Прејди на содржината

Јов (вики-превод)

Од Wikisource
(Пренасочено од Јов (буквален превод))
Естер Јов
Библија (вики-превод)
од н.п.
Псалми


Глава 1

[уреди]

Предговор.

[уреди]

1Си живееше во земјата Уц[1] еден човек по име Јов. Тој беше чесен и без пороци[2], имаше страхопочит спрема Бог и се држеше настрана од злото. 2Му се беа родиле седум[3] сина и три ќерки. 3Имотот негов беше седум илјади овци, три илјади камили, петстотини рала волови, петстотини магарици и многу голем број слуги. Тој беше најбогатиот човек на Истокот.


4Секоја година, кога ќе им дојдеше роденденот, синовите на Јов приредуваа гозби. Ќе ги поканеа нивните три сестри, ќе се собереа во домот на славеникот, па заедно јадеа и пиеја. 5Тие гозби траеја и по неколку дена, а на крајот од секоја гозба Јов ќе испратеше да ги повикаат неговите деца и ќе ги очистеше. Ќе станеше рано наутро и ќе принесеше жртви паленици за секој од нив, зашто си мислеше: „Можеби моите деца грешеле и го колнеле Бог во своите срца!“. Вака правеше Јов после секоја гозба.

Првото искушување на Јов.

[уреди]

6Еден ден синовите[4] Божји дојдоа да се претстават пред ГОСПОД, а со нив дојде и сатаната[5]. 7„Од каде доаѓаш?“ - го праша ГОСПОД сатаната, а тој му одговори: „Скитав по земјата и гледав што сѐ се случува по неа.“


8Тогаш ГОСПОД го праша сатаната: „Го виде ли Мојот слуга Јов? Нема друг како него на земјата, човек чесен и без пороци, кој има страхопочит спрема Бог и се држи настрана од злото.“


9„А зошто не би имал страхопочит?“ - забележа сатаната. 10„Зарем Ти не го штитиш? Зарем не си поставил ограда и околу него, и околу неговото домаќинство и околу сѐ што е негово? Трудот на неговите раце си го благословил, па стадата му се распослале по земјата. 11Но испружи ја сега раката Твоја и земи му сѐ што има! Сигурен сум дека в лице ќе Те проколне.“


12Тогаш ГОСПОД му одговори на сатаната: „Добро, прави што сакаш со сѐ што е негово, но на него рака не ставај!“. После ова сатаната си замина од кај ГОСПОД.


13Токму во денот кога синовите и ќерките на Јов се гостеа и пиеја вино во домот на најстариот брат, 14гласник дотрча кај Јов и му рече: „Додека слугите ораа со воловите, а магарињата пасеа близу до нив, 15Шевајците[6] нѐ нападнаа, стоката ја одведоа, а твоите слугите, сите до еден, со остар меч ги исклаа. Само јас успеав да побегнам за да ти јавам.“


16Уште зборот не дорече, друг гласник дотрча викајќи: „Оган Божји падна од небесата, ги проголта овците и сите твои пастири. Само јас успеав да побегнам за да ти јавам.“


17Уште зборот не дорече, трет гласник дотрча викајќи: „Три Халдејски[7] банди нѐ нападнаа, камилите ги одведоа, а сите твои слугите со остар меч ги исклаа. Само јас успеав да побегнам за да ти јавам.“


18Уште зборот не дорече, четврт гласник дотрча викајќи: „Синовите и ќерките твои јадеа и пиеја вино во куќата на најстариот брат, 19кога силен ветер дувна од пустината и удри по четирите агли на куќата, а таа се урна врз децата и ги уби. Само јас успеав да побегнам за да ти јавам.“


20Стана Јов, ја раскина од жал наметката своја, ја избрича[8] главата, падна на земја и се поклони пред Бог, 21па рече: „Гол сум излегол од утробата на мајка ми, кога земјата ќе ме прибере, што со себе ќе земам? ГОСПОД даде, ГОСПОД зеде. Нека се слави името ГОСПОДОВО!“ 22Во сето ова Јов не згреши, зашто не Го обвини Бог дека погрешно постапува.

Глава 2

[уреди]

Второто искушување на Јов.

[уреди]

1Еден ден синовите Божји пак дојдоа да се претстават пред ГОСПОД. Со нив дојде и сатаната. 2ГОСПОД му рече: „Од каде доаѓаш?“, а сатаната Му одговори: „Скитав по земјата и гледав што сѐ се случува по неа.“


3Потоа ГОСПОД го праша сатаната: „Го виде ли Мојот слуга Јов? Нема друг како него на земјата, човек чесен и без пороци, кој има страхопочит спрема Бог и се држи настрана од злото. Иако ти ме подбуцна против него да го уништам без причина, тој сепак си остана чесен.“ 4Тогаш сатаната Му одговори на ГОСПОД: „Кожа за кожа! Сѐ што има човек ќе даде за да спаси гол живот! 5Но испружи ја сега раката Твоја и удри по неговите коски и по неговото тело! Сигурен сум дека в лице ќе Те проколне.“


6Тогаш ГОСПОД му рече на сатаната: „Добро, прави со него што сакаш, само животот остави му го!“ 7Потоа сатаната си замина од кај ГОСПОД и го нападна Јов со болни чиреви од главата до петите.


8Седна Јов во пепелта и зеде една ќерамитка да се чеша. 9Тогаш жена му му рече: „Уште ли се обидуваш да останеш чесен! Проколни го Бог и умри!“


10Јов ѝ одговори: „Зборуваш како глупавите[9] жени! Зарем доброто од Бог да го прифатиме, а маката не?“ Во сето ова Јов не згреши со тоа што го кажа.

Тројцата пријатели на Јов.

[уреди]

11Тогаш тројцата пријатели на Јов слушнаа за сите маки што го беа снашле, и се упати секој од својот дом, Теманецот[10] Елифаз[11], Шухиецот[12] Вилдад и Нааматиецот[13] Зофар, па се сретнаа и тргнаа заедно да му искажат сочувство и да го утешат.:12Кога го здогледаа оддалеку, не можеа да го познаат. Викнаа да плачат на сет глас, ја раскина од жал секој наметката своја, попрскаа прав врз главите свои до небесата 13и седнаа со него на земја. Седум дена и седум ноќи никој збор не проговори, зашто видоа колку големо беше неговото страдање.

Глава 3

[уреди]

Јов проговорува.

[уреди]

1Тогаш Јов отвори уста и го проколна денот кога се родил. 2Проговори Јов и рече:


3„Проклет да е денот кога сум се родил
и ноќта кога било кажано:
,Машко се роди!’
4Во црна темнина да се претвори!
Бог да го заборави!
Сонце да не го огрее!
5Мрак и црна[14] сенка да го земат!
Темен облак да го надвисне!
Бел ден да не види!


6Таа ноќ црна темнина да ја голтне!
Да се брише од годината,
во деновите да не се брои,
во месеците да не влегува!
7Пуста да остане таа ноќ!
Крик радосен во неа да нема!
8Клетва да ѝ фрлат тие што денот[15] го колнат[16],
тие што и Левијатанот[17] можат да го скорнат!
9Утринските ѕвезди да ѝ се зацрнат!
На мугра да чека, мугра да не дојде!
Зората да не ѝ осамне
10зашто не ги затвори вратите на мајчината ми утроба,
зашто остави за ваква мака да се родам!


11Што не си умрев уште на раѓање?!
Од утробата кога излегов смртта што не ме прибра?!
12Зошто колена ме прифатија[18],
зошто гради ме надоија?!
13Ќе си лежев сега во мир,
ќе спиев, спокојство ќе имав,
14со цареви и советници земни,
со оние што дворци си ѕидаа,
домови од кои само урнатини останаа,
15со кнезови злато што трупаа,
домовите свои со сребро што ги полнеа.
16Зошто како мртвородено не ме запретаа,
како младенчињата светло што не видуваат?!
17Таму злите не прават веќе збрки,
уморниот спокој наоѓа.
18На заробените им олеснува,
викањето на стражарите не го слушаат веќе.
19И мал и голем таму се исти,
робовите - слободни од своите господари.


20Зошто на несреќните светлина им се дава
и живот на оние со горчина во душата?!
21По смртта чезнеат, а смртта ја нема.
Ја бараат како да е скриено богатство.
22Зошто им е животот на оние за кои гробот е спас,
на оние што се радуваат и веселат кога до него ќе стигнат,
23на оние чиј пат е скриен
и Бог ограда околу нив ставил.


24Наместо храна, воздишки ми идат,
стенкањата мои како вода течат.
25Токму тоа од што се плашев на глава ми дојде,
тоа од што треперев, тоа ми се случи.
26Немам мир, немам тишина, немам почин -
неспокој кај мене се всели.“

Глава 4

[уреди]

Елифаз.

[уреди]
1Тогаш одговори Теманецот Елифаз и рече:


2„Ако се осмелам еден збор да ти кажам, ќе имаш ли трпение?
Но кој може да ги додржи зборовите!?
3Ете, ти на многумина совет си дал,
раце слаби си укрепил.
4Твоите зборови подршка биле на потклекнатиот,
на колена растреперени сила си дал.
5Но сега дојде на твоја глава и ти потклекна.
Удри против тебе и сега ти не знаеш главата кај ти е.
6Зарем побожноста твоја не е твојата сигурност?
Зарем непорочните патишта твои не се твојата надеж?


7Застани сега и размисли, кој невин погинал?
Каде праведните биле уништени?
8Колку што јас сум видел, оние што зло ораат и мака сеат,
зло и мака жнеат!
9Од здивот Божји гинат,
ги снемува пред пламенот на гневот Негов.


10Рика лавот и реве,
ама забите лавовски се кршат и
11умира без плен, а младенчињата на лавицата -
секое на своја страна.


12Имам еден збор тајно што го добив,
ушите мои во шепот го уловија
13среде немирните ноќни соништа,
кога врз луѓето длабок сон се спушта.
14Страв ме обзеде и трепет,
сите коски ми се растресоа.
15Дух до мене се прикрадна
и целиот се наежив.
16Застана, но за ликот негов ништо не можам да кажам -
само облик пред очите мои.
Стивна и слушнав глас:
17,Може ли смртен човек поправеден од Бог да биде,
од Создателот да биде почист?!
18Тој ни во слугите свои доверба нема,
кај ангелите грешка наоѓа,
19а не пак кај оние што во куќи од кал живеат,
чии темели во прв лежат,
кај оние што како молци гинат[19].
20Од утро до мрак умираат,
исчезнуваат неприметно и засекогаш.
21Јажињата на шатори нивни зарем не се корнат
и тие гинат без мудрост да соберат.’

Глава 5

[уреди]
1Викни сега, помош барај!
Одговара ли некој?
Кон кого од светите[20] ќе се свртиш?
2Глупавиот срџбата го убива,
а простиот зависта го кине.
3Сум гледал јас глупав човек корен да пушти,
но веднаш домот негов сум го проколнал.
4Далеку се децата негови од безбедност.
Ќе ги сотрат на суд и нема кој да ги одбрани.
5Секој што е гладен жетвата негова ја јаде,
дури и од меѓу трњето ја граба.
Брефтаат оние што по богатство негово се жедни.
6Злото од земја не никне,
ниту маката од нива изртува.
7Човек за мака е роден, исто како што искрите[21] не паѓаат,
туку кон небо се вишат.


8Јас да сум на твое место накај Бог ќе се свртам,
пред Бог маката ќе си ја кажам.
9Тој величествени и несфатливи нешта прави,
на чудата негови број им нема[22].
10Дождот го распоредува по целата земја
и води пушта по нивите.
11Скромните ги воздига,
ожалостените ги штити.
12Ги препречува намерите на вештите
и рацете нивни не успеваат,
13ги фаќа мудрите во нивната остроумност,
сплетките на лукавите ги збришува,
14на сред бел ден со темнина ги обвива,
напладне пипаат како да е ноќ.
15Го спасува сиромавиот од мечот што им е в уста,
од канџите на моќниците го избавува.
16Така и за бедните надеж има,
а неправдата уста затвора.


17Види колку се благословени оние што Бог ги поправа!
Не презирај го укорот од Семоќниот[23]!
18Тој ранува, но и ги превива раните,
повредува, но рацете Негови исцелуваат.
19Од шест неволји ќе те избави,
во седмата зло нема да те стигне.
20Кога има глад од смрт ќе те избави,
во битка - од ударите на мечот.
21Од отровни јазици ќе те штити,
уништувањето кога ќе дојде - нема да се плашиш.
22На уништувањето и на гладта ќе им се потсмеваш,
од ѕверовите земни нема да се плашиш,
23зашто завет имаш со камењата во полето,
дивите животни во мир со тебе ќе бидат.
24Ќе знаеш дека безбеден е твојот дом.
Имотот ќе си го преброиш и ништо нема да недостасува.
25Ќе знаеш дека многубројни се твоите деца,
потмците твои се како тревата по земјата.
26Крепок в гроб ќе легнеш,
како сноп навреме собран.


27Гледај, ова сме го провериле и вистина е!
Слушни и на себе примени го!“

Глава 6

[уреди]

Јов.

[уреди]

1Тогаш Јов одговори и рече:

2„Ах да може болката моја да се измери,
маката моја на кантар да се стави,
3сета морска песок рамна не ќе им е!
Затоа така итаат зборовите мои.
4Ете, стрелите на Семоќниот се во мене
и духот мој од отровот нивни пие.
Ужасите Божји против мене се построени.
5Рика ли дивото магаре кога има трева?
Мука ли волот над полни јасли?
6Се јаде ли храна блуткава, без сол?
Белката на јајцето вкус има ли?
7Ни да ги допрам не можам,
ми се лоши од таа храна.


8Има ли кој молитвите мои да ги исполни?
Надежта моја ќе ја награди ли Бог?


9Ах, да сака Бог да ме дотолчи,
да пушти рака и да ме смачка.
10Така сепак една утеха ќе имам,
во оваа болка безмилосна радост ќе ми биде,
што зборовите на Светиот[24] јас не ги порекнав.


11Што сила имам, та да се надевам?
Што иднина ме чека, та да се стрпам?
12Силата моја од камен ли е?
Телото мое од бронза ли е?
13Нема помош за мене!
Што беше, до тука беше[25]!


14Кога човек е во очај, верност му треба[26] од неговите пријатели,
дури и ако престанал да има страв од Семоќниот.
15Но браќата мои превртливи се,
како потоци што пресушуваат,
како порои што поплавуваат,
16заматени од ледот,
надојдени од снегот,
17а в лето пак секнуваат,
кога ќе се стопли - во коритата ги нема.
18Караваните заради нив скршнуваат,
одат по нив во пустината и гинат.
19Ги бараат караваните од Тема[27],
патувачките трговци од Шева[28] на нив се надеваат,
20се истоштуваат зашто доверба во нив имаат,
пристигаат, а таму - сува песок.


21Така и од вас ништо не бидува!
Видовте страшни нешта и се уплашивте.
22Сум ви кажал ли јас досега:,Дајте ми!’?
Од богатствата ваши откупнина да платите за мене сум побарал ли?
23Од раката на непријателот да ме избавите,
од канџите на безмилосните да ме оттргнете сум ве молел ли?


24Ај научете ме, што грешка сторив
покажете ми и ќе се смирам!
25Колку болат искрени зборови!
Но што со тоа докажавте?
26Она што го реков ли да го исправите?
Зборовите на разочараниот се како ветер!
27Вие и за сирак ждрепка би фрлиле,
пријателот свој би го продале!
28Ајде сега, ве молам, погледнете ме!
Зар в лице би ве лажел?
29Смирете се сега и не бидете неправедни!
Размислете уште еднаш за мојата праведност!
30Мислите дека лажам?
Устата моја не разликува ли што е зло?

Глава 7

[уреди]
1Зарем нема човек тешка[29] служба на земјата?!
Деновите негови зарем не се како деновите на аргатите?
2Како роб за сенка чезнее,
како аргат надницата со нетрпение си ја чека.
3А мене ми се дадоа месеци на празнина,
ноќи тегобни ми се доделија.
4Ќе легнам и веднаш помислувам:,Уште колку има додека да станам?’
А ноќта се влече, и јас се вртам наваму натаму сѐ до зората.
5Телото мое со црви е облечено,
со красти и прашина е покриено.
Распукана е кожата моја и загнојува.


6Деновите мои побрзо од сновалка[30] летаат
и завршуваат без никаква надеж.
7О Боже, сети се, мојот живот е само еден здив!
Никогаш повеќе очите мои среќа нема да видат!
8Ме гледаш сега, но не за долго.
Ќе ме бараш, а мене ќе ме нема.
9Облакот се распршува и го снемува.
Кој в гроб[31] влегува, оттаму не се враќа.
10Во домот свој веќе нема да си дојде,
местото негово нема за него да знае.


11Затоа нема да молчам!
Духот мој од мака ќе зборува!
Ќе се жалам со горчина во душата!
12Море ли сум јас, чудовиште[32] од бездната,
та стража си поставил околу мене?!
13Си помислив - постелата ќе ме утеши,
леглото мое маките ќе ми ги олесни,
14а Ти со соништа ме нападна,
со виденија страв в коски ми втера.
15Подобро да се загушам, да умрам,
отколку со вакво тело да живеам!
16Ми дотегна веќе, та вечно ли жив ќе сум!
Остави ме на мира, зашто бесмислени се деновите мои!
17Што е човек, та толку да го величаш?
Што толку внимание срцето Твое му посветува?
18Го испитуваш секое утро,
секој миг на проба го ставаш.
19До кога ќе го држиш погледот Твој прикован за мене?
Остави ме барем плувачката на мира да си ја голтнам!
20Ако сум грешел што Тебе сум Ти сторил, Ти што кон луѓето гледаш?
Зошто[33] на заб ме зеде?
Јас самиот на себе сум си бреме[34].
21Зошто навредите мои не ми ги простиш,
гревовите мои зошто не ги заборавиш?
Јас и онака скоро в прав ќе легнам.
Ќе ме бараш, а мене веќе ќе ме нема.“

Глава 8

[уреди]

Билдад.

[уреди]

1Тогаш одговори Шухиецот Вилдад и рече:

2„До кога вака ќе зборуваш?
До кога зборовите од устата твоја ќе завиваат како ветер?
3Зарем Бог ја извртува правдата!?
Зарем Семоќниот правото го прекршува!?
4Кога децата твои грешеле против Него,
тој им платил[35] според нивните гревови.
5Но ако ти кон Бог погледнеш,
на Семоќниот ако Му се помолиш,
6ако си чист и праведен,
дури и сега Тој на твоја страна ќе застане,
и твоето праведно место ќе го обнови.
7Ќе почнеш скромно,
а потоа напредокот ќе ти биде голем.


8Ајде прашај ги сега претходните поколенија,
откриј што научиле нивните татковци,
9зашто ние од вчера сме и ништо не знаеме.
Деновите наши на земјата се како сенка.
10Зарем нема да те поучат, зарем нема да ти кажат,
од своето знаење зарем нема зборови да извлечат?
11Може ли да расте рогоз, ако нема мочуриште?
Може ли да успева трска, ако нема вода?
12Никој не ги коси,
а тие овенуваат пред сета друга трева.
13Таква е судбината на сите што Го забораваат Бог.
Така исчезнува надежта на безбожните.
14Колку е кревко[36] она во што тие веруваат,
она на што се потпираат е како пајакова мрежа.
15Се потпираат на мрежата своја, но таа не издржува.
Се закачуваат за неа, но таа не додржува.
16Безбожните луѓе навидум се силни,
како билки добро наводнувани, на сонце изложени,
шират гранки над своите градини,
17ги обвиваат корењата околу купишта камења,
меѓу карпите место бараат.
18Но кога ќе ги искорнат,
не се ни познава.
19Така завршува нивната радост,
а од почвата други никнат.


20Внимавај! Ниту Бог непорочните ги отфрла,
ниту на злите напредок им дава.
21Пак со смеа устата твоја ќе ја исполни,
усните твои со извици радосни.
22Оние што те мразат со срам ќе бидат облечени,
шаторите на злите ќе ги снема.“

Глава 9

[уреди]

Јов.

[уреди]

1Тогаш Јов одговори и рече:


2„Знам јас дека тоа е вистина,
но може ли смртен човек да биде праведен пред Бог?
3Дури и да сака да се расправа со Него,
не би можел да му одговори ниту еднаш од илјада.
4Со мудро срце и неизмерна сила,
кој може да истрае против Него и да не биде уништен?
5Оној Кој планините ги поместува без тие и да почувствуваат,
Кој ги превртува во својот гнев,
6Оној Кој земјата ја тресе од нејзиното место,
и столбовите нејзини треперат,
7Оној Кој на сонцето кога ќе му проговори
тоа престанува да свети,
чие место е зад ѕвездите,
8Оној Кој Сам ги распнува небесата,
Кој гази по брановите морски,
9Оној Кој ги создаде Мечката, Орион,
Плејадите и јужните соѕвездија,
10Оној Кој чуда создава несфатливи,
чудесни нешта без број,
11ете, покрај мене минува и јас не Го гледам.
Поминува, а јас не Го чувствувам.
12Ако грабне, кој може да Го сопре?
Кој може да му каже:,Еј, што правиш!?’
13Бог не го зауздува својот гнев.
Под Него треперат дури и одредите на Рахав.
14Како тогаш јас да се препирам со Него?
Можам ли зборови да најдам?
15Дури и невин да бев, нема да можев да Му одговорам.
Можам само за милост да Го молам Оној што ме суди.
16Дури и да Го повикав, а Тој ми одговореше,
не верувам дека ќе ме послушаше.
17Тој со бура ќе ме сотреше
и ќе ги умножеше раните мои без причина.
18Немаше да ми дозволи здив да земам,
туку ќе ме преплавеше со несреќи.
19Ако е до сила, моќен е!
Ако е до правда, кој[37] може да ме обвини[38]?
20Дури и да бев невин, устата моја ќе ме обвинеше.
Дури и да бев непорочен, таа ќе ја изговореше вината моја.
21Непорочен сум, но не се грижам за себе,
го презирам својот живот.
22Сѐ едно е, и затоа велам:
,И непорочен и зол Тој уништува.’
23Кога камшикот Негов донесува ненадејна смрт,
Тој му се потсмева на очајот на невините.
24Земјата паѓа во рацете на злите,
а Тој ги заслепува судиите.
Ако не е Тој, тогаш кој е?


25Моите денови се побрзи од тркач,
летаат без искра радост.
26Се лизгаат како лесни[39] кораби,
како орел кој се спушта врз плен.
27Да си кажам:,Ќе ја заборавам мојата поплака,
ќе го променам изразот на лицето и ќе се смеам.’
28Страв ме фаќа од сите мои страдања,
знам дека нема да ме сметаш за невин.
29Виновен сум?!
Зошто тогаш попусто да се борам?
30Дури и со сапун[40] да се измиев,
со сода да ги измиев рацете мои,
31Ти во тиња би ме потопил,
та и облеките мои од мене да се гадат.
32Оти Тој не е човек како што сум јас,
па да можам со Него да се препирам,
на суд заедно да појдеме.
33Нема[41] меѓу нас кој да посредува,
да положи рака и на обајцата,
34да го тргне од мене стапот Негов,
ужасите Негови веќе да не ме заплашуваат.
35Тогаш би зборувал и не би се плашел,
а не вака препуштен сам на себе.

Глава 10

[уреди]
1Ѝ се згади на душата моја од ваков живот.
Затоа ќе ги отпуштам уздите на мојата поплака,
ќе зборувам од горчината на мојата душа.
2Ќе му кажам на Бог:,Не осудувај ме!
Кажи ми за што ме обвинуваш!
3Уживаш ли да го згмечиш, да го шутнеш делото на своите раце,
додека на сплетките на злите се смешкаш?!
4Твоите очи од месо ли се,
како очи на смртник ли гледаат?
5Твоите денови како денови на смртник ли се?
Годините твои како деновите на човекот ли се,
6па мораш да ја проучуваш мојата вина,
да го испитуваш мојот грев,
7иако знаеш дека не сум виновен
и никој од Твоја рака не може да ме спаси?
8Твоите раце ме обликувале и ме создале.
Дали сега ќе се свртиш и ќе ме уништиш?
9Сети се дека си ме обликувал како што се обликува глината!
Сега во прав ли ќе ме претвориш?
10Зарем не си ме излеал како млеко?
Зарем не си ме згрутчил како сирење?
11Со кожа и месо си ме облекол,
со коски и жили си ме составил.
12Живот си ми дал, пријателство си ми подарил,
а Твоето Провидение го чуваше мојот дух.
13Но ова во срцето Твое си го сокрил,
и знам дека тоа е во Тебе:
14Ако грешев ќе ме видеше,
за мојата навреда нема да ме оставеше неказнет.
15Ако сум виновен - тешко мене!
Ако сум невин, глава не можам да кренам,
полн со срам и свесен за мојата рана.
16Ако како лав се издигнеш повторно против мене
и страотна сила покажеш,
17ако нови сведоштва изнесеш против мене
и гневот Твој го зголемиш,
силите Твои ако дојдат против мене како бранови,
18тогаш зошто од утробата си ме извадил?
Требало да умрам, требало око човечко да не ме види!
19Камо никогаш да не се создадов,
од утробата в гроб да легнев.
20Не завршија ли веќе моите малку денови?
Сврти се сега од мене, за да имам еден миг задоволство,
21пред да заминам, и оттаму да не се вратам,
во земјата на темнината и смртната сенка,
22земјата на мракот, сенка длабока како ноќ,
безредие, онаму каде што и светлината е како темнина.’“

Глава 11

[уреди]

Софар.

[уреди]

1Тогаш одговори Нааматиецот Зофар и рече:

2„Зарем сите овие зборови да бидат оставени без одговор?
Зарем човекот што вака зборуваше да биде оправдан?
3Молчи човеку, празни се твоите зборови!
Кога се потсмеваш, нема ли никој да те прекори?
4Велиш:,Погрешна е мојата вера,
јас сум чист во Твоите очи!’
5Камо да можеше некој да Го натера Бог да проговори,
да отвори уста против тебе,
6да ти ги открие тајните на мудроста,
оти вистинската мудрост има две страни.
Знај, Бог веќе заборавил некои од твоите гревови!
7Можеш ли да ги сфатиш Божјите тајни?
Можеш ли да ги дознаеш границите на Семоќниот?
8Повисоки се од небесата - што ти можеш тука да сториш?
Подлабоки се од пеколот[42] - што ти за тоа можеш да знаеш?
9Подолги се од земјата,
пошироки од морето.
10Ако Тој помине и те стави в затвор,
ако свика суд, кој може да Му се спротивстави?
11Ги препознава Тој измамниците!
Кога ќе види зло, зарем тоа не го забележува?
12Колку[43] што од дивото магаре може човек се роди,
толку глуп човек може мудар да стане.
13Ако Му го посветиш срцето,
ако испружиш рака кон Него,
14ако гревот од раката своја го отстраниш,
и не дозволиш зло да има во шаторите твои,
15тогаш сигурно ќе подигнеш глава без срам,
ќе стоиш цврсто и нема да се плашиш.
16Ќе ја заборавиш маката своја.
Нема да се сеќаваш на неа,
ќе биде за тебе како води што се веќе истечени.
17Животот ќе ти стане посветол од пладне,
темнината ќе ти стане како утро.
18Ќе бидеш безбеден, зашто постои надеж.
Ќе гледаш наоколу и ќе одмараш во сигурност.
19Ќе легнуваш, без никој да те заплашува.
Многумина ќе се борат за твојата наклоност.
20А очите на злите - ќе ги измамат.
За нив излез ќе нема, ќе угасне нивната надеж.“

Глава 12

[уреди]

Јов.

[уреди]

1Тогаш Јов одговори и рече:

2„Да, да, само вие сте луѓе
и со вас мудроста ќе умре!
3Па и јас разум имам како и вие,
не сум подолен од вас.
Кој не ги знае овие работи?
4Ругло станав за моите пријатели,
иако кон Бог повикав и Тој ми одговори!
Обично ругло, иако сум праведен и непорочен!
5Човек, кога добро му оди, ја презира несреќата.
Тоа е судбината на оној чија нога се подлизнува.
6Мирни се шаторите на разбојниците,
спокојни се оние што Го предизвикуваат Бог, [44]кои својот бог в рака го носат.
7Но прашајте ги сега животните и тие ќе ве научат,
прашајте ги птиците небесни и тие ќе ви кажат!
8Проговорете ѝ на земјата и таа ќе ве поучи,
нека ви објаснат рибите морски!
9Кој не ги знае сите овие работи?
Кој не знае дека раката ГОСПОДОВА сето тоа го создаде,
10дека во раката Негова е животот
на секое живо суштество
и здивот на секое човечко тело?
11Зарем увото не ги распознава зборовите,
како што јазикот ги разликува вкусовите на храната?
12Кај старците е мудроста,
многуте денови носат разум.
13Негова е мудроста и силата,
Негови се советот и разумот.
14Ете, што Тој ќе разурне - не може да биде обновено,
кого Тој ќе стави в затвор - не може да биде ослободен.
15Ќе ги запре водите и ете ти суша.
Ќе ги отпушти и ќе ја опустошат земјата.
16Негова е силата и победата,
Негови се и лажгото и излажаниот.
17Советници голи одведува,
од судии прави глупаци.
18Царски пранги симнува
и им ги препашува половините со платно.[45]
19Свештеници голи одведува,
првенци соборува.
20Ги замолчува устите на луѓе во кои се имало доверба,
остроумноста од старците ја одзема.
21Излева презир врз благородници и [46]
распашува појас од силните.
22Ги открива длабоките нешта од темнината,
длабоката сенка на светло ја изнесува.
23Воздигнува народи и ги уништува.
Намножува народи и ги распрснува.
24Ги лишува од разум водачите земни
и ги праќа низ пусто беспаќе.
25Пипаат во темнина без зрак светло,
ги прави да се тетерават како пијани.

Глава 13

[уреди]
1Сето ова окото мое го видело,
увото мое го чуло и разбрало.
2Тоа што вие го знаете,
го знам и јас и не сум подолен од вас.
3Но јас кон Семоќниот ќе проговорам,
мојот случај со Бог сакам да го расправам.
4А вие со лаги го валкате мојот образ.
Безвредни лекари сте, сите до еден.
5Кој да ве натера да замолчите!?
Ако замолчите, тоа за мудрост ќе ви се припише.
6Слушнете сега што јас имам да кажам,
чујте ја молбата од моите усни!
7Заради Бог ли зборувате злобно,
заради Него ли лажете?
8Кон Него ли ќе бидете пристрасни,
наместо Бог ли вие ќе се расправате?
9А што ако Тој добро ве испраша?
Можете ли и Него да го излажете,
како што можете да излажете човек?
10Ќе ве прекори, сигурно ќе ве прекори,
ако тајно бидете пристрасни.
11Неговата величественост нема ли да ве заплаши,
ужасите Негови нема ли да паднат на вас?
12Вашите поговорки се изреки од пепел!
Вашите одбрани се одбрани од кал!
13Молчете и оставете ме јас да зборувам,
па што ќе биде - нека биде.
14Зошто самиот се изложувам на опасност?
Зошто го земам својот живот во свои раце?[47]
15Иако ме дотолчи, јас во Него ќе се надевам,
моите постапки непоколебливо пред Него ќе ги бранам.[48]
16Ете ова може да ме спаси -
ниту еден безбожен не би се осмелил пред Него да дојде.
17Слушнете, слушнете го мојот збор!
Она што го велам нека ви влезе в уши!
18Ете, јас го приготвив мојот случај
и знам дека ќе бидам оправдан.
19Кој може против мене да изнесе обвинение?
Ако има таков, јас ќе замолчам и ќе умрам!
20Само од две нешта поштеди ме
и ќе престанам да се кријам од Тебе:
21Раката Твоја од мене отстрани ја,
со Својот ужас не заплашувај ме!
22Тогаш повикај ме и јас ќе одговорам,
или пак дозволи ми да зборувам и одговори ми!
23Колку се моите престапи и гревови?
Моите навреди и гревови покажи ми ги!
24Зошто се криеш од мене
и ме сметаш за непријател?
25Лист од ветрот оддуван ли ќе мачиш
или сува плева ќе прогонуваш?
26Горки нешта против мене напиша.
Направи јас да ги наследам гревовите на моите деца.
27Нозете мои во пранги ги окова
и ги следиш сите мои патишта,
ги бележиш сите траги на моите стапала.
28Така човек како гнилеж исчезнува,
како наметка - молци го јадат.

Глава 14

[уреди]
1Човек од жена роден -
малку се деновите негови и полни со мака.
2Како цвет - расцветува и овенува.
Одлетува како сенка и го снемува.
3Ете на што Ти си ги вперил очите, [49]
мене си ме извел пред Себе на суд.
4Кој може да извади чисто од нечисто?
Никој!
5Човековите денови се изброени,
Ти го знаеш бројот на неговите месеци.
Границата си му ја поставил и тој не може да ја премине.
6Тргни го погледот од него,
остави го сам со себе
додека како аргат го минува своето време.
7За дрвото има надеж!
Ако биде пресечено, пак ќе развие,
фиданките негови нема да исчезнат.
8Ако остари коренот негов в земја,
ако се распадне пенушката негова во почвата,
9од водата ќе напупи,
ќе пушти фиданки и ќе бидат како нови растенија.
10Но човек умира, паѓа,
без здив останува и го нема веќе.
11Исчезнуваат водите од морето,
речните корите се празнат и пресушуваат.
12Така човекот паѓа и не станува.
Сѐ додека постојат небесата нема да се разбуди,
нема да стане од својот сон.
13Камо да се смилуваше и во [50]гробот да ме сокриеше,
да ме тргнеше настрана сѐ додека не помине Твојот гнев,
да определеше време кога пак за мене ќе си спомнеш.
14Ако човек умре, ќе живее ли пак?
Во сите денови на мојата тешка служба ќе чекам
сѐ додека не дојде моето [51]обновување.
15Ти ќе викнеш и јас ќе Ти одговорам,
ќе се зажелиш за делото на Твоите раце.
16Тогаш ќе ги броиш моите стапки
и нема да ги следиш моите гревови.
17Моите престапи ќе бидат запечатени во вреќа,
Ти ќе ставиш покривка врз мојот грев.
18Но, како што планината се рони и се урива,
карпата се поместува од своето место,
19како што водите камењата ги нагризуваат,
потоците ја измиваат почвата од земјата,
така Ти ја уништуваш надежта што ја има човек.
20Ти го надвиваш и тој исчезнува засекогаш,
го менуваш изразот на неговото лице и го отфрлаш.
21Се здобиваат со почит неговите синови,
а тој не знае,
ги соборуваат,
а тој тоа не го гледа.
22Не чувствува ништо друго освен болката на сопственото тело.
Не жали за никој друг освен за себе.“

Глава 15

[уреди]

Елифаз.

[уреди]

1Тогаш одговори Теманецот Елифаз и рече:

2„Мудар човек со празни зборови ли ќе одговара,
со топол источен ветер ли ќе го наполни својот стомах?
3Со бескорисни зборови ли ќе се препира,
со говори што немаат никаква вредност?
4Но ти ја подриваш побожноста
и ја намалуваш посветеноста кон Бог.
5Гревот устата твоја ја води
и си го прифатил јазикот на подмолните.
6Твојата уста те осудува, а не јас,
твоите усни сведочат против тебе!
7Ти ли си првиот човек што се родил,
пред ридовите ли си се појавил?
8Го слушаш ли советот Божји,
или си се ограничил само на сопствената мудрост?
9Што е тоа што ти го знаеш, а ние не го знаеме!?
Имаш ли остроумност што ние ја немаме?
10Има меѓу нас белокоси, старци,
луѓе чии денови се повеќе и од деновите на твојот татко.
11Не ли се доволни за тебе утехите од Бог,
Неговите нежни зборови кон тебе?
12Зошто срцето те понесе,
зошто молскаат очите твои,
13па си го отпуштил твојот гнев против Бог
и истураш од устата зборови?
14Што е човекот, па да биде чист?
Родениот од жена може ли да биде праведен?
15Ако Бог ни во своите свети не верува,
ако небесата не се чисти во очите негови,
16што останало за оној што е лош и расипан,
за човекот кој пие зло како да е вода?
17Слушај ме сега, јас ќе ти објаснам,
она што сум го видел дозволи ми да ти го кажам!
18Ова мудрите го објавиле, ништо не сокриле
од она што го добиле од своите татковци.
19Нив им беше дадена земјата,
кога сѐ уште туѓинец не минуваше меѓу нив.
20Сите денови на злиот човек се мачно страдање,
неговите изброени години се собрани за безмилосниот.
21Звукот на стравотиите е во неговите уши,
во мир разбојникот го напаѓа.
22Нема надеж да се извлече од темнината,
тој е обележан за мечот.
23Талка бесцелно, храна е за мрашојадецот[52].
Знае дека денот мрачен му е на дофат.
24Бол и мака го преплашуваат,
го надвиваат како цар подготвен за напад,
25затоа што тој кон Бог тупаница
крева и против Семоќниот се фали.
26Безобразно напаѓа против Него со своите дебели штитови,
27иако лицето со сало му е покриено,
и дебел е во половините.
28Ќе живее во разурнати градови,
во опустени куќи што се уриваат и се претвораат во шут.
29Богат нема да биде и имот нема да му остане.
Стоката негова нема да се шири по земјата.
30Нема да побегне од темнината,
пламен ќе ја спржи фиданката негова,
здивот од устата Божја ќе го одвее.
31Нека не верува во празни нешта, измамувајќи се,
оти за возврат ништо нема да добие.
32Пред време ќе му биде платено,
а гранката негова нема да раззеленее.
33Ќе биде соголен како лоза уште додека е зелено грозјето,
ќе му окапе цветот како на маслина,
34зашто пуста е дружината на безбожните,
оган ќе ги проголта шаторите на поткупливите!
35Зачнуваат мака, раѓаат зло,
утробата нивна изродува измама.“

Глава 16

[уреди]

Јов.

[уреди]

1Тогаш Јов одговори и рече:

2„Многу вакви работи слушнав -
бедни утешители сте сите вие.
3Им дојде ли крај на вашите зборови во ветер?
Што ве тишти, та се препирате?
4И јас сум како вас.
Да бевте вие на мое место и јас можев да кажувам против вас дотерани говори,
да вртам со глава.
5Но јас би ве охрабрил со својата уста,
усните мои би ве утешиле и би ви донеле олеснување.
6Ако зборам, маката не ми олеснува!
Ако молчам, ќе ми помине ли?
7Ме сотре!
Целото домаќинство ми го запусте!
8Ме огради и ми стана сведок!
Се дигна против мене слабоста на моето тело и против мене сведочи.
9Ме кине и напаѓа во гнев.
Крцка со забите против мене.
Противникот мој со очи ме боде.
10Уста отвараат против мене за да се подбиваат,
по образите ме удараат, против мене се здружуваат.
11Бог на лоши луѓе ме препушти,
во канџите на злите ме фрли.
12Добро ми беше, но Тој ме растргна,
за вратот ме фати и ме скрши, ме [53]зеде на заб.
13Стрелците Негови ме опколија.
Ги пронижуваат бубрезите мои,
прска жолчката моја по земјата,
а Нему жал не Му паѓа.
14Сосипа по мене удар врз удар,
ме нападна како војник.
15Вреќиште сошив врз кожата
и челото во прав го закопав.
16Лицето ми е црвено од липање,
околу очите длабока сенка,
17а сепак нема насилство во рацете мои,
молитвата моја е чиста.
18Земјо, не покривај ја крвта моја,
за мојот вик место за почин да нема!
19Ете и сега Сведокот мој е во небесата,
Бранителот мој е во височините.
20Застапникот мој ми е пријател.[54]
Кон Бог лее солзи окото мое.
21Се застапува Тој за мене пред Бог,
Синот човечки за својот пријател.
22Малку години ќе поминат,
а јас ќе тргнам на пат без враќање.

Глава 17

[уреди]
1Скршен е духот мој.
Ми се скратија деновите.
Гробот ме чека.
2Околу мене само луѓе што ме иссмеваат.
Окото мое мора да го гледа нивното непријателство.
3Заложи се Боже за мене!
Кој друг ќе ми даде сигурност?
4Нивните умови си ги затворил и не разбираат,
затоа и нема да дозволиш тие да ликуваат.
5Ќе згаснат очите на децата на оној,
кој заради своја лична корист пријателите ги обвинува.
6Бог направи луѓето во поговорки да ме кажуваат,
в лице да ме плукаат.
7Од жал се помрачи окото мое,
ставата моја стана како сенка.
8Престрашени се праведните од ова
и невин против безбожен станува.
9Сепак праведниот ќе се држи до својот пат
и оној со чисти раце ќе јакне.
10Но сега сите вие повторно дојдете,
а јас меѓу вас мудар нема да најдам.
11Деновите мои одминаа.
Моите намери, она што моето срце го сакаше - се распрсна.
12Овие луѓе за ноќта велат дека е ден,
пред самата темнина велат:,Близу е светлината!’.
13Ако се надевам гробот[55] дом да ми биде,
во темнината ако сум си послал легло,
14на распаѓањето ако сум му рекол:,Татко мој!’,
на црвите:,Мајко и сестро!’,
15каде тогаш надеж јас да најдам?!
Надеж за мене кој може да види?!
16Ќе дојде ли со мене до вратите на пеколот[56]
или заедно во прав ќе се претвориме?“

Глава 18

[уреди]

Билдад.

[уреди]

1Тогаш одговори Шухиецот Вилдад и рече:

2„До кога ќе ги прекинуваш нашите говори.
Вразуми се, па тогаш ќе можеме да разговараме!
3Зошто се однесуваш со нас како да сме стока,
не сметаш за глупави?!
4Ти се раскинуваш во гнев!
Треба ли заради тебе земјата да се опустоши!?
Треба ли заради тебе карпа од место да се помести!?
5Ете, ламбата на злиот догоре.
Не гори пламенот во неговото огниште.
6Светлината стана темнина во неговиот шатор.
Ламбата што е до него - гасне.
7Ослабнува крепкоста на неговите чекори,
ќе падне од сопствените сплетки.
8Неговите стапала во мрежа го водат,
низ јамките нејзини се плетка.
9Стапица за петата го фаќа,
примка ненадејно го лови.
10Јажето на примката го чека скриено на земја,
стапица има на неговиот пат.
11Ужаси го заплашуваат на сите страни
и постојано му се зад петите.
12Гладна е пропаста за него.
Подготвена е несреќата да падне врз него.
13Јаде делови од неговата кожа,
ги голта краците негови првородениот на смртта.
14Извлечен е од безбедноста на неговиот шатор,
и чекори кон царот на ужасите.
15Во неговиот шатор ништо не останува.
Врз неговото живеалиште - запален сулфур.
16Долу коренот му се суши,
горе гранките му венеат.
17Споменот за него се губи од овој свет
и нема име за него по лицето на земјата.
18Го носат од светло во темнина,
од овој свет го прогонуваат.
19Нема потомок, нема наследник меѓу луѓето.
Нема преживеан во неговите живеалишта.
20Ќе се преплашат од судбината негова луѓето од запад,
луѓето од исток ужас ќе ги фати.
21Ете такви се живеалиштата на секој зол човек,
такво е местото на оној кој не Го познава Бог.“

Глава 19

[уреди]

Јов.

[уреди]

1Тогаш Јов одговори и рече:

2„До кога ќе ме мачите?
До кога ќе ме кршите со зборови?
3Еве веќе десетпати ме прекоривте,
бессрамно напаѓате против мене.
4Ако навистина сум застранил,
мојата грешка останува со мене.
5Ако баш сакате над мене да ликувате
и понижувачки зборови да употребувате против мене,
6знајте дека Бог неправедно постапи кон мене,
мрежата своја околу мене ја постави.
7Иако викам:,Неправда!’, нема одговор.
Викам за помош, но правда нема.
8Патот мој е препречен и не можам да поминам.
Патеките мои црна темнина ги покри.
9Славата моја соблечена е од мене,
симната е круната од мојата глава.
10Ме кине Тој на секоја страна дури не ме доврши,
ја корне надежта моја како да е дрво.
11Гори против мене гневот Негов,
ме вброи меѓу непријателите Негови.
12Напредуваат силно војските Негови,
градат насип против мене,
логор подигаат околу мојот шатор.
13Браќата мои се оддалечија од мене,
оние што ме познаваат се тргнаа настрана.
14Роднините побегнаа,
а пријателите ме заборавија.
15Оние што беа гости во мојот дом и слугинките мои, ме сметаат за туѓ.
Туѓинец сум во нивните очи.
16Слугите мои ги викам, со своја уста ги молам,
и не одговараат.
17Мојот здив е одбоен за жена ми,
гаден сум им на сопствените браќа.[57]
18Дури и малите деца се подбиваат со мене.
Ќе се појавам и ќе почнат да ми се потсмеваат.
19Се гадат од мене моите блиски пријатели,
оние што ги сакав - се свртеа против мене.
20Останав само коска и кожа,[58]
се извлеков само со кожата врз забите.


21Сожалете ме, сожалете ме пријатели мои,
оти раката Божја удри против мене!
22Зошто и вие ме прогонувата како и Бог?
Од месото мое уште ли не се наситивте?[59]
23Камо некој да ги запише моите зборови?!
Камо некој да ги забележи на свиток,
24со алатка железна и оловна
засекогаш во карпа да ги вреже?!
25А јас знам, жив е Избавителот мој,
и на крајот на земјата[60] ќе застане.
26И кога ќе се разбудам, иако ова мое тело е уништено,[61]
одвоен од моето тело, ќе Го гледам Бог.
27Тоа јас ќе го видам, јас, моите очи, а не други,
срцето ми в гради чезнее за тоа.
28Ако си кажете: ,Како да го бркаме,
оти коренот на несреќата лежи во него?’,
29вие плашете се од мечот, зашто гневот носи казна од мечот!
Така ќе знаете дека има суд.[62]

Глава 20

[уреди]

Софар.

[уреди]

1Тогаш одговори Нааматиецот Зофар и рече:

2„Тешки мисли не ме оставаат,
немирот што се всели во мене,
3навредливиот прекор што го слушам и она што го разбирам
ме тераат да одговорам.
4Го знаеш ова што е уште од старо време,
уште откога човекот е поставен на земјата.
5Радоста на злите е краткотрајна,
задоволството на безбожните трае само еден миг.
6Иако гордоста негова достига до небесата
и главата до облаците му допира,
7ќе го снема засекогаш, како и неговиот измет.
Оние што го познаваат ќе речат:,Каде е?’
8Како сон, одлетува и никој веќе не може да го најде,
избркан како ноќно видение.
9Окото што го гледа - нема веќе да го гледа,
местото негово нема повторно да го види.
10Децата негови ќе мораат да им ја надоместат штетата на сиромасите,
со свои раце ќе мораат назад да го вратат неговото богатство.
11Коските негови полни со младешка бујност
со него в прав ќе лежат.
12Иако злото е слатко во неговата уста,
и под јазик го крие,
13жал му е да се одвои од него
и в уста го држи,
14ќе скисне храната во неговата утроба,
во отров змијски ќе се претвори.
15Проголта богатство, но ќе го исплука.
Бог ќе го натера да го поврати од својата утроба.
16Отров змијски ќе цица,
заб од отровница ќе го убие.
17Нема да ужива во потоците,
во реките од мед и кајмак.
18Она со труд што ќе го заработи,
ќе мора да го врати без и да го проба.
Во добивката од неговата трговија нема да ужива.
19Газеше, ги осиромашуваше бедните,
куќа грабна која тој не ја ѕидал.
20Иако лакомоста негова за насит не знае,
со она што го натрупал не може да се спаси.
21Ништо не остана тој да не го приграби,
затоа нема да опстане неговото богатство.
22Среде полно изобилие на мака ќе се најде,
во полна сила несреќа ќе падне врз него.
23Мевот кога ќе го наполни, ќе го отпушти против него Бог Својот огнен гнев,
ќе падне врз него со силен лом.
24Бега од железно оружје,
стрела бронзена го погодува.
25Ја извлекува, ја истргнува од својот грб,
го вади нејзиниот блескав врв од својот џигер.
Ужас ќе го обземе.
26Црна темнина ги демне неговите богатства.
Оган неразгорен ќе ги проголта,
ќе изеде сѐ што останало во неговиот шатор.
27Небесата ќе ја откријат неговата вина
и земјата ќе се крене против него.
28Сѐ што има во неговиот дом ќе биде збришано,
одвлечено на денот на Божјиот гнев.[63]
29Таква судбина има зол човек од Бог,
такво наследство му е определено од Бог.“

Глава 21

[уреди]

Јов.

[уреди]

1Тогаш Јов одговори и рече:


2„Слушнете го, слушнете го мојот збор
и вака утешете ме!
3Издржете додека јас зборувам,
а потоа иссмевајте ме.
4Кон човек ли е упатена мојата поплака?
Зошто да не бидам нестрплив?
5Погледнете ме и стаписајте се!
Рака ставете на уста!
6Кога само ќе помислам ужас ме фаќа,
трепет телото ми го обзима.
7Зошто злите живеат,
остаруваат и си ја зголемуваат силата?
8Гледаат како нивните деца зацврснуваат околу нив,
како јакне нивното потомство.
9Домовите им се безбедни,
стапот Божји не е врз нив.
10Биковите нивни оплодуваат и нема промашување.
Се телат кравите нивни и не пометнуваат.
11Ги пуштаат децата како добиток
и нивните чеда играат наоколу.
12Пеат со тамбура и харфа,
се женат со звукот на сворчето.
13Во напредок им минуваат деновите
и наеднаш в гроб се симнуваат.
14А сепак на Бог Му велат:,Тргни се од нас!
Не сакаме да ги познаваме Твоите патишта!.
15Кој е Тој Семоќен, та ние да Му служиме?!
Што полза имаме, та да Му се молиме?’
16Но тие не се заслужни за својот напредок
и јас не ги слушам советите на злите.[64]
17Колку често ламбата на злите гасне и на нив доаѓа тешка несреќа,
судбина која Бог во Својата лутина им ја определува.
18Тие се како слама пред ветер,
како плева која виорот ја одвејува.
19Велат:,Бог за неговиот син собира казна.
Нему лично нека му плати па да знае.
20Со свои очи да си го види уништувањето,
од гневот на Семоќниот нека пие.
21Оти нему - многу му е гајле за семејството што останува зад него,
кога месеците што му се определени ќе завршат?’
22Можат ли Бог да го учат,
кога Тој и најголемите ги суди?
23Еден човек умира во полна сила,
лесно и спокојно.
24Телото му добро нахрането,
сржта на коските негови - полна.
25Друг пак умира огорчен в душа,
немајќи можност да ужива во нешто добро.
26Заедно во прав лежат
и црви ги покриваат.
27Гледате, ги знам јас вашите мисли
и итрините со кои сакате да ме обвините.
28Велите, каде е домот на големецот?
Каде е шаторот на злиот човек?
29Зарем не сте се распрашале меѓу патниците,
зарем не сте чуле што тие велат?
30Лошиот човек е поштеден од денот на тешката несреќа,
од денот на гневот тие се спасени![65]
31Кој може да го обвини в лице за неговото поведение?
За она што го сторил кој ќе му отплати?
32И тој в гроб ќе биде однесен,
и неговиот гроб ќе биде чуван.
33Слатка му е земјата во долината.
По него луѓето го следат,
пред него такви како него без број.
34Како можете да ме утешите со бесмислици?
Вашите одговори не се ништо друго туку лаги!“

Глава 22

[уреди]

Елифаз.

[уреди]

1Тогаш одговори Теманецот Елифаз и рече:


2„Може ли човек да му биде од полза на Бог?
Дури и мудриот може ли Нему да му користи?
3Какво задоволство има Семоќниот ако ти си бил праведен,
што добива Тој ако биле непорочни патиштата твои?
4Заради твојата побожност ли те прекорува
и изнесува против тебе обвиненија?
5Лошотијата твоја не е ли голема
и гревовите твои зарем не се бескрајни?
6Без причина си барал залог од твоите браќа
и облека си соблекувал од голите.
7Не си му дал вода да се напие на уморниот,
си ја сокрил храната од гладниот,
8иако беше моќен човек, почитуван,
иако земја поседуваше и живееше на неа.
9Вдовици си испраќал со празни раце,
силата на сираци си им ја кршел.
10Затоа змии има околу тебе,
затоа неочекувана опасност те заплашува,
11затоа е темница и ништо не гледаш,
затоа потоп од води те преплави.
12Не е ли Бог во висините на небесата?
Види колку величествени се највисоките ѕвезди?
13А сепак велиш:,Што знае Бог?
Низ темница суди,
14обвивка од темни облаци е околу Него,
па не нѐ гледа додека оди по сводот небесен.’
15Ќе се држиш ли до стариот пат,
по кој одеа престапниците,
16оние што беа однесени пред време
и поплава ги збриша нивните темели?
17Оние кои Му велеа на Бог:,Тргни се од нас!’,
и:,Што може Семоќниот да ни стори?!’
18А сепак ги наполнија куќите нивни со богатства.
Далеку да биде советот на злите од мене!
19Гледаат праведните и се радуваат,
невините им се потсмеваат:
20,Уништени се непријателите наши!
Богатството нивно оган го проголта!’
21Покори се сега и смири се со Него!
Така ќе дојде за тебе напредок.
22Прифати ги сега упатствата од Негова уста,
стави ги Неговите зборови во срцето свое!
23Ако се вратиш кај Семоќниот, ќе бидеш обновен.
Отстрани го злото од твојот шатор!
24Фрли ги сега грутките[66] на буниште,
твоето Офирско злато меѓу камењата во клисурите!
25Тогаш Семоќниот ќе биде твое злато
и твое одбрано сребро.
26Тогаш во Семоќниот ќе се зарадуваш,
кон Бог ќе го кренеш лицето свое.
27Ќе му се молиш и Тој ќе те слушне.
Ќе го исполниш она за што си дал завет.
28Штом нешто ќе решиш, тоа и ќе ти се оствари,
а на твоите патишта ќе блеска светлина.
29Кога некого ќе унижат, ќе речеш:,Воздигни го!’.
Луѓето со смирен поглед Тој ќе ги спаси.
30Дури и оние кои не се невини Тој ќе ги избави.
Ќе бидат избавени преку чистотата на твоите раце.“

Глава 23

[уреди]

Јов.

[уреди]

1Тогаш Јов одговори и рече:


2„Дури и денот горчлив ми стана од мојата поплака.
Тешка е раката Негова врз мене и покрај моето стенкање.
3Кога би можел да знам каде е,
каде можам да Го најдам,
кога би можел во Неговото пребивалиште да отидам,
4би го изложил пред Него мојот случај,
устата моја би се исполнила со докази.
5Би дознал што Тој има да ми одговори
и би слушнал што Тој има да ми каже.
6Ќе ми се спротивстави ли Тој со Својата голема сила?
Не, нема да ме притера в ќош со обвиненија.[67]
7Таму праведен човек може да го изложи својот случај
пред Него и јас засекогаш ќе бидам избавен од мојот Судија.
8Ако кон исток тргнам, таму Тој не е,
кон запад, пак не можам да Го најдам.
9На север, каде што Тој работи - не можам да го видам,
ќе се сврти кон југ и од Него ниту зрак не допира до мене.
10Но Тој го знае мојот пат.
Ме проверува како што се проверува златото,
и јас ќе испаднам прав.
11Стапалата мои трагите Негови ги следат,
до патот Негов се држам и не се свртувам на страна.
12Не сум ги напуштил заповедите кажани од усните Негови.
Повеќе од лебот насушен ги пазам зборовите од устата Негова.
13Но тој е единствен и кој може да Му се спротивстави?
Што сака тоа прави.
14Ете, Тој го спроведува она што го решил за мене
и многу такви нешта има кај Него.
15Затоа пред Него сум преплашен.
Кога само ќе помислам, страв ме фаќа од Него.
16Бог направи да ми малакса срцето,
ме преплаши Семоќниот.
17Сепак овој мрак, оваа црна темнина што се обвива околу мене
не ме натера да молчам.

Глава 24

[уреди]
1Зошто Семоќниот време не одредил за суд?
Зошто оние кои Го познаваат попусто ги чекаат тие денови?
2Меѓници поместуваат,
стока крадат и потоа ја пасат,
3магариња од сираци одземаат,
вол од вдовица во залог земаат.
4Ги туркаат бедните од патот,
ги тераат сиромашните во земјата да се кријат од нив.
5Како диви магариња во пустина - одат наоколу,
работат, храна бараат, пустата земја храна обезбедува за нивните деца.
6Како стока храна по полињата собираат,
лозјата на злите ги доберуваат.
7Голи ноќеваат зашто немаат облека,
ништо со што да се покријат пред студот.
8Дождот од планините ги врне,
и тие, немајќи засолниште - карпите ги гушкаат.
9Сираче од гради грабаат,
дете од сиромав како плата за долг земаат.
10Голи талкаат немајќи облека.
Гладни носат снопови.
11Маслини гмечат во нивните градини[68],
газат во гмечалките и пак страдаат од жед.
12Луѓето од градовите стенкаат,[69]
душите на ранетите викаат за помош,
но Бог не го казнува злото.
13Тие се меѓу бунтовниците против светлината
и не ги знаат патиштата нејзини,
на патеките нејзини не стојат.
14Штом дневното светло исчезне,
станува убиецот и убива сиромашен и беден.
Ноќе тој е како крадец.
15Окото на прељубникот приквечерина чека,
си мисли:,Око човечко нема да ме види.’
и си го прикрива лицето.
16Ноќе во куќи упаѓаат, а дење се кријат,
светлината за нив не знае.
17Дури и утрото е за нив длабока сенка,
со ужасите на темнината пријателство склопуваат.
18Пена се тие по површината на водата,
проколнат е делот нивни во земјата,
никој не оди по патот кон лозјата.
19Како што сушата и топлината ја пијат водата од снегот,
така пеколот[70] ги граба грешните.
20Утробата ги заборава, црвот врз нив се гости,
за нив спомен не останува.
Злото се крши како дрво.
21Ограбуваат неплодна и бездетна жена,
кон вдовица милост немаат.
22Но Бог ги одвлекува моќните со Својата сила.
Тие се подигаат, но не се сигурни за своите животи.
23Тој може да ги остави да одморат, чувствувајќи се безбедно,
но очите Негови будно ги следат нивните патишта.
24Малку ќе се порадуваат и ќе ги снема.
Ќе бидат соборени, прибрани како и сите други.
Ќе бидат ожнеани како класје.
25Ако не е така, кој ќе докаже дека лажам,
кој ќе ги порекне моите зборови?“

Глава 25

[уреди]

Билдад.

[уреди]

1Тогаш Шухиецот Вилдад одговори и рече:


2„Власта и страхопочитта Нему му припаѓаат,
Тој воведува ред во висините.
3Им има ли број на силите Негови?
Врз кого сѐ не изгрева светлината Негова?
4Како тогаш може човек да биде праведен пред Бог?
Како може да биде чист оној што од жена е роден?
5Ако дури и месечината не е светла,
дури и ѕвездите не се чисти во очите Негови,
6што останало тогаш за човекот кој е ларва,
за синот човечки кој е само еден црв.“

Глава 26

[уреди]

Јов.

[уреди]

1Тогаш Јов одговори и рече:


2„Како си му помогнал ти на немоќен,
како си спасил рака ослабена?
3Како си го советувал оној кој нема мудрост,
каква голема остроумност си покажал?
4Со кого си ги споделил овие зборови,
чиј дух зборува од тебе?
5На мака се мртвите, оние под водите
и оние што живеат во нив.
6Гола е смртта пред Него,
уништувањето[71] поклопец нема.
7Го распнува северното небо над празниот простор,
ја држи земјата над празнината.
8Ги замотува водите во облаци
и облаците не се кинат под нив.
9Го покрива лицето на полната месечина[72],
распостилајќи пред неа облаци.
10Го одбележал хоризонтот над водите,
како граница меѓу светлината и темнината.
11Столбовите на небесата треперат
преплашени пред Неговиот прекор.
12Со Неговата сила го размати морето,
со Својата мудрост на парчиња ја раскина Рахав.[73]
13Од Неговиот здив небесата се разведруваат,
Неговата рака ја прободе змијата што демне.
14Ете ова се само краиштата на Неговите патишта,
само тивок шепот слушаме од Него!
А грмотевиците на Неговата сила, кој може да ги разбере?“

Глава 27

[уреди]

1Потоа Јов ја продолжи својата беседа и рече:


2„Жив е Бог, Оној Кој ми ја одрече правдата,
Семоќниот, Кој ја огорчи душата моја,
3се колнам дека сѐ дури живот има во мене
и здивот Божји е во ноздрите мои,
4нема да проговорат усните мои зло,
мојот јазик измама нема да изрече!
5Ни на крај памет не ми паѓа
и додека да умрам нема да признаам дека вие сте во право!
Јас нема да се одречам од својата непорочност.
6Ќе се држам до мојата праведност
и никогаш нема да се одвојам од неа.
Додека сум жив мојата совест нема да ме прекори.
7Нека бидат моите противници како злите,
нека бидат моите непријатели како неправедните,
8но каква е надежта на безбожниот кога тој ќе биде уништен,
кога Бог ќе му го земе животот?!
9Повикот негов ќе го слушне ли Бог
кога ќе го сполета несреќа?
10Во Семоќниот ќе се зарадува ли,
ќе Го призива ли Бог во секое време?
11Јас ќе ве научам за силата на Бог,
патиштата на Семоќниот нема да ги кријам.
12Ете, сето ова вие сте го виделе.
Зошто се тогаш овие бессмислени разговори?
13Еве што Бог определил за злите
и какво наследство безмилосните добиваат од Семоќниот:
14>Колку и да се бројни децата негови,
нивната судбина е меч.
Наследниците негови храна никогаш нема да имаат доволно.
15Оние што ќе преживеат - чума ќе ги погреба
и нивните вдовици нема да плачат по нив.
16Иако собира сребро како прав
и трупа облеки како кал,
17става на страна, ама праведниот ќе се облекува,
среброто негово невините ќе го поделат.
18Гради куќа како молец,
како полјакот - колиба прави,
19легнува да одмара богатиот, но за последен пат.
Ќе отвори очи и сѐ е веќе готово.
20Ужас ќе го обземе како потоп,
ноќе бура ќе го грабне.
21Источниот ветер го крева и го нема веќе,
го одвејува од неговото место.
22Беснее против него безмилосно.
Од силината Негова тој главечки ќе одлета.
23Плескаат со раце по него,
го иссвиркуваат од местото негово.’

Глава 28

[уреди]
1Ете, за среброто рудник постои
и место каде што златото се прочистува.
2Железото од земја се вади,
бакар од руда се топи.
3Човек мракот го победува, во секое окно пребарува,
трага по руда во црната темнина.
4Длаби рударски окна далеку од населените места,
каде што човечка нога не стапнува.
Се јази и ниша далеку од луѓето.
5Од земјата лебот си го вади,
под неа се преобразува како низ оган.
6Местото на сафирите им е во карпи на земјата,
меѓу нејзиниот прав злато има.
7Сокриен е тој пат, не го знае птица граблива,
не го гледа око соколово.
8Не стапнуваат на него горделивите синови,
не демне по него лавот.
9Против кремен камен напаѓа раката негова,
ги соголува корењата на планините.
10Меѓу карпите окна ископува
и окото негово секое богатство го гледа.
11Речните извори ги пребарува
и скриените нешта на виделина ги вади.
12Но мудроста, каде може да се најде?
Каде е пребивалиштето на разумот?
13Човек вредноста нејзина не може да ја сфати
и таа во земјата на живите не може да се најде.
14Бездната вели:,Не е во мене.’,
морето вели:,Не е со мене.’
15Не може да се купи со најчисто злато,
со сребро не може да се одмери цената нејзина.
16Не може да се купи ни со офирско злато,
со оникс скапоцен ниту со сафир.
17Не се споредува со злато или кристал,
не може да се има ни за златен накит.
18Коралите и јасперот да не ги ни спомнуваме,
цената на мудроста ја надминува цената на рубините.
19Не се споредуваат со неа топазите од Куш,
со чисто злато не може да се купи.
20А мудроста од каде доаѓа?
Каде е пребивалиштето на разумот?
21Сокриена е од очите на секое живо суштество,
тајна е за птиците небесни.
22Уништувањето[74] и Смртта велат:
,Со ушите наши шепотот нејзин го слушнавме.’
23Бог ги разбира нејзините патишта,
Тој го знае пребивалиштето нејзино,
24оти Тој до краевите на земјата гледа,
сѐ под небесата наблјудува.
25Кога на ветрот сила му даде
и водите со мерка ги премери,
26за дождот закон кога постави
и патот на молњите им го одреди,
27тогаш на неа погледна,
ја процени, ја одобри и ја испроба.
28Му рече на човекот:
,Да се плашиш од Господ, тоа е мудрост!
Да се држиш настрана од злото, тоа е разум!’“

Глава 29

[уреди]

1Потоа Јов ја продолжи својата беседа и рече:

2„Ах, кога некој би ми ги вратил одминатите месеци,
деновите кога Бог пазеше на мене,
3Кога ламбата Негова светеше над мојата глава,
преку светлината Негова одев низ темнината.
4Во деновите кога бев во полна сила,
кога пријателството со Бог го исполнуваше мојот дом,
5кога Семоќниот беше со мене,
а околу мене моите деца,
6кога од моите патишта капеше кајмак
и камењата за мене излеваа потоци маслиново масло.
7Поминував низ градската порта,
на плоштадот седнував,
8младите ме гледаа и се тргнуваа настрана,
старите стануваа и стоеја,
9првенците се стегаа да зборуваат,
со рака уста покриваа,
10благородниците глас не пуштаа,
а јазикот за непце им се лепеше.
11Секој што ќе ме чуеше, добро за мене зборуваше.
Секој што ќе ме видеше ме фалеше,
12оти сиромашни што за помош викаа спасував,
сираци на кои нема кој да им помогне.
13Луѓе на смртна постела ме благословуваа,
на вдовици сум помагал така што срцето им пееше.
14Праведност врз себе ставив и во неа се облеков.
Како наметка и круна ми беше мојата чесност.
15Очи бев за слепите и стапала за сакатите.
16Татко бев за бедните,
а се завзедов и за делото на непознатиот.
17Му ги скршив вилиците на злиот,
жртвата од неговите заби ја извлеков.
18И си мислев, во својот дом ќе си умрам,
а моите денови ќе бидат многубројни како песок.
19Мојот корен до водите ќе досега,
а росата ќе ноќева на моите гранки.
20Мојата слава нема да опадне,
моја сила нема да се намали.[75]
21Мене желно ме слушаа,
на мојот совет во молк се чекаше.
22Мојот збор беше последен.
Што ќе кажев, кажано беше.[76]
23Ме чекаа како дожд,
а устите нивни пиеја како пролетна роса.
24Ќе им се насмеев и не им се веруваше.
Скапоцена беше за нив мојата насмевка.[77]
25Јас патот за нив го одбирав. Главен бев.
Како цар престојував меѓу војниците,
како оној што тажните ги утешува.

Глава 30

[уреди]
1А сега ме иссмеваат луѓе помлади од мене,
оние чии татковци не би ги пуштил ни меѓу кучињата на моите стада.
2Силата на рацете нивни за мене беше ништо.
Побегна животната сила од нив.
3Истоштени од глад и сиромаштија, талкаат по пустината[78],
ноќеваат во пусти и исушени предели.
4Собираат солени растенија меѓу грмушките,
корените на метлата се нивна храна.
5Од пријателите избркани,
викаат по нив како да се крадци.
6Во сувите речни корита живеат,
по дупките во земјата и карпите.
7’Ржат меѓу трњето,
се туткаат под грмушките.
8Накот долен и безимен,
протеран од земјата.
9И сега јас на такви им станав песна за подбив!
Таквите мене во поговорки ме кажуваат!
10Се гнасат и бегаат од мене,
не се свенат в лице да ме плукнат.
11Сега, откако Бог ја скина струната на мојот лак и ме нападна,
и тие се разуздаа пред мене.
12Оддесно племе ме напаѓа,[79]
за моите стапала примка поставува,
против мене градат земјени насипи за опсада.
13Го кршат мојот пат и во уништувањето успеваат,
без никој да им помогне.
14Напредуваат како пробојна греда,
навлегуваат меѓу урнатините.
15Мене ужас ме обзима.
Како ветер исчезнува моето достоинство,
како облак се разнесува сигурноста моја.
16Животот мој гасне од мене,
ме приклештиле денови на страдање.
17Ноќта коските ми ги пронижува,
болките не престануваат да ме глодаат.
18Во големината на Својата сила Тој ми стана како облека,
ме стега како јака на наметката.
19Ме фрла во калта и ме сведе на прав и пепел.
20Викам кон Тебе, но Ти не ми одговараш.
Станувам, а Ти ме гледаш,
21си се свртел безмилосно против мене,
со силината на Твојата рака ме напаѓаш.
22Ме грабаш, пред ветрот ме ставаш,
во бурата ме фрлаш на сите страни.
23Знам дека до смрт ќе ме доведеш,
до местото кое е определено за сите живи.
24Кон скршен човек никој рака не подава,
кога во својата несреќа тој за помош вика.
25Но зарем јас не плачев за оние на кои тежок ден им дојде?
Зарем не страдаше душата моја за сиромашните?
26Кога на добро се надевав - зло ми дојде.
Кога светло очекував - црна темнина ме покри.
27Утробата ми се првртува без прекин,
ми дојдоа денови на страдање.
28Одам поцрнет, но не од сонцето.
Стојам во собранието и викам за помош.
29Брат им станав на шакалите,
другар на ќерките уткини.
30Кожата моја поцрне,
телото треска го гори.
31Тажи харфата моја,
кавалот свири со плачлив глас.

Глава 31

[уреди]
1Завет склопив со очите мои!
Како тогаш можам да погледнам кон девојка?
2Оти каква судбина определил Бог одозгора,
какво наследство оставил Семоќниот од висините?
3Зарем не е тоа уништување за злиот
и пропаст за оној кој неправично постапува?
4Зарем Тој не ги гледа патиштата мои,
зарем не ја брои секоја моја стапка?
5Ако чекорев во лаги,
ако по измама брзаше ногата моја,
6нека Бог ме премери со точни мерки,[80]
и ќе ја знае Тој мојата непорочност!
7Ако стапките мои беа скршнале од патот,
ако срцето ми беше тргнало по очите,
ако разврат ми се беше залепил за рацете,
8јас што сум сеел други нека јадат,
искоренети нека бидат посевите мои!
9Ако моето срце беше заведено од жена,
покрај портата на соседот ако сум демнел,
10мојата жена за друг нека меле,
со неа други нека спијат,
11оти тоа е срамно и тој грев треба да се осуди!
12Тоа е оган што гори сѐ до Уништувањето[81],
и сета моја жетва ќе ја уништи.
13Ако сум го погазил правото на слугата и слугинката моја,
кога се пожалиле против мене,
14тогаш што ќе правам кога Бог ќе ми се спротивстави,
кога ќе викне кон мене - што ќе Му одговорам?
15Оној Кој мене ме создаде во утробата, зарем не ги создаде и нив?
Оној Кој нѐ обликуваше во утробата зарем не е истиот и за мене и за нив?
16Ако сум им одрекол помош на сиромашните
и око на вдовица ако сум натажил,
17ако својот леб сам сум го јадел
и не сум го делел со сирак, -
18а уште од својата младост сум го гледал како да сум му татко,
уште од мајчина утроба за вдовица сум се грижел, -
19ако сум видел некој да гине зашто нема облека,
наметка да нема кутриот,
20и нивните срца не ме благословиле,
со волната од моите овци ако не сум ги затоплил,
21ако сум подигнал рака против сирак,
кога сум знаел дека во судот имам влијание,
22раката од рамо да ми окапе,
во лактот да се скрши!
23Јас се плашев Бог да не ме уништи
и заради неговата величественост не можев да правам такви нешта.
24Ако на златото сум се надевал,
ако на чистото злато сум му рекол:,Ти си мојата сигурност!’,
25ако сум се радувал на моето големо богатство,
на изобилието што го беа заработиле рацете мои,
26ако кон сјајното сонце сум гледал
и кон прекрасната месечина како се лизга по небото,
27и тајно било намамено срцето мое,
па својата рака со уста сум ја бакнувал,
28и тоа е грев што треба да се осуди,
затоа што така би му бил неверен на Бог во висините.
29Ако сум се радувал на несреќата на моите непријатели
и сум се сител што зло ги снашло,
30иако не сум ѝ дозволил на устата моја да греши,
да изрече клетва против нив,
31ако луѓето во мојот дом ниту еднаш не рекле:
,Кој сѐ не се најал од неговото месо?’
32на улица туѓинец не ноќевал,
вратите мои за патник[82] биле отворени,
33ако како Адам[83] сум ги прикривал своите гревови,
ако в срце сум ја криел својата вина,
34затоа што многу сум се плашел од толпата
и ужас ме фаќал од презирот на родовите,
та сум молчел и не сум излегувал од врата,
35(О да имаше кој да ме слушне! Еве го мојот потпис,
а Семоќниот нека ми одговори,
нека го напише Своето обвинение Оној што ме обвинува.
36На рамо ќе ја носам,
на глава ќе ја поставам како круна,
37отчет ќе му давам за секоја моја стапка,
ќе му приоѓам како на кнез.)
38ако против мене повика земјата моја,
и со неа браздите нејзини заплачат,
39ако плодот нејзин без надокнада сум го јадел
и сум го скршил духот на нејзините закупци,
40наместо жито - трње нека изникнат,
наместо јачмен - плевел.“


Завршија зборовите на Јов.

Глава 32

[уреди]

Елиху.

[уреди]

1Така овие тројца луѓе престанаа да му одговараат на Јов, зашто тој беше праведен во нивните очи. 2Но се разгоре гневот на Елиху, син на Барахел, Бузиец од семејството Рам, се разгоре гневот негов против Јов, зашто тој себе си се оправдуваше, а не Бог. 3И против тројцата пријатели на Јов се разгоре неговиот гнев затоа што, иако го обвинија, не успеаја да го побијат. 4Елиху почека пред да му проговори на Јов, зашто тие беа постари по години од него.


5Но кога виде Елиху дека тројцата луѓе немаат што повеќе да кажат, пламна неговиот гнев, 6и одговори Елиху, синот на Бузиецот Барахел и рече:


„Јас сум млад по години, а вие сте стари.
Затоа се плашев и се свенев да ви го кажам она што го знам.
7Мислев, старите треба да зборуваат,
многуте години да поучуваат на мудрост.
8Но Духот што е во човекот,
здивот на Семоќниот е Оној Кој дава разум.
9Луѓето не се мудри затоа што им се многу годините,
ниту пак затоа што се стари - исправно расудуваат.
10Затоа велам:,Слушнете ме,
јас ќе ви кажам што јас знам!’
11Ете, јас чекав додека вие зборувавте,
ги слушав вашите расудувања,
чекав додека вие баравте зборови, за да се искажете.
12Ви посветив полно внимание!
Но, ете, никој од вас не докажа дека Јов не е во право,
никој не ги поби неговите докази.
13Не велете:,Ја најдовме мудроста!
Бог нека го собори, а не човек!’
14Јов не упати против мене зборови,
и затоа јас нема да му одговорам онака како што му одговоривте вие.
15Тие се обесхрабени и немаат што повеќе да кажат,
зборовите ги издадоа.
16Мора ли и јас да чекам, затоа што тие не зборуваат,
затоа што стојат немајќи никаков одговор?
17И јас ќе го кажам мојот дел,
и јас ќе проговорам за она што го знам,
18оти полн сум со зборови,
духот во мене не ме остава.
19Ете, ќе пукне во мене
како вино затворено во нови мевови.
20Морам да зборувам, за да ми олесни.
Морам да отворам уста и да одговорам.
21Нема да покажам пристрасност кон човек,
и нема на човек да му ласкам,
22оти ако бев вешт во ласкање,
Создателот веднаш би ме отстранил.

Глава 33

[уреди]
1Слушни ги сега Јове моите зборови!
Обрни внимание на сѐ што ќе кажам!
2Гледај, ја отворам устата,
зборува во неа мојот јазик!
3Зборовите мои доаѓаат од непорочноста на моето срце,
а моите усни искрено го зборуваат она што го знам.
4Духот Божји ме создаде,
и здивот на Семоќниот ми дава живот.
5Ако можеш, одговори ми!
Спротивстави ми се! Подготви се!
6Гледај, и јас пред Бог сум како и ти.
И јас исто така од глината сум земен.
7Стравот од мене нема зошто да те вознемирува.
Мојата рака нема врз тебе да биде тешка.
8Но ти рече, моите уши чуја,
го слушнав звукот на твоите зборови:
9,Чист сум и без грев.
Чист сум и во мене вина нема,
10а Бог грешки ми наоѓа, з
а Свој непријател ме смета!
11Нозете во пранги ми ги окова,
будно пази на сите мои патишта.’
12Но, ти велам, не си во право!
Бог е поголем од кој било човек.
13Зошто се жалиш кон Него?
Тој не дава отчет ниту за една своја постапка![84]
14Бог зборува еднаш на еден начин, другпат на друг,
а човек тоа не го забележува.
15Во сон, во ноќно видение кога длабок сон го совладува човекот,
кога се превртува во постелата,
16тогаш Тој може да ги отвори ушите човекови
и да ги запечати во нив своите предупредувања.
17Да го одврати човек од она што го прави,
да го сочува од гордоста,
18да ја сочува душата негова и животот [85] негов од јамата[86],
за да не погине од меч.
19Или пак го напаѓа со болки и го фрла на постела,
со тегоби непрестани во коските,
20така што храната му станува одвратна,
одбраните јадења - одбивни за душата негова.
21Се топи снагата негова,
избиваат на површина коските, дотогаш скриени.
22Се приближува душата негова кон јамата,
животот негов кон оние што носат смрт.
23Сепак, да има покрај него ангел посредник,
еден од илјада, да му ги каже на човек неговите права,
24да биде милостив кон него и да каже:
,Поштеди го од јамата, јас најдов откупнина за него.’
25тогаш се обновува телото негово како на дете,
станува како во деновите на неговата младост.
26Му се моли на Бог и наоѓа милост,
гледа кон Него со извик на радост, и Тој пак му го враќа на човекот неговиот чист образ[87].
27Се враќа кај луѓето и вели:
,Грешев, го извртував правото,
но Тој не ми плати според она што сум го заслужил.
28Ја избави душата моја од јамата -
мојот живот на светло го изведе.’
29Ете, сите овие нешта Бог му ги прави на човекот,
двапати, па и трипати.
30Ја одвраќа душата негова од јамата,
за неговиот живот светлина да го огрее.
31Внимавај Јове, слушни ме!
Молчи, а јас ќе зборувам!
32Ако имаш што да ми кажеш, одговори ми!
Зборувај, зашто јас сакам ти да бидеш очистен!
33Ако пак немаш, слушај ме!
Молчи и јас ќе те научам на мудрост!“

Глава 34

[уреди]

1Тогаш Елиху проговори и рече:


2„Слушнете ги зборовите мои мудреци!
Чујте ме вие луѓе кои знаење имате!
3Оти увото ги испитува зборовите,
а јазикот храната ја вкусува.
4Ајде да одвоиме што е право,
да научиме што е добро,
5оти Јов вели:,Невин сум,
но Бог го одрекува моето право.
6Иако сум праведен, ме сметаат за лажго!
Иако сум без вина, Неговата стрела ме погоди и неизлечиво ме рани!’
7Каков човек е Јов?
Пие потсмев како вода!
8Се дружи со злосторници,
се приклучува кон злите луѓе,
9оти вели:,Ништо корист нема човек
кога постапува по Божја волја.’
10Слушнете ме сега луѓе разумни!
Далеку е злото од Бог!
Далеку е Семоќниот од неправдата.
11Му отплатува на секој според неговите дела,
му возвраќа според она како постапува.
12Бог сигурно не постапува погрешно,
Семоќниот не ја извртува правдата.
13Кој Го постави Него над земјата?
Кој Го постави да заповеда над целиот свет?
14Ако само срцето Му посака,
па Духот, здивот Свој го повлече,
15ќе изгине сето човештво
и луѓето во правта ќе се вратат!
16Ако ме разбирате, слушнете го ова,
чујте што јас имам да ви кажам:
17Може ли оној што ја мрази правдата да управува?
Ете, ќе Го обвините ли Праведниот, Моќниот?
18Оној кој на царот му вели: -,Безвреден си!’,
на благородникот -,Зол си!’.
19Кој не покажува пристрасност кон кнезови
и не ги сака богатите повеќе од сиромашните,
оти сите тие се дело на Неговите раце.
20Наеднаш умираат, на сред ноќ луѓе бидуваат протресени и починуваат.
Ги отстранува моќните без со рака да ги допре.
21Оти очите Негови се насочени кон човековите патишта,
и секоја негова стапка Тој ја гледа.
22Нема темно место, нема длабока сенка
за таму да се скријат оние кои прават зло.
23Бог не мора додатно да го испитува човекот,
за да дојде пред Него на суд.
24Ги урива моќните без да ги испрашува
и поставува други на нивно место,
25оти ги знае Тој нивните дела.
Преку ноќ ги соборува и тие се веќе уништени.
26Ги казнува за нивната лошотија,
на место каде што можат сите тоа да го видат,
27оти тие се свртеа од Него
и не почитуваат ниту еден од Неговите патишта.
28Направија крикот на сиромашните да дојде до Него -
повикот на бедните Тој го слушна.
29Но ако Тој остане да молчи, тогаш Кој ќе обвини?
Ако си го сокрие лицето, кој ќе може да Го види?
Сепак, Тој заповеда и над луѓето и над народите.
30Не дозволува безбожен да управува,
да постапува стапици за луѓето.
31Да претпоставиме некој кон Бог да каже:
,Виновен сум, нема повеќе да те навредувам!
32Тоа што не го гледам, Ти научи ме!
Лошо ако сум постапувал, нема повеќе така да правам.’
33Според вас, треба ли тогаш Тој да го награди,
затоа што се откажал од грешење?
Ете, вие решете, а не јас!
Кажете го она што го знаете!
34Кажете ми луѓе разумни!
Вас ве слушам луѓе мудри!
35Јов без знаење зборува,
во неговите зборови нема остроумност.
36О, кога Јов до ср’ж би бил испитан,
оти одговара како злите луѓе!
37Кон своите гревови додава бунтовништво,
меѓу нас со раце плеска и ги умножува своите зборови против Бог.“

Глава 35

[уреди]

1Тогаш Елиху проговори и рече:


2„Ова за праведно ли го сметаш?
Велиш:,Мене Бог ќе ме очисти[88]!’,
3а сепак прашуваш:[89],Што корист имам, што добивам ако не грешам?’[90]
4Јас ќе ти одговорам
и тебе и на твоите пријатели!
5Погледни кон небесата и гледај,
види ги облаците високо над себе.
6Ако грешиш, што тоа за Него значи?
Ако се многу твоите гревови, како со тоа ќе Му наштетиш?
7Ако си праведен, што со тоа ќе Му дадеш,
што Тој од твоја рака добива?
8Твоето зло погодува само луѓе како тебе,
твојата праведност им користи само на синовите човечки!
9Под тежината на угнетувањето тие стенкаат
и молат за избавување од раката на моќните,
10но никој не вели:,Каде е Бог, Мојот Создател,
кој дава песни во ноќта,
11Кој ни дава повеќе знаење од ѕверовите земни,
не прави помудри од птиците небесни?’[91]
12Кога тие ќе викнат, Тој не одговара,
заради дигноглавоста на злите.
13Ете, празни зборови Бог не слуша,
Семоќниот не им обрнува внимание.
14Колку помалку ќе слуша кога ти велиш:
,Каде е, не Го гледам? Мојот случај е пред Него и чека!’
15и уште велиш дека Неговиот гнев никогаш не казнува,
и Тој воопшто не го забележува злото.[92]
16Така Јов напразно уста отвара
и умножува неразумни зборови.“

Глава 36

[уреди]

1Па продолжи Елиху и рече:


2„Потрпете ме уште малку и јас ќе ви покажам,
дека има многу што да се каже во корист на Бог.
3Моето знаење од далеку сум го добил,
и на мојот Создател јас му припишувам правда,
4оти моите зборови без сомнение не се лажни,
со вас е човек со совршено знаење.
5Гледајте, Бог е моќен, но никого не презира.
Моќен е и непоколеблив во своите намери.
6Злите не ги одржува во живот,
туку на натажените им го дава нивното право.
7Не симнува очи од праведните,
со цареви на престол ги поставува,
ги зацарува засекогаш и ги издигнува.
8Но на оние што се оковани во ланци,
цврсто стегнати од јажињата на жалоста,
9Тој им ги кажува нивните престапи
и нивните дела што дрско ги правеле,
10и им ги отвора ушите, за да се поправат,
па им заповеда да се откажат од злото.
11Ако послушаат и Му служат,
ќе ги проживеат деновите свои во напредок,
и годините свои во уживање.
12Но ако не послушаат - од меч ќе загинат,[93]
ќе умрат без мудрост.
13Безбожните во срце кријат јад.
Дури и кога во пранги ги оковува,
тие не повикуваат за помош.
14Умира душата нивна уште во младоста,
а нивното тело меѓу машките блудници.[94]
15Но тие што страдаат Тој ги избавува,
кога се во жалост ушите им ги отвора.
16Така Тој и тебе те повикува
од канџите на маката кон пространо место, без огради.
Удобна трпеза за тебе е поставена,
преполна со одбрана храна.
17Но, сега врз тебе е натоварена пресуда против зол човек.
Судот и правдата те достигнаа.
18Не дозволувај богатството да те намами,
големиот поткуп да те заведе.[95]
19Ќе те одржи ли твоето богатство,
сѐ што може моќен човек да направи,
па да не бидеш во мака?
20Не посакувај ја ноќта,
за да ги одвлечкаш луѓето од нивните места!
21Внимавај! Не свртувај се кон злото,
оти тоа повеќе го сакаш отколку жалоста!
22Гледај, возвишен е Бог во Неговата сила!
Кој е учител како Него!?
23Кој може да Му каже по кој пат да оди?
Кој може да Му каже:,Погрешно постапи!’.
24Запомни, ти мораш да му се восхитуваш на она што Тој го прави,
а луѓето во песни го опеваат!
25Сето човештво тоа го гледа,
луѓе оддалеку наблјудуваат.
26Гледај, голем е Бог и ние не можеме да Го разбереме!
Бројот на годините Негови не можеме да го дознаеме.
27Ги крева водените капки,
а тие се цедат од пареата и се претвораат во дожд.[96]
28Влага излеваат облаците,
врне изобилие врз човештвото.
29Ете, кој може да го разбере простирањето на облаците?
Кој може да разбере како Тој грми од Неговото живеалиште?
30Гледај, распара молњата Негова под Него,
нурнува сѐ до морските длабочини.
31Така управува со народите[97]
и обезбедува изобилна храна.
32Раката Негова е полна со молњи,
и Тој им заповедува да светкаат.
33Громот Него го објавува,
дури и стоката знае кога Тој се приближува.[98]

Глава 37

[уреди]
1Ете, од ова срцето мое тупка,
од местото скока.
2Слушни го, слушни рикањето на гласот Негов,
грмотевицата што од устата Негова излегува!
3Ја отпушта молњата под целото небо,
сѐ до краиштата на земјата.
4Зад Него глас рика, грми звукот на Неговата величественост,
и кога ќе се слушне гласот Негов,
ништо не може да ги задржи.
5Грми Бог со Својот глас на чудесен начин,
големи нешта прави кои ние не ги разбираме.
6На снегот му вели: ,Паѓај на земјата!’,
на дождот: ,Врнете, паѓајте силни поројни дождови!’
7Тој ја прекинува работата на секој човек,[99]
за да ги дознаат луѓето делата Негови.
8Бегаат животните под заклон,
во дувлата остануваат.
9Излегува бурата од својата одаја,
студот од разбеснетите ветрови.
10Здивот Божји мраз произведува
и водните пространства ги смрзнува.
11Со влага ги полни облаците,
со молњи ги распара.
12Тој ги води да кружат по нивните патеки над земјата,
им заповеда што треба да прават над целиот свет.
13Ги собира или за казна, или пак за да ја натопи земјата
и да ѝ покаже наклоност.
14Слушни го ова Јове!
Застани и замисли се над овие Божји чуда!
15Дали знаеш како Бог управува со нив,
како ја светка молњата меѓу облаците?
16Дали знаеш како се држат облаците на небо?
Дали ги знаеш чудата на Оној Кој е совршен во знаењето?
17Ти што се капеш во пот во твоите облеки,
додека земјата лежи потисната од јужниот ветер,
18можеш ли со Него да ги распнуваш небесата,
тешки како огледало од леана бронза?
19Кажи ни што треба да Му кажеме,
оти заради мракот, ние не можеме да најдеме зборови.
20Да Му кажеме ли: ,Јас ќе зборувам!’?
Зарем човек свесно ќе побара да биде проголтан?
21Никој не може да гледа право во сонцето кое блеска на небесата,
откако ветрот дувнал и ги исчистил.
22Бог Кој е страотно величествен од север доаѓа,
во златен сјај облеан!
23Семоќниот не можеме да го досегнеме!
Возвишен во Неговата сила, правда и голема правичност
Тој никого не ги угнетува.
24Затоа луѓето го почитуваат,
а и Тој, зарем не ги цени мудрите во срце?“

Глава 38

[уреди]

ГОСПОД проговорува.

[уреди]

1Тогаш ГОСПОД му одговори на Јов од бурата и рече:


2„Кој е овој што го замрачува Мојот совет
со зборови лишени од знаење?
3Препашај си ги сега половините како маж!
Јас ќе те прашувам, а ти да ми одговараш!
4Каде беше ти кога Јас ги поставив темелите на земјата?
Кажи ми ако знаеш и разбираш!
5Кој ги одреди нејзините размери,
кој распна преку неа мерно јаже, ти сигурно знаеш?!
6На што се поставени нејзините подножја,
кој го постави нејзиниот аголен камен,
7додека сите утрински ѕвезди заедно пееја
и викаа од радост сите синови Божји?!
8Кој му ги затвори портите на морето,
кога бликна, од утробата кога излезе,
9кога облаците наметка негова ги направив
и во црна темнина го завив,
10кога границите му ги утврдив
и ги наместив лостот и вратите?!
11Кога реков: ,До тука смееш да дојдеш,
и не оди понатаму!
Тука нека запираат твоите горди бранови!’
12Си му заповедал ли ти на утрото,
си ѝ покажал ли на зората каде ѝ е местото?
13Си ги фатил ли краевите на земјата,
па да ги истресеш од неа злите?
14Таа се обликува како глина под печат,
и сѐ на неа останува како на наметка.
15Им се одзема на злите светлото,
раката бунтовничка се крши.
16Си продрел ли до изворите на морето,
си одел ли по дното на бездната?
17Ти биле ли покажани портите на смртта -
портите на длабоката сенка дали си ги видел?
18Ја сфаќаш ли огромната пространост на земјата,
кажи ми ако го знаеш сево ова?
19Каде е патот кон пребивалиштето на светлината,
темнината знаеш ли каде има дом?
20Можеш ли да ги одведеш во нивните места?
Го знаеш ли патот до нивните пребивалишта?
21Ти сигурно знаеш! Ти уште оттогаш си роден,
и голем е бројот на деновите твои!
22Си влегол ли во складиштето на снегот,
складиштето на градот си го видел ли,
23кои ги чувам за тешко време,
за ден на војна и битка?
24Во која насока се распрснува молњата,
брише источниот ветер по земјата?
25Кој им пробива корита на пороите
и пат на грмотевиците во бурата,
26на водата во земја каде човек не живее,
пуста земја без жива душа во неа,
27за да се напои сувата земја и пустината,
и да избијат никулци од трева?
28Има ли дождот татко?
Кој ги раѓа капките роса?
29Од чија утроба доаѓа ледот,
сланата небесна кој ја раѓа?
30Водите како камен цврсти стануваат
кога ќе замрзнат површините на бездната.
31Можеш ли да ги зауздаш прекрасните Плејади,[100]
уздите на Орион можеш ли да ги отпуштиш?
32Можеш ли да ги изведеш соѕвездијата[101] во вистинското време,
да ја водиш +Мечката[102] со мечињата?
33Ги знаеш ли законите на небесата,
можеш ли ги поставиш да владеат над земјата?
34Може ли твојот глас да допре до облаците?
Со потоп од вода можеш ли да се преплавиш?
35Ти ли ги пушташ молњите да излезат?
Те известуваат ли тие: ,Еве не!’?
36Ти ли ги обдари срцата[103] со мудрост?
Кој му дава разум на умот?
37Кој, во својата мудрост ги брои облаците,
ќуповите небесни Кој ги превртува,
38кога прашината ќе натежне
и грутките земја ќе се слепат?
39Ти ли ѝ ловиш на лавицата плен,
гладта на лавовите ти ли ја наситуваш,
40кога се притајуваат во дувлата,
лежат по грмушките чекајќи?
41Кој за гавранот храна обезбедува,
кога пилињата негови кон Бог пиштат, талкат гладни за храна?

Глава 39

[уреди]
1Знаеш ли кога треба да се породат горските кози?
Пораѓањето на срните си го гледал ли?
2Ги броиш ли месеците додека да им дојде времето,
го знаеш ли часот кога треба да се породат?
3Ќе се наведнат, ќе ги родат младенчињата
и ќе завршат нивните породилни болки.
4Растат младенчињата, јакнат во дивината,
си заминуваат и повеќе не им се враќаат.
5Кој го отпуштил на слобода дивото магаре,
оглавникот кој му го одврзал?
6Јас му ја дадов пустината дом да му биде,
солените рамници - негови живеалишта.
7Им се потсмева на градските гужви.
Не слуша како вика возачот.
8Талка по ридовите - неговото пасиште,
трага по сѐ што е зелено.
9Ќе го натераш ли дивиот бик да ти служи,
ќе остане ли ноќе покрај твоите јасли?
10Можеш ли да го задржиш дивиот бик впрегнат во бразда,
ќе ора ли тој долини зад тебе?
11Ќе се потпреш ли на неговата голема сила,
ќе му ја препуштиш ли твојата напорна работа?
12Можеш ли да му довериш да ти го собере житото,
на гумното твое ќе го прибере ли?
13Крилјата на нојот весело плескаат,
но не се како зглобовите и перјата на штркот.
14Ете, тој на земја ги лежи своите јајца,
во песокта ги грее,
15заборава дека нога може да ги скрши,
или диво животно да ги згази.
16Грубо се однесува кон своите млади,
како да не се негови.
Неговиот труд, кога нема грижа, е залуден,
17затоа што Бог не го обдари со мудрост,
и не му даде дел од разумот.
18А сепак, кога ќе расшири перја да трча,
му се потсмева и на коњот и на јавачот.
19Ти ли му ја даваш на коњот силата негова,
вратот негов ти ли со грива развеана го облекуваш?
20Ти ли го правиш да скока како скакулец -
ужас влева неговото гордо ’ржење?
21Удира жестоко со копитата, се радува на својата сила,
одвај чека кавга да започне.
22На стравот му се потсмева, од ништо не се плаши,
од работ на мечот не се крие.
23Треска тагарчето[104] крај него,
блескаат стрелите и копјата.
24Од возбуда и бес земја јаде,
додека трубата свири тој мирно не застанува.
25Штом трубата екне, тој фркнува: ,Аха!’,
од далеку битка намирисува -
викањето на заповедниците и бојниот вик.
26Со твоја мудрост ли лета соколот,
шири крилја кон југ.
27На твоја заповед ли се виши орелот,
на високо гнездо вие?
28Во карпите пребива,
таму ноќта ја поминува,
камените гребени му се тврдина.
29Од таму храна бара,
со очи оддалеку ја забележува,
30а пилињата негови со крв се гостат.
Каде има мрши, таму е и тој.“

Глава 40

[уреди]

1Па му проговори ГОСПОД на Јов и му рече:


2„Оној кој се препира со Семоќниот, ќе се поправи ли?
Нека одговори оној кој го обвинува Бог!“


3Тогаш Јов му одговори на ГОСПОД и рече:


4„Види колку сум јас безвреден.
Можам ли да Ти одговорам?!
Рака на уста ставам.
5Еднаш проговорив, но не дадов одговор.
Двапати проговорив, но нема да зборувам веќе.“


6Тогаш ГОСПОД му проговори на Јов од бурата и рече:


7„Препашај си ги сега половините како маж!
Јас ќе те прашувам, а ти да ми одговараш!
8Ти ли ќе ја ставаш под сомневање Мојата праведност?!
Ти ли ќе Ме обвинуваш, за себе да се оправдаш?!
9Ете, имаш ли рака како Бог?
Со ваков глас можеш ли да грмиш?
10Ајде украси се со слава и величественост!
Во чест и величие облечи се!
11Отпушти ја гневноста на својата лутина!
Погледни на секој горделив човек и унижи го!
12Погледни на секој горделив човек и направи го скромен!
Уништи ги злите по нивните места!
13Закопај ги сите нив во правта!
Лицата нивни закопај ги во гробот!
14Тогаш ќе ти признаам дека твојата десница може да те спаси.
15Погледни го бехемотот[105],
кого сум го создал заедно со тебе. Трева пасе како вол,
16ете, силата негова му е во бедрата,
јаки се мускулите на неговиот желудец!
17Мавта со опашката[106] дебела како кедрово дрво.
Жилите на неговите бедра тесно се испреплетени.
18Коските негови - цевки бронзени,
краците негови - стапови железни.
19Тој е прв меѓу созданијата Божји,
а сепак Создателот може да му пријде со Неговиот меч.
20Производите од ридовите му ги носат,
а сите диви животни играат наоколу.
21Под лотосите лежи,
се крие под алгите и гази.
22Лотосите ја кријат сенката негова,
околу него тополи што растат покрај потоците.
23Ете, ќе се разбранува реката, а тој не се вознемирува,
безбеден е иако Јордан бранови крева против устата негова.
24Може ли некој со око[107] да го фати?
Со јадица може ли да го прободе неговиот нос?

Глава 41

[уреди]
1Можеш ли левијатанот[108] со јадица да го уловиш,
со јаже можеш ли да го врзеш неговиот јазик?
2Можеш ли узда низ носот да му провреш,
со кука образот негов можеш ли да го прободеш?
3Дали тој за милост ќе те моли
и ќе ти проговори слатки зборови?
4Ќе склучи ли договор со тебе,
ќе направиш ли од него свој доживотен роб?
5Можеш ли од него да направиш галениче, како птица?
Ќе го врзеш ли на јаженце за своите девојчиња?
6Ќе тргуваат ли со него продавачите,
ќе го поделат ли меѓу себе трговците?
7Ќе му ја наполниш ли кожата со копја,
главата негова со рибарски стрели?
8Само допри го, па таа битка ќе ја запомниш
и нема веќе ни да ти текне да го допираш.
9Оној кој се надева дека може да го совлада - се лаже.
Само што ќе го погледне човек, веднаш се откажува.
10Никој не е доволно жесток, за да го разбуди.
Тогаш кој против Мене ќе застане?
11Кој ќе тврди дека Јас мора да платам?
Сѐ под небесата е Мое.
12Не, Јас нема да проговорам заради неговите раце или нозе,
нема да проговорам заради неговата сила или убавина.
13Кој може да ги соголи надворешните делови на неговата кожа,
кој може да му пријде со двојни узди?
14Портите на неговата уста, заокружени со застрашувачки заби,
кој може да ги отвори?
15Грбот негов нанижан со штитови,[109]
затворени, цврсто запечатени.
16Секој штит до соседниот е залепен,
така што ни воздух меѓу нив не може да помине.
17Еден до друг цврсто се прилепени,
се држат и не можат да се одвојат.
18Кога кива, светлина молска,
очите негови - како зраците на зората.
19Од устата негова пламени јазици избиваат,
огнени искри летаат.
20Од ноздрите негови дим излегува,
како грне зовриено над оган од трски.
21Здивот негов јаглен запалува,
пламен избива од устата негова.
22Силата пребива во вратот негов,
пред него сѐ малаксува.
23Слоевите на неговото тело цврсто се слепени,
врз него се држат и не се поместуваат.
24Градниот кош му е цврст како камен,
тврд како долен воденичен камен.
25Кога ќе се крене, моќните треперат,
од неговите траги бегаат.
26Мечот што допира до него ништо не постига,
а ни стрелата, копјето или куката.
27За него железото е како слама,
бронзата како дрво изгниено.
28Стрелите[110] не го тераат во бег,
камењата од праќата за него се како плева.
29Остенот за него е како сламка,
се смее на ѕвечкањето на сабјата.
30Долната страна му е начичкана со остри ќерамиди,
и остава траги во калта како остен за вршидба.
31Ја разматува бездната како да е котел,
го бранува морето како да е грнче за масло.
32Остава зад себе блескава бразда,
да помисли човек на бездната ѝ побелела косата.
33Ништо на земјата не е како него,
создаден да нема страв.
34Ги гледа сите дигноглави,
царува над сите горделиви.“

Глава 42

[уреди]

Јов.

[уреди]

1Тогаш Јов му одговори Јов на ГОСПОД и рече:


2„Знам јас дека сето ова Ти можеш да го направиш,
и пред Твоите намери ништо не може да се испречи.
3(Велиш:) ,Кој е тој што Мојот совет го замрачува неразумно?.’
Да, јас проговорив за нешта што не ги знам,
нешта прекрасни, кои се далеку над мене и не ги разбирам.
4(Велиш:),Слушни ме сега и Јас ќе зборувам,
Јас ќе поставувам прашања, а ти да одговараш!’


5Со уво Те слушнав,
но сега окото мое Те виде.
6Затоа самиот себе се презирам
и се каам во прав и пепел.“

Поговор.

[уреди]

7А после ова, откако ГОСПОД му ги кажа на Јов овие нешта, му кажа ГОСПОД на Теманецот Елифаз:


„Пламти гневот Мој против тебе и против твоите двајца пријатели, зашто не зборувавте за мене она што е вистина, онака како што зборуваше мојот слуга Јов. 8Затоа сега земете си седум волови и седум овни и одете кај Мојот слуга Јов, жртвувајте за себе жртви паленици, а Мојот слуга Јов ќе се моли за вас. Ете, од него сигурно ќе ги прифатам, па да не постапам со вас според вашата глупавост, зашто не зборувавте право за Мене, како што зборуваше Мојот слуга Јов.“


9И така отидоа Теманецот Елифаз, Шухиецот Вилдад и Нааматиецот Зофар, и направија како што им кажа ГОСПОД, а ГОСПОД ги прифати (молитвите) од Јов.


10Тогаш, откако Јов се помоли за своите пријатели, ГОСПОД му го врати напредокот, дури му даде двапати повеќе одошто имаше порано. 11Дојдоа кај него сите негови браќа, сите негови сестри и сите што го познаваа од порано. Јадеа со него во неговиот дом, му искажаа сочувство и го утешија за сите несреќи што ГОСПОД ги донесе на негова глава. Секој од нив му даде по една сребрена пара[111] и по еден златен прстен.


12И ГОСПОД го благослови вториот дел од животот на Јов повеќе од првиот. Имаше четиринаесет илјади овци, шест илјади камили, илјада рала волови и илјада магарици. 13Имаше седум сина и три ќерки. 14Им даде имиња, на првата Јемима, на втората Кесиа и на третата Керен Хаппух. 15Во целата земја немаше други жени, толку убави како ќерките на Јов, а нивниот татко им даде наследство, заедно со нивните браќа.


16И живееше Јов после ова сто и четириесет години и виде деца и внуци и правнуци до четврто колено, 17па умре стар и сит од животот.[112]




Забелешки:

  1. Уц, голема област источно од Јордан, од Едом на југ (1 Мој 36:28, Плач 4:21), па до Арамејските земји на север (1 Мој 10:23, 22:21).
  2. Но не и безгрешен, видете 6:24.
  3. Совршен број, означува заокруженост, исполнетост.
  4. Ангелите.
  5. Сатана на еврејски значи обвинител. Овде зборот сатана секаде е членуван, што значи дека не се подразбира како лично име.
  6. Народ од јужна Арабија, тргувале со зачини, злато и скапоцени камења. За посетата на нивната царица на Соломон видете 1 Цар 10:1-13. Јов ги нарекува Шевајците патувачки трговци (6:19) и ги доведува во врска со Тема, околу 550 километри јужно од Ерусалим.
  7. Народ кој бил номадски сѐ до 1000 г. пр. Хр., а потоа се населиле во јужна Месопотамија и станале јадро на Навуходоносоровото царство.
  8. Знаци на длабока жалост (1 Мој 37:34, Иса 15:2).
  9. Еврејскиот збор покрај глупавост подразбира и неморалност.
  10. Теман е град во Едом, јужно од Мртвото море (1 Мој 36:11, Јер 49:7, Езе 25:13, Ам 1:12, Авд 9 ).
  11. Елифаз е едомско име (1 Мој 36:11).
  12. Шухит, Вилдад можеби бил потомок на Шуах, најмладиот син на Авраам и Кетура (1 Мој 25:2).
  13. Нааматит, освен во оваа книга, никаде на друго место во Библијата не се среќава ова име.
  14. или смртна сенка.
  15. Постоеле луѓе кои се бавеле со фрлање клетви, како Балаам (4 Мој 22-24).
  16. или морето.
  17. Морското чудовиште.
  18. Ако таткото го ставел новороденото на колена, тоа значело дека го прифаќа за свое.
  19. Букв. се рушат пред молецот.
  20. Ангелите, синовите Божји.
  21. Букв. синовите на пламенот.
  22. Овој стих се повторува во 9:10.
  23. Вака е преведен Еврејскиот збор Шадај, кој во книгата на Јов се среќава 31 пат.
  24. Евр. Кадош.
  25. Букв. Напредокот е одземен од мене!
  26. Видете Гал 6:1.
  27. Тема, оаза во северна Арабија, околу 700 км југозападно од Вавилон.
  28. Видете ја забелешката на 1:15.
  29. Еврејскиот збор обично подразбира служење војска. Овој збор е употребен како ознака за вавилонското ропство во Иса 40:2.
  30. Дрвена макара со која се ткае. На неа е намотан конецот и таа се префрлува од едната до другата страна на основата на разбојот.
  31. Евр. шеол.
  32. Евр. танин. Го симболизира хаосот.
  33. Букв. зошто ме одбра за своја цел?
  34. Или: за Тебе јас сум само бреме.
  35. Букв. Тој ги предал во раката на нивниот грев.
  36. Не е сосема јасно што точно овој збор значел во Еврејскиот јазик.
  37. Вака е во Масоретскиот текст, во Септуагинтата е: Кој може да го обвини Него?
  38. Букв: да ме повика на суд.
  39. Букв. бродови од папирус.
  40. Или снег.
  41. Во Септуагинтата: Кога би имало...
  42. Евр. шеол.
  43. или Колку што од диво магаре може питомо да се роди.
  44. или: и нив Бог в рака ги држи.
  45. или: Од цареви пранги симнува и им ги препашува половините со платно.
  46. им ја одзема силата.
  47. Букв: Зошто би го ставал своето месо во свои заби, својот живот во свои раце.
  48. Или: Тој сигурно ќе ме дотолчи, за мене нема надеж, сепак своите постапки јас пред Него непоколебливо ќе ги бранам.
  49. Вака е во Еврејскиот текст, а во Септуагинтата, Вулгатата и Сирискиот превод стои: него си го извел пред Себе на суд.
  50. Евр. шеол.
  51. или ослободување.
  52. Или талка наоколу бесцелно за храна,
  53. Букв. ме постави за Своја цел.
  54. Или: „Моите пријатели ми се потсмеваат.“
  55. Евр. шеол.
  56. Евр. шеол.
  57. Букв. на децата на мојата утроба.
  58. Букв: коските ми се лепат за месото и кожата.
  59. Букв. од месото мое никогаш не ви е доволно.
  60. Или: ќе стапне врз мојот гроб.
  61. Или: И откако ќе ја уништат оваа моја кожа, сепак во месото ќе го гледам Бог.
  62. Така ќе го познаете Семоќниот.
  63. Потоп ќе го однесе неговото домаќинство, порој ќе го збрише на денот на Божјиот гнев.
  64. Букв. Но нивниот напредок не е во нивна рака и советот на лошите е далеку од мене.
  65. Или: Тој се чува за денот на несреќата, на денот на гневот тој ќе биде предаден.
  66. грутки злато.
  67. Букв. Нема да притисне против мене обвиненија.
  68. Не е сосема јасно што точно овој збор значел во Еврејскиот јазик.
  69. Или: оние што се пред смрт.
  70. Евр. шеол.
  71. Евр. Авадон.
  72. Или: Својот престол, овие два збора во Еврејскиот јазик многу слично се пишуваат.
  73. Чудовиште.
  74. Евр. Авадон.
  75. Букв. Мојата слава ќе остане свежа со мене, а лакот во мојата рака ќе остане нов.
  76. Букв. После мојот збор никој повеќе не зборуваше. Врз нив паѓаше мојот збор.
  77. Не се знае што точно оваа реченица значи во Еврејскиот јазик.
  78. Или: глодаат сува земја.
  79. Значењето на овој збор во Еврејскиот јазик не е сосема извесно.
  80. Букв: чесни мерки.
  81. Евр. Авадон.
  82. или: кон улицата
  83. Или: како сите луѓе.
  84. Или: Тој не одговара на ниту еден човечки збор.
  85. Или: од преминување преку Реката.
  86. Или: или гробот.
  87. Букв. праведен статус.
  88. Или: јас сум поправеден од Бог.
  89. Или: Што корист имаш, што добиваш ако јас не грешам.
  90. Или: Што корист имаш, што добиваш ако јас не грешам.
  91. Или: Кој нѐ поучува преку ѕверовите земни и ни дава мудрост преку птиците небесни?
  92. Не е сосема јасно што точно овој збор значи во Еврејскиот јазик.
  93. Или: Ќе поминат преку реката.
  94. Видете 1 Цар 14:24.
  95. Значењето на 18, 19 и 20 стих во Еврејскиот јазик не е сосема јасно.
  96. Или: а тие во потоци се цедат од пареата.
  97. Или: ги храни.
  98. Или: Оној Кој е огорчен противник на злото.
  99. Или: Ги исполнува сите луѓе со страв од Неговата моќ.
  100. Или: трепреливите Плејади.
  101. Или: утринската ѕвезда.
  102. Или: Лавот.
  103. Не се знае што точно овој збор значи во Еврејскиот јазик.
  104. тагарче, кожена торба во која се носат стрелите.
  105. Можеби нилски коњ или слон.
  106. Или можеби сурлата.
  107. Или со водена јама.
  108. Или можеби крокодилот.
  109. Или: Горда низа од штитови.
  110. Букв. синовите на лакот.
  111. Евр. кешита, пара со непозната вредност.
  112. Букв: стар и полн со денови.