Крсте Петков Мисирков/ Самоопределението на македонците

Од Wikisource
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Неколку статии

од Крсте Петков Мисирков
„Мир“ 7428, 25.3.1925, 1.
Самоопределувањето на македонците

Мојата статија „Македонскиот национализам” објавена во в. „Мир“ од 12 овој месец му го предизвикала гневот на в. „Свободна реч”,[1] којашто ме нарече „еден човек што уште не си ја знае народноста”, со „простачки умувања”, кој „може да пишува нелепости, дури нискости” и е „познат по тоа што некогаш бил во услуга на српската пропаганда” поддржувајќи ја „теоријата на белградскиот професор Цвииќ” за постоењето одделна македонска народност. Пишаното од „Свободна реч” за мене предизвика голема огорченост против мене од страна на жителите на градот во којшто живеам[2] и дури се најдоа луѓе, кои, без да му мислат многу, тврдеа дека тие знаеле оти јас, како студент, сум ги посетувал собранијата и на бугарските и на српските студенти и затоа сум бидувал најсрамно избркуван од собранијата на првите.

Слични глупости и клевети, какви што се напишаа во „Свободна реч” и се растураа во Карлово, човек можеше да очекува, но тие малку ме вознемируваат, зашто се очевидни за секого што ја има прочитано мојата статија во „Мир“ и којшто го познава моето минато. А такви ќе се најдат не малку во Бугарија. Исто така и за Србите е очевиден клеветничкиот карактер на сето она што се пишува и се зборува на моја адреса во врска со моето становиште по македонското прашање.

Јас многу добро знаев дека ќе бидам нападнат за мојот „Македонски национализам”, дека тој на никаков начин нема да биде отпечатен во в. „Илинден”[3] и дури не бев уверен дека ќе го отпечати и во „Мир“. При сето тоа ја напишав статијата и ја испратив во Редакцијата на „Мир“. И на другиот ден по нејзиното напечатување „Свободна реч” направи од мене човек што уште не си ја знае народноста.

За жал, „Свободна реч” не можеше да ме одучи од моите „простачки умувања”. Јас пак наоѓам дека Македонија денеска е распокината, дека Грците успеаја да и’ ги земат најдобрите делови, да го испадат оттаму македонското население и да го заменат со азијатски дошлаци што денеска се трупаат покрај српската и бугарската граница, како што едно време византиските императори покрај бугарската граница образувале воени населби од азијатски колонисти - Ерменци и павлиќани. Наоѓам исто така дека ако Србите и Бугарите не се помират и ако Македонците не бидат впрегнати во доброволна соработка со Бугарите и со Србите за запирањето на грчкиот бран што бавно, но сигурно се движи од југ на север, ние сите: и Србите и Бугарите и Македонците ќе потонеме во несловенското море што од сите страни не опкружува. Мислам дека само во слогата, во соработката помеѓу Србите, Македонците и Бугарите е спасот на сите нас. Србите и Бугарите спореа, печалеа Грците и Романците, ја загубија Македонија, Тракија и Добруџа.

Најважниот услов за соработката помеѓу Србите, Бугарите и Македонците е, меѓутоа, полната слобода во самоопределувањето на Македонците. И ете за последново прашање јас го истакнав принципот на македонскиот патриотизам и национализам, како наполно неутрален и задоволувачки и за Србите и за Бугарите и за Македонците; засега можеби поправилно би било да се рече дека еднакво не ги задоволува ни Србите, ни Бугарите, ниту пак Македонците.

Бидејќи од српско-бугарската несогласност страдаме пред се’ ние, Македонците, наш долг е да го бараме средството и патот за помирувањето. Тоа не’ тера „да не си ја знаеме” до денеска народноста и да им кажеме и на Србите и на Бугарите: заборавете ја својата великосрпска и великобугарска идеја, откажете се да ни го натрапувате вашиот национализам и патриотизам, во основата на кој лежи претпочитувањето на вашите интереси пред нашите. Дајте ни да си имаме свои разбирања за нашите односи спрема вас и спрема вашиот спор за нас и за нашата татковина, како и за средствата со кои ќе се дојде до општо јужнословенско добрување. Дајте ни да си имаме свои, македонски национални чувства и да создаваме македонска култура, како што сме го правеле тоа со векови и кога нашата татковина не влегувала во една држава со вашата.

Како Македонци, ние ќе бидиме пополезни и на Македонија, и на Бугарија, и на Србија, воопшто на целото јужно словенство, отколку како Бугари или Срби.

Како Бугарин јас одамна би рекол: Каква ти Македонија! И тука ми е добро, нема зошто да мислам за она што е веќе загубено. Но како Македонец, јас во Бугарија се чувствувам како на туѓина, каде што навистина се наоѓам меѓу родни браќа, но не сум си дома, во својата татковина. Таа е таму, каде што сум се родил и каде што јас треба да си ги оставам коските, каде што треба да отиде мојот син, ако не ми биде судено да отидам јас лично.[4]

Свеста и чувството дека сум Македонец треба да стојат повисоко од се’ друго на светов. Македонецот не треба да се слева и да се обезличува живеејќи меѓу Бугари и Срби. Ние можеме да ја констатираме близоста на српските, бугарските и македонските интереси, но се треба да биде оценувано од македонско гледиште.

Беззаветната и безгранична љубов кон Македонија, постојаното мислење и работење за интересите на Македонија и полн конзерватизам во пројавите на македонскиот национален дух: јазикот, народната поезија, наравите, обичаите - ете ги главните црти на македонскиот национализам, изјаснет преку „простачките умувања на еден човек што уште не си ја знае народноста“.

Но ние не сме егоисти. Ние не мислиме само за себеси. Ние сме готови да им услужиме и на Србите и на Бугарите, под услов услугата да ни биде доброволна, а не изнудена.

Знаат ли Србите со што ќе им услужиме: ние сите ќе изумреме , но нема да дозволиме грчка нога да ги пречекори денешните граници на српска и бугарска Македонија. Но тоа ќе го направиме ние како Македонци, но не и како Срби. Со Грците ние ќе се бориме, зашто се единствените наши вековни историски непријатели. Целата наша македонска национална историја е полна со борби против Грците. Борба со Бугари и со Срби не познава македонската историја: Бугарите и Србите ги почитуваа националните права на Македонците во средните векови и само Грците ни го убиваа националниот дух и не’ денационализираа. Тие и денеска не’ гонат од родните пепелишта и следствено не’ потсетуваат за нашиот стар историски долг да ги изгониме неканетите гости од нашите дедовски, предедовски земји.

Тоа е македонското национално чувство, тоа е историскиот позив на Македонецот што може да го исполни само како слободен и рамноправен граѓанин на Југославија, на когошто му е дозволено да мисли, да чувствува, да зборува и да дејствува како Македонец.

К. Мисирков: Самоопределение на македонците, „Мир“ 7427, 25.3.1925, 1.

Забелешки

За жал, овој тестамент на Мисирков не се исполни: и неговите коски и коските на неговиот единствен син се’ уште лежат во софиските гробишта.
  1. Реагирањето на бугарскиот официоз „Свободна реч” од 14.3.1925 год.
  2. Во тоа време Мисирков уште беше професор во Гимназијата во старопланинското гратче Карлово.
  3. По убиството на А. Јовков, весникот „Илинден” беше во рацете на михајловистот Христо Шалдев што беше жесток противник на македонскиот „национален сепаратизам”, па одби да ја објави и статијата за македонскиот литературен јазик што беше му ја испратил Мисирков од Карлово.
  4. За жал, овој тестамент на Мисирков не се исполни: и неговите коски и коските на неговиот единствен син се’ уште лежат во софиските гробишта.

Видете исто така


Ова дело е во јавна сопственост во целиот свет бидејќи авторот е починат пред повеќе од 70 години.