Извештај на НДХ за политичката состојба во Македонија под бугарска окупација
Извештај од воениот пратеник на Независна Држава Хрватска во Софија до Министерството на хрватското домобранство за политичката состојба во Македонија под бугарска окупација од |
Документи за борбата на македонскиот народ за самостојност и за национална држава, Скопје 1981, том II, док. 165, стр. 308—309. |
Воен пратеник при Амбасадата на Независна Држава Хрватска
В. Т. бр. 17
Софија, 21 октомври 1941
До Министерството на хрватското домобранствo — главен стожер (Одделение за очевидност)
Пред некој ден во Софија престојуваше мојот пријател од Скопје, овластен електромонтер-инсталатер и овластен раководител на електричната централа со висок напон, Алберт Шритоф. Тогаш го прашував за положбата во Скопје и во Бугарска Македонија и тој, во неврзан разговор, помеѓу другото ми го рече и ова, -
„Внатрешната положба во делот од Македонија што и припадна на Бугарија доста е нејасна. Изразените Македонци покажуваат извесно незадоволство кон новиот режим во Бугарија. Исто така и од Бугарите — жители на Македонија добри 30% не се воодушевуваат од бугарската управа, бидејќи ги немаат сите оние права што ги имаат Бугарите во Бугарија. Особено разочарување владее меѓу младата интелигенција што студираше во Белград и беше на државна работа во стара Југославија. Кон нив се нема доверба и тие луѓе се без работа. А има и такви коишто во прво време беа примени во државната служба на Бугарија., но досега има поголем број отпуштени и така останаа без работа. Арнаутите се исто така мошне незадоволни со новјиот господар и тагуваат по Југославија. А пак Ариаутите што се наоѓаат под италијанска окупација се задоволни, бидејќи Италијанците им дадоа власт во рацете.
Турците (муслимани) се држат како во времето на Југославија, но доста се истакнуваат со своето англофилство.
Трговците Срби и Евреи мораат во срок од 3 месеци да ги распродадат и да ги ликвидираат своите дуќани, а потоа веројатно ќе се оди кон тоа Србите од Бугарска Македонија да бидат иселени.
Кон нас, Хрватите, Македонците покажуваат извонредно срдечно однссување.
Односите меѓу Бугарите и Германците се добри. Пред извесно време се случи еден инцидент од политички карактер во една ноќна кафеана во Скопје, при што некои германски офицери и подофицери интервенирале. Во истиот локал музиката ја отсвирила Македонската химна, на што еден бугарски подофицер и ракоплескал. Во исто време на тој подофицер му пристапува еден бугарски офицер и го прашува зошто ракоплеска, на што овој му одговорил: “Тоа што е македонско е и бугарско”. На овие зборови, бугарскиот офицер му удрил на подофицерот една шлаканица. Тоа го забележале некои германски подофицери, што исто така биле тука, и го прашале бугарскиот офицер зошто го удрил подофицерот, но овој, не одговарајќи ништо, веднаш го напуштил локалот, но го стигнале овие германски подофицери и убаво го изнатепале. Овој инцидент предизвикал извесно незадоволство кај сите оние што биле присутни, а се воодушевуваат од Македонија".
Судејќи по се, изгледа дека во Бугарска Македонија постои силна струја за ослободување и создавање на самостојна Македонија. Предниот извештај го доставувам со молба да се разгледа. За ДОМОТ готови!