Езра (вики-превод)
Втора книга летописи (вики-превод) | Езра Библија (вики-превод) од н.п. |
Нехемија (вики-превод) |
Глава 1
[уреди]Кир им помага на прогонетите да се вратат
[уреди]1Во првата година на Кир[1], царот на Персија[2], за да се исполни зборот ГОСПОДОВ кажан преку Еремија, го покрена ГОСПОД духот на Кир, царот на Персија, па тој состави писмен проглас и го објави низ целото негово царство:
2вака вели Кир, царот на Персија:
„Јахве[3], Бог на небесата, ми ги даде сите царства на земјата, и ме назначи да изградам за Него храм во Ерусалим, во Јуда.
3Секој кој е меѓу вас од Неговиот народ, Бог нека е со него, нека оди во Ерусалим, во Јуда, и нека го гради храмот на Јахве, Бог на Израел, Бог Кој е во Ерусалим.
4И сите луѓе од оние места каде што сега живеат преживеаните, нека ги обезбедат со сребро, злато, имот и добиток, со доброволните приноси за храмот на Бог Кој е во Ерусалим.“
5Тогаш се подготвија главите на семејствата од Јуда и Бенјамин, свештениците и Левитите, сите чии срца беа покренати од Бог, и тргнаа да одат да го градат храмот на ГОСПОД, Кој е во Ерусалим.
6Сите нивни соседи им помогнаа со сребрени и златни предмети, со имот, добиток и скапоцени дарови, како додаток на она што беше дадено како доброволен прилог.
7Царот Кир ги извади предметите кои му припаѓаа на храмот ГОСПОДОВ, а кои Невухаднессар ги однесе од Ерусалим и ги стави во храмот на неговите богови.
8Ги извади Кир, царот на Персија, преку благајникот Митредат, и му ги изброи на Шешбассар, кнез на Јуда.
9Ова е нивниот список:
- златни чинии - 30,
- сребрени чинии - 1000,
- ножеви[4] - 29,
10
- златни пехари - 30,
- соодветни сребрени пехари - 410,
- други предмети - 1000.
11Сите предмети од злато и сребро беа 5400. Сето тоа Шешбассар го донесе кога прогонетите се вратија од Вавилон во Ерусалим.
Глава 2
[уреди]Список на прогонетите што се вратиле
[уреди]1Ова се луѓето од областа кои се вратија од ропство, од прогонството во Вавилон во кое ги беше зел Невухаднессар, царот на Вавилон, и се вратија во Ерусалим и Јуда, секој во својот град, 2кои дојдоа со Зерувавел[5],
- Јешуа,
- Нехемја,
- Сераја,
- Реелаја,
- Мордахај,
- Билшан,
- Миспар,
- Бигвај,
- Рехум,
- Баана,
список на луѓето од Израел:
- 3потомци на Парош - 2172,
- 4на Шефатија - 372,
- 5на Арах - 755,
- 6на Пахат Моав, преку наследниците на Јешуа и Јоав - 2812,
- 7на Елам - 1254,
- 8на Затту - 945,
- 9на Заккај - 760,
- 10на Бани - 642,
- 11на Бевај - 623,
- 12на Азгад - 1222,
- 13на Адоникам - 666,
- 14на Бигвај - 2056,
- 15на Адин - 454,
- 16на Атер, преку Хезекија - 98,
- 17на Бесај - 323,
- 18на Јора - 112,
- 19на Хашум - 223,
- 20на Гиббар - 95,
- 21потомци од Витлеем - 123,
- 22од Нетофат - 56,
- 23од Анатот - 128,
- 24од Азмавет - 42,
- 25од Киријат Арим[6], Кефира и Беерот - 743,
- 26од Рама и Гева - 621,
- 27од Михмас - 122,
- 28од Бет Ел и Аи - 223,
- 29од Нево - 52,
- 30од Магбиш - 156,
- 31од другиот Елам - 1254,
- 32од Харим - 320,
- 33од Лод, Хадид и Оно - 725,
- 34од Јерихо - 345,
- 35од Сенаа - 3630.
36Свештеници: потомци на Једаија,
- преку семејството на Јешуа - 973,
- 37на Иммер - 1052,
- 38на Пашхур - 1247,
- 39на Харим - 1017.
40Левити, потомци на Јешуа и Кадмиел,
- преку потомците на Ходавија - 74.
- 41Пејачи, наследници на Асаф - 128.
- 42Потомци на вратарите, потомци на Шаллум, Атер, Талмон, Аккув, Хатита и Шовај, вкупно - 139.
43Слуги во храмот,
- потомци на Сиха, Хасуфа, Таббаот,
- 44Керос, Сиаха, Падон,
- 45Левана, Хагава, Аккув,
- 46Хагав, Шалмај, Ханан,
- 47Гиддел, Гахар, Реаија,
- 48Ресин, Некода, Гиззам,
- 49Узза, Пасеах, Бесај,
- 50Асна, Меуним, Нефусим,
- 51Бакбук, Хакуфа, Хархур,
- 52Баслут, Мехида, Харша,
- 53Баркос, Сисера, Темах,
- 54Несијах и Хатифа.
55Потомци на слугите на Соломон:
- потомци на Сотај, Хассоферет, Перуда,
- 56Јаала, Даркон, Гиддел,
- 57Шефатија, Хаттил, Похерет, Хассевајим и Ами,
58вкупно слуги во храмот и потомци на слугите на Соломон - 392.
59Следните дојдоа од Тел Мелах, Тел Харша, Керув, Аддон и Иммер, но не можеа да ги покажат семејните стебла, и тоа дали се тие потомци од Израел.
60Потомците на Делаија, Товија и Некода - 652.
61А од потомците на свештениците: Потомци на Ховаија, Хаккос, Барзиллај (оној кој се ожени со една од ќерките на Барзиллај Гилеадецот и беше наречен според името на својата жена).
62Тие ги бараа своите семејните записи, но не можеа да ги најдат, па беа исклучени од свештенство.
63Потоа нареди управителот за нив да не јадат од најсветите од светите нешта, сѐ додека не послужи свештеник со Урим и Тумим.
64Сите заедно броеја 42360,
65а освен нив дојдоа и 7337 слуги и слугинки, и 200 мажи и жени пејачи.
66Имаа 736 коњи, 245 мазги,
67435 камили и 6720 магариња.
68Кога стигнаа во домот Божји, што е во Ерусалим, главите на семејствата дадоа доброволни приноси за да се изгради домот Божји на неговото место.
69Според своите можности тие дадоа во благајната за оваа работа 61000 драхми злато[7], 5000 мини сребро[8] и 100 свештенички облеки.
70Свештениците, Левитите, други луѓе од нараодот, пејачите, вратарите и слугите во храмот се населија во своите градови, и така сите Израелци што се прибраа во своите градови.
Глава 3
[уреди]Обновување на жртвеникот
[уреди]1Кога дојде седмиот месец и синовите Израелеви беа во своите градови, се собраа луѓето сложно, како еден човек во Ерусалим. 2Тогаш Јешуа, синот на Јосадак, неговите пријатели свештеници, и Зерувавел, синот на Шеалтиел, заедно со неговите придружници, започнаа и го изградија жртвеникот на Израелевиот Бог, за да принесат на него жртва паленица, како што е запишано во Законот на Божјиот човек Мојсеј. 3И покрај тоа што се плашеа од околните народи, тие го изградија жртвеникот врз неговите стари темели, и принесоа на него жртви паленици за ГОСПОД, жртви за наутро и за навечер. 4Потоа го прославија празникот на Колибите, како што е напишано, со жртви паленици за секој ден, во оној број колку што се пропишани за секој ден. 5А после тоа принесоа жртви паленици за Младата Месечина, за сите свети празници на ГОСПОД и за сите донесени доброволни прилози за ГОСПОД. 6На првиот ден од седмиот месец почнаа да принесуваат жртви паленици за ГОСПОД, иако темелите на храмот ГОСПОДОВ сѐ уште не беа поставени.
Обновување на храмот
[уреди]
7Дадоа пари за ѕидарите и дрводелците, храна, пијалок и масло за Сидонците и Тирјаните, за да донесат кедрова граѓа од Либан, по море до Јафо, како што ги беше овластил Кир, царот на Персија.
8Во втората година од нивното пристигнување во Божјиот дом во Ерусалим, во вториот месец, Зерувавел, синот на Шеалтиел, Јешуа, синот на Јосадак, и остатокот од нивните браќа, свештениците и Левитите, заедно со сите што се вратија во Ерусалим од заробеништво, започнаа да работат и назначија Левити постари од дваесет години возраст, за надзорници над градењето на домот ГОСПОДОВ.
9Јешуа, неговите синови и браќа, Кадмиел, неговите синови, потомците на Јехуда[9], синовите на Хенадад, нивните синови и браќа - сите Левити, се приклучија како еден да ја надгледуваат работата на Божјиот дом.
10Кога градителите ги поставија темелите на храмот ГОСПОДОВ, свештениците облечени во своите одежди, со труби, и Левитите, синовите на Асаф, со кимвали, ги зазедоа своите места за да го слават ГОСПОД, како што е пропишано од Давид, царот на Израел.
11Пееја, славеа, и Му оддаваа благодарност на ГОСПОД: „Добар, добар е Тој! Љубовта Негова кон Израел вечно ќе трае!“ А сиот народ викаше силно, славејќи го ГОСПОД, затоа што се поставија темелите на домот ГОСПОДОВ.
12Многу од свештениците, Левитите и главите на семејствата кои беа постари и го беа виделе претходниот храм, кога ги поставија темелите на овој храм, заплакаа и силно залипаа, додека насобраните луѓе силно викаа од радост и среќа.
13Никој не можеше да разликува што е од радост, а што од липање, затоа што луѓето правеа силна бучава и таа се слушаше на далеку.
Глава 4
[уреди]Противење на обновата
[уреди]1Кога слушнаа непријателите на Јуда и Бенјамин дека синовите на прогонетите го градат храмот на ГОСПОД, Бог на Израел,
2дојдоа кај Зерувавел и кај главите на семејствата, и им рекоа:
„Пуштете нѐ да градиме со вас, затоа што, како и вие, и ние го бараме вашиот Бог, и Нему му принесуваме жртви, уште од деновите на Есар Хадон, царот на Асирија, кој нѐ донесе овде.“
3Но Зерувавел, Јешуа и останатите глави на семејствата на Израел им одговорија: „Не може заедно да го градиме храмот на нашиот Бог. Ние сами ќе градиме за ГОСПОД, Бог на Израел, токму како што ни нареди царот Кир, цар на Персија.“
4Тогаш луѓето од земјата почнаа да ги обесхрабруваат Јудејците, и да ги заплашуваат да градат.
5Најмија против нив советници, за да ја осуетат нивната намера. Така беше во текот на целото владеење на Кир, царот на Персија, и на Дариј[10], цар на Персија.
6А на почетокот од владеењето на Ксерксес, напишаа обвинение против жителите на Јуда и Ерусалим.
7Во времето на Артаксерксес, Бишлам, Митредат, Тавеел и останатите нивни придружници му напишаа на Артаксерксес, царот на Персија, писмо, кое беше напишано со арамејска азбука и на арамејски јазик.
8Заповедникот[11] Рехум и секретарот Шимшај му го напишаа на царот Артаксерксес следното писмо против Ерусалим:
9Рехум, заповедник, Шимшај, секретар и останатите нивни придружници, судии, луѓе на власт, луѓе од Триполис, Персијанци, Ерекијци, Вавилонци, Еламци од Суса,
10и други народи кои ги пресели големиот и чесен Асурбанипал[12], и ги насели во градот Самарија, и насекаде во Транс - Еуфратија,
11ова е препис на писмото што тие му го испратија на царот Артаксерксес:
„Од твоите слуги, луѓе од Транс - Еуфратија,
12Нека му биде познато на царот дека Евреите што од кај вас дојдоа кај нас, заминаа за Ерусалим, град бунтовен и зол, и таму ги обновуваат ѕидините и ги поправаат темелите.
13Уште нека знае царот дека ако овој град се изѕида и ѕидините се обноват, данок, царина и такса тие нема да плаќаат и царскиот приход ќе страда.
14А ние, затоа што сол од царскиот дворец јадеме, и не ни е право да гледаме како некој го понижува царот, заради тоа го испраќаме ова писмо, за да го известиме царот.
15Тој може да побара во записите на летописите на неговите предци, каде што ќе најде запишано и ќе знае дека ова е бунтовен град и им задавал маки на цареви и области, а среде него се прават буни уште од старо време. Затоа овој град и беше уништен.
16Го известуваме царот дека ако овој град се изгради и ѕидините се обноват, нема да остане за него дел во Транс - Еуфратија.“
17Одговор што им го испрати царот на заповедникот Рехум, секретароат Шимшај, и нивните придружници што живеат во Самарија, и насекаде низ Транс - Еуфратија:
„Поздрави!
18Писмото што ни го испративте беше преведено и прочитано во мое присуство.
19Од моја страна беше издадена наредба да се пребара и се најде дека тој град уште од старо време се бунтува против царевите, востанија и немири се случуваат во него.
20Над Ерусалим владееле моќни цареви и владетели биле на цела Транс - Еруфратија. Нив им биле плаќани даноци, царини и такси.
21Затоа сега издадете наредба и сопрете ги тие луѓе, за тој град да не биде обновен, сѐ додека од мене не се издаде таква наредба.
22Внимавајте да не ја занемарите оваа работа! Зошто да расне таа закана штетна за царството?“
23Веднаш штом на Рехум, секретарот Шимшај и нивните придружници им беше прочитан препис од писмото на царот Артаксерксес, итно заминаа за Ерусалим кај Евреите и со сила ги принудија да ја запрат работата.
24Така запре работата на домот Божји што е во Ерусалим и мируваше сѐ до втората година од владеењето на царот Дариј, цар на Персија.
Глава 5
[уреди]Писмото од Татенај до Дариј
[уреди]1Пророкот Хагај и пророкот Зехарија, потомок на Иддо, им пророкуваа на Евреите кои се во Јуда и Ерусалим во името на Израелевиот Бог, Кој е над нив.
2Тогаш Зерувавел, синот на Шеалтиел и Јешуа, син на Јосадак, се зафатија со работа и почнаа да го обновуваат домот Божји во Ерусалим, а со нив беа и прорците Божји и им помагаа.
3Во тоа време отидоа кај нив Татенај, управител на Транс - Еруфратија и Шетар Бозенај, заедно со нивните придружници, и вакво прашање им поставија:
„Кој ви даде овластување да го обновувате овој храм и оваа градба повторно да ја подигате?!“
4А потоа прашаа:
„Кои[13] им се имињата на оние луѓе што ја градат оваа градба?“
5Но окото Божјо беше над еврејските старешини и тие не застанаа, сѐ додека не стана можно да се испрати извештај за Дариј и да се добие од него пишан одговор во врска со оваа работа.
6Препис на писмото што на царот Дариј му го испрати Татенај, управител на Транс - Еуфратија, заедно со Шетар Бозенај и нивните придружници, луѓе кои се на власт во Транс - Еуфратија.
7Тие му испратија извештај, и во него вака пишуваше:
„За царот Дариј! Срдечни поздрави.
8Нека му биде познато на царот дека отидовме во областа Јуда, кај храмот на великот Бог. Таму се ѕидаат големи камења и се поставува дрвена граѓа во ѕидовите, а оваа работа вредно се спроведува и напредува во нивните раце.
9Тогаш им поставивме прашање на старешините што беа таму и ги прашавме: „Кој ви даде овластување да го обновувате овој храм и оваа градба повторно да ја подигате?!“
10Ги запрашавме исто така и за нивните имиња, за да те известиме, за да можеме да ги испишеме имињата на луѓето што се главни.
11Ваков одговор ни дадоа: ,Ние сме слуги на Бог на небесата и земјата. Го обновуваме храмот што беше изграден пред многу години, оној што беше изграден и довршен од големиот израелски цар.
12Но, затоа што нашите татковци го гневеа небесниот Бог, Тој ги предаде во раката на Халдеецот Невухаднессар, царот на Вавилон, а тој го разурна овој храм и луѓето ги пресели во Вавилон.
13Меѓутоа, во првата година на Кир, царот на Вавилон, царот Кир издаде указ домот Божји да биде обновен.
14Дури и златните и сребрени предмети од домот Божји кои Невухаднессар ги зеде од храмот во Ерусалим и ги однесе во храмот во Вавилон, царот Кир ги извади од храмот во Вавилон и му беа дадени на Шешбассар (така му е името на управителот што тој го назначи),
15Потоа му рече: Овие предмети земи ги и приложи ги во храмот што е во Ерусалим, а домот Божји нека биде обновен на неговото место.
16Така Шешбассар дојде и ги постави темелите на Божјиот дом во Ерусалим, и оттогаш па сѐ до сега тој се гради, но сѐ уште не е завршен.’
17Сега, ако му е на царот така угодно, нека се пребара во царските архиви што се во Вавилон, дали царот Кир навистина издал указ да се обнови домот Божји во Ерусалим. Потоа, нека ни го испрати царското решение во врска со оваа работа.“
Глава 6
[уреди]Указот на Дариј
[уреди]1Тогаш царот Дариј издаде наредба и побараа во архивите на ризницата што е во Вавилон.
2И беше најден свиток во престолнината Екбатана, која е во областа Медија, и вака пишуваше во него:
3<Во првата година на царот Кир, царот Кир издаде наредба во врска со храмот Божји во Ерусалим: Да се обнови храмот како место на кое ќе се принесуваат жртви, и нека бидат поставени неговите темели. Висината нека му биде шеесет[14] кубити и ширината шеесет кубити,
4со три реда големи камења и еден ред дрвена граѓа, а цената нека биде платена од царската благајна.
5Златните и сребрени предмети од домот Божји кои Невухаднессар ги зеде од храмот во Ерусалим и ги донесе во Вавилон, да се вратат и да се однесат во храмот во Ерусалим, каде што им е местото, и да се приложат во домот Божји.“
6Тогаш ти Татенај управителе на Транс - Еуфратија, Шетар Бозенај и вашите пријатели, кои владеат со Транс - Еуфратија, држете се настрана.
7Не се мешајте во работата на храмот на овој Бог. Нека управителот на Евреите и нивните старешини го обноват домот на овој Бог на неговото место.
8Од мене е издаден указ за тоа што треба да правите за старешините на Евреите, за да се изгради храмот на овој Бог, а од царската благајна, од приходот на Транс - Еуфратија во целост нека им се исплатат трошоците на овие луѓе, за работата да не застане.
9Сѐ што ќе им биде потребно, телиња, овни, јагниња за жртви паленици на небесниот Бог, жито, сол, вино, масло, како што бараат свештениците кои се во Ерусалим, нека им биде давано секојдневно, без закинување,
10за тие да можат да Му го жртвуваат она што Му е по волја на небесниот Бог, и да се молат за животите на царот и неговите синови.
11Јас пак издавам указ со кој секој оној кој ќе се спротивстави на претходната наредба, од неговиот дом да се извади греда, да се исправи и да се обеси на неа, а неговата куќа да биде претворена во купишта шут.
12А Бог, кој направил името негово да пребива таму, нека го собори оној цар или народ кој ќе крене рака да го уништи храмот на овој Бог во Ерусалим.
Јас Дариј го издадов овој указ. Нека се спроведе по итна постапка.
Довршувањето и осветувањето на храмот
[уреди]13Тогаш Татенај, управител на Транс - Еуфратија, Шетар Бозенај и нивните придружници, по итна постапка го спроведоа она што им го беше наредил царот Дариј.
14Така старешините на Евреите градеа и напредуваа со помош на пророкувањето на пророкот Хаггај и Зехарија, син на Иддо, и завршија со градбата, според наредбата на Израелевиот Бог и указот на Кир, Дариј и Артаксерксес, цареви на Персија.
15Овој храм се заврши на третиот ден од месецот Адар, во шестата година од владеењето на царот Дариј.
16Тогаш Израелците - свештениците, Левитите и остатокот од прогонетите - со радост го прославија денот на посветувањето на овој Божји дом.
17За посветувањето на Божјиот дом принесоа сто вола, двеста овни и четиристотини јагниња, а како принос за грев на целиот Израел, дванаесет јарци од козите, колку што е бројот на Израелевите племиња.
18Застанаа свештениците и Левитите по групи, за да Му служат на Бог во Ерусалим, како што е напишано во Мојсеевата книга.
Пасха
[уреди]19На четиринаесеттиот ден од првиот месец вратените од прогонство ја прославија Пасха[15]. 20Свештениците и Левитите се очистија и сите до еден беа чисти. Го заклаа пасхалното јагне за сите вратени од прогонство и за своите браќа, свештениците, и за себе. 21И така синовите Израелеви, вратените од прогонство и сите оние што се одвојуваа од нечистотијата на околните пагански народи, јадеа од него, барајќи го така ГОСПОД, Бог на Израел. 22Седум дена со радост го славеа празникот на Бесквасните Лебови, затоа што ГОСПОД ги исполни со радост, и му го промени срцето на асирскиот цар во нивна корист, за да им помогне во работата на Божјиот дом, домот на Израелевиот Бог.
Глава 7
[уреди]Езра доаѓа во Ерусалим
[уреди]1После овие настани, во текот на владеењето на Артаксерксес, царот на Персија, Езра,
- синот на Сераија,
- син на Азарија,
- син на Хилкија,
- 2син на Шалум,
- син на Садок,
- син на Ахитув,
- 3син на Амарија,
- син на Азарија,
- син на Мерајот,
- 4син на Зерахија,
- син на Уззи,
- син на Букки,
- 5син на Авишуа,
- син на Пинехас,
- син на Елеазар,
- син на Аарон, првосвештеникот,
6тој Езра дојде од Вавилон. Езра беше учител кој добро го познава Мојсеевиот Закон, кој ГОСПОД, Бог на Израел им го даде. Царот му подари сѐ што тој побара, затоа што раката на ГОСПОД, неговиот Бог беше врз него.
7Некои од Израелците, од свештениците, Левитите, пејачите, вратарите и слугите во храмот дојдоа во Ерусалим во седмата година на царот Артаксерксес.
8Езра пристигна во Ерусалим во петтиот месец од седмата година на царот Артаксерксес.
9Тој тргна на првиот ден од првиот месец и го започна своето патување од Вавилон, а на првиот ден од петтиот месец пристигна во Ерусалим, затоа што раката на неговиот Бог беше врз него за добро,
10затоа што Езра се беше посветил во своето срце на учење на Законот ГОСПОДОВ и негово разгледување, да ги поучува Израелците на неговите укази и закони.
Писмото од Артаксерксес до Езра
[уреди]11Еве го преписот од писмото што му го даде царот Артаксерксес на Езра, свештеник и познавач на Законот, учител на наредбите ГОСПОДОВИ, и указите Негови за Израел:
12<Артаксерксес[16], царот на царевите, за Езра, свештеник и учител на Законот на небесниот Бог. Биди поздравен.
А сега
13од мое име се издава указ со кој секој оној во моето царство, што е од народот Израелев, од свештениците и Левитите, ако сака може да оди со тебе во Ерусалим,
14затоа што пред царот и пред неговите седум советници си испратен да истражуваш во врска со Јуда и Ерусалим, почитувајќи го Законот на твојот Бог, кој е во твоја рака.
15Земи сребро и злато кое царот и неговите советници го даваат како доброволен принос за Израелевиот Бог, чие пребивалиште е во Ерусалим,
16заедо со сето сребро и злато што можеш да го добиеш од сите вавилонски области, кое народот и свештениците ќе го дадат како доброволен прилог, за храмот на нивниот Бог во Ерусалим.
17Затоа, со тие пари веднаш купи бикови, овни, јагниња, житни приноси и приноси во пијалок, и принеси ги на жртвеникот во храмот на вашиот Бог во Ерусалим.
18Сѐ она што според тебе и според твоите браќа е добро да го направите со остатокот од среброто и златото, а е според волјата на вашиот Бог, тоа направете го!
19Предметите што ти се доверени за служба во храмот на вашиот Бог испорачај Му ги на Бог во Ерусалим!
20За сѐ друго што е потребно за храмот на вашиот Бог и можеш да го набавиш, можеш да обезбедиш средства од царската благајна.
21А од моја страна, јас, царот Артаксерксес им издавам указ на сите благајници кои се во Транс - Еуфратија, сѐ што од нив ќе побара Езра, свештеник и учител на Законот на небесниот Бог, веднаш да му биде обезбедено,
22сѐ до износ од сто таланти сребро[17], сто кора жито[18], сто бата вино[19], сто бата масло и сол без ограничување.
23Сѐ што е пропишано од небесниот Бог, веднаш нека биде направено за храмот на небесниот Бог. Зошто да има гнев против царството на царот и неговите синови?!
24Исто треба да знаеш дека на свештениците, Левитите, пејачите, вратарите и слугите што работат во храмот на овој Бог, никој нема овластување да им наложи данок, царина или такси.
25А ти Езра, според мудроста на твојот Бог што ја поседуваш, назначи раководители и судии да ја спроведуваат правдата над целиот народ во Транс - Еуфратија, над сите што ги знаат законите на вашиот Бог, а оние што не ги знаат, научете ги!
26Секој оној што не му се потчинува на законот на вашиот Бог и на законот на царот, веднаш мора да биде казнет, било со смрт, со прогонство, со запленување на неговиот имот или со затвор.“
27Нека биде благословен ГОСПОД, Бог на нашите татковци, кој го стави ова во срцето на царот, за да се прослави домот ГОСПОДОВ, што е во Ерусалим,
28и направи да добијам милост пред царот и неговите советници, пред сите моќни царски службеници. Заради тоа што ГОСПОД, мојот Бог беше со мене, се охрабрив и ги собрав поистакнатите луѓе од Израелците, па ги поведов со себе.
Глава 8
[уреди]Список на главите на семејствата што се вратиле со Езра
[уреди]1Ова се главите на семејствата и на оние запишани со нив, кои дојдоа со мене од Вавилон во текот на владеењето на царот Артаксерксес:
- 2од потомците на Пинехас - Гершом,
- од потомците на Итамар - Даниел,
- од потомците на Давид - Хаттуш,
- 3од потомците на Шеханија и од потомците на Парош - Зехарија и со него запишани 150 мажи,
- 4од потомците на Пахат Моав - Елиехоенај, син на Зерахија и со него 200 мажи,
- 5од потомците на Затту[20] - Шеханија, син на Јахазиел, и со него 300 мажи,
- 6од потомците на Адин - Евед, син на Јонатан и со него 50 мажи,
- 7од потомците на Елам - Јешаија, син на Аталија и со него 70 мажи,
- 8од потомците на Шефатија - Зевадија, син на Михаел и со него 80 мажи,
- 9од потомците на Јоав - Овадија, син на Јехиел и со него 218 мажи,
- 10од потомците на Бани[21] - Шеломија, син на Јосифија и со него 160 мажи,
- 11од потомците на Бевај - Зехарија, син на Бевај и со него 28 мажи,
- 12од потомците на Азгад - Јоханан, син на Хаккатан и со него 110 мажи,
- 13од потомците на Адоникам, ова се последните и нивните имиња се Елифелет, Јеиел, Шемаија, и со нив 60 мажи,
- 14од потомците на Бигвај - Утај и Заккур, и со нив 70 мажи.
Враќањето во Ерусалим
[уреди]15Ги собрав кај каналот што тече кон Ахава и таму логорувавме три дена. Потоа направив проверка меѓу луѓето и свештениците, и не најдов ниту еден од синовите на Леви. 16Ги свикав водачите Елиезер, Ариел, Шемаија, Елнатан, Јарив, Елнатан, Натан, Зехарија, Мешуллам и учените луѓе Јојарив и Елнатан. 17Ги испратив кај Иддо, водачот на местото Касифија, им кажав што да му пренесат на Иддо и неговите роднини, слугите во храмот на местото Касифија, да ни доведат слуги за домот на нашиот Бог. 18И затоа што раката на нашиот Бог беше за добро врз нас, тие ни доведоа способни луѓе од потомците на Махли, син на Леви, син на Израел: Шеревија и неговите синови и браќа - 18, 19и Хашавија, а со него и Јешаија од потомците на Мерари, неговите синови и браќа - 20, 20а од слугите на храмот и службениците што ги востанови Давид, за да им помагаат на Левитите - слуги во храмот 220, сите запишани по име.
21Тогаш, покрај Ахавскиот канал, прогласив пост, за да се смириме пред нашиот Бог, да побараме од Него нашето патување да биде безбедно и за нас и за нашите деца и за целиот наш имот.
22Ми беше срам да побарам од царот војници и коњаници за да нѐ штитат од непријатели по патот, затоа што му бевме кажале на царот дека раката Божја е врз нас за добро, врз сите што гледаат кон Него, а Неговиот голем гнев е против сите оние што Го забораваат.
23Така ние постевме и Го молевме нашиот Бог за оваа работа, и Тој ни одговори.
24Издвоив дванаесетмина од водачите на свештениците и со нив Шеревија, Хашавија и десетмина од нивните браќа,
25им измерив сребро, злато и предмети, прилог за домот на нашиот Бог што го подари царот, неговите советници и службеници, и сите присутни Израелци,
26им измерив на рака
- 650 таланти сребро[22],
- сребрени предмети 100 таланти[23],
- 100 таланти злато,
- 2720 златни пехари,
- 1000 дарихии[24] на тежина,
- два добро измазнети бронзени предмети, скапоцени како злато,
28па им реков: „Вие, како и овие предмети, среброто, златото и доброволниот прилог, сте Му посветени на ГОСПОД, Бог на вашите татковци.
29Чувајте ги и бидете внимателни, сѐ додека не ги предадете и измерите на водачите на свештениците и Левитите, главите на семејствата на Израел, во Еруалим, во просториите на домот ГОСПОДОВ.“
30Потоа свештениците и Левитите го зедоа среброто, златото и предметите, го измерија и го понесоа со себе во Ерусалим, во домот на нашиот Бог.
31На дванаесеттиот ден од првиот месец тргнавме од каналот Ахава кон Ерусалим, а раката на нашиот Бог беше врз нас и нѐ штитеше по пат од непријатели и разбојници.
32Така пристигнавме во Ерусалим и се одморивме таму три дена.
33На четвртиот ден го измеривме среброто, златото и предметите во домот на нашиот Бог, и му го предадовме на рака на Меремот, син на свештеникот Урија, а со него и на Елеазар, син на Пинехас, со нив беа и Левитите Јозавад, син на Јешуа, и Ноадија, син на Биннуи,
34сѐ по број и по тежина, и тогаш беше попишана целата тежина.
35Тогаш вратените од ропство, синовите на прогонетите, Му принесоа жртви паленици на Израелевиот Бог, дванаесет бика за цел Израел, девеесет и шест овни, седумдесет и седум јагниња и дванаесет јарци, како жртва за грев, сето тоа како жртва паленица за ГОСПОД.
36Им ги пренесоа царските наредби на сатрапите и управниците на Транс - Еуфратија и тие им помогнаа на луѓето и на домот Божји.
Глава 9
[уреди]Молитвата на Езра за мешаните бракови
[уреди]1Откако сето ова се заврши, дојдоа кај мене водачите и рекоа: „Народот Израелев, свештениците и Левитите, не се држат на страна од околните народи, од одвратните обичаи на Канаанците, Хититите, Перезијците, Јевусијците, Амонците, Моавците, Египјаните и Аморејците.
2Ги земаат ќерките нивни за себе и за своите синови, го мешаат светиот род со околните народи, а водачите и луѓето на власт предничат во ова неверство.“
3Кога го слушнав ова нешто, ги раскинав наметката и облеката, почнав да си ја кубам косата и брадата, и седнав згрозен.
4Се собраа околу мене сите што треперат пред зборовите на Израелевиот Бог, заради неверноста на вратените од прогонство, а јас седев згрозен сѐ до вечерната жртва.
5Кога дојде времето на вечерната жртва, станав од мојата понизност, со раскината наметка и облека, клекнав на колена, ги раширив рацете накај ГОСПОД, мојот Бог,
6и се помолив:
„О, Боже мој, срам ми е и немам образ да го кренам лицето накај Тебе, заради нашите гревови кои се издигнаа над нашите глави, заради нашата вина која допре дури до небесата.
7Во грев голем сме уште од деновите на нашите предци, па сѐ до денешен ден. Заради нашите гревови, ние, нашите цареви и свештеници бевме предадени на царевите од околните земји, на меч, ропство, грабеж и понижување, сѐ до денешен ден.
8Но сега, за еден краток миг ГОСПОД, нашиот Бог беше милостив спрема нас, оставајќи преживеани од нас, остаток на кој му даде цврсто место во Неговото светилиште, за да ни даде нашиот Бог светло на очите и мало олеснување во нашето ропство.
9Иако сме робови и сѐ уште сме во пранги, нашиот Бог не нѐ напушти и ни покажа милост во ликот на царот на Персија, да ни подари нов живот, да се обнови домот на нашиот Бог, да се поправат неговите урнатини и да ни дозволи да имаме ѕидини во Јуда и Ерусалим.
10И што после ова да кажеме, Боже наш?! Ги занемаривме законите Твои
11што ни ги даде преку Твоите слуги, пророците, велејќи: ,Земјата во која влегувате да ја запоседнете е земја загадена и расипана од народите што ја населуваат, од нивните одвратни обичаи со кои ја исполнија од крај до крај со нивната нечистотија.
12Затоа ќерките ваши не давајте ги за нивните синови, и нивните ќерки не земајте ги за вашите синови. Немојте никогаш да им помагате да живеат во благосостојба и да напредуваат, за вие да станете силни, да ги јадете добрите плодови на таа земја и да им ја оставите на вашите деца засекогаш!’
13И после сѐ што ни се случи, заради нашите зли дела, и нашата голема вина, сепак Ти, Боже наш се воздржа и нѐ казни помалку отколку што заслуживме според нашите гревови, ни даде да има преживеани, како што сме сега ние.
14Треба ли сега пак да ги кршиме твоите наредби и да се мешаме со народите што имаат вакви одвратни обичаи? Нема ли да ни се налутиш, да нѐ уништиш, па да нема ниту поштеден, ниту преживеан!?
15О ГОСПОДИ, Боже Израелев, праведен си! Ете, оставени сме во живот сѐ до денешниот ден. Еве нѐ пред Тебе во нашата вина, иако заради тоа никој од нас не би можел да остане исправен во Твое присуство.“
Глава 10
[уреди]Исповедање на гревовите
[уреди]1Додека Езра се молеше, се исповедаше липајќи, фрлајќи се на земја пред Божјиот дом, се собра околу него голема толпа Израелци, мажи, жени и деца, кои исто така плачеа и горко липаа.
2Тогаш проговори Шеханија, син на Јехиел, од потомците на Елам, и му рече на Езра:
„Неверни Му бевме на нашиот Бог и се женевме со жени туѓинки, од околните народи, но и покрај тоа има надеж за Израел.
3Да направиме сега завет пред нашиот Бог и да ги избркаме сите жени и децата родени од нив, како што нѐ советува мојот господар и оние што треперат пред наредбите на нашиот Бог. Како што е според законот, така да направиме.
4Стани, зашто од тебе зависи оваа работа, и ние сме со тебе. Собери храброст и направи ја!“
5Тогаш стана Езра и ги натера да се заколнат водачите, свештениците, Левитите и сиот народ Израелев, за да постапат според тој предлог. И тие се заколнаа.
6Потоа Езра се тргна од пред Божјиот дом и отиде во просторијата на Јехоханан, син на Елијашив. Откога замина, храна не јадеше и вода не пиеше, затоа што беше во жалост заради неверноста на вратените од прогонство.
7Издадоа проглас во Јуда и Ерусалим: „Да се соберат во Ерусалим сите вратени од прогонство.
8На оној што во рок од три дена не се појави, според решението на властите и старешините, ќе му биде запленет целиот негов имот, а тој ќе биде исфрлен од собранието на вратените од прогонство.“
9На дваесеттиот ден од деветтиот месец се собраа во Ерусалим во рок од три дена сите мажи од Јуда и Бенјамин, и седнаа во дворот на Божјиот дом, вознемирени заради поводот за кој се собрани и заради дождовите.
10Стана свештеникот Езра и им рече: „Неверни бевте и се оженивте со туѓинки, додавајќи така кон вината на Израел.
11Исповедајте Му се сега на ГОСПОД, Бог на вашите татковци, и извршете ја неговата волја, одвојте се од околните народи и од жените туѓинки!“
12Сите насобрани одговорија и силно извикаа: „Во право си! Така треба да направиме!“
13„Сега има многу народ насобрано, а дождливото време не дозволува да стоиме надвор. Освен тоа оваа работа не може да се разреши во еден ден или два, затоа што во ова нешто сме направиле големи гревови.
14Затоа нека работат сега оние што се на власт во име на целото собрание, и потоа сите кои се во нашите градови и се оженети со туѓинки, нека доаѓаат тогаш кога ќе биде за нив одредено, а со нив нека доаѓаат и старешините и судиите од нивниот град, сѐ додека не се одврати огнениот гнев на нашиот Бог од нас и од оваа работа.“
15Само Јонатан, син на Асахел и Јахзеија, син на Тиква, се спротивставија, а Мешуллам и Левитот Шаббетај ги подржаа.
16Потоа вратените од прогонство навистина така и направија. Свештеникот Езра одбра луѓе од главите на семејствата, според родовите на нивните татковци, и ги повика сите по име. Седнаа на првиот ден од десеттиот месец за да ја претресат оваа работа,
17а на првиот ден од првиот месец завршија со сите луѓе кои беа оженети со туѓинки.
Виновни за мешаните бракови
[уреди]18Се изнесе на виделина дека меѓу наследниците на свештениците следните луѓе беа оженети со туѓинки:
- Од потомците на Јешуа, син на Јосадак, и неговите браќа: Маасеја, Елиезер, Јарив и Гедалија.
19Тие дадоа рака, ветувајќи дека ќе ги избркаат нивните жени, а како жртва за грев принесоа овен од стадото.
- 20Од потомците на Иммер: Ханани и Зевадија.
- 21Од потомците на Харим: Маасеја, Елија, Шемаија, Јехиел и Узија.
- 22Од потомците на Пашхур: Елиоенај, Маасеја, Ишмаел, Нетанел, Јозавад и Еласа.
- 23Од потомците на Левитите: Јозавад, Шимеј, Келаија (кој што е Келита), Петахија, Јуда и Елиезер.
- 24Од пејачите: Елијашив, од вратарите: Шаллум, Телем и Ури.
25А од останатите Израелци:
- од потомците на Парош: Рамија, Иззија, Малкија, Мијамин, Елеазар, Малкија и Бенаија,
- 26од потомците на Елам: Маттанија, Зехарија, Јехиел, Авди, Јеремот и Елија,
- 27од потомците на Затту: Елоенај, Елиашив, Маттанија, Јеремот, Завад и Азиза,
- 28од потомците на Бевај: Јехоханан, Хананија, Заббај и Атлај,
- 29од потомците на Бани: Мешуллам, Малух, Адаија, Јашув, Шеал и Јеремот,
- 30од потомците на Пахат Моав: Адна, Келал, Бенаија, Маасеја, Маттанија, Бесалел, Биннуи и Манашшех,
- 31од потомците на Харим: Елиезер, Ишшија, Малкија, Шемаија, Шимеон,
32Бенјамин, Маллух и Шемарија.
- 33од потомците на Хашум: Маттенај, Маттатта, Завад, Елифелет, Јеремај, Манашех и Шимеј,
- 34од потомците на Бани: Маадај, Амрам, Уел,
35Бенаија, Бедеија, Келухи, 36Ванија, Меремот, Елијашив, 37Маттанија, Маттенај и Јаасај, 38Вани, Биннуј, Шимеј, 39Шелемија, Натан, Адаија, 40Махнадевај, Шашај, Шарај, 41Азарел, Шелемија, Шемарија, 42Шаллум, Амарија, Јосеф,
- 43од потомците на Нево: Јеиел, Маттитија, Завад, Зевина, Јаддај, Јоел и Бенаија.
44Сите тие се беа ожениле со туѓинки и од тие жени имаа деца[25].
Забелешки
[уреди]- ↑ Евр. Кореш.
- ↑ Евр. Парас.
- ↑ ГОСПОД.
- ↑ Значењето на овој збор не е сосема извесно.
- ↑ Поточно Зерубавел, затоа што Вавилон на Еврејски се вика Бавел.
- ↑ Во Септуагинтата и во Нех. 7:29 стои Киријат Јеарим.
- ↑ Околу 500 килограми.
- ↑ Околу 3 тони.
- ↑ Еврејското име Јехуда обично се пренесува како Јуда.
- ↑ Евр. Дарјавеш.
- ↑ Стиховите од 4:8, до 6:18 од оваа книга се напишани на арамејски јазик.
- ↑ На арамејски Оснапар.
- ↑ Вака е во Септуагинтата, арамејскиот текст е: „Им ги кажавме имињата на луѓето што ја градат оваа градба.“
- ↑ Околу 27 метри.
- ↑ Поточно Пасах, Преминувањето.
- ↑ Текстот од 12 до 26 стих е напишан на арамејски јазик.
- ↑ Околу 3,75 тони.
- ↑ Околу 22 килолитри.
- ↑ Околу 2,2 килолитри.
- ↑ Вака е според Септуагинтата, и во Езра 8:32. Масоретскиот текст не го содржи името Затту.
- ↑ Вака е во некои ракописи на Септуагинтата, и во Езра 8:36. Масоретскиот текст не го содржи името Бани.
- ↑ Околу 25 тони.
- ↑ Околу 3,75 тони.
- ↑ Околу 8.5 килограми.
- ↑ Или: и ги избркаа, заедно со нивните деца.