        Народниот правобранител се избира за време од осум години, со право на уште еден избор.
        Условите на избор и разрешување, надлежноста и начинот на работата на народниот правобранител се уредуваат со закон.

Член 78[уреди]

        Собранието основа Комитет за односи меѓу заедниците.
        Комитетот го сочинуваат 19 члена од кои по седум члена од редот на пратениците во Собранието Македонци и Албанци и по еден член од редот на пратениците Турци, Власи, Роми, Срби и Бошњаци. Доколку некоја од заедниците нема пратеници, народниот правобранител, по консултации со релевантните претставници на тие заедници, ќе ги предложи другите членови на Комитетот.
        Собранието ги избира членовите на Комитетот.
        Комитетот разгледува прашања од односите меѓу заедниците во Републиката и дава мислења и предлози за нивно решавање.
        Собранието е должно да ги разгледува мислењата и предлозите на Комитетот и да донесе одлука во врска со нив.
        Во случај на спор во врска со спроведување на постапката за гласање во Собранието, утврдена во членот 69 став 2 Комитетот одлучува, со мнозинство гласови од членовите, за тоа дали ќе се спроведе постапката.

2. Претседател на Република Македонија[уреди]

Член 79[уреди]

        Претседателот на Република Македонија ја претставува Републиката.
        Претседателот на Републиката е врховен командант на вооружените сили на Македонија.
        Претседателот на Републиката своите права и должности ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.

Член 80[уреди]

        Претседателот на Републиката се избира на општи и непосредни избори, со тајно гласање, за време од пет години.
        За претседател на Републиката исто лице може да биде избрано најмногу два пати.
        Претседателот на Републиката мора да биде државјанин на Република Македонија.
        За претседател на Републиката може да биде избрано лице кое на денот на изборите наполнило најмалку 40 години живот.
        За претседател на Републиката не може да биде избрано лице кое до денот на изборите не било жител на Република Македонија најмалку десет години во последните 15 години.

Член 81[уреди]

        Кандидат за претседател на Републиката можат да предложат најмалку 10.000 избирачи или најмалку 30 пратеници.
        За претседател на Републиката е избран кандидатот кој добил мнозинство гласови од вкупниот број избирачи.
        Ако во првиот круг ниту еден кандидат за претседател не го добил потребното мнозинство гласови, во вториот круг се гласа за двајцата кандидати кои во првиот круг добиле најмногу гласови.
        Вториот круг на гласање се одржува во рок од 14 дена од завршувањето на првиот круг на гласањето.
        За претседател е избран кандидатот кој добил мнозинство гласови од избирачите кои гласале, доколку гласале повеќе од 40% од избирачите.
        Доколку и во вториот круг на гласање ниту еден од кандидатите не го добил потребното мнозинство гласови, се повторува целата изборна постапка.
        Ако за претседател на Републиката е предложен еден кандидат, а во првиот круг на гласање не го добил потребното мнозинство гласови, се повторува целата изборна постапка.
        Изборот за претседател на Републиката се врши во последните 60 дена од мандатот на претходниот претседател. Во случај на престанок на мандатот на претседателот на Републиката од кои и да е причини, изборот за нов претседател се врши во рок од 40 дена од денот на престанокот на мандатот.
        Пред преземањето на должноста, претседателот на Републиката дава свечена изјава пред Собранието со која се обврзува на почитување на Уставот и законите.

Член 82[уреди]

        Во случај на смрт, оставка, трајна спреченост да ја врши функцијата или престанок на мандатот по сила на Уставот, до изборот на нов претседател на Републиката, функцијата претседател на Републиката ја врши претседателот на Собранието.
        Настапувањето на условите за престанок на функцијата претседател на Републиката го утврдува Уставниот суд на Република Македонија по службена должност.
        Во случај на спреченост да ја врши функцијата, претседателот на Републиката го заменува претседателот на Собранието.
        Кога претседателот на Собранието ја врши функцијата претседател на Републиката, тој учествува во работата на Собранието без право на одлучување.

Член 83[уреди]

        Должноста претседател на Републиката е неспојлива со вршење на друга јавна функција, професија или функција во политичка партија.
        Претседателот на Републиката ужива имунитет.
        За одземање на имунитетот на претседателот на Републиката одлучува Уставниот суд на Република Македонија со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број судии.

Член 84[уреди]

        Претседателот на Република Македонија:
        - го определува мандатот за состав на Владата на Република Македонија;
        - ги поставува и ги отповикува со указ амбасадорите и пратениците на Република Македонија во странство;
        - ги прима акредитивните и отповиковните писма на странските дипломатски претставници;
        - предлага двајца судии на Уставниот суд на Република Македонија;
        - предлага двајца членови на Судскиот совет на Република Македонија;
        - именува тројца членови на Советот за безбедност на Република Македонија;
        - именува и разрешува и други носители на државни и јавни функции утврдени со Уставот и со закон;
        - доделува одликувања и признанија во согласност со закон;
        - дава помилување во согласност со закон и
        - врши други функции утврдени со Уставот.

Член 85[уреди]

        Претседателот на Републиката го известува Собранието за прашања од неговата надлежност најмалку еднаш годишно.
        Собранието може да побара од претседателот на Републиката мислење за прашања од неговата надлежност.

Член 86[уреди]

        Претседателот на Републиката е претседател на Советот за безбедност на Република Македонија.
        Советот за безбедност на Републиката го сочинуваат: претседателот на Републиката, претседателот на Собранието, претседателот на Владата, министрите кои раководат со органите на државната управа во областите на безбедноста, одбраната и надворешните работи и тројца членови кои ги именува претседателот на Републиката. При именувањето на тројцата членови, претседателот ќе обезбеди составот на Советот, како целина, соодветно да го одразува составот на населението во Република Македонија.
        Советот ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и Владата.

Член 87[уреди]

        Претседателот на Републиката е одговорен за кршење на Уставот и законите во вршењето на своите права и должности.
        Постапка за утврдување на одговорност на претседателот на Републиката покренува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. За одговорноста на претседателот одлучува Уставниот суд со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број судии.
        Ако Уставниот суд утврди одговорност на претседателот на Републиката, функцијата му престанува по сила на Уставот.

3. Влада на Република Македонија[уреди]

Член 88[уреди]

        Владата на Република Македонија е носител на извршната власт.
        Своите права и должности Владата ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.

Член 89[уреди]

        Владата ја сочинуваат претседател и министри.
        Претседателот и министрите не можат да бидат пратеници во Собранието.
        Претседателот ужива имунитет. За неговиот имунитет одлучува Собранието.
        Претседателот и министрите не подлежат на обврска во вооружените сили.
        Функцијата претседател на Владата и министер е неспојлива со вршење на други јавни функции или професии.
        Организацијата и начинот на работата на Владата се уредува со закон.

Член 90[уреди]

        Претседателот на Република Македонија е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието.
        Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата.
        Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Член 91[уреди]

        Владата на Република Македонија:
        - ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување;
        - предлага закони, републички буџет и други прописи што ги донесува Собранието;
        - предлага просторен план на Републиката;
        - предлага одлука за резервите на Републиката и се грижи за нивно извршување;
        - донесува уредби и други прописи за извршување на законите;
        - утврдува начела за внатрешна организација и за работа на министерствата и другите органи на управата, ја насочува и врши надзор над нивната работа;
        - дава мислење за предлозите на закони и други прописи кои на Собранието му ги поднесуваат други овластени предлагачи;
        - одлучува за признавање на држави и влади;
        - воспоставува дипломатски и конзуларни односи со други држави;
        - донесува одлуки за отворање на дипломатско-конзуларни претставништва во странство;
        - предлага именување амбасадори и пратеници на Република Македонија во странство и именува шефови на конзуларни претставништва;
        - предлага Јавен обвинител на Република Македонија по претходно мислење од Советот на јавни обвинители;
        - врши именувања и разрешувања на носители на јавни и други функции утврдени со Уставот и со закон и
        - врши други работи утврдени со Уставот и со закон.

Член 92[уреди]

        Владата и секој нејзин член, за својата работа одговараат пред Собранието.
        Собранието може да изгласа недоверба на Владата.
        Прашање за доверба на Владата можат да постават најмалку 20 пратеници.
        Гласањето за доверба на Владата се врши по истекот на три дена од поставувањето на прашањето за доверба.
        Повторно прашање за доверба на Владата не може да се постави пред истекот на 90 дена од последното гласање за доверба, освен ако прашањето за доверба го постави мнозинството од вкупниот број пратеници.
        Одлуката за изгласување недоверба на Владата се донесува со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Ако на Владата ѝ е изгласана недоверба, Владата е должна да поднесе оставка.

Член 93[уреди]

        Владата има право да постави прашање за доверба пред Собранието.
        Владата има право да поднесе оставка.
        Оставката на претседателот на Владата, неговата смрт или трајната спреченост да ја врши функцијата, повлекуваат оставка на Владата.
        На Владата ѝ престанува мандатот кога Собранието се распушта.
        Владата на која ѝ е изгласана недоверба, која поднела оставка или на која мандатот и престанал поради распуштање на Собранието, останува на должност до изборот на нова Влада.

Член 94[уреди]

        Член на Владата има право да поднесе оставка.
        Претседателот на Владата може да предложи разрешување на член на Владата.
        За предлогот за разрешување на член на Владата одлучува Собранието на првата наредна седница.
        Доколку претседателот на Владата предложи разрешување на повеќе од една третина од членовите на Владата од првобитниот состав, Собранието одлучува како за избор на нова Влада.

Член 95[уреди]

        Државната управа ја сочинуваат министерства и други органи на управата и организации утврдени со закон.
        Се забранува политичко организирање и дејствување во органите на државната управа.
        Организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Член 96[уреди]

        Органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Член 97[уреди]

        Со органите на државната управа во областа на одбраната и полицијата раководат цивилни лица кои непосредно пред изборот на тие функции биле цивили најмалку три години.

4. Судство[уреди]

Член 98[уреди]

        Судската власт ја вршат судовите.
        Судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.
        Забранети се вонредни судови.
        Видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон, што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Член 99[уреди]

        Судијата се избира без ограничување на траењето на мандатот.
        Судијата не може да биде преместен против својата волја.
        На судијата му престанува судиската функција:
        - ако тоа сам го побара;
        - ако трајно ја загуби способноста за вршење на судиската функција, што го утврдува Судскиот совет на Република Македонија;
        - ако ги исполни условите за старосна пензија;
        - ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеца и
        - ако е избран или именуван на друга јавна функција, освен кога судиската функција мирува под услови утврдени со закон.
        Судијата се разрешува:
        - поради потешка дисциплинска повреда што го прави недостоен за вршење на судиската функција пропишана со закон и
        - поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција под услови утврдени со закон.

Член 100[уреди]

        Судиите уживаат имунитет.
        Судија не може да биде повикан на кривична одговорност за искажано мислење и одлучување при донесувањето на судските одлуки.
        Судија не може да биде притворен без одобрување на Судскиот совет на Република Македонија, освен ако е затечен во вршење на кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години.
        Судиската функција е неспојлива со членување во политичка партија или со вршење на друга јавна функција или професија утврдена со закон.
        Се забранува политичко организирање и дејствување во судството.

Член 101[уреди]

        Врховниот суд на Република Македонија е највисок суд во Републиката и го обезбедува единството во примената на законите од страна на судовите.

Член 102[уреди]

        Расправата пред судовите и изрекувањето на пресудата се јавни.
        Јавноста може да биде исклучена во случаи утврдени со закон.

Член 103[уреди]

        Судот суди во совет.
        Со закон се утврдува кога суди судија поединец.
        Во судењето учествуваат и судии поротници кога тоа е утврдено со закон.
        Судиите поротници не можат да бидат повикани на одговорност за мислење и одлучување при донесувањето на судските одлуки.

Член 104[уреди]

        Судскиот совет на Република Македонија е самостоен и независен орган на судството. Советот ја обезбедува и ја гарантира самостојноста и независноста на судската власт.
        Советот го сочинуваат петнаесет члена.
        По функција членови на Советот се претседателот на Врховниот суд на Република Македонија и министерот за правда.
        Осум члена на Советот ги избираат судиите од своите редови. Тројца од избраните членови се припадници на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија, при што ќе се запази соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници.
        Тројца членови на Советот избира Собранието на Република Македонија со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.
        Двајца членови на Советот предлага претседателот на Република Македонија, а изборот го врши Собранието на Република Македонија, од кои еден е припадник на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.
        Членовите на Советот што ги избира Собранието на Република Македонија, односно што ги предлага претседателот на Република Македонија се од редот на универзитетските професори по право, адвокатите и други истакнати правници.
        Мандатот на избраните членови на Советот трае шест години, со право на уште еден избор.
        Условите и постапката за избор, како и основите и постапката за престанок на функцијата и разрешување на член на Советот се уредуваат со закон.
        Функцијата избран член на Советот е неспојлива со членување во политичка партија или со вршење на други јавни функции и професии утврдени со закон.

Член 105[уреди]

        Судскиот совет на Република Македонија:
        - ги избира и разрешува судиите и судиите поротници;
        - утврдува престанок на судиската функција;
        - ги избира и разрешува претседателите на судовите;
        - ја следи и оценува работата на судиите;
        - одлучува за дисциплинската одговорност на судиите;
        - одлучува за одземање на имунитетот на судиите;
        - предлага двајца судии на Уставниот суд на Република Македонија од редот на судиите и
        - врши други работи утврдени со закон.
        При изборот на судиите, судиите поротници и претседателите на судовите ќе се запази соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници.
        Советот за својата работа поднесува годишен извештај до Собранието на Република Македонија, чија форма, содржина и начин на усвојување се уредуваат со закон.

5. Јавно обвинителство[уреди]

Член 106[уреди]

        Јавното обвинителство е единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела и на други со закон утврдени казниви дела и врши и други работи утврдени со закон.
        Јавното обвинителство ги врши своите функции врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.
        Функцијата на јавното обвинителство ја вршат Јавниот обвинител на Република Македонија и јавните обвинители.
        Надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и функционирањето на јавното обвинителство се уредува со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
        Јавниот обвинител на Република Македонија го именува и разрешува Собранието на Република Македонија за време од шест години со право на повторно именување.
        Јавните обвинители ги избира Советот на јавни обвинители без ограничување на траење на мандатот.
        При изборот на јавните обвинители ќе се запази соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници.
        За разрешување на јавните обвинители одлучува Советот.
        Надлежноста, составот и структурата на Советот, мандатот на неговите членови, како и основите и постапката за престанок и разрешување на член на Советот се уредуваат со закон.
        Основите и постапката за престанок и разрешување на Јавниот обвинител на Република Македонија и јавните обвинители се уредува со закон.
        Функцијата Јавен обвинител на Република Македонија и јавен обвинител е неспојлива со членување во политичка партија или со вршење на други јавни функции и професии утврдени со закон.
        Се забранува политичко организирање и дејствување во Јавното обвинителство.

Член 107[уреди]

        Членот е избришан.

IV. УСТАВЕН СУД НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА[уреди]

Член 108[уреди]

        Уставниот суд на Република Македонија е орган на Републиката кој ја штити уставноста и законитоста.

Член 109[уреди]

        Уставниот суд го сочинуваат девет судии.
        Собранието ги избира судиите на Уставниот суд. Собранието избира шест судии на Уставниот суд со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Собранието избира тројца судии со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија. Мандатот на судиите трае девет години без право на повторен избор.
        Уставниот суд избира претседател од своите редови за време од три години и без право на повторен избор.
        Судиите на Уставниот суд се избираат од редот на истакнати правници.

Член 110[уреди]

        Уставниот суд на Република Македонија:
        - одлучува за согласноста на законите со Уставот;
        - одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите;
        - ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност;
        - решава за судирот на надлежностите меѓу носителите на законодавната, извршната и судската власт;
        - решава за судирот на надлежностите меѓу органите на Републиката и единиците на локалната самоуправа;
        - одлучува за одговорноста на претседателот на Републиката;
        - одлучува за уставноста на програмите и статутите на политичките партии и на здруженијата на граѓаните и
        - одлучува и за други прашања утврдени со Уставот.

Член 111[уреди]

        Функцијата судија на Уставниот суд е неспојлива со вршење друга јавна функција и професија или со членување во политичка партија.
        Судиите на Уставниот суд уживаат имунитет. За нивниот имунитет одлучува Уставниот суд.
        Судиите на Уставниот суд не подлежат на обврска во вооружените сили.
        На судија на Уставниот суд функцијата му престанува ако поднесе оставка. Судијата на Уставниот суд ќе биде разрешен од должноста ако биде осуден за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци или кога трајно ќе ја загуби способноста да ја врши својата функција, што го утврдува Уставниот суд.

Член 112[уреди]

        Уставниот суд ќе укине или поништи закон ако утврди дека не е во согласност со Уставот.
        Уставниот суд ќе укине или поништи друг пропис или општ акт, колективен договор, статут или програма на политичка партија или здружение, ако утврди дека тие не се во согласност со Уставот или со закон.
        Одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни.

Член 113[уреди]

        Начинот на работа и постапката пред Уставниот суд се уредуваат со акт на Судот.

V. ЛОКАЛНА САМОУПРАВА[уреди]

Член 114[уреди]

        На граѓаните им се гарантира правото на локална самоуправа.
        Единици на локалната самоуправа се општините.
        Во општините можат да се основаат облици на месна самоуправа.
        Општините се финансираат од сопствени извори на приходи определени со закон и со средства од Републиката.
        Локалната самоуправа се уредува со закон кој се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија. Законите за локално финансирање, локални избори, општинските граници и за градот Скопје, се донесуваат со мнозинство гласови од присутните пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.

Член 115[уреди]

        Во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.
        Општината е самостојна во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот и со закон, а надзорот над законитоста на нејзината работа го врши Републиката.
        Републиката со закон може да ѝ довери вршење на определени работи на општината.

Член 116[уреди]

        Територијалната поделба на Републиката и подрачјата на општините се утврдуваат со закон.

Член 117[уреди]

        Градот Скопје е посебна единица на локална самоуправа, чија организација се уредува со закон.
        Во градот Скопје граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од значење за градот Скопје, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.
        Градот Скопје се финансира од сопствени извори на приходи определени со закон и со средства од Републиката.
        Градот Скопје е самостоен во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот и со закон, а надзорот над законитоста на неговата работа ја врши Републиката.
        Републиката со закон може да му довери вршење на определени работи на градот Скопје.

VI. МЕЃУНАРОДНИ ОДНОСИ[уреди]

Член 118[уреди]

        Меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.

Член 119[уреди]

        Меѓународните договори во името на Република Македонија ги склучува претседателот на Република Македонија.
        Меѓународни договори може да склучува и Владата на Република Македонија кога тоа е определено со закон.

Член 120[уреди]

        Предлог за стапување во сојуз или заедница со други држави или истапување од сојуз или заедница со други држави можат да поднесат претседателот на Републиката, Владата или најмалку 40 пратеници.
        Одлуката за стапување или истапување од сојуз или заедница со други држави ја донесува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
        Одлуката за стапување или истапување од сојуз или заедница со други држави е усвоена, ако на референдум за неа гласало мнозинството од вкупниот број избирачи.

Член 121[уреди]

        Одлука за стапување во членство или за истапување од членство во меѓународни организации донесува Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници по предлог од претседателот на Републиката, Владата или најмалку 40 пратеници.

VII. ОДБРАНА НА РЕПУБЛИКАТА, ВОЕНА И ВОНРЕДНА СОСТОЈБА[уреди]

Член 122[уреди]

        Вооружените сили на Република Македонија го штитат територијалниот интегритет и независноста на Републиката.
        Одбраната на Републиката се уредува со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Член 123[уреди]

        Никој нема право да признае окупација на Република Македонија или на нејзин дел.

Член 124[уреди]

        Воена состојба настапува кога претстои непосредна воена опасност од напад врз Републиката или кога Републиката е нападната или ѝ е објавена војна.
        Воена состојба прогласува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници по предлог од претседателот на Републиката, Владата или најмалку 30 пратеници.
        Ако Собранието не може да се состане, одлука за прогласување на воена состојба ја донесува претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане.

Член 125[уреди]

        Вонредна состојба настанува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии.
        Постоењето на вонредна состојба на територијата на Република Македонија или нејзин дел го утврдува Собранието по предлог на претседателот на Републиката, Владата или најмалку 30 пратеници.
        Одлуката со која се утврдува постоењето на вонредна состојба се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и има важност најмногу 30 дена.
        Ако Собранието не може да се состане, одлука за постоење на вонредна состојба донесува претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане.

Член 126[уреди]

        При постоење на воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила.
        Овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието.

Член 127[уреди]

        За време на воена состојба, ако Собранието не може да се состане, претседателот на Републиката може да ја именува и разрешува Владата и да именува и разрешува функционери чиј избор е во надлежност на Собранието.

Член 128[уреди]

        Мандатот на претседателот на Републиката, Владата, судиите на Уставниот суд и на членовите на Републичкиот судски совет се продолжува за време на траењето на воената или вонредната состојба.

VIII. ИЗМЕНА НА УСТАВОТ[уреди]

Член 129[уреди]

        Уставот на Република Македонија се изменува и дополнува со уставни амандмани.

Член 130[уреди]

        Предлог за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија може да поднесат претседателот на Републиката, Владата, најмалку 30 пратеници или 150.000 граѓани.

Член 131[уреди]

        Одлука за пристапување кон измена на Уставот донесува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
        Нацртот за измената на Уставот го утврдува Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и го става на јавна дискусија.
        Одлука за измена на Уставот донесува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
        Одлука за измена на Преамбулата, членовите за локална самоуправа, членот 131, која било одредба што се однесува на правата на припадниците на заедниците, вклучувајќи ги особено членовите 7, 8, 9, 19, 48, 56, 69, 77, 78, 86, 104 и 109, како и одлука за додавање која било нова одредба која се однесува на предметот на тие одредби и тие членови, ќе биде потребно двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници во кое мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците што не се мнозинство во Република Македонија.
        Измената на Уставот ја прогласува Собранието.

IX. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ[уреди]

Член 132[уреди]

        (Член 132 од Уставот на Република Македонија објавен во „Службен весник на Република Македонија” број 52/1991)
        Во времето предвидено во ставот 5 на член 80 од овој Устав се смета и времето на жителство во други републики во Социјалистичка Федеративна Република Југославија.

Член 133[уреди]

        (Член 133 од Уставот на Република Македонија објавен во „Службен весник на Република Македонија” број 52/1991)
        За спроведување на Уставот ќе се донесе уставен закон.
        Уставниот закон се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
        Уставниот закон го прогласува Собранието и влегува во сила истовремено со прогласувањето на Уставот.

Член 134[уреди]

        (Член 134 од Уставот на Република Македонија објавен во „Службен весник на Република Македонија” број 52/1991)
        Членот не важи во Пречистен текст.

Опфат[уреди]

        Неофицијалниот пречистен текст на Уставнот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија ги опфаќа: Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 52/1991) и Уставниот закон за изменување и дополнување на Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 4/1992), во кои е означено времето на нивното влегување во сила и примена.

УСТАВЕН ЗАКОН ЗА СПРОВЕДУВАЊЕ НА УСТАВОТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНОНИЈА (Неофицијален пречистен текст)[уреди]

Член 1[уреди]

        Уставот на Република Македонија се применува од денот на прогласувањето од Собранирто на Република Македонија, ако за примената на одделни негови одредби со овој уставен закон не е поинаку определено.

Член 2[уреди]

        Државната граница на Република Македонија е нејзината постојана граница со Република Албанија, Република Бугарија, Република Грција и Република Србија.

Член 3[уреди]

        Република Македонија како суверена и самостојна држава својата меѓународна положба и односите со другите држави и меѓународни органи, организации и заедници ги остварува согласно со општоприфатените начела на меѓународното право.
        Република Македонија како рамноправен праврн наследник на СФРЈ со другите републики го презема членството на СФРЈ во меѓународните органи, организации и заедници.

Член 4[уреди]

        Република Македонија, како рамноправен правен наследник на СФРЈ со другите републики, врз основа на договор со другите републики на СФРЈ за правното наследство на СФРЈ и за меѓусебните односи, презема права и обврски настанати од создавањето на Социјалистичка Федеративна Република Југославија.
        Доколку не се склучи договор со другите републики за правното наслетство на СФРЈ и за меѓусебните односи, правното наслетство на СФРЈ и за меѓусебните односи на Република Македонија со другите суверени држави од СФРЈ се утврдуваат согласно со општите правила на меѓународното право, како и согласно со Виенската конвенција за сукцесија на државите во областа на договорите од 1978 година и Виенската конвенција за сукцесија на државите во областа на државниот имот, архивата и долговите од 1982 година.

Член 5[уреди]

        Постојните сојузни прописи се преземаат како републички со надлежностите на органите утврдени со Уставот на Република Македонија.
        До постигнување на договор со суверените држави од СФРЈ, Република Македонија може да го довери извршувањето на одделни прописи на сојузните органи.
        Ако органите од став 2 на овој член прописите не ги извршуваат во согласност со суверенитетот и интересите на Републука Македонија, нив ги извршуваат органите на Републиката.
        Сојузните прописи со кои се уредува организацијата и надлежноста на оганите на Федерацијата не се применуваат во Република Македонија.

Член 6[уреди]

        Законите што не се во согласност со одредбите на Уставот на Република Македонија ќе се усогласат во рок од една година од денот на прогласувањето на Уставот.

Член 7[уреди]

        Најдоцна во рок од шест месеци од денот на прогласувањето на Уставот ќе се донесат:
        - Закон за Републичкиот судски совет;
        - Закон за судовите;
        - Закон за Јавното обвинителство;
        - Закон за народниот правобранител;
        - Закон за начинот на трансфомација на општествената сопственост;
        - Закон за државјанството на Република Македонија;
        - Закон за личната карта;
        - Закон за преминот на државната граница и движењето во граничниот појас;
        - Закон за движењето и престојот на странци;
        - Закон за патните исправи на државјаните на Република Македонија;
        - Закон за одбраната на Република Македонија;
        - Закон за локалната самоуправа, и
        - Закон за територијалната поделба на Република Македонија.

Член 8[уреди]

        Законот за грбот, знамето и химната на Република Македонија ќе се донесе во рок од шест месеци од денот на прогласувањето на Уставот.
        До донесувањето на Законот од став 1 на овој член, се применуваат постојните симболи и химната утврдени во досегашниот Устав на Република Македонија.

Член 9[уреди]

        Државјаните на другите републики во СФРЈ кои на денот на влегувањето во сила на овој уставен закон кои имале пријавено живеалиште на територијата на Република Македонија, а немаат државјанство на Република Македонија, ќе може да стекнат државјанство на Република Македонија во согласност со Законот за државјанството на Република Македонинја.

Член 10[уреди]

        Собранието на Република Македонија во постојаниот пратенички состав, претседателот на Република Македонија и Владата на Република Македонија продолжуваат да ги вршат фунциите со права и должности утврдени со Уставот до одржувањето на новите избори.
        Одредбата од член 82 од Уставот ќе се применува по одржувањето на новите избори, а најдоцна до истекот на мандатот за кој е избран потпретседателот на претседателот на Република Македонија.
        Потпретседателот на претседателот на Република Македонија продолжува да ги врши функциите со права и должности утврдени со Амандманот LXXV на Уставот на Република Македонија, до одржувањето на нови избори, а најдоцна до истекот на мандатот за кој е избран.
        Законот за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија, Законот за избор на претседателот на Република Македонија и Законот за политичките партии ќе се донесат најдоцна три месеци пред одтжувањето на новите изборите.

Член 10-а[уреди]

        Република Македонија нема да учествува во работата на Собранието на СФРЈ и во работата на Претседателството на СФРЈ, со што им престанува функцијата на делегатите во Собранието на СФРЈ од Република Македонија и на членот на Претседателството на СФРЈ од Република Македонија.

Член 11[уреди]

        Членот е избришан.

Член 12[уреди]

        Членот е избришан.

Член 13[уреди]

        Вооружените сили на Република Македонија, до донесувањето на Законот за одбраната на Република Македонија, ги сочинуваат единиците, командите и штабовите на територијалната одбрана на Република Македонија.
        Служењето на воениот рок на регрутите и служењето на воената обврска во резерниот состав ќе се врши во вооружените сили на Македонија од став 1 на овој член.

Член 14[уреди]

        Дипломатските и конзуларните претставништва и културно-информатичките центри на СФРЈ ќе ги застапуваат интересите на Република Македонија како суверена и самостојна држава до постигнување на договор меѓу суверените држави од СФРЈ, до основање на сопствени дипломатски, конзуларни претставништва и културно-информатички центри.

Член 15[уреди]

        Изборот на сите судии во судовите и именувањето на Јавниот обвинител според одредбите на овој Устав ќе се изврши најдоцна во рок од шест месеци по конституирањето на Републичкиот судски совет.
        Републичкиот судски совет ќе се конституира во рок од два месеци по донесувањето на Законот за Републичкиот судски совет.
        До конституирањето на Републичкиот судски совет нема да се врши избор на судии на судовите и именување на јавни обвинители во јавните обвинителства на кои им истекол мандатот. Истите продолжуваат да ја вршат функцијата до изборот, согласно Уставот на Република Македонија.

Член 16[уреди]

        Судиите на Уставниот суд ќе се изберат најдоцна во рок од три месеци по конституирањето на Републичкиот судски совет.
        Со денот на изборот на судиите на Уставниот суд на Република Македонија од став 1 на овој член, на постојните судии им престанува функцијата судии на Уставниот суд.

Член 17[уреди]

        (Член 17 од Уставниот закон објавен во „Службен весник на Република Македонија” број 52/1991)
        Членот не важи во Пречистен текст.

Член 18[уреди]

        (Член 3 од Уставниот закон објавен во „Службен весник на Република Македонија” број 4/1992)
        Членот не важи во Пречистен текст.

Опфат[уреди]

        Уставниот закон за спроведување на Амандманите од XX до XXX на Уставот на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 107/2005)

УСТАВЕН ЗАКОН ЗА СПРОВЕДУВАЊЕ НА АМАНДМАНИТЕ ОД XX ДО XXX НА УСТАВОТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНОНИЈА[уреди]

Член 1[уреди]

        Амандманите од XX до XXX на Уставот на Република Македонија се применуваат од денот на прогласувањето од Собранирто на Република Македонија, ако за примената на некои одредби од Амандманите со овој уставен закон поинаку не е определено.

Член 2[уреди]

        Најдоцна до 30 јуни 2006 ќе се донесат:
        - Законот за Судски совет на Република Македонија;
        - Законот за судовите и
        - Законот за прекршоците.

Член 3[уреди]

        Најдоцна во рок од девет месеци од денот на прогласувањето на Амандманите од XX до XXX на Уставот на Република Македонија ќе се донесат:
        - Законот за изменување и дополнување на Законот за јавното обвинителство и
        - Законот за изменување и дополнување на Законот за Владата на Република Македонија.
        Најдоцна во рок од 18 месеци од денот на прогласувањето на Амандманите од XX до XXX на Уставот на Република Македонија ќе се усогласат законите врз основа на кои орган на државната управа или организација и друг орган, што врши јавни овластувања, можат да изрекуваат санкции за сторен прекршок.

Член 4[уреди]

        До влегување во сила на Законот за судовите и Законот за Судскиот совет на Република Македонија, изборот и разрешувањето на судиите ќе се врши соглассно Законот за судови („Службен весник на Република Македонија” број 36/1995, 45/1995 и 64/2003 ) и Законот за Републичкиот судски совет („Службен весник на Република Македонија” број 80/1992, 50/1999 и 43/2003).

Член 5[уреди]

        До усоглосувањето на Законот за јавното обвинителство со амандманите XXIV и XXX јавните обвинители ќе се избираат согласно Законот за јавното обвинителство („Службен весник на Република Македонија” број 38/2004).

Член 6[уреди]

        До усоглосувањето на Законот за Владата на Република Македонија со Амандманот XXIII, за имонитетот на претседателот и министрите ќе се одлучува согласно Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 59/2000, 12/2003 и 55/2005).

Член 7[уреди]

        Овој уставен закон за спроведување на Амандманите од XX до XXX на Уставот на Република Македонија го прогласува Собранието на Република Македонија и влегува во сила истовремено со прогласувањето на Уставните амандмани.