Прејди на содржината

Житие на Св. 15 Тивериополски маченици

Од Wikisource
Житие на Св. 15 Тивериополски маченици

од Св. Теофилакт Охридски

МАЧЕНИШТВОТО НА СВЕТИТЕ СЛАВНИ ПЕТНАЕСЕТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИЦИ пострадани во Тивериопол, сега именуван Струмица за царувањето на злочестивиот Јулијан Отстапник напишано од ТЕОФИЛАКТ Светиот Архиепископ Охридски

1. По целата вселена веќе се беше разлеала Евангелската проповед, и словото на рибарите се беше распространило по целата земја, според пророчкото слово, кое вели: „По целата земја се разнесе нивниот глас и нивните зборови дури до краиштата на вселената” (Пс.18,5) и веќе се принесуваа на Христа души достојни за горните свети обиталишта. Но таткото на зависта, лукавиот, кого го викаме, ѓавол, не го трпеше ова, ниту пак можеше да гледа како луѓето заземаат место на ангели и се поставуваат таму, од каде тој понапред беше паднал, Затоа се поттикна да противдејствува во спасението на луѓето, убедувајќи ги владетелите од разни времиња, царевите и нивните началници да им заповедаат на своите поданици секаква чест да им оддаваат на елинските богови и нивните статуи, и со воздигање на храмови и олтари и богати жртви и приноси, а Христа ниту да го спомнуваат зашто бил човек достоен за крст, а оние, кои се поклонуваат на Распнатиот, откако ги подложат на тешки накази како безбожници да ги лишат од овој живот. И така, човек можеше да види едни од вистинските слуги на Христа, нашиот Бог, како се кријат во горите и пештерите и принесуваат бескрвни жртви и молитви тајно, кога времето позволуваше, други како скитаат од место на место, како бегаат од град во град, имајќи го туѓиот град за поблизок од сопствениот, и на тој начин со мака, спасението крадешкум го задобиваат. Оние пак, кои со Божествена ревност имаа полни срца, како испитани војници, се осмелуваа да навлезат во трибините на нечестивите цареви и началници, како меѓу непријателски фаланги и да проповедаат, дека Христос е навистина Син на Бога, единосуштен Нему, од Него роден пред сите векови, а во последните времиња станал човек Кој низ крстните страдања и смртта ни подари бестрасност, бесмртност. Така предавани на горки казни, едни на ѕверови, други на оган, или вода, или на меч, или на друга некоја смрт, на најжесток начин, ги предаваа своите души на Бога.

2. Такви и поголеми од нив страдања трпеле Христијаните, додека царувала длабоката ноќ на неблагочестието и на неговите заштитници, на царевите и игемоните. Но како што беше напишано, Христијанскиот крст за да го просвети и доведе до сознание и самото царство и со тоа да го покаже како вистинско царство, неспособно да робува на глуви и бездушни идоли, затоа Христос - Сонцето на правдата, најнапред испратил некои зраци, претходници на совршената светлина на сознанието, да ја растераат сосема ноќта, да покажат однапред дека е близу денот. Заради тоа го поставува во славниот Рим за цар оној, великиот Константиј (Хлор), кој принесувал жртви на идолите и не се одрекувал од својата прататковска религија, но кој ги оставил своите поданици да ја следат онаа религија што ја сакаат. Некојпат некои кажуваат, дека тој не само што не ги гонел, туку напротив, со почести ги удостојувал Христовите следбеници. За тоа кажуваат и примерите кои ги оставил за својот став. Веднаш ги подложил на испит христијаните, за да разбере кој меѓу нив е тврд и искуствен и кој е слаб и без опит; и првиот, т.е. тврдиот во верата, го удостојувал со најголеми блага, а на вториот, т.е. оној кој не ја зачувал верата не му давал ни од најмалите богатства. И тој преку гласниците разгласил, „оние кои не ја отфрлаат христијанската вера, да им се земат чиновите на достоинство и ако има некој од нив да го напуштат градот доброволно, имајќи го за голема добрина тоа што не пострадале со казни и со нешто друго лошо”. Кога ова било разгласено, оние, кои ги имале основите на верата положено врз песок (Мт.7,26) и имајќи срца несигурни и болникави, веднаш се одрекувале од христијанството, за да не бидат изгонети од градот и да се лишат од чиновите, затоа што ја засакале човековата слава повеќе од Божјата. А оние, кои биле утврдени врз тврдиот камен, тие, без да се сепнат ниту од царот ниту од многумината што биле околу него, или да се вознемират, или да се исплашат, или да осетат некаков страв од оние страшни и големи мажи и од заканите упатени до нив, тие пристапувале пред нив и се исправале и застанувајќи мажествено и отфрлајќи секаков страв и трепет се претставиле пред царот и храбро му кажале, со смел ум и мисла: „ние цару толку сме далеку од тоа, да се одречеме од верата во Христа, што не само чиновите и сопствениот град, туку и главите свои и телата и душите, со задоволство би ти ги принеле на смрт за Владиката. Зашто се научивме да не се плашиме од оние кои го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат (Мт.10,28), зашто страдањава во нашево време, не се ни споредуваат со славата која ќе се јави на онне, кои Го љубат Господа (Рим.8,18). Кога го слушнал ова царот останал зачуден од цврстината на нивната вера и се воодушевил од начинот на нивното размислување, и од тоа време мошне ги почитувал мажите коишто и во собранијата ги викал, а и на неговите собори биле учесници. А оние кои се одрекле од Христа, ги имал за недостојни, како што беше и праведно, ги оставил животот да го поминат во бесчестие. “Бедни се тие”, - велел тој, “зашто не само што се лишија од идните богатста туку ги загубија и сегашните. Зашто како, рекол, ќе ми бидат верни оние што толку лесно се откажуваат и се неверни на својот Бог? И како тие ќе упатат на соборите или на разговорите нешто, што ќе е полезно за народот, кога за себеси лошо размислиле?”

3. Таков бил царот Константиј. Него и Бог не го лишил од Својата благост, бидејќи го прославил во војните и владеењето над народите, а од друга страна му го подарил синот Константин, кој ги надминал сите цареви. Од славата на својот син, вкусил и тој, како река, која изира од високо, и станал пославен од неговиот спомен. Тој имал и други синови родени од Теодора, ќерката на Максимилијан Еркулиј, Далматиј, Анавалиан и Константиј. Но Константин, кој е роден од навистина блажената Елена, ја наследил не само царската власт, туку и благоста на татка си кон христијаните, зашто ги удостојувал верниците, кои живеат во Рим не само со полна слобода, туку и со секакви почести, притоа во своите заповеди распространети до разните началници, ја искажувал својата добра волја кон христијаните, во секој град и крај и со писмо им заповедал на своите подвластени, да не го лишуваат христијанскиот род од никаква привилегија. Затоа и Бог не допуштил да се лиши од блага оваа душа. Напротив, го наградувал со благата од овој свет, велиме со богатство и со сè друго, кое се добива со богатството, со сите велелепни царски знаци и при тоа со победи против своите непријатели. Го наградувал уште и со тоа, што го раководел кон вистинската вера, на која го повикал од небесата, како што понапред го беше повикал Павел, зашто и призивот требаше да биде велелепен и вистински небесен. Така, кога требаше да војува со Максентиј, Бог му покажал во среде ден крст изобразен од ѕвезди од небото и букви кои кажуваат, дека со него ќе победи. Тој се покорил на ова видение и го употребил образот на видениот знак и на дело ја разбрал неговата непобедлива сила. Тој откако примил да биде огласен во словото на вистината од Силвестер, Божествениот Римски Папа, станал жезол на силата (Пс. 109,2) за христијаните, ги затворил идолските храмови, го изгаснал огнот пред незнабожечките олтари и ја запалил свеќата на вистината и елејот на помазанието, ја ослободил земјата од крв и воздухот од зарази, кои ги причинувале кадењето и димот од жртвопринесувањето, а на нивното место вовел жртви свети, благоухан мирис на темјан и сеноќни бденија угодни на Бога, додека, пак, статуите едни од нив ги претворил во прав, други ги предал на оган и уништување, третите ги пренел во Визант (град кој тој од мал го направил голем и кога го украсил со сè што сведочи за царското велелепие, го именувал во Константиновград). Тука откако заповедал да се пренесат многу статуи, ги поставил по театрите и улиците. На секаде по вселената издигнал Божји храмови и тогаш се покажа исполнето словото на Давида: „Бог е Цар на целата земја” (Пс.46,8). „Господова е земјата и она што ја исполнува” (Пс.23,1) „зашто царството е на Господа, и Он е Владетел над народите” (Пс.21.28), Тој, се разбира и началниците околу Него. Од тогаш сите народи мирувале и биле спокојни затоа што Господ го прославил царот, кој ветил: „Јас ќе ги прославам oние, кои Мене Ме прослават”, кажувајќи низ устата на пророкот (1 Цар.2,30)

4. Но заколнатиот непријател на нашето спасение, и началозлобната змија, го вооружал Арија од Александрија против православието и подигнал горка војна против Црквата и со тоа и нанел не мало зло. Но царот Константин, придвижен од Божествена ревност, свикал во градот Никеа тристотини и осумнаесет архиереи на собор на кој зел учество и самиот тој и го осудил погрешното учење на Ариј, кој учел дека Синот Божји е создание и твар и слуга, а него самиот го разобличил пред целиот народ и изгонил од целата Црква. Потоа откако го изложил православието со светлата проповед и го искажал велегласно и торжествено го прогласил Синот единосуштен на Отецот, светлина од светлина, Владика и Творец, но не и твар. Така откако царувал благочестиво и свето и угодил на Христа, колку тоа било можно, го завршил животот со три синови, се преселил од временото и земно царување во вечното и нетелесно, и како што елинството го уништи понапред, така го погубил и аријанството, кое ја беше огорчило Црквата, не помалку од првото, ако не и повеќе. Зашто последиците од блиските пакости се потешки.

5. Од неговите синови, првиот Константин ја наследил Галија, крајбрежните страни на Северниот Океан и Британските острови. Следниот, Констант - Италија и самиот Рим до Илирик. Средниот пак, Константин, целиот исток, Либија и Египет. Тие положиле секаква грижа, усилба и волја, да го закрепнат христијанството и благочестието и православието, па воодушевени од благочестието и правилно предавајќи го словото на вистината да го поминат животот тивко и спокојно, во секое благочестие и чистота. Константиј бидејќи не го примил зборот единосуштен, ги наскрбил православните, правејќи го тоа од ревност, не по разум (Рим. 10,2) за да има мир меѓу црквите. Бидејќи тој и онака заповедал да се урнат сите идолски капии и олтари, така што уште за време на неговиот живот не останала ни трага од нив. Но и него српот на смртта го пожнеал од сегашниот живот.

6. Бил поставен друг цар, најголем престапник и неблагочестивец (ако треба да го наречеме цар оној, кој застанал пред Христа и рекол: „Твоите патишта не сакам да ги знам” (Јн. 21,14) бунтовник и отстапник, презрениот Јулијан, за кого, кога ќе сакаме да раскажеме нешто повеќе, никој да не нè осудува со помисли, дека сме излегле од умереноста, зашто расказот на случените собитија не е бесполезен, особено за Христовата Црква и за вљубениците во учењето, зашто како што некој кажал: „да знае човек многу е нешто посебно ценето”. И ова не е далеку од нашата задача. Зашто предмет на нашиот расказ е подвигот на мачениците кои пострадале во времето на Јулијан. Ако порано спомнавме, доколку е дозволено за омразата на тој тиранин против Христијаните, тоа го направивме за да заблеска подобро благородноста на мачениците кои во тие времиња се држеле мажествено и ги пренебрегнале заповедите на тој тиранин, кој силно се потрудил да ги надмине сите гонители. Спомнавме од погоре кажаното и за тоа, дека расказот имајќи свој почеток ќе биде целосен и завршен.

7. Татко пак на овој отстапник бил Константиј, брат на великиот Константин, - родени двајцата од татко им Константиј и од мајки, првиот од Теодора, ќерка на Еркулиј, а вториот од блажената Елена, како што кажавме и погоре. Јулијан имал постар брат по име Гал. Кога умрел Константин Велики и скиптарот на исток преминал во рацете на Константиј, војниците направиле бунт, во кој младиот Далматиј, син на стариот Далматиј бил убиен со мнозина од својот род. Но Гал и Јулијан биле оттргнати од војничките мечови, едниот го беше снашла страшна болест, и не малку страдал надевајќи се на смрт, другиот пак, бил мал (имал осум години, проклетиот) и заради тоа кон него царот човекољубиво се понел, а поважно и посуштествено е тоа, што Бог по Своите чудни промисли сочувал помилување за христијаните преку овој неумолив наказател. И кога поминала болеста на Гал, тој го зел брата си Јулијана и двајцата слегуваат во Јонија, која тогаш цветала со многу софисти и философи и за време на нивниот престој таму, се занимавале со секаков вид на наука и се воспитувале благородно и велелепно, достојно за цареви. Зашто имале големо изобилство на пари, бидејќи царот сè татковски им отстапил. А кога двајцава браќа се зафатиле да издигнат храм на маченици и како сè беа поделиле по еден дел секој, делот на Гал се подигнувал и секој ден се издигнувал нагоре, а Јулијан колку и да градел, гледал и самиот како граденото се разурнува самото од себе. Така бивало, бидејќи мислам, дури и земјата не можела да го носи како скришно, бесчестието на бесчестивиот. А кога по снисходливост царот го поставува Гал за кесар, Јулијан скитал по светот живеејќи сиромашно, престорувајќи се дека е философ.

8. Но од вниманието на Константиј, не му избегало неговото лукавство, дека е неблагонаклон кон христијанството, а расположен за идолопоклонството. Затоа го отповикал од Јонија и го испратил во Никомидија за да го изучува христијанството и елинското воспитување, под раководство на Евсевиј (Евсевиј бил епископ Никомидијски и имал не мала слава како учен маж). Му било забрането од царот да се среќава со Ливаниј, кој по религија бил идолопоклоник и познат софист во Никомидија, а по красноречивоста имал надмоќ над сите. Но богоненавидниот Јулијан имајќи ги царските заповеди за празнословие, многу повеќе се среќавал со Ливаниј отколку со Евсевиј. Првиов го посетувал тајно и ноќно време, и воделе со него разговори достојни за темнината, од еднастрана, а од друга, давал плата на другите да се сретнат задолжително со Ливаниј, да ги слушаат неговите беседи и да му ги предаваат нему лично. Тогаш тој станал и чтец во Никодимијската Црква, за да ги чита Божествените книги. Тоа, како што говорат мнозина, станало со дадена царска заповед на Евсевиј, но вистината е дека тој саммот доброволно се облекол во облеката на клирик со цел да го одземе вниманието на сите сакајќи да стане цар за да се прикрие, како пресоблечена змија. Тогаш и некојси Максим, кој под маската на философ се занимавал со магија, кога пристигнал од Ефес во Никодимија, стапил во познанство со Јулијан и го вовел во безбожнички и дејствувачки, пеколни обреди и уште повеќе му ги засилил надежите да стане цар.

9. Но откако Гал се возгордеал повеќе отколку што му прилегало на неговото кесарско достоинство и ја проширил својата власт, заради тоа исчезнал меѓу луѓето, па претстоело и Јулијан да го засегнат заради дрскоста на брата му, но царицата Евсевија ја пренебрегнала волјата на царот и така му го одвратила мислењето (зашто зборовите на жената имаат големо влијание врз мажот со слаб карактер), така што царот наместо брат му Гал го направил него кесар, му дал доста силна војска и го испратил против варварите кои живееле во Галија. И тој откако ја искористил местоположбата, се договорил со началниците на војската, се договорил и со самите полкови (зашто сите се радуваат на царските промени, а најмногу војската толку повеќе колку е надежта поголема да се добијат поголеми плати) и веднаш се прогласил за цар. По овој случај, покрај другото се пренесувало дека, како кажуваат, откако не можеле да најдат венец за да му ја овенчаат главата, еден од војниците извадил од раката златна нараквица која во секојдневниот говор се нарекува „врахиол” и ја положил на главата на тиранинот. Кога го дознал ова Константиј, дека тој се одметнал, сиот разгневен тргнал против него за да го накаже како недостоен. Но на сред пат се лишил од живот и од своите надежи; и скиптарот на благочестивото царско достоинство минало во раце на бесчесникот, злосторникот или подобро, на бунтовникот и на отпадникот.

10. И погледни ја длабочината на неговиот лукав престап. Не веднаш лукавиот ја изразил својата злоба, ниту беззаконикот го открил своето нечестие, ниту отстапникот се зафатил со гонење (зашто знаел дека сé уште не е завршено закрепнувањето на неговото царување, дека не е безопасно да посегне. како што сакал, да ја измени положбата на христијаните во едно време, кога верата на православните беше пуштила корени по целата вселена и беше се зацврстила), но тој ги вратил од затвор сите епископи кои биле изгонети од црквите за верата во времето на Константин, и повторно им ги предал на црквите и им ги востановил правата врз црковните имоти, иако некои од нив биле земени од него самиот. Всушност кога царската власт му се утврдила тогаш заповедал да му се отворат затворените идолски храмови, да се запали олтарниот оган и да се извршат гнасните обреди на демоните и од идолопоклониците озаконети во нивна чест жртви. Освен тоа, ако некои, од времето на Константин разрушиле идолски храм, или собориле идолски столб, било заповедано да се издигнат нови, разурнатите храмови повторно да се изградат и согорените повторно да се воздигнат, а оние кои ги разурнале да се подложат на тешки казни и смрт или на неподносливи измачувања. Меѓу последните бил и Марко од Аретуса, еден од оние што се спасувале, кому целиот род му бил предаден на колење. Тој бил принуден да издигне еден идолски храм, кој самиот го беше разурнал и бидејќи не се покорил и многу други тешки маки претрпел, та најпосле бил даден на децата за играчка, кои со остри предмети го распарчиле старчевото чесно тело, вистински повозвишено од земјата и сè што е земно. Јулијан заповедал да се разурнат насекаде Божјите цркви, христијаните да не земаат учество во грчките науки, ниту со сенаторски чинови да се удостојуваат. Многумина од нив решително ги симнуваа од себе појасите со чиновите имајќи се друго за смет, само Христа да го спечалат (Фил. 3,8). Такви биле Јовијан и Валентијан, и на двајцата Бог во свое време им предал царско достоинство. Многумина, пак, од жед за празна слава се одрекле од Христа, нашиот вистински Бог.

11. И тој Јулијан беснеел против сите епископи, а најмногу брзал да го улови Александрискиот епископ Атанасиј, зашто тој бил храбар поборник и заштитник на Христијанството и ушител и противник на идолопоклонството. Кога дознал вистинскиот јерарх Божји, послушувајќи ги Христовите закони (Мт. 10,23) и кога исползувал погодно време од гонителот, отпловил од Александрија. Но откако видел дека царскиот кораб го следи му заповедал на капетанот да ги пренасочи платната како да треба пак да се врати во Александрија. Откако се случило тоа, царските луѓе го сретнале и ги прашале дали го виделе Атанасиј да отплови од Александрија. Тие, кои биле во коработ на Атанасиј, одговориле дека коработ заминал малку пред нив и дека ќе го стигнат само ако веслаат посилно. И така тие измамени го минале Атанасиј кој влегол во Александрија и се криел за целото време на царувањето на неблагочестивиот Јулијан.

12. Во Македонија, Теодул и Татијан, мажи благочестиви и горазди по дух влегле во еден од идолските храмови и ги испокршиле тамошните идоли. Тогашниот началник на тој крај, за да му угоди на тиранинот решил да зароби мнозина за тоа што се осмелиле да ја извршат таа работа. Но Теодул и Татијан помислиле дека е неблагородно да не се појават и да не се посочат себеси, дека се осмелиле да го направат тоа и да го остават невиниот народ на еден тиранин кој гори од омраза, во заштита на своите богови. Затоа се јавиле, плукајќи на сите ласкави зборови со кои сакале да ги привлечат и ги презреле сите тешки маки кои сакале да им ги нанесат. Откако ги ставиле на усвитени железни легла тие оваа мака ја имале за свежа и пријатна, та дури и се шегувале со тиранинот “Зашто, ако сакаш, кажувале тие, о началнику, да се наситиш со печено месо, заповедај на џелатите да не свртат од другата страна за да не би ти биле недоволно вкусни како испечени до половина“. Кога тоа го рекле светиите, ги затекнал блажениот крај и биле принесени како жртва на Христа, Кој се жртвуваше Себеси за нас, совршената сепаленица во благоухан мирис.

13. Но кој расказ би можел да ги изброи маките кои ги причиниле насекаде, на Христовите чеда слугите на овој тиранин. Та дури и Александрискиот епископ Георгиј, откако го влечеле по плоштадот и откако го убиле, раскинатите делови од неговото тело ги натовариле на камила, торжествено ги покажувале, и најпосле, го изгореле заедно со камилата, а остатоците од пепелта ги распрснале. На друг, пак, стомакот му го распарале ставајќи му во внатрешноста жито, потоа ги пуштиле свињите да се нагостат со таквата софра. Тирскиот, пак, епископ Доротеј, човек познат во науката и одличен писател на историските собитија, кој во времето на Диоклетијан и Ликиниј шеесет години беше подложен на многу маки за Христа (тој човек) умножен во длабока старост, како што вели божествениот Давид (Пс. 91.15) зашто светителот бил на 107 години, непријателите на верата го предадоа во градот Едеса на смрт. Кој би можел и да ги изброи осквернувањата на Божјите храмови и грабежите на свештените твари, зашто вујкото на тиранинот и негов едноименик, ги употребил непристапните и свети места како јавни и нечисто место, за оскрбение на сè Божјо велејќи си во срцето дека нема Бог (Пс. 13,1). Но Господ се надвиси од небесата и за миг се позна Господ, Кој суди (Пс. 9,16). Зашто неговата внатрешност почнала да се распаѓа и вообичаениот отпад наместо од природните отвори излегувал од неговата нечиста и гнасна уста.

14. Но во тоа време кога многу такви работи се случиле, беззаконитиот меѓу царевите, и безумниот и улавиот меѓу философите се престорувал дека е кроток и човекољубив. Копајќи јами во нив, како дволичен и лукав, се сокривал, а на изглед се покажувал ревносен за да изгледа православен. Така тој заповедал да се омрсат со крв од гнасни жртви не само изворите туку и оние предмети кои биле изнесени за продавање. О глупав беззаконику! О бечувствителен сквернителу! О неразумен безумнику! Ти што мислиш дека сè разбираш, неразбираш ли дека ништо такво не може да ги омрси оние кои ги земаат предметите, особено не кога осквернувањето бива спротивно на нивната волја? Освен тоа лукавиот и бесчувствителниот ги знаел Христовите закони од кои, раководени и упатувани христијаните, веруваат дека од тоа, што влегува низ устата, човек ниту нечист станува ниту се осквернува (Мт. 15,11). Но тој како неподобен на Христа се осмелил сè да прави против верата. Неговиот бес се насочил и кон оној чудесен град кој по своите скапоцености ги надминувал сите почитувани градови, т.е. Никеја, местото на победата против Ариј, каде триста и осумнаесетте мудри архипастири ги положија основите на православната вера. Зашто тој град бил полн со христијани. И затоа лошиот и разгневен цар ги поттикнувал месните началници на градовите, да им прават на христијаните какви и да сакаат лошотии, и кој би можел да ги раскаже оние тешки казни и ужасни маки и неподносливи страдања и болки и просто речено секакви видови на малтретирање и притисоци кон нив. При тоа и освен тоа, ги лишувале од нивните имоти од татковината и од родот и најпосле ги предавале на смрт како осуденици и не ги удостојувале ни со погреб, небаре се безбожници. Во таа смисла, тој бил најревносен од сите кнезови, вложувајќи го сиот свој стремеж, мисла, опит и вештина, за колку што е можно повеќе галилејци да бидат сотрени. Зашто тој така со подбив ги нарекувал христијаните, а според мене, тоа го правел зашто се плашел да го изговори големото и славно Име на Христа, кое штом и ќе се изговори, е ужасно за демоните, а за противниците - страшно и неподносливо. Многу веројатно е, дека тој тоа да го научил од маѓепсниците, кои многу добро ја знаеа силата на Името, кое веројатно било сопка за многу нивни работи.

15. Но началникот во Никеја во почетокот не знаел дека има таква заповед и кога ја дознал побрзал да ја исполни. И тогаш тој разгласил низ целиот град: „Сите оние, кои се поклонуваат на Распнатиот, да ја сменат верата и да пристапат да принесат жртва на бесмртните богови, инаку да знаат дека ќе бидат предадени на неподносливо и најразлично казнување, кое ја надминуваат човечката сила, зашто царот, кој ја примил од благите богови власта на целата земја и море, не може да трпи да не ги натера сите, што живеат во границите на неговата власт, да ги признаваат и да им се поклонуваат”. Па откако била разгласена таа најглупава заповед, следниот ден, началникот, откако ги собрал сите во театарот и пред строго да им се закани, употребил додворувачки говор: „Гледам, - кажал, - о, мажи дека вие сте сериозни и благоразумни и мислам дека мнозина од вас стекнале достатно образование. Заради тоа многу е неумесно таков народ да се поведе по грубоста на Галилејците и да се поклонуваат на човек од вчера и од пред некој ден осуден на крст во времето на Пилата чиј што гроб можат да го видат сите што сакаат. Освен тоа, ако поклонувањето на таквиот Бог беше безопасно, можеби, незнаењето на она што е подобро ќе беше простено. Но, од сега опасноста не е само за имоти и почести но и за самиот живот, најголемото од сите богатства, заради тоа не само безумие и неверство, но и совршена бесчувствителност е - човек да ја претпочита оваа вера пред онаа, која е безопасна и по сè царска. Ако сега ме послушате, кога ви го советувам најдоброто, ќе пристапите кон човекољубивите богови и кога ќе им принесете жртви најнапред ќе го стекнете нивното благоволение, ќе станете блиски и свои на богољубивиот цар и притоа ќе ги придобиете и оние богатства кои произлегуваат од тоа зближување, кои тој штедро ги прилага на своите пријатели”.

16. Кога тоа го чуле насобраните, не малку од нив се приклониле кон кажаното и се изјасниле дека ќе станат истомисленици со царот и ќе ги почитуваат сите негови богови. Нив началникот ги удостоил со почести и подароци и веднаш ги направил славни. Но оние кои предпочитале да ја запазат цврсто и неизменливо верата во Христа, со еден глас како со една уста извикале: „Ние не можеме да се одречеме од вистинскиот Бог, Христос, и да принесеме жртви на неми и глуви идоли. Затоа на силниците им кажуваме: „боговите кои не ги направиле небото и земјата нека загинат! Подобни на нив да станат и оние кои ги прават и сите кои се надеваат на нив. А ние имаме еден Бог кој е над сè, низ сè, и во сè и еден Господ, Исус Христос, вистински Бог, низ Кого сè постанало. Во Него веруваме, Него го исповедаме, Нему му се поклонуваме и служиме со сета своја душа, со сето срце, со чиста совест, со неизменета мисла и помисла, со Отецот и Светиот Дух, во бесконечните векови“. Кога му го кажале тоа на тиранот со смелост, тој исполнет со силен гнев и незадржлива омраза им заповедал на стражарите да им нанесат, едно по друго, ужасни страдања и смрт. Мнозина, пак, тајно избегале во горите и пустините, други пак се распрснале по разни места откако ја презреле својата мила татковина, роднините и пријателите и сиот свој имот, само и само да го стекнат Христа, навистина суштиот Бог и Господ, и Цар на царевите на сите векови.

17. Едни од нив биле Тимотеј и Комасиј (кој што се именува и Етимасиј), Евсевиј и Теодор, кои не можејќи повеќе да гледаат како идолите се почитуваат, ниту како паднатите и оние кои се одрекле загинуваат, а останатите во верата биваат измачувани, ја напуштиле Никеја и се населиле во Солун. Но откако поживеале во тој град не многу време, каде престојувајќи забележале дека тамошните жители му слугувале на неблагочестивиот цар и дека го обновиле служењето на гнасните идоли и им го вратиле поранешното значење, а верата во Христа ја гонеле и се труделе дури и Името да не Му остане во градот и околните краишта, затоа го оставиле Солун и се преселиле во Тивериопол, кој лежи на север од Солун и граничи со Илирик. Тука откако нашле малку слобода, го посеале семето на словото во нивите на душите, и обработиле за Христа богата нива со изобилно калсје. Освен словото, тие имале и светол живот. Тимотеј станал епископ на Тивериополската Црква и со тоа свеќата била поставена на свеќникот (Лк.11,33). Комасиј, пак, порано бил војник, и тоа одличен војник. Војничкиот појас и славата тој ги оставил на оние кои се предадени на земјата и откако го зел крстот Христов и се облекол во монашка облека, т.е. оружјето на светлината (Рим.13,12) го проповедал словото на вистината во тивериополските села. Евсевиј и тој бил причислен во монашкиот чин и го проповедал словото на вистината, но повеќето од слушателите ги привлекувал најмногу со своите дела. Од среброљубието, како од корен на секое зло (1Тим.6,10), се гнасел, и она малку што го имал го раздавал на сиромасите со благост и простодушност и просто кажано, тој бил татко на сираците, помошник на вдовиците (Пс.67,6), благ, кроток, со еден збор - ученик Христов. Теодор, пак, бил еден од триста и осумнаесетте свети и блажени, богоносни отци собрани во Никеја, кој го дополнил бројот на тие блажени со што бил удостоен со чин и дар на епископ, Тој ја објавил на Тивериополците светлината на благочестивата и православна вера.

18. И така не било возможно да биде лага кажаното од Господа, дека не може да се скрие град изграден на врв планина (Мт.5,14) т.е. животот на тие свети мажи - поставен на височината на добродетелта и издигнат високо над долината на плачот, т.е. над менливоста на тоа што е земно и се влече доле. Но колку и да се труделе тие да живеат незабележливо, станувале попознати, особено, пак, на љубителите на доброто, кои не можеле да се стрпат, бидејќи многу жедни, да се стекнат до изворот од каде извирал млаз, сладок и прозрачен, затоа се стекнале итајќи при нив. Тоа биле Петар, Јован, Сергиј, Теодор, Никифор, сите тие го фалеле Господа во презвитерски чин (Пс. 106, 32). Заедно со нив служеле, Василиј и Тома во ѓаконски чин, монаси биле Еротеј, Даниил и Харитон. Сократ, пак, во сè одличен војник, сопственик на достатно богатство и слава, кога се истресол како од прав од сè, станал и тој дел од тој добар лик на отците. И тие, кога се собрале сите заедно, воделе вистински ангелски живот, ден и ноќ поучувајќи се на Божјиот закон (Пс.1, 2) и на нив се однесувало изреченото од Давида: „Ете што друго е подобро и попријатно од тоа браќата да живеат заедно” (Пс.132,1). Откако ги просветиле сите тамошни со светлината на познанието и им ги исцелиле нивните душевни слабости, тие не ги оставиле иеисцелени ни оние кои боледувале од телесни болки. Сè што добиле на дар, на дар и го давале (Мт.10,8) на оние кои имале потреба, барајќи само една цена и тоа најскапата, верата во Христа, Семоќниот. Од тоа словото на поуката повеќе успевала, зашто чудата се крилја на словото, го подигаат повисоко од гонителите и му помагаат да се распространи.

19. По некое време веста за нив прелетала со брз полет и преминала на секоја страна, па се говорело многу за нив во Солун. Затоа Валент и Филип, за кој спомнавме погоре дека пребивале во Солун и уредно ги исполнувале заповедите на Јулијан и слушнале тие за таквото живеење на светите мажи, кои со животот се натпреварувале со невештествените ангели, и дека словото им било силно и надарено со благодат и сила да ги привлекува слушателите, и дека не останал никој во Тивериопол и околината кој ќе го почитува идолопоклонството, и дека сите тамошни станале ученици и поклоници на Христа, - биле поразени од ревноста за нивните разурнатите татковски обичаи и непочитувањето на царските повелби. Кога го чуле тоа тираните најпрвин намислиле да испратат во Тивериопол неколку воени заповедници и од нивните прислужници, диви по нарав и жестоки по мислењето, за да ги убедат светите мажи да ја исполнат заповедта на царот и да жртвуваат на идолите, за да задобијат од царот големи почести кои раката на царот може да ги даде кога сака; или ако не се согласат да го сторат тоа, да им одредат големи казни и на крајот да им ги отсечат главите со меч. Размислувајќи за ова им се сторило добро да не пратат други луѓе, туку тие сами да одат за да го покажат сето дивјаштво и да го покажат на дело она што го смислиле.

20. И веднаш стигнаа во Тивериопол, а штом се расчуло за тоа сите се преплашиле од нивното дивјаштво. Тие седнувајќи на високи и застрашувачки престоли, наредиле, и им ги донеле светците пред нив, повеќе за да ги исплаши таквата глетка, а нивниот збор да стане чуен, и им рекле на ожалостените: “Цело царство се потчинува на царската наредба што гласи: да се поклоните на бесмртните богови што ни ги оставија старите мудреци, за да им се прават храмови и за да им се градат жртвеници, да им се принесуваат жртви и други почести да им се оддаваат и да не прифатат никаква нова религија, ниту на ниеден нов бог да се молат. Како само вие се покажавте, наспроти целата екумена, помудри од старите луѓе? Или вие имате поголема сила и мудрост од нашиот цар кој ги надмина мудрите? И вие се осмелувате сведоштвата на боговите, што сите стари од мудреците ги нарекуваат бесмртни да ги нарекувате митови и да ги омаловажувате царските наредби? Еден Човек, пак, што беше роден во Палестина, од една сиромашна жена, која заради нејзината сиромаштија се сложи на брак со столар, кој потоа се изедначи со разбојниците, Нему како на Цар и Бог му се поклонувате и секоја чест му оддавате и мислите дека сте побожни?”

21. Светиите без и најмалку да се двоумат, им рекле: “Требаше о, началници, пред неутрални судиите да оговараме на испрашувањата. Зашто така би излегла на јаве вистината. Ама бидејќи вас ве имаме и за судии и за обвинители, јасно ни е, што ќе се случи: лагата ќе ја надвладее вистината. Но ако е и така, нема да замолчиме, зашто се надеваме на Христа, Кој за нас постана премудрост од Бога (1Кор.1,30) и им дава збор на гласниците (Пс.67,11), кога ќе ја отворат устата, и како што ветил, на Своите соборци и маченици им дава уста и слово, и мудрост, на кои не ќе можат да им се воспротиват и противречат сите нивни противници (Лук.21,15). Освен тоа, ниту само ние од сиот род човечки плукаме на вашите богови, ниту само ние прибегнавме кон вистинската православна вера и кон благочестието. Зашто безбројни миријади се по целата вселена, кои ја признаа навистина чистата и непорочна вера во Христа, а науката и религијата на елините, како суетна и лажноименита, ја сметаат за потемев, ја плукаат и се гнасат од неа. По сета земја се пронесе гласот на Христовите ученици, апостолите, и нивните зборови до краиштата на вселената (Пс.18,5). Не е вистина, дека ние не ги почитуваме учените, според ваше мнение. Но, ако и она што ќе го кажеме изгледа чудно, тоа сепак е точно, ние ним повеќе им веруваме, отколку вие. Зашто, кога ќе го чуеш поетот како го опишува Ѕевса, дека е прељубодеец и грабач, дека е измамник, а и самиот е измамуван, дека може да биде врзан и да плаче, и покрај сето тоа му се поклонуваш како на бог, - а јас - кога го слушам сето тоа, што за него се вели, плукам на него и не само што не го нарекувам бог, туку и го сметам за нешто полошо од сè што е гнасно и погано, и од сè презрено. Тогаш, кој од нас двајцата има посогласно мнение со сфаќањата за Ѕевса? Што, пак, треба да се каже за другите богови, кога врховниот им се разобличува на тој начин и за такви дела? Такви нешта кажуваат за вашите богови поетите, кои вие ги сметате за извори на секоја мудрост и за темел иа секое учење Оние, пак, од философите, кои според вас се попобожни, учеа, дека од поетите наречените богови се оган, земја, воздух вода, сонце, месечина, и други ѕвезди. И на нив, исто така, не треба да им се поклонуваме, зашто ако се твари, создадени заради нас, тогаш кој разумен и со ум човек би ги сметал за богови? И кој со здрав разум би и служел на тварта, повеќе, одошто на Творецот? И кој човек со ум и разум ги прави богови, оние коишто немаат разум (Пс.3,9), туку разнообразна промена? Кој би им служел на робовите, како на господари? Сè му служи на човекот и нему му се покорува, зашто сите творби се бездушни и бесловесни, а човекот, како оној кој во себе го има образот Божји, е обдарен со слово и владее над сè. За царот, пак, имаме многу да зборуваме, но ќе дадеме само кус одговор, за да не си го трошиме времето зборувајќи за него како за вистински цар. Зашто тој се откажа од Христа, нашиот вистински Бог, и стана отстапник од верата во него, откако ги наруши Неговите заповеди и Неговите животоносни повеленија. Тој не е достоен да ни забележува, дека не сме му ги почитувале наредбите, и да не заплашува, дека ќе не казни, бидејќи сме сакале истите да ги нарушиме, - зашто тој отстапи од Својот Спасител, и Спасителот се откажа од него, според пророчките зборови, кои велат: “тој отстапи од Бога, и Бог отстапи од него. не посака благослов, и тој се оддалечи од него; го засака проклетството и тоа ќе падне врз него (Пс.108,17). Не посака да ја познае светлината и оди во темнина. Ние се одметнавме од царот и господарот, којшто не само што не може да не спаси, туку се труди и нас да не погуби со себеси, па не турка кон истата опасност. Но тој нека прави што сака. Зашто ние нема да се откажеме од Христа, нашиот бесмртен Бог, дури и еден ден да е животот наш, никој не може да не одвои од љубовта Христова (Рим.8, 35), оти ние преку Него живееме, се движиме и постоиме (Дела.17,28). Он ни е цар, и кога ќе помислиме на Неговата закана, во ужас стоиме и страв нè опфаќа, зашто рече: “кој ќе се одрече од Мене пред луѓето, и Јас ќе се одречам од него пред Мојот Отец небесен (Мат.10,33), и пред светлите ангели.

22. “И тоа го исповедуваме и ќе исповедаме така до последниот здив и нема да отстапиме, зашто Него Го признаваме и познаваме за вистински Бог и Господ, и роден од Бога и Отецот пред сите векови бестелесно и бестрасно, како што знаеме, како што од умот се раѓа зборот. Потоа, откако виде дека човечката природа, којашто од добра волја ја беше произвел, се предала на срамни страсти (Рим.1,26) и според бесловесниот живот станала слична на животните (да не кажам дека ги надмина и тие последните по своите срамни дела) така што паднала толку долу, па се поклонува на лазачи и црви. Он од милост посака да ја прими таа природа, да ја освети и со Божеството да ја направи светла. Затоа Он се родил од Светата Дева и Сенепорочната Марија, беше повиен, доен, хранет, и откако прими сè, што ја сочинува нашата природа исполни сè освен гревот. Зашто грев не стори, ниту се најде измама во устата Негова (1Пет.2,22), зашто гревот не е својствен на природата, туку неразумните во невнимание паѓаат во него против природата. И кога наполни триесет години, ни го посочи како краток пат на спасение - Божественото и духовното крштение, коешто прв Сам го прими и при коешто беше посведочен од Отецот од небесата, дека е Син Божји според Евангелската порака. која вели: “Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја!” (Мт.3,17). А ни даде повод и нам да веруваме, зашто и ние стануваме синови Божји преку крштението, зашто го добиваме по благодат она, што е Он по природа. Потоа, откако проповедал и откако преку чудеса ги облагодатил луѓето, и омразен од непријателите на вистината бил распнат на крст, и, како мртов бил погребан, - тогаш како вие, нè навредувате нас кои Го почитуваме? Но не останал долго време мртов, туку по три дни воскресна, четириесет дена беше со Своите пријатели и ученици, ги научи на поголеми и посовршени нешта, и најпосле се вознесе на небесата, од каде што и беше слегол”.

23. Тука, кога светиите се подготвувале да продолжат и да раскажат поопширно за слегувањето и присуството на Духот и за благодатта дадена на апостолите и силата, и воопшто за сè друго во што веруваме, тираните го прекинале текот на нивното кажување и рекле: “Што е тоа? Вам ви е дадена волја веднаш да одговарате на зададените прашања и вие се покажувате пред нас како говорници коишто Ја покажуваат силата на своето слово во театар, а не како обвинети коишто седат пред судии. Зошто многу зборови? Согласни ли сте да им принесете жртва на боговите или не? Одговарајте!” - “Никако, рекле мачениците, нема да принесеме жртва на демоните и на нивните идоли, ние, коишто Христос Бог нè избави од ропството на демоните. Кога светиите дале таков краток и во исто време отсечен одговор, ѕверот на гневот во Валента и Филипа се разгорел, и бидејќи немале време да се задржуваат во Тивериопол, зашто државните работи ги терале да побрзаат и да се вратат во Солун, веднаш ги осудиле светиите на смрт, отсекувајќи им ги главите.

24. Водени биле по последниот и блажен пат, којшто води кон небесата и кон живот вечен, незавршлив и бескраен, но тие се радувале со неискажлива радост (1Пет.1,8) и внатрешната состојба ја искажувале со надворешна веселост, зашто, откако ќе го остават царот злосторник и неговите џелати, ќе отидат пред Царот човекољубив и неопфатен, во Црквата на првородените запишани на небесата и при десетиците илјади ангели кои празнуваат. За само едно нешто тие жалеле, имено за самоволното слепило на тираните кон светлината на вистината и, за тоа што поради начинот на судењето мнозина од послабите се расколебале во верата. Зашто беззаконски извршеното испрашување служел доказ на неправда и насилство. Но судените да се изведуваат пред божемни судови и да се судат по закон, тоа служел за соблазна на послабите. Зашто тие мислеле дека се осудуваат на казна и на смрт луѓе, коишто вистината ги нашла реално виновни. Затоа еден од светиите по име Петар искрено обземен од Божествена ревност, се спротивставил на тираните и извикал: “О, престапници, непријатели на вистината, како смеете, откако си ставивте маска на судии и си зададовте изглед на суд, да пролевате невина крв на праведни, во коишто нема ништо достојно за смрт, туку напротив сè е достојно за почести и венци?” Откако ги чуле тие зборови тираните пламнале од гнев и заповедале да го соблечат светецот, да го легнат на земја, да го бијат со стапови, да му ги отсечат рацете и најпосле со меч да го убијат. Кога се извршило сето тоа рацете биле фрлени на кучињата да ги изедат. Но една жена слепа од раѓање кога осетила дека десната рака на преподобниот Петар случајно и паднала крај нозете ѝ ја зела, и ја завиткала во шамијата и поитала дома и не знаела за што да го употреби тоа што го нашла. И што сè не правела? Ја целивала, ја прегрнувала, и си ја полагала на очите, и во еден час (о, велики чудеса Христови (Псалм.135,4) Спасителу Христе!) ѝ се отвориле очите и кога ја видела светлината со висок глас ја објавувала силата на Христа и на Неговите светии и на секој што Го прославува Бога, Којшто чини, како што е напишано, прекрасни и чудесни знаци (Псалм.71.18), коишто немаат број. Откако изминале неколку дена, жената достојна за светлина, ја зела раката и отишла во великиот Солун. Таа имала намера оваа скапоценост да ја положи на чесно место. Го нашла сечесниот храм на добропобедната маченица Анастасија, и таму ја положила раката. Тоа се случило со чесната рака на светецот.

25. И кога светиите го завршија својот благочестив живот на дваесет и осми ноември, нивните чесни тела многу денови стоеле зафрлени бесчесно, за да бидат изедени од кучиња, ѕверови и птици, без да добијат озаконето за општата природа погребение. Но Божјата седржителна десница на Оној, Кој сè гледа, и осенувањето со сетворечкиот и сесвет Дух, ги запазил недопрени и неповредени. Затоа оние коишто ги гледале се восхитувале на Христа Бога. Но никој не се дрзнувал да пристапи и да ги удостои со погребение, зашто ја имале предвид жестокоста на Валента и Филипа. Но откако овие се вратиле повторно во Солун, христијаните, кои се здобиле со малку слобода, се собрале, ги подигнале со почести чесните тела на мачениците, како што прилегало, ги завиткале во чисти плаштаници и, откако ги извршиле сите служби, коишто ги налага законот на христијаните, со свеќи и кадење (за да се означи со првите невечерната светлина која ги очекува, а со второто - радоста на благоуханието на рајот) ги положиле во Тивериопол, секого во посебен ковчег, на кој било напишано името на секој од нив, каков живот водел и каков чин имал во Христа.

26. Но мачениците, бидејќи неограничени по силата на Христа, чинеле чудеса изобилно не само на месните жители, туку веќе ги распространувале надвор од границите. Зашто сите, што биле обеспокојувани од демони и измачувани од други телесни слабости, кога пристапувале до ковчезите на светиите веднаш добивале исцеление, така што мнозина од елините, водени од тие чудеса, ја познале вистината, пристапувале кон верата Христова и примале Божествено крштение, и на тој начин ниту во Тивериопол, ниту во околината не останал ниту еден безбожник. Уште и повеќе, со силата на чудата верата се беше распространила и во останатите западни краишта, како што кажавме понапред, така штоТивериопол достигнал да стане како некоја кула од секаде видлива, која ја раздавала и на другите градови на запад светлината на верата и ги враќала од мракот на заблудата оние, што се наоѓале во длабокото море на неверието. И така, додека работите се одвивале во мир, во совршено спокојство и ред, секој град и крај се наоѓале во постојана тишина и ја запазувале, како што приличело, почитта кон Христа.

27. Но кога по изминувањето на долга низа години еден варварски народ, наречен Обри (Oμβoι), кои доаѓајќи од југ во Тивериополските краишта, опустошил и многу други градови, па и самиот Тивериопол, и од жителите едни со меч погубил, други заробил, а пак, како и другите убави зданија, така и Божјите храмови ги срамнил со земјата, тогаш и ковчезите на светиите останале затрупани заедно со разурнатиот храм, во кој се наоѓале, така покриени со земјата останале непознати за сите.

28. Но после тоа, кога си заминал тој народ, друг најбеззаконит и најсвиреп меѓу народите наречен Бугари, навалил од страните на Скитија и кога поминал низ т.н. река Истар, се јавил како силен камшик испратен од Бога на западните страни. Тие не го знаеле Христовото Име, служеле на скитското безумие, како и на сонцето, на месечината и на другите ѕвезди, а некои пак принесувале жртви на кучиња. Нивното помрачено срце било неразумно, бидејќи тие повеќе се поклонувале на тварта отколку на Творецот. Откако го покориле целиот Илирски крај, древна Македонија до градот Солун, притоа и древна Тракија, околината на Верија, Филипол, и погорните места, ги задржале овие краишта со постојните жители, а пак жителите на секој град ги разменувале, преселувајќи ги од едни градови во други и едни што живееле од едно место ги населувале во друго и, воопшто, сите ги употребувале како робови бивајќи и самите робови на секоја бесрамност и отпадници од вистинскиот Господ. Но некои од покорените Христијани кои ја чувале својата пречиста, праотечка вера, во разговорите со нив им зборувале за Христовото учење и им ја откривале доколку било можно Евангелската светлина. Но тие си ги затварале очите за да не видат и со ушите тешко слушале (Мт.13,15) според пророчкото слово што вели: “Зашто со уши ќе чуете и нема да разберете, со очи ќе гледате и нема да видете; срцето на овие луѓе закоравело и со ушите тешко слушаат и ги затвориле очите свои да не би некогаш со очите да видат и со ушите да чујат и со срцето да разберат та да не се покајат и да ги исцелам” (Мт.13,14-15). Затоа ниту ја беа познале, ниту пак ја разбрале вистината, туку лутаа во мрак.

29. И кога некојси бугарски кнез Крув ги пљачкосувал многуте ромејски градови и го презел и чудесниот Одрин и неговите жители ги заробил и ги преместил во други подалечни градови кои порано ги беше завладеал, тогаш помеѓу преселените имало и еден маж по име Кинамон, великолепен и убав по надворешниот лик, а по духовната своја убавина пославен и побожествен од своите современици. По поделбата на пленот, тој со жрепка му паднал на Крувовиот син Обритак. Возљубен од својот господар и од сите други, зашто во сè од никој не бил надминат, тој само со едно му причинувал жалост на својот господар, што не бил согласен со нив во верата. Затоа варваринот правел секаква усилба да го отстрани од Христа. За таа цел најпрвин го направил следниот испит. Откако направил една торжествена жртва и по тој повод подготвил богата трпеза, му заповедал на доблесниот Кинамон да седне на трпезата и да се нахрани заедно со другите началници. Но тој поучен од Павла, или подобро да кажам, откако запомнил однапред добро дека нема никаква согласност меѓу Христа и Велијар (2Кор.6,15) и дека не можат оние кои веруваат во Христа да пијат и од Господовата чаша и од бесовската (1Кор.10.27), откажал да седне на трпезата.

30. Но откако варваринот продолжил да го принудува да вкуси од идолските жртви, човеков обземен од божествено дерзновение велегласно исповедал дека тој, како христијанин, му служи на Христа, вистинскиот Бог Кој го создал небото и земјата и сè видливо и невидливо. Тој го создал човекот со своите сопствени раце, го почнал со слово, а подоцна кога беше паднал, човекољубиво го исправил и ни подарил вистинско богопознание нам, почестените со словото. Он ќе дојде пак, да им суди на живите и на мртвите, да му воздаде секому според неговите дела (Рим.2,7) и да го бара од секого она што му го доверил. Во тоа верувам и се трудам да го запазам залогот на верата. А оние разните, кои вие ги почитувате за богови, ги сметам за вистински демони, како што се научивме од Божјото писмо, кое вели дека сите богови на незнабошците се демони (Пс.95,5). А ако и ги величаш сонцето и месечината и ме принудуваш да им се воодушевувам од велелепието, тогаш слушај: и јас им се чудам, но ги сметам за созданија и слуги и под власта не само на Бога туку и на нас луѓето. Зашто Создателот ги привел од небитие во битие, за да ни служат нам, и раководени од нивната убавина да се воздигаме до Оној, Кој ги создал. Зашто од величината и убавината на созданијата по соответност се согледува и нивниот Создател, и Неговата вечна сила и божественост од создавањето на светот стана јавна низ созданијата (Рим.1,20). Зашто ако тие се такви, тогаш каква ли ќе е Неговата убавина! Значи, ним нема да им се поклонам, тоа нема да биде! Но ќе се поклонам и ќе го почитувам на секој начин Оној, Кој нив ги создал и Кој е Христос, Кому заедно со Отецот и Духот ние Му служиме.” Обритак не можел да го поднесе сево ова спокојно, и разгневен (зашто што друго можеше да се очекува од една варварска и крвожедна душа) заповедал да го бијат безмилосно. “Не ги понижувај - кажувал тој, нашите богови. Зашто голема е нивната сила, а за доказ нека ти служи тоа што ние, кои им се поклонивме, ја покоривме целата Ромејска држава. Зашто ако твојот Христос беше вистински Бог, како што ти велиш, бездруго би влегол во сојуз со вас и би ве запазил од ропство, зашто Му служите и Му се поклонувате.” Откако тоа го рекол заповедал да го затворат во затвор и тој, Христовиот слуга бил затворен до смртта на Обритак.

31. Кога исчезнал од земјата тој го завршил својот живот со трите синови од кои постариот се викал Енравота, другиот Звиница, а последниот Маломир. Овој последниот ја наследил власта од татка си. А пак Енравота, кој бил наречен и воин, по Божја најверна промисла си спомнал за најдобриот христијанин Кинамон и затоа испратил да брата си Маломир, посакувајќи да се погрижи за Кинамон, бивајќи со намера истиот да му се испрати, и овој без да ја занемари порачката на брата си го побарал човекот и го нашол во затворот гладен, раносан, пожолтен и стопен, сиот како сениште, така што не личел на претходниот Кинамон. Кога го извадил од затворот се погрижил за него, колку тоа било возможно, и го испратил при својот брат Енравота, кој откако пристигнал и го видел дека е со променета телесна состојба требало да помине време за да го препознае, го прашал која е причината за таа промена. И тој откако објаснил дека тоа е последица од страдањето во затворот и железата, почнал да философствува за ништожноста на телото. “Што е чудно - кажувал тој - ако распадливото се распаѓа и е извор на гниење и црви, зашто, колку повеќе гние надворешниот човек, толку повеќе внатрешнот се обновува и лета лесно кон небесата”. Запрашан од Енравота, зошто и на кој начин пострадал со тие страдања, Кинамон му одговорил: “Причината за тие страдања е верата во Христа, а тоа што го претрпев за неа јас не го сметам за страдање туку го имам за големо задоволство и радост. И како не би го сметал за такво, кога гледам колку маченици пред мене ги презреле сите видови орудија за мачење и кон огнот, мечот и ѕверската свирепост се однесувале како кон плашила и играчки за дечињата, само за да ја запазат верата во Христа неповредена. Затоа тие по умирањето преминале во вечен и бесмртен живот.”

32. И така Енравота, застрелан од слатката стрела на љубовта кон најслаткиот Христос, со внимание ги примил зборовите на премудриот Кинамон и ги грабнал како мамка задената на јадица: тој започнал да копнее и гори за Христијанската вера. И откако ја изучил големата тајна на благочестието (1Тим.3,16) и ја споредил чистотата со скверната религија на Бугарите и јачината на Божјото слово со гнилоста на бугарското безумие, погнасувајќи се од безбожието, го пригрнал богопочитувањето, поверувал, се крстил и оттогаш се предал на пост и на молитва и на сè друго по кое се оцртува и се препознава искрениот христијанин.

33. Кога дознал брат му Маломир, го примил тоа како голема несреќа, та затоа го повикал брата си Енравота и обземен од ревност за татковските богови се однесувал кон него не како кон брат, туку како кон отпадник од прататковската вера. “Или вети, дека ќе се оддалечиш од туѓиот Бог, или знај, рекол, дека на овие ( и покажал на џелатите и на мечот) ќе бидеш предаден уште денес”. А тој, веќе ја беше избрал смртта за Христа и копнеел по неа повеќе од брата му за крв, за час одговорил на брата си и му го рекол ова: “Никој не може да ме одлачи од Христовата љубов, ниту оган, ниту меч, ниту камшици, ниту некоја друга тешка мака (Рим.8,39). Подобро ми е да умрам за името Христово, отколку да живеам срамно и беззаконо со беззаконици, или пак да не го слушам пророкот Давид, кој велегласно повикува и говори: “Го презрев собиралиштето на злонамерните, со нечестивите нема да седам” (Пс.25,5). И пак: “повеќе би сакал да бидам исфрлен од домот на мојот Бог, отколку да живеам во домот на грешниците” (Пс.83.11), т.е. да сум во општење и врска со безверници. Но и Соломон кажува: “жртвите на бесчесниците, се гнасни пред Господа, зашто ги принесуваат беззаконо” (Прик.21,27). “Каква сличност има меѓу светлината и меѓу темнината? Што има заедничко Христос со Велијар? Која е врската меѓу верниот и неверен, и меѓу чистиот и нечист” (2Кор.6,14) Но зошто многу да зборуваме! Со еден збор ќе кажам, - од статуите на елините се гадам, зашто се безбожнички и нечисти и се одвраќам од нив и од сето служење ним. А го уважувам и почитувам Христа, како вистински Бог и создател и Му се поклонувам!” Откако го чул ова неговиот безбожен и незаконит брат, веднаш дава заповед да биде исечен со меч. И за тоа време додека го воделе на местото на погубувањето тој исполнет со Божествениот Дух пророкувал за иднината: “Таа вера за која јас умирам денес ќе се распространи и умножи по целата бугарска земја, иако вие мислите дека ќе ја ограничите со мојата смрт. Знакот на крстот ќе биде поставен насекаде, Божјите домови повторно ќе се подигаат и чисти свештенослужители ќе му служат на чистиот Бог. И жртви благодарни и исповедни ќе се принесуваат на животворната Троица. А идолите и нивните олтари и нивните скверни храмови ќе се разурнат и ќе се уништат како никогаш да не биле. А и ти самиот по изминувањето на не многу години, лошо ќе ја испуштиш неблагочестивата душа без да се ползуваш со нешто од твојата жестокост.” Откако го изрекол ова велегласно, Христовиот страдалник ја принел главата на џелатот и ја примил живоносната смрт со меч, а својата чиста душа ја предал во рацете на Бога. По ова животот на Маломир кој продолжил три години бил пожнеан безвремено од српот на Божјата правосудност и бугарската власт ја наследил синот на Звиница.

34. Забележи ја тука безмерната мудрост на Бога, Кој многупати ја потопува човековата душа со страдања и небиднини, за да ја вознесе, како водопроводникот што ја тера водата да блика, поради теснотијата на грлото. Види го исто така и благоразумието на добрата душа, која ја позна божествената волја Божја. Зашто кога веќе спомнатиот прекрасен Борис ја наследил власта. Облак од Франки ја покрил цела Бугарија. Кон тоа се приоучила и страшна глад. Бугарскиот народ се наоѓа во тешка положба што од една страна бил погубуван од непријателски меч, а од друга од глад. Но Борис иако беше млад разбрал дека тоа е камшик Божји и дека Оној, Кој удира, Таткото и Владиката го налага тоа од желба да ги поврати кон вистината Своите синови и чеда (за кои синови Богоотецот Давид вели: “Јас реков, вие сте богови, вие сте сите синови на Севишниот” (Пс.81,6). И така испраќа послание до ромејскиот цар и до сенатот (тогаш царувал Михаил, синот на Теофил), дека ќе склучи договор за мир, за да поживеат во тивок живот, безметежен, спокоен и мирен во секое благочестие и чесност. Зашто, што друго би можело да стане, ако заживеале навистина братски во согласност и љубов? И како здрава гаранција го давал тоа, дека и тој ќе го прими Божественото крштевање. Во исто време молел да му се испратат свештеници за да им го предадат христијанството во полнота. Ромеите, кога ја примиле со радост веста за мир, која никогаш не ја очекувале од Бугарите, сè извршиле набрзина. И така Борис се крстил и во бањата на светата купел се нарекол Михаил, чинејќи му така на Ромејскиот цар чест да се именува со неговото име, та како да тој го крстил, иако самиот не присуствувал телесно. Заедно со него биле покрстени и многу други меѓу Бугарите, кои се одликувале со род, значење и богатство. Потоа и сите останати го примиле и светоносното очистување, со исклучок на некои сосема ѕвероподобни, кои, откако собрал меѓу нив војска не толку многубројна, зашто Христос му помагал, тој лесно ги поразил и ги натерал и тие да го примат.

35. Оттогаш се поставуваат и епископи, мнозина светци се ракополагаат а и свети бошественото крштевање. Храмови се воздигаат и некогашниот не народ, туку варварско племе, сега станува и се нарекува народ Божји (Оси.1,9) и не помилуваното бугарско наследство - помилувано (1Пет.2,10) го нарекува Бог, Кој го именува она што не суштествува како да суштествува (Рим.7,17) (да проговори Павле согласно со Осиј, и народот кој порано престојувал во мракот на незнаењето, ја видел сегашната голема (Ис.9,2) и вистинската светлина на познанието, којашто го иросветлува секој човек што доаѓа на свет (Јн.1,9). И така можел од сега човек повторно да види како се умножуваа Црквите и Божјите храмови, кои гореспоменатите Одри и Бугари ги разурнувале. Последните повторно стоеле добро и од темел подигиале Божји Храмови и целата овдешна земја ја исполниле со слава и благодарност Господова (Ис.6,3). Се исполнило кажаното од пророк Иезекиил: “и полн е со слава домот Господов” (Ез.43,5), и пак истиот: “полна е целата земја со славата Господова“ (Ис.6,3). Но и Давид кажува: “фалете го во соборот на преподобните” (Пс. 149.1). И пак: “во соборите благословувјте Го Господа. вие кои сте од племето Израилево (Пс.67,27), или од бугарското племе. Станаа и тие според кажаното: “царско свештенство, народ свет, луѓе угледни (1Пет.2.9), наследство неотуѓиво. Една вера, едно крштевање, еден Бог над сите и низ сè (Еф.4,5).

36. Царувањето на Борис преминало во вечно спокојство и не малку народи му се покориле. Сиот се надевал на Оној, Кој ги крши оружјата, ги крши лаковите и ги гори со оган штитовите (Пс.45,10). Кој дозволува човекот вистински да дознае, дека само Он е Бог (Пс.45,11). Живеејќи триесет и шест години и верата поткрепувајќи ја, тешко се разболел, но и за тоа му благодарел на Господа изговарајќи ја онаа пророчка мисла: “добро ми е што пострадав, за да се научам на Твоите наредби“ (Пс.118,81). Потоа откако примил потстриг и го предал умот на Бога, царството го доверил на својот прв син по име Владимир. Откако поживеал не малку години во монаштво преминал во бесконечен живот и бил прославен од Господа со чудеса и исцеленија кои боголепно се извршувале преку неговите мошти.

37. Во тие времиња се јавил во бугарската земја и свети Герман. Исто така се појавиле и овие светии чиј живот го поставувме за предмет на нашиов расказ. Тие најјасно се покажувале во Тивериопол, јавувајќи се на местото каде што биле положени, и ги гледале како одат ноќно време по бедемот разделувајќи им на сите што потребуваат богати исцеленија. Тие биле од сите прославувани. Така глас за нив стигнал и до ушите на бугарскиот цар Михаил. И тој бидејќи бил горазд во Божествените работи, заповедал да се изгради храм на овие светии во Брегалничката епископија (нешто коешто и се случи) и таму да им се пренееат светите мошти. И тоа не било занемарено. Таа заповед била дадена на бугаринот, болјарин Таридин, човек, не само најблагороден, туку и на дело посведочен. Таридин не се однесувал небрежно кон работата, туку заради својата природна темпераментност, запален и од верата кон чудотворците, со голема брзина го изградил храмот употребувајќи за работа многу работници. И кога застанале на местото, врз кое се јавувале светиите и откако се помолиле долго и со многу солзи, почнале да копаат и да изнесуваат пластови. Откако копале долго време, најпосле стигнале до ковчезите на светите. Ковчезите биле покриени со мермерни плочи и потпишани со натпис врз кој било изложено името на секој од светиите, надворешниот изглед, начинот на живот, чинот и цртите на лицето. И тие кога ги дигнале тие мермерни плочи дале да ги однесат во Брегалничката епископија, за повторно со нив да се покријат нивните свети мошти, кога ќе се пренесат таму и ќе се постават на светото место. И откако ги завиткале моштите во чисти плаштаници и ги положиле во чисти и нови сандаци кои биле посебно направени за преносот, повторно направиле долга и усрдна молитва кон прекрасниот во светиите Бог (Пс.67,36) и испросиле од Него милост.

38. Додека го вршеле тоа и се подготвувале да ги дигнат сандаците, еден од чтеците, чијшто јазик заради една болест бил врзан, така што останал сосема без глас, се присоединил кон множеството за да го гледа она, што се случувало, и откако му се разврзале јазлите на јазикот (О, големите Твои чудеса Христе - Слово!) притекнал како полуден и потплашен кон божествените ковчези со моштите и со висок глас разгласил за доброчинството, велегласно извикувајќи според својата сила и благодарејќи со истиот орган со кој му помогнаа светиите, воздавајќи им низ говорот награда, бидејќи можел сега и да говори. А народот, кога видел што станало и слушнал како чтецот, кој долго време бил безгласен, по чудото проговорил, и, дека низ светиите се пројавила Божјата сила, се нафрлиле на ковчезите на светиите целивајќи ги, прегрнувајќи ги и не сакајќи да се оддалечат од нив.

39. Тивериополците, пак, се растревожиле кон болјаринот и кон епископите велејќи: “Нема да го оставиме нашето богатство. Дури и кога нашиот живот би бил еден ден, кажале тие, повторно не би можеле да се лишиме од Божјиот дар, кој вишната промисла ни го даде за спасение на душите. Нема да дозволиме да се граба од нашите раце, ниту да се одзема од пазувите на неуништивата и неограблива ризница. Ете, ние сме спремни да бидеме и врзани, и казнети, и на оган предадени, и смрт да претрпиме. И таа наша смрт нема да биде беславна. Или, откако ќе застанеме околу ковчезите, таму телата ќе си ги жртвуваме и душите ќе ги предадеме. Нека не ни ослабат нервите на усрдноста и да не се покажеме навистина недостојни за толкава благодат, а ќе се покажеме такви, ако го отстапиме ова на други. Колкумина паѓаат во опасност за распадливи блага, на кои многупати тие не се господари туку други, на кои тие им служат за плата, што се надеваат да ја добијат, влегуваат во војни и опасности, - а не е така во овој случај. Зашто нашето богатство е нетлено и вечно. Каква млакост би била, да ги оставиме светиите на оние, што сакаат да ги земат. Кое друго посвето место би можеле да го имаме за гроб од ова, кое е покривка на светиите за кои, да се изложиме и сега на опасност.

40. Кога сето ова го кажал народот и станувал се повеќе дрзок (зашто ревноста станува силна особено на оние од ниските слоеви) и движењето се засилило како оган кој е запален од мала искра и ја запалува сувата тварта која ја среќава. Болјаринот заедно со епископите одвај успеал да ја смири големата врева во народот. “Што е ова браќа и чеда? Каква е оваа бесмислена дрскост и побуна? Ако јас смислев сам од себе и произволно, со мојата волја и мисла го издејствував ова преместување на светиите што ве натажува, тогаш би било оправдано вашето противење; но бидејќи ова е заповед на нашиот богољубив цар и ние сме слуги да ја исполниме заповедта. како тогаш може да се оправда ова што вие, признавајќи се себе за робови, не се покорувате на повелбите на господарот? Не знаете ли дека оние кои ги нарушуваат царските повелби, горчливи маки ги очекуваат? Внимавајте да не би со вашата голема дрскост да го поттикнете досегашниот кроток и благ цар во гнев против вас, откако го принудите да отстапи од својата природна благост. Пазете се, немојте безумно на ножеви и мечови така да се навлечете. Беславна е таквата смрт. Не е згодна дрскоста, дури и ако венец на слава донесува. Не правете од ова Божјо и свето место гробница; не осквернувајте го светиов храм. обесчестувајќи го со пролевање на братска крв!“ Така велејќи болјаринот, во народот направил уште поголема врева, и сите покажувале поусрдна и поревносна спремност да умрат. Тогаш болјаринот прибегнал кон секакви средства и ги убедувал, де со благи зборови за да ги смекне, де со строги закани за да ги скроти. Но кога видел дека нема согласност да ги дадат моштите, туку само минувало времето, двете страни не можеле да направат ништо, и најпосле се сложиле да земат само три светии од поважните: Тимотеј, Комасиј и Евсевиј, а другите да ги остават во Тивериопол.

41. И тие, откако ги зеле со велико славословие, осветлување, благоухание и песни, тргнале за Брегалница. Откао стигнале и биле на дваесет стадии од градот. ги пресретнал еден човек со искривени нозе, кој извикал велегласно: “Смилувајте се, Божји светии над мене злочестивиот. Кој иако сум останал назад заради оваа телесна слабост

и не можев да ви се придружам заедно со другите, но умствено и со вера секогаш ве очекував и ја повикував на помош вашата сила. И сега, кога се принудив со својата слабост, јас дојдов пред вие да стигнете во градов, да го испросам вашето застапништво и помош, и ако можете, откако ќе се смилувате над мене да ми помогнете. Зашто јас, достоен за многу солзи и оплакувања, молам и просам, да не останам посрамен бидејќи се надевам на вас, ниту да бидам вратен посрамен и понижен, ниту да бидам лишен од своите надежи и од вашата закрила!“ Откако го извикал ова хромиот со плач, за час благодатта на Господа го извршила своето, и Прекрасниот во Своите светии, Господ, ја покажал Својата сила. Зашто иако дотогаш ковчезите со светиите биле лесно носени, одеднаш им се причинале толку тешки на носачите, што не можеле да ги носат понатаму, затоа ги оставиле таму. Човекот со искривените нозе се наведнал над нив и додека во умиление се валкал, видел за момент дека нозете му добиваат природна сила и движење, поверувал, славејќи Го Бога и воспевајќи Го, Го величал, Го благословувал и прославувал со благодарствен глас Господа Бога, Кој е прекрасен во светиите Свои, во секое време и место. Тука нека проговори заедно со мене и Божествениот Давид, кој го кажа ова во псламите: “прекрасен е Бог во Своите светии, Бог на Израилот“ (Пс.67, 36), и повторно: “покажи ја Својата чудна милост Господи, спасувајќи ги оние кои се надеваат на Тебе“ (Пс.16,7); и повторно: “ја покажа Господ Својата сила на оние, кои се бојат од Него“ (Пс.102,11). Сè тоа така било, но да се вратиме на нашиот предмет.

42. Откако го извршиле свештениците долгото молење, повторно се зафатиле да ги носат ковчезите со светиите, а тие биле лесни као порано. И така, откако го прославиле и го благословиле Бога уште еднаш, пристигнале во Брегалница и откако ги извршиле сите потребни служби ги поставиле овие божествени ковчези на десната страна од Храмот, подигнат во името на светиите, во истиот месец, на дваесет и осмиот ден. За тој Божествен Храм бил одреден посебен клир, кој го користел бугарскиот јазик во божестевните служби, и кој постојано служел во храмот и ги извршувал свештените дејанија.

43. Хромиот, чии нозе биле излекувани, не го искористил за добро здравјето, но кога се вратил дома, се острастил кон една жена, која била во заедница со законит маж, и како ја прелестил со измамливи зборови (зашто лесно е да се прелести жена) и ја привлекол со љубовни изрази, па и двајцата се преместиле во друг град. Но Божјото правосудие не задоцнило долго време, па заради лошото дело, следела казна. Ги искривил нозете на истиот човек, кој ја злоупотребил добродетелта на светиите, се отклонил од вистинскиот и Боженствен пат (Пс.17,46) и се впуштил во беспаќа и лукави дела. За таквиот, мислам дека е точно она што го кажал Соломон: “оној кој оди во непорочност, оди со сигурност, а кој си ги искривува патиштата ќе биде казнет“ (Сол.10,9). И така, што направил тој? Си ја осознал грешката и во истиот момент го раскинал сојузот на беззаконото сопружништво, ја оставил жената на законитиот маж, и кога притекнал кон ковчезите на светиите, заплакал и откако го исповедал гревот со скрушено срце и со смирен дух, се молел да добие прошка и повторно неговите нозе да станат здрави. И Он, Бог, Кој е милостив кон оној, што се кае, и притоа, прославувајќи ги своите светии, како и многу пати пред тоа, повторно му ги исцелил нозете. Бидејќи како што се гледа, тој бил човек со душа склона кон доброто. Со тоа се исполнило кажаното од пророкот Исаија, кое вели: “Тогаш куциот ќе скока како елен и јазикот на немиот ќе биде јасен“ (Ис.35,6); и уште: “закрепнете ослабени раце и зајакнете колено што трепери“ (Ис.35,3). И потоа, што станало? Откако се простил од светот и од сè од светот, заминал во, во тоа време наречената свештена, а сега Света Гора. Прибегнал во најголемата од тамошните обители и откако облекол монашка риза, се предал целосно на Бога и на Божествени работи постанувајќи му свој само на Бога. Такво било тоа чудо.

44. Друг пат, пак, некој, кој бил долги години измачуван од нечист дух, така што неговите роднини не само што го заклучувале, туку и нозете му ги ставале во окови, а за нивните срца тој бил тешка и неизлечива рана, зашто им причинувало жалост гледајќи го како е измачуван од злиот демон. Немајќи што друго да направат, тие решиле да прибегнат кон светиите. Го фатиле, го врзале цврсто со вериги и го внеле во храмот на светиите, но не можејќи да го додржат го врзале надвор за едно големо дрво. Па така три дена бил врзан за дрвото, призор достоен за плач и солзи за сите кои го гледале. Но, кога едни од оние што го чувале заспале, а други се разотишле наваму-натаму, тој, откако ги скинал веригите и сè друго што го задржувало, викајќи се втурнал во храмот и откако се допрел до ковчегот на светиот Евсевиј, се обидел да ја подигне мермерната плоча на ковчегот. Но од ковчегот му се јавил страшен маж. целиот огнен, кој веднаш се издигнал и му се заканил на нечистиот дух: “Како си се осмелил да влезеш во Божјот дом, рекол, и да го измачуваш толку тешко Неговото создание“? Откако го рекол тоа. пак се вратил во ковчегот, а бесомачниот исцелен го прославил Бога и неговиот слуга и по тоа бил големо чудо за сите.

45. Друг пат, пак, еден раслабен кој не можел никако да се движи, дури и сите свои природни потреби ги извршувал на местото на кое лежел, та целиот бил во смрдеа и гној, бил подигнат од роднините и бил положен при ковчегот на свети Евсевиј, а само по дишењето се познавало дека не е мртов. И така светителот, јавувајќи му се по ред три ноќи и помазувајќи му го целото тело со свето масло, најпосле му кажал: “Ете стана здрав, оди си дома по Божјата милост“, оној што го оздравил раслаоениот уште му рекол: “Стани, земи ја постелата своја и оди си“ (Јн.5,8). И откако станал, пред сите тој поминал здрав и крепок, соблекувајќи ја парализата како лесна облека.

46. Дошол и друг, којшто од време на време бил измачуван од нечист дух. Еднаш кога бил испратен да оди ангарија со царскиот гласник, се случило тогаш да добие напад од злиот дух. Но, бидејќи гласникот се брзал да тргне на пат, болниот, опоравувајќи се од тешкиот период на обземеноста од демонот останал таму цел ден и откако се почувствувал подобро, се качил на коњот и го потерал силно. Откако побрзал да стигне на царскиот пат, кој водел кон светиите, тој седнал на коњот и понесен од некоја чудна сила се нашол во дворот на храмот и скокајќи од коњот влегол во храмот, припаднал со рикање и врескање на ковчегот на великиот Евсевиј, и откако ја подигнал мермерната плоча, ја потрпел на ѕидот. Додека го правел тоа, му се искривила устата на другата страна. Но Божјата благодат и тука не задоцнила. Човекот се ослободил од демонскиот бич, се повратила претходната положба на устата, која се исправила за други потреби, - за зборување и за да го прославува Бога. Така и толкави големи чуда извршувал Бог, Кој е прославуван во Своите светии. “Ќе ги прославам оние, кои Мене ме прославуваат“ (1Цар.11,30).

47. Синот на Борис, Владимир, како што кажав погоре, во она време го примил царството, и поживеал четири години по преземањето на власта. По него, работите ги презема помалиот негов брат Симеон. Со негова заповед болјаринот Дистрос ги пренел од Тивериопол во Брегалница светите Сократ и Теодор, обата се спомнати погоре, и ги положил во истиот храм. Од тогаш моштите станале извор на повеќе чуда, кои насекаде разгласувани ги поттикнувале сите да се ползуваат од Божјите дарови.

48. Така познат е случајот со една жена од Брегалничката епархија. Таа имала единец син кој имал седум години. Тој и бил целата надеж, но бил глув и нем, та затоа таа прибегнала кон милоста на светиите. Откако ја презрела женската немоќ и долгиот пат, го зела момчето од немоста, стигнала до изворот на чудата, односно до светиот и Божествен храм на светиите и со солзи ден и ноќ им се молела да го избават момчето од немоста, а неа од тагата. Една ноќ, се молела поусрдно и изморена излегла во предворието на храмот, го прегрнала детето и легнала да спие. Но момчето во еден момент се оттргнало од нејзините прегратки, потскокнало и почнало да бега. Мајката разбудувајќи се, го прашала детето што му се случило. И тоа со јасен говор рекло: “Мамо, мамо, еден страшен човек сакаше да ме грабне од тебе“. А таа се зачудила и не можела да поверува, бидејќи мислела дека сонува. (Но обично неочекуваното, и кога ќе се случи, се смета за нешто што не е за верување, зашто е потребно време за да се поверува). Па така откако си дошла на себе и разбрала дека чудото е јаве, а не сон и дека момчето навистина се ослободило од оковите на немоста, се заблагодарила на Божјата благодат со благодарствен глас.

49. Друга, пак, жена, гонета од нечист дух од земја во земја, талкала самотна во пустите места. Еднаш, бездруго по Божја промисла, отишла во храмот на светиите и живеејќи во нартексот, сонувала двајца старци светли и светообразни, кои и рекле: “влези со другите, влези и ти во храмот и кој свештеник ќе го видиш да ги пали кандилата, дај му ја шамијата што ја носиш и тој ќе ти даде молитви за здравје!“ Кога го чула тоа веднаш го направила тоа што и било кажано и добила исцеление.

50. Но, да не ни се промолкне и оној хромиот, кој бидејќи сиромав, одел од куќа во куќа, питајќи за негова телесна храна. и наместо нозе за одење употребувал патерици. Но, во верата не бил сиромав како во богатството, напротив бил многу богат со неа. Но и роднините не му биле туѓи кон православната вера. Тој по многу молби, ги убедува своите домашни да го однесат кај светиите. Откако се случило тоа, и откако покажал со солзи и молитви дела достојни на верата, хромиот, според кажаното од пророкот, скокнал како елен (Ис.35,6) и си отишол дома со здрави нозе и ги оставил патериците во светиот храм, како некој трофеј, да сведочат за чудотворноста и силата на светиите и за доброчинството што му го направиле. Како да го премолчам расказот, како да не раскажам за друг еден, пак, што беше фатен и слеп, и бил целосно излекуван и од парализата и од слепилото. Како река ми навираат отсекаде чудата на светиите, затоа ќе ги скратам раскажувањата за нив, и само ќе ги спомнувам.

51. Еден маж што живееше близу до реката наречена Вардар, бил обземен од демонски дух и зборувал срамни и неумесни зборови, без да има сознание за она што го кажува или прави. Тој донесен кај светиите веднаш нашол исцеление и откако се удостоил да има пак светол ум, бидејќи бил помрачен од демонскиот мрак, со голема радост избрал да слугува во Храмот, пеејќи заедно со пророкот Давид: “копнее и жаднее душата моја за дворовите на Господа“ (Пс.83.3), “зашто еден ден во Твоите дворови е подобар од илјада надвор“ (Пс.83,11). И така, откако отслужил три години во храмот на светиите, се вратил дома и катаден им ја оддавал должна благодарност на светиите, како оддолжување за благодејанието што се изврши над него.

52. Друг, пак, дошол од Меглен, со телото цело покриено со лепра и со сакати нозе и се молел со тага во срцето (2Кор.2,4), како што вели Писмото, да се ослободи од двете болки. Но, Господ, Кој преизобилно ни го дава тоа што го сакаме, со смела молитва кон светиите го избавил од двете. Друг, пак, од раѓање нем - длабока старост достигнал, губејќи ја секоја надеж дека ќе се излекува, та го поминувал времето седејќи дома, очекувајќи дека смртта ќе го излекува од жалоста на безгласието. Така нему спиејќи, три пати му се јавиле на сон светителите, велејќи му да оди во храмот, за да биде излекуван. Тој поверувал во она што го видел и веднаш отишол во Божјот храм на Света и Велика Недела, на Велигден. Откако било прочитано Божјото и Свето Евангелие, отишол да го целива (и, о, чудо!), тој што беше остарел во немост, повикал со свечен глас: “Господи помилуј“, и така излечен заминал дома и ги поминувал свечено велигденските денови, не само за време на тогашниот празник, туку и во преостанатиот негов живот.

53. Еднаш, пак, една жена која се гордела со богатството, го загубила видот од некоја течност што се беше излила од главата во нејзините очи. И не само тоа, туку од нејзините очи течела некаква валкана и смрдлива течност, така што кон злобницата не само туѓинците се гнасеа туку и на нејзиниот маж му изгледаше како гнасен призор. Таа сиот свој живот и богатство го истрошила на лекари и наместо да ја излечат, уште повејќе ја оштетиле и затоа прибегнала кон бесплатното лекување. Пристапила кон светите мошти на Божјите светии, барајќи да добие милост и да ѝ се запре течението на онаа одвратна течност од очите. Откако Бог благоизволил да и даде исцеление, видела ваков сон, што самата го раскажувала: “Ми се стори“, велела, “дека еден орел кој се спушта од високо, ми застана на главата и ме покри со крилата. Кога се растреперив од ова станав од сон, орелот повеќе не го видов, а се гледам како што вие гледате, здраво и јасно. Но и следново не би требало да остане нераскажано. Еднаш, на светиите навалиле со поголема дрскост некои војници, кои живееле немарно и имале неуредно поведение. Кога чуварите на храмот ги виделе, веднаш итајќи кон т.н. огласени, ја затвориле вратата на храмот. Еден од војниците, кога ги видел како коњаник (о, дрска помисло, о, бесчино влегување), навлегол со коњот во храмот. И не успеал ни да влезе во нартексот, кога станал невидлив заедно со коњот, и сите тоа го виделе. Тоа ги исплашило сите и ги натерало војниците да го напуштат манастирот.

54. Не можам да се наситам раскажувајќи за чудата на светиите, затоа не можам да пропуштам, а да не го раскажам чудото што се случило со еден човек. Тој многу пати откако ќе изедел многу големи лебови (како што имаат обичај да прават Бугарите, иако еден леб стигнува за десет ма'и а некогаш и за повеќе да се нахранат до ситост, останувал гладен. Понатаму уште раскажувал дека и цел бик не му стасувал за јадење. Еден ден изел цело буре грозје. Ова бездруго била ѓаволска работа, зашто неприродните страсти јас ги сметам за ѓаволски подбуцнувања. Човекот откако си ја осознал својата страст се срамувал, но бидејќи немал што да прави ги обиколил сите места каде што има светители чудотворци, та дури и во Рим отишол и ја повикувал и силата на Петра, великиот и врховен меѓу апостолите. Се помолил и на свети Иринеј, кој се прославил со своите чуда. Но откако не го добил она што го барал, тогаш едвај се сетил за нашиве светители па и се распрашал за нив. Кога оддалеку го видел бедемот на градот и на Храмот, каде што биле положени светителите отишол до еден извор каде што забележал еден старец кој стоел до водата. Старецот бил со прекрасен лик, со бела брада која многу му прилегала и имал леб. Човекот којшто не можел да се воздржи пред спомнатата страст посакал да побара од старецот храна, но бидејќи помислил дека лебот е мал и дека нема да му ја прекине гладта но напротив уште повеќе ќе го раздразни, се запрел. Додека ова го размислувал старецот го поканил “дојди, - рекол, - брате, седни да вкусиме и двајцата од овој леб“. А тој, откако размислил за истото и го измерил малиот леб со својата ненаситна страст, решил да се отповика на човекољубивата покана на старецот, и најпосле се убедил и седнал заедно со старецот, кој го раскршил на две лебот и од разделените делови го разделил на две; половината од тие две крајчиња, значи четвртината од лебот ја дал на ненаситникот за јадење, и тој јадел, се наситил и еден дел дури и му останал. Потоа влегол во манастир, и оној, кој дотогаш беше ненаситен, оттогаш не престанал да благодари секој ден на Бога и на светиите. Сето ова и сè друго, што се однесува до светите свештеномаченици станало токму така.

55. Јас приличам на човек што се труди да ја исцрпи бездната со шепа, да ги преброи небесните звезди, капките на дождот, песокот крај морето и кој ја гони својата сенка и не може да ја стигне та напразно се труди, ништо не ползува, а бес полза и без цел се мори. Зашто да се зафаќа човек за работи какви што се погоре кажаните и да се труди да ги раскажува по ред чудесата на светителите, е истоветно. Но јас завршувајќи ја мислата тука го завршувам и расказот. Чудата се вистинска река без крај, - поток на наслада и неисцрпен извор, кој непрестано тече, и, ако со вера се примаат залог се и доказ за добивањето на вечните блага, за кои е напишано: “што око не виде, уво не чу, ниту на човека на ум му падна, тоа Бог го приготвил за оние, кои го љубат“ (1Кор.2,9) за кои Господ, нашиот Бог, Исус Христос, кажал во Евангелието: “Дојдете вие благословени од Мојот Отец, наследете го Царството подготвено за вас од создавањето на светот“ (Мт.25,34). Во тие богатства ќе пребиваат светиите појасно и посовршено во Христа Исуса, нашиот Господ, Кому Му припаѓа секоја чест и поклонение, со вечниот и беспочетен Отец и со Сесветиот, благ и животворен Дух, сега и секогаш, и во сите векови. Амин!