Прејди на содржината

Крсте Петков Мисирков/ Антируските демонстрации во Софија

Од Wikisource
Антируските демонстрации во Софија

од Крсте Петков Мисирков
објавено во угледниот руски дневен весник „С.-Петербургскија Ведомости“ во мај 1901.
Некои настани во последно време на Балканскиот Полуостров го заслужуваат вниманието на рускиот читател. Тоа се последните настани сврзани со Македонскиот комитет. Познато е дека во сите градови и села во Бугарија во коишто живеат работници или интелигенти-Македонци постојат друштва што не се прогонувани од бугарската Влада, се викаат Македонски комитети и се под раководство на „Централниот или Врховниот македонски комитет“ во Софија. Печатен орган на последниов е весн. „Реформи“. Целта на Комитетите е ослободувањето на Македонија или олеснување на нејзината судбина... Тие Македонци својот јазик го нарекуваат бугарски. Така го нарекуваат и Грците и Турците. Минатото и сегашноста на потесен начин ги сврзуваат Македонците со Бугарите, поради што и идејата за македонското ослободување е толку популарна кај бугарскиот народ. Самото од себе се разбира дека искрената желба на бугарските селани да ги видат своите македонски браќа слободни од истото ропство, од кое Бугарите ги ослободи Русија, не можело да не се смешува, макар и несвесно, со желбата да ја видат својата држава моќна. Последново можеби и давало повод да се гледа на Македонските комитети како на посебен маневар на бугарската Влада за реализација на „Велика Бугарија“. Како и да е, но до последно време тешко беше да се различат во Македонските комитети Бугарите од Кнежеството од Македонците, и само последниве настани покажаа дека во Македонските комитети Бугарите од Кнежеството играле далеку непрвостепена улога. Па инаку и не би можело да биде! Сочувството кон ближниот многу полесно може да се покаже платонски отколку на дело. Македонски комитети имаше не само во Бугарија, туку и во Македонија. Нивните членови - Македонците - не само што самите доброволно даваа пари ами ја убедуваа и јавноста - пред се бугарската - да дава во полза на светото дело, да врши извесно влијание врз својата Влада за да се застапи за бесправните Македонци; тие ја бранеа својата родна земја не само од насилствата на Турците, туку и од посегнувањата на соседните држави. Во тој поглед нивната дејност беше разновидна и ќе биде праведно оценета од историјата.

По изјавата на г. Зиновјев во Константинопол и по промената на кабинетот во Бугарија стана наполно јасно дека Македонските комитети се македонски организации и наполно одделни од бугарските. Промената на политиката на бугарската Влада воопшто не предизвикува промена на насоката во Македонските комитети. Повеќе од тоа: кога во цела Бугарија се празнува денот на ослободувањето на „бугарскиот народ“, во Софија се прават обиди да се замрачи свеченото и благоговејно расположение... со манифестации против Русија. Тие манифестации се припишуваат на влијание од надвор. Од Софискиот универзитет се отпуштени 60 млади Македонци. Потоа, ние знаеме дека весникот „Реформи“ е преполн со статии против Русија.

Сиве овие појави, неправилно или недостатно оценувани од рускиот печат, ме побудија и мене - како Македонец да кажам неколку збора за суштината на односите на Македонците кон Русија. Притоа сум должен да се оградам дека го искажувам само своето лично сфаќање по ова прашање и немам никаков однос ни кон Бугарското Кнежество, ниту пак кон Македонскиот комитет. Иако јас самиот сум Македонец, но наполно сум убеден дека ни еден од Македонците не би се согласил јас да зборувам од негово име. Тоа и не го правам. А своите информации за Македонија и за Македонците јас ги црпам од личните впечатоци, спомените и од тоа што можел да ми го даде овдешниот Историско-филолошки факултет. Моите впечатоци и спомени, ми се чини, се не помалку богати и објективни, отколку на господата туристи-дописници или конзули, а моите научни познавања по македонското прашање, исто така ми се чини дека не се пониски, отколку кај филолозите и историчарите-студенти: Руси, Бугари, Срби. Македонија ја имам проучувано како своја татковина, ја проучував просто гледајќи го селскиот живот во текот на 14 години и под раководство на грчкиот учител, 10 месеци - под раководство на учителите на Софиската гимназија, 5 години - под раководствата на Србите и 6 години самостојно или под слабото влијание на руските професори. Јас во Бугарија поминав 60[1] месеци уште во 1889-90 г. и оттогаш веќе не сум бил таму. Нижото образование го добив во грчко училиште.

Во македонското прашање за Русите (само или заедно со Србите) постојат две страни: етнографска и политичка. За Македонците етнографско прашање не постои: тие ја признаваат само угнетеноста и неопходноста за подобрување на неподносливата положба. Според моето мислење, не може да има етнографско прашање, но сепак има научна и практична страна во македонското прашање. Од научно гледиште може опстојно да се истражуваат темните прашања од историјата на Македонија, односите на разните македонски наречја едно кон друго, кон источнобугарското и западнобугарското, кон моравското и кон српскиот јазик; може компаративно да се проучуваат сижетите од македонската народна поезија и обработката на овие сижети во споредба со поезијата на јужнословенската поезија воопшто; може да се проучува културниот и политичкиот однос на Македонија кон другите словенски, како и несловенски области на Балканскиот Полуостров итн. Сето тоа претставува тешка работа што бара повеќе напори и време, а пред се непристрасност. Тоа е работа на иднината. Тоа се разгледува и сега и се решава во една или во друга смисла... Се разгледува од Бугарите и од Србите, се разгледува и од Русите, коишто по ова прашање стојат на средината помеѓу првите и последните; се разгледува и од Македонците, коишто се на страната на Бугарите, а исто така и од странци, од незаинтересирани научници, коишто исто така од научно гледиште ги разгледуваат Бугарите од Кнежеството и Македонците како еден народ. Зборувајќи за народноста на Македонците, јас огнено би ја застапувал страната на Бугарите. Но, во оваа своја статија тоа прашање јас или воопшто нема да го допирам, или - ако тоа и се случи - тогаш само од негативната страна.

Македонците историски и етнографски толку се сврзани со Бугарите од Кнежеството што во науката и во реалноста тие се појавија дури во последно време. Англичанките Мекензи и Ирби, патувајќи по Турција, разликуваат три Бугарии: Источна, Централна и Западна. Западната Бугарија и е Македонија. За Македонците веројатно и не би станувало ни збор, ако не беа претензиите на Србија кон Македонија, поддржувани од руската политика од моментот на стамболовскиот режим во Бугарија па се досега. Македонија се мешаше со Источна Бугарија, и сега таа се меша со неа по заедничкоста на националното име. Поради општото не се гледаат посебностите што се повеќе и повеќе испливуваат на површината.

Словенија, во националната смисла на овој збор, се прави од Бугарија првин во политичка, а потоа и во национална смисла. До половината на 10 век Македонија-Словенија-Бугарија е дел од општата, голема Бугарија, другиот дел од која е Источна Бугарија или денешното Бугарско Кнежество. По покорувањето на последнава, Македонија до крајот на првата четвртина на 11 век е единствената носителка на името на Бугарите во политичко значење. По покорувањето на Македонија од Византија името на Бугарите во таа провинција останувало само во етнографското значење. Охридската архиепископија била Архиепископија на сета Бугарија. Во 14 век во политички поглед Македонија претставува дел од Србија (номинално), а во етнографски останува како порано бугарска. Кралевиќ Марко во средновековните хроники, во српските песни се нарекува Бугарин и владетел или јунак на Бугарија. По навлегувањето на Турците, кога се губи секое политичко значење на јужното словенство, имињата Бугарија и Бугарин можеле да се употребуваат само во етнографска смисла. Во таа смисла денешното Кнежество било само дел од сета Бугарија, коешто е јасно укажано од Киперт, Лежан, Шафарик, Мекензи и Ирби, со С.-Стефанскиот договор. Берлинскиот трактат создаде положба што личи на втората половина на 12 столетие, кога, почнувајќи од 1185 година, името Бугарија почнало да се употребува во двојна смисла, т.е. во политичка и во етнографска, и кога првото значење, макар и привремено, зело врв над второто. По Берлинскиот трактат, како и по формирањето на таканареченото Второ Бугарско Царство, Бугарија во етнографска смисла се распаднала на две половини: Бугарија слободна и Бугарија тогаш поробена од Византија, а сега од Турција. Слободна Бугарија тогаш, како и сега, го привлекувала вниманието на соседите, како единствен претставник на бугарскиот народ. Тој тогаш, како и сега, престанал да живее заеднички живот со поробената Бугарија, и во тоа време, кога последнава правела обиди за отфрлање на ропството, раководството на првата или настојувало да ги искористи за себе тие обиди или пак сосема ги пренебрегнувало. Народот пак со својата аристократија или интелигенција тогаш се занимавал со внатрешните ситни интриги, со религиозни прашања и со меѓусебни војни, а сега - со политички раздори. Македонија сега, како и тогаш, е оставена сама да си ја извојува слободата. Обидите на Македонците во средните векови беа користени од Бугарија во опсегот на денешното Кнежество и од Србија на Немањиќевците; Македонија тогаш, како и сега, за Бугарија и за Србија се сметаше за неутрална почва, на која интересите на едната или на другата држава не може да бидат нарушени. Тогаш за идеали за национално обединување или за нарушување на националните интереси не можело да станува ни збор. Но, национално чувство постоело во Македонија, коешто ни го покажува историјата на македонската архиепископија, како и историјата на Македонија воопшто во тој период, а исто така и карактеристиката на Кралевиќ Марко и на неговата држава во средновековните хроники и во јужнословенската народна поезија. Национално чувство на Македонците постои и денеска. Разликата помеѓу решавањето на прашањето во средните векови, при распаѓањето на Византија и сега при распаѓањето на Турција, произлегува од разликите во политичката состојба на работите тогаш и во нашите денови.

Тогаш претенденти на византиското наследство имаше само два: Бугарија Источна и Србија на Немањиќевците. Немаше мешање ни на Европа, ни на Русија. Немаше национален антагонизам помеѓу Бугарија и Србија. Немаше идеали за национално обединување и сфаќање за национално единство. Не се бараше „пробивање“ прозорец во Европа преку Солун итн. Соседите на Србија и на Бугарија: Унгарија, Влахија, Латинското Константинополско Царство и Епир - или се однесуваа наполно рамнодушно кон балканските работи или пак беа премногу слаби. Добрите односи помеѓу Србија и Бугарија беа нарушувани ретко. Разликата помеѓу нив беше само во тоа што првата беше повоинствена, а втората - порелигиозна и покултурна. Заради целината на претставата за решавањето на македонското прашање тогаш, ние треба да имаме на ум дека присоединувањето на Македонија кон Србија на Немањиќевците воопшто не беше прашање на неопходност или херојство на Србите: тоа беше просто желба на Стефан Душан да и додаде поголем блесок на својата царска круна; не беше херојство затоа што самите македонски велможи, незадоволни од византиското ропство, врз мошне прифатливи за себе услови, му се потчинија на Душана, којшто за тоа штедро ги награди со оставање на нивната полна независност во управувањето на земјата. Среде сите виши сановници во државата на Душана само двајца имаше со називот крал: тоа беа синот на Душана - Урош и заштитникот негов, по смртта на татко му Волкашин, кралот на Македонија.

Околностите за решавањето на македонското прашање во сегашно време се многу сложени. Тука се замешани и Србија и Бугарија, не сфаќајќи ја ни својата историја, ни својата историска задача. Денеска зборуваат за национално обединување, за национални задачи, за големи Бугарии и Србии итн. Сега впрочем не само што зборуваат, туку и мислат. А мислат едно... и зборуваат сосема друго. Зборуваат за национални интереси, а мислат за културно, економско и политичко завојување на земјата. Сега кон Србија и Бугарија се приклучија и Грција и Австро-Унгарија. Овде пак интересите на европските држави, интересите на „мирот“, мешањето на Европа и на Русија, па и на Турција во денешно време - не се она што беше Византија во времето на крстоносните походи. Сега во Македонија и заради Македонија се води борба религиозна, национална и политичка, во којашто учествуваат и повикани и неповикани. Таа борба, како и воопшто историските услови на животот, не можеше да не се одрази на Македонците. Таа и се одрази во разбудувањето на самосвеста на Македонците, но не во таа смисла како што би сакале претендентите и соседите, туку во сосема нова. Доктрината на Монро од Америка беше пренесена од Гледстон на Балканскиот Полуостров во значењето „Македонија - за Македонците“. Овие зборови се запечатени во срцата на сите Македонци што се школуваат во разните школи, како во самата Македонија, така и надвор од неа: во Бугарија, Грција, Србија, Русија, Австро-Унгарија, Швајцарија и во други делови на Западна Европа. Тие се пренесени оттаму и во народот, којшто е расположен исклучиво за нив.

Етнографијата на Македонија за современиот Македонец е работа на науката и нема ништо заедничко со политиката. Што била Македонија порано, кому му припаѓала, кон кого таа е поблиска или подалечна итн. - за нас Македонците е сеедно. Нам ни е важно ослободувањето на Македонија, и притоа такво што не би било само фиктивно, ами вистинско ослободување. Ние би сакале таква Македонија во која би ни била гарантирана полната лична и имотна сигурност. И токму во ова време на будење на самосвеста на Македонците и на сознанието за неопходност за промена на современиот поредок во својата татковина, тие, за жал! ги вброија во своите, ако не непријатели, тогаш кон недобронамерниците, и Русите. Појава - доста чудна на прв поглед и бара објаснение! Ги вбројува Русите во бројот на своите недобронамерници главно македонската интелигенција што живее како во татковината така и во странство. Недобронамерници се сметаат не рускиот народ и не руската Влада, туку главно оние руски политички дејци врз коишто лежи обврската да ги чуваат руските интереси во Македонија. Дали постапуваат според некои инструкции или се раководат од своите согледувања - не е познато, но се гледа само едно: тие Македонците не ги знаат и не сакаат да ги знаат. За нив постојат само Срби и Бугари, Србија, Црна Гора и Бугарија, интересите на Србите и на Бугарите (Македонците пак се дел од словенско племе што не заслужува никакво внимание). За Македонците одвај ли би било навредливо ако тврдењата на руските конзули би наишле на поддршка кај другите непристрасни набљудувачи на Балканскиот Полуостров; но, за жал, тие се согласни само со видувањата на српските конзули. Прочитајте го Берар (Берард, Ла Турљуие ет л’Хелленисме цонтемпораин, 3-мме едитион, Парис, 1897) и споредете ги кореспонденциите на г-дата Вожин и Амфитеатров, коишто просто го предаваат она што го чуле од руските конзули, и вие ќе видите колку е огромна разликата помеѓу видувањата на Французинот и на руските конзули. И така, ако Русите сакаат да знаат зошто Македонците непара ги сакаат Русите и се готови да ги признаат како виновници за сите свои несреќи, тогаш нека знаат дека вината за тоа не е Австро-Унгарија и не е црната неблагодарност на Бугарите, туку самата руска политика на Балканот.

Всушност, што бараат тука Бугарите од Кнежеството и зошто неблагодарност? За што можат Македонците да и благодарат на Русија? Зарем само затоа што таа воспитува дел од македонската младина за потоа да го направат невозможен нејзиниот опстанок во татковината? Русија ја ослободи Источна Бугарија; Русија ги покровителствуваше интересите на Србија, на Црна Гора и на Бугарија; Русија е покровителка на јужните Словени од австриско поробување; Русија е покровителка на православните итн. Но треба да се додаде дека односите на Русија со Турција се пријателски, а тоа не може да се каже за нејзините односи со Македонците. Секој ќе рече дека тоа е преувеличување и неразбирање на руската политика на Истокот. Јас ќе се согласам, но сепак ќе останам на тоа дека тие претставници што им се доверени интересите на Русија во Македонија неволно наведуваат на такви мисли.

Всушност, зар не е крајна непретпазливост и несмотреност терањето на руските конзули да ги затвораат очите пред се што противречи на нивните желби? Зар може да биде ненавредлив за Македонците одѕивот на рускиот конзул дека во Македонија нема самосвест, ами има само народ што ништо не е подобар од Албанците итн.?... Пропагандата во Македонија - било религиозна или политичка - има и позитивно значење за Македонците: таа го зголемува бројот на писмените. Македонците, иако, според пишувањето на г. Амфитеатров, и одат во сребро и злато, сепак мораат да ја напуштаат својата земја и да одат на печалба во туѓи земји, од каде што се враќаат во татковината со нови сознанија; бројот на Македонците што имаат добиено средно и високо образование е релативно мошне голем. За да се уверите во тоа, ќе ви укажам на 60-те студенти исклучени од Софискиот универзитет за антируските демонстрации; во Петербург ги има од 12 до 15, а во цела Русија - околу 50 студенти. И, независно од сето тоа, руските конзули утврдуваат само дека во Македонија има народ што - не е ни едно ни друго, а може да стане и едно и друго. Можеби таквата вистина има големо значење од општословенска гледна точка, а ние се уште не сме дораснати за нејзиното разбирање... Ни се чини дека Русите поправилно би постапиле ако погледнат на нас не како на глина, туку како на живи суштества, на Словени небаре помалку достојни за поддршка од другите. Русија ја спаси Србија од ропството под Турција, ја ослободи Бугарија, ја поддржуваше Црна Гора, Крит, а Македонија за неа како да не е словенска земја. Ние Македонците го сознаваме значењето на Русија за решавање на прашањето за нашата судбина; ние знаеме дека таа секогаш во својата источна политика се раководела од принципите на праведноста, но ни се чини дека има и друга праведност, освен онаа за којашто зборуваат Србите и Бугарите, а таа праведност бара не промена на господарот на Македонија од турски на српски или бугарски, ами давање на Македонија полна автономија. Русија ослободи и создаде неколку слободни држави на Балканскиот Полуостров, Русија може да го покровителствува и создавањето на новиот член на семејството на балканските држави, за кое Македонците ќе и бидат вечно благодарни. Но, ако тоа не треба да го очекуваат, тогаш би можеле да очекуваат барем поправедна оценка од Русите за настаните во Македонија, на коешто Македонците имаат полно право. Со еден збор, ми се чини дека тажните демонстрации на Македонците го имаат тоа двојно значење што, прво, тие му покажаа на светот дека македонското дело нема ништо заедничко со бугарската Влада; второ, дека држењето на руските конзули во Македонија предизвикува недоверба кај Македонците кон руската политика.

Забелешки

  1. Очевидно се работи за печатна грешка во весникот: наместо 60, треба да стои 6 месеци.

Поврзано


Ова дело е во јавна сопственост во целиот свет бидејќи авторот е починат пред повеќе од 70 години.