|
Во село Мало Коњари имаше еден човек многу чесен и кроток, на име Божин. Тој имаше само еден син на име Силјан; имаше Божин и една ќерка. Силјан беше многу гален и од татка и од мајка, чунки од многу синови Божинови само Силјан беше останал жив, та од тоа беше гален многу и беше го ожениле уште на шеснаесет години и на седумнаесетте години му се роди на Силјана едно дете машко, му го викаа Велко.
Бидејќи гален Силјан и аџамија, ич ќеф немаше да работи селска работа: орање нивјето, копањето лозјата, жниењето нивјето, вршењето и овците гледање оставени беа на Божина и на Божиница. Неда, невестата му, и сестраму, тие да ја работат куќната работа, а пак Силјан ќеф имаше пазарџибашија да биде; да беше кабил катаден да оди на Прилеп на пазар, да купува вино и ракија и друзи слатки работи.
Секое одење на пазар, Силjан, уште не слезен од коњ, право ќе појдеше кај лебарниците и ќе земеше еден топол сомун ас-екмек и ќе си купеше тан-алва, та ќе јадеше. – „ Е, кога ми е посладок сомунов со тан-алвава, бре браќа, им велел на другарите си, како да јадам од дома ’ржани леб?“ На тие зборови и друзи Силјанови што им ги велел на другарите, тие уште повеќе го насрчувале да јаде најслатки работи, чунки покрај него и тие јаделе и пиеле. Некој пат ќе одел на пазар, тики ако му се најдеа повечко пари, два-три дни не си идел ни во најсилната работа дома.
Многупати татко му го скаруваше за дека се забавал в град и не идел да му помага во работата; арно ама Силјан беше фатил еден лош пат, тики ич не го слушаше татка си и мајка си, што ти велат вај, бај да не се настрви пес на касапница, да после мачно е да се одучи. Многупати татко му го поучуваше со кротко, до колку знаеше сиромав Божин, и многу примери му носел ѓоа да се тргне Силјан од тој пусти ајљазлак. (Повеќе...)
- Кон гората
Горо! Горо осланета!
Шуми горо, душа слади,
Шуми, оти на јунакот
Од многушто му се згади:
По туѓина да се шлае,
Да се скита и теглила
Тој да гледа, немтур да е
В Македонија жална, мила.
И ти кукавиче сиво!
Дај, закукај - стај му намек
На турското племе диво
Дека борба прифаќаме!
Дека сите тргнуваме
Во борба, на „или-или“!
Во смрт или напуштање
Во нивното царство гнило.
Прочитај повеќе...
|