Зборник на Миладиновци/ Симон и негова невеста

Од Wikisource
66 песна Симон и негова невеста

од Браќа Миладиновци
68 песна
на современ македонски правопис


Посвршил се Симон добар јунак,
Си се сврши и ми се ожени.
Јале, пиле три дни и три ноќе;
Дошла коа, дошла лепо време,
Да го клает во бела гердека;
Цар ми пуштил до три капиџии:
„Земите го Симон добар јунак;
Оти мене војска ме надоли!
Како ке г' најте, така да го зејте,
Ак' је голо, голо да го зејте.”
Ми дојдое до три капиџии,
Еднош кљуквет, а два п'ти виквет:
„А излези Симон добар јунак,
Да ми одиш на војска цареа!”
Тои спиет во бела гердека,
Бар' не знаит, от' на врата кљукает
Ми кљукает до трине елчии.
А убава нееста ми слушат,
Страм је било јунака да скорнит,
И си ронит с'лѕи по образи;
С'лѕи п'адвет на негоо лице,
Дури ми го с'лѕи попариле.
Тога ми се Симон разбудило:
„А неесто мое добро мило!
Што те тебе нужба натерало,
Незнаено, уште невидено,
Та ни оба мие отпознати,
С'лѕи рониш дур ме попарие!” –
„Ајти тебе Симон добар јунак;
Како, Симон, ја да не си плача
Како, добро, да не рона с'лѕи!
К'де кљукает царски капиџии,
За да одиш на војска цареа.”
Тој час Симон на нога ми рипна,
И отвори негој вити порти,
И ми виде до три капиџии;
И тие три cилни капиџии
Как го најдое, така го грабнае.
Тога велит Симон добар јунак:
„Не неида, та ме пограбвите;
Да си зеам моја брза коња,
Та да идам на војска цареа!”
Повратил се Симон добар јунак,
И ми влезе в темна конушница,
И опитвит девет атли коњи.
Сите ми и бутур пофатило,
Сите коњи в земи попаднале,
С'де еден ми се одг'орило: -
„А егиди Симон добар јунак!
Изжули ми мои триста рани,
Та клаи ми седло шикосано;
Да оиме на војска цареа!”
Го поседла своја брза коња;
И ми велит убаа нееста: -
„Ајти тебе Симон добар јунак!
Земи, Симон, ова киска цвеке;
До кога ке стоит разцутена,
До тога ја тебе ке те чека;
Кога киска ке ми ти изгорит,
Тога млада ке ти се прем'жа.”
И отишол Симон добар јунак,
И отишол на војска цареа,
Ми воивал за девет години,
Дури ми се Симон забораи,
Што си зборвал с убаа нееста;
Тук' му велит негва брза коња:
„Ајти тебе Симон добар јунак!
Види киска ти је подгорена,
Невеста ти сега се прем'жвит,
Земи изан от нашего цара,
За да брго не'ста прифтасаме.”
Тога Симон трчат прау при цара,
Ронит с'лѕи, и р'це си кршит:
„Ајти тебе цару татко мои,
Дај ми изан дома да си ода,
От' денеска неста се прем'жвит!”
Цар му велит „ак' сакаш невести,
Имат овде колку да ми сакаш!
Ја си има до триста алајки,
Одбери си, Симон, која сакаш!”
Симон мошне ми се ујадвело,
Мошне младо ми се уплакало;
И си појде при своја брза коња;
„А егиди моја брза коњо!
Моиот цар изан не ми дават.” –
„Брго појди на наша царица,
Таја, Симон, изан ке ти даит!”
И си појде Симон добар јунак: -
„Ај царице, ај господарице,
Ти се мољам, о господарице,
Жити бога, да си појда дома,
От' денеска не'ста се прем'жвит!”
И му велит нему царицата:
„Трчај Симон да зафтасаш не'ста!”
Тога велит коња, брза коња:
„Престегни ми мои црни очи,
Зашто не гља к'де ке си ода,
Ако сакаш не'ста да фтасаме.”
И му врза негој црни очи;
И си летна коња по небеси,
И си стигна по крај негоо село.
Тамо најде свои стари татка,
Си го најде к'де лозје копат
Лозје копат и с'лѕи ми ронит.
Ми г' опитвит незнаен делиа:
„Ејди старче, ејди мили старче!
Што те тебе нужба дотерало,
На Велигден лозје да ми копаш?” –
„Бегај, бегај незнаена дељо,
Не зборви ми, не пукви ми срце!
Се прм'жвит от сина ми не'ста,
Не'ста седе до девет година;
За тва вамо су ти избегало.”
Тога велит незнаен делиа:
„Ајде, старче, дома да ме носиш!”
Ми го зеде пред коња, пред себе,
Го однесе во негои дворје.
И ми велит Симон добар јунак:
„Ајде старче напрај ми ужина,
Да ужина после да поспиа,
Ет' на колку сати да ме скорниш.”
И си стана стариот бабајко,
И му напрај една Турска манџа;
Се најаде Симон добар јунак,
И ми легна Симон да преспиет.
Кога дојде време, што нар'ча,
Тога него старец го скориват:
„Стани, стани незнаена дељо,
Оти дојде коа за ставање.”
Си станало Симон добар јунак, -
„Ајде старче сега да ме носиш
Да ме носиш к'де свадба чинет!”
„А егиди незнаена дељо!
Как д' ода как с очи да с' опуља!”-
ÂАјде, ајде, старо, да оиме!”
И го зеде пред себе пред коња,
Отидое к'де свадба чинет.
Свирби свирет, ора ми играет;
Назад ми се старо повратило.
Как го виде невеста Симона,
Вчас го позна от' је нејѕин стопан,
Ми го кладе в чело на трпеза,
И ми служит незнаена деља,
Чаша даат и на скут му седна.
Сите ми се тога зачудие.
Тога велит Симон добар јунак:
„Ова ми је љуба, прва љуба;
А на зетот ја што ке му даам?
Ке му даам сестра Ангелина,
Ни тој сега да се пострамотит,
Ни ја да се сега пострамотам.”
Си ја зеде убаа нееста,
Си ја слече рубо невестинско,
Ја облече сестра Ангелина,
Ја однесе к'де свадба чинет.
Тога старче ми го запознало,
Оти било негоото чедо.