Крсте Петков Мисирков/ Говор на претставникот на Македонците

Од Wikisource
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Неколку статии

од Крсте Петков Мисирков
собрание на Одеса, 6 август 1914.
ГОВОР НА ПРЕТСТАВНИКОТ НА МАКЕДОНЦИТЕ К. МИСИРКОВ

ОДРЖАН НА ОПШТОСЛОВЕНСКОТО СОБРАНИЕ ВО ОДЕСА НА 6 АВГУСТ 1914 Г.1[1]

П[очитувани] г[оспоѓи], п[очитувани] г[оспода],

Настана часот кога сите словенски народи треба да го издржиме притисокот од целото обединето германство. Настана времето кога е нужно не само да се одбрани честа на словенската татковина и слободата на словенските народи од германскиот Drang nach Osten, туку исто така настапи времето на испитание на словенската солидарност и заемната искреност. Сегашниот двобој на словенството со германизмот има огромно морално значење за словенството. Сегашната борба со Германците бара од Словените најтесно обединување и полно и искрено заемно уважение. Во сегашниов историски момент што е од вонредна важност, не треба да има и нема место нееднаквоста меѓу Словените, не треба да има гордост на едни и потценување спрема други, не треба да има место на пернатоста ни презирот. И малиот и големиот, и народите со постара и повисока култура, и народите што се многубројни, но силни со духот и културата, треба да застанат во еден ред за со заеднички сили да се одбие заедничкиот непријател, еднакво опасен и за словенските народи што имаат десетици и стотици милиони, и за словенските народи со само неколку милиони жители, и за Словените со постара и повисока или со подоцнежна култура.

Сега еден словенски народ не може да му рече на другиот: ти не си ни потребен, ние и без тебе ќе си ја свршиме работата. Не, сега сите се потребни и сега малиот словенски народ може да им направи голема услуга и на посилните словенски народи и на целото словенство. Сега станува сосема јасно дека словенството прави огромна грешка и дури и злочин кога допушта разгром и поделба на територијата на одделен словенски народ.

За среќа, во сегашниов тежок момент, кога е крајно неопходно единството на целото словенство, тоа се пројавува во целиот свој сјај: Полјаците сс борат рамо до рамо со Русите, Чесите откажуваат да кренат рака против своите браќа Руси и Срби; Македонците, од неодамна поробени од Србите и Грците, го бранат словенското Дело борејќи се за словенска Србија во најопасните места, а имено во северо-западниот крај на Србија, на бреговнте на Дрина и Сава.[2]

А Бугарите? И Бугарите, иако само пред една година беа напуштени од сето словенство и беа нападнати од цела редица несловенски народи, сред кои, за голема жал, беа и нивните браќа - Срби, - и Бугарите сега стојат на стража на интересите на словенството. Грција само го чека моментот за да се нурне во Српска Македонија, а Романија во Бесарабија. Турција исто така мечтае да се нурне во пределите на Кавказ. И токму Бугарија се наоѓа во соседство со сите овие три исконски непријатели на словенството и никому не му дозволува да мрдне од местото. Мирот на Балканот сега се наоѓа во рацете токму на таа Бугарија што само пред една година беше нападната од петте претежно несловенски држави и беше разграбена од нив на Букурешкиот конгрес. И каква иронија на судбината; самата таа Бугарија што само пред една година се надеваше и беше уверена дека Русија ќе ја задржи Романија од навлегувањето во Бугарија, сега самата ја прави безопасна целата таа 700 врсти западна граница на Бесарабија од романското навлегување.[3]

Улогата на Бугарија во оваа општоевропска војна покажува колку претпазливо и внимателно треба да се однесува словенството спрема националните идеали и националната самобитност на словенските народи. Малечката, по независиа словенска држава, се јавува понекогаш посигурна потпора на целокупното словенство.

Борбата на словенството со германството, по сe' изгледа, се јавува исто така како конечна ликвидација на целото словенско прашање, на сите очекувања на словенските народи. Манифестот на Августејшиот Главнокомандујушт[4] кон полскиот народ ветува ослободување и обединување на сиот полски народ во една држава. Меѓутоа, во словенскиот свет постои и втора Полска, Полска на Балканскиот Полуостров, херојската, но несреќна Македонија, разделена со Букурешкиот договор на три дела. Македонија, таа втора Полска, исто така има законско право на манифест за нејзиното обединување и за востановување на царството на царот Самоил и на кралот Волкашин. Меѓутоа, иако Македонците и се борат за слободата на Србија и за словенското дело воопшто, како што се бореа тие и за општословенското дело во Првата балканска војна, сепак таа се' уште нема добиено никаков манифест за обединувањето на целата Македонија во една држава.

Борејќи се за словенското дело и бранејќи ја Србија од Швабите, македонскиот народ не може да не сака што побрза и полна победа на руското, словенското и сојузното оружје над суетното и горделиво германство. Како резултат на таа победа македонскиот народ очекува да зацари мир, правда и слобода во словенскиот свет, а исто така да бидат уништени и творбите на непријателите на словенството — Берлинскиот и Букурешкиот договор, првиот од кои ѝ ја врати на Турција ослободената од руските војски и со Санстефанскиот договор Македонија, а вториот создаде од Македонија втора Полска, распарчувајќи ја на три дела и давајќи им ги на Србија, Грција и Бугарија.

Како татковина на словенските апостоли светите Кирил и Методија, на словенското писмо и на древниот литературен и црковен јазик на целото православно словенство, имајќи ја најдревната словенска култура, како земја што ја одбрани својата национална словенска самобитност во текот на 1400 години, издржувајќи ја најупорната борба со исконските непријатели на словенството на Балканот: Грците и Турците, при што последниве 20 години во историјата на Македонија претставуваа постојано и сеопшто востание на Македонците против Турците, Македонија со учеството во Првата балканска војна против Турција и во борбата на Србија со Австро-Унгарија си ги заслужи истите оние ветувања и истата онаа награда како и раздробената на три дела Полска.

Па затоа Одеската македонска колонија, изразувајќи ги најискрените пожелби за побрза и полна победа на руското и словенското воинство над заедничкиот непријател, заедно со сите овде собрани руски луѓе и месни словенски друштва и колонии, а исто така и со целиот руски народ и со целото словенство извикиува: Да живее Неговото Величество Господарот Император! Да живеат сите словенски монарси! Да живее Русија и словенството! Да живеат руската и сите словенски армии! Да живее словенското заемно разбирање и уважување; да живее согласноста и единството на словенството!

ЦГАОР, Москва, ф. 579, оп. 1, ед. хр. 1728. лл. 1—3.

Забелешки

  1. Насловот е напишан со раката на самиот К. Мисирков над отчуканиот на машина текст на говорот.
  2. Иако го третира под формата на борба за „словeнското дело“, Мисирков и сега инсистира на учеството на Македонците во војната како „војувачка страна", како што беше во Првата балканска војна.
  3. Меѓутоа, во пазарењето околу Македонија, Бугарија сепак се приклони во следната година кон страната на Германцате, бидејќи тие ѝ ветуваа повеќе.
  4. Се однесува за рускиот император и неговиот Манифест за Полјаците за нивното учество во војната.

Видете исто така


Ова дело е во јавна сопственост во целиот свет бидејќи авторот е починат пред повеќе од 70 години.