Прејди на содржината

Бели Мугри/ Елегии за тебе

Од Wikisource

„Балада за непознатиот“ „Елегии за тебе“

од Коста Солев Рацин
„Утрото над нас“
Препис во оригинал како што е издадена во збирката песни „Бели Мугри.


Елегии за тебе
1.

„Чернеј горо, чернеј сестро!...“


Вчера си појдоф, наминаф
низ таја гора зелена
пот тиа буки високи
по килим сенки широки.

Одеф со глава замаен
наведнат, мртов, зачмаен,
одеф со грутка на срце
и каракамен на гради.

Деј гиди горо зелена!
Деј гиди водо студена!
Пилците пеат — ти плачеш,
слнцето грее — ти темнеш.

Ако ги криеш коските
на дели млади јунаци
тука што лежат по тебе
за тиа темни дубрави —
зошти ги таеш песните?
Зошто по тебе дрвјата
и на дрвјата гранките
и на гранките лисјата
шумолат скришно таговно?

2.
Таму горе на небето
зора руди, земја буди,
ден морави шири крила
и алова точи свила,

таму зора црвенее —
мое срце ми црнее.

Ископајте длбок бунар
извадете ладна вода
натопете лути рани
да не горат, да не болат.

Зоро златно и румено!
Зоро слатка посестримо!
Ти изгреваш на далеку —
да ли еднаш ке изгрееш
силно, силно, дури милно
над долови и над гори
над полиња и над реки
над моата татковнина?

3.
Два брега — двата стрмнини.
А от брег на брег танок мост.
Пот мостот вода морава —
тече и мие ранава.

Тече от векот вековит
и нова и 'се по нова,
тече, а тука маките
'се стари и 'се постари.

Тече и влече со себе
сичко што стои пред неа,
а на брегови животот
чмае у троскот зараснат!

Течи си водо студена!
Течи си — рони брегови!
Течи — и нам низ срцето
не ли и крвта ни тече?

4.
Скотски е, скотски живот аргатски
у темно зазидан,
до скот сме сниско попритиснати
на овој свет убав.

Кој ни ги скрши белите крилца
крилца на галаби бели?
Кој ни замати извори бистри
извори на души чисти?

И кој раздвоји, и кој раздвоји
човек от човек со зид?
И кој направи, и кој направи
човек на човека роб!

Та човек от човек
да страда
и тегне
и бега
от лулка до гроб!

5.
Ти да знаеш, паметуваш
и ем да си на ум имаш —
работник си — и работник
ти ке пађаш и се дигаш.

Луњи ли ке пусти дојдат
слнце ли ке јасно грејне —
патиштата, патиштата
прет тебе се на борбата.

Како смрта вечна што е
така борба длго трае.
Но от смрта е по силна
по патиштата борбата!

6.
Исцедете, ограбете
пот и труд и меса голи,
уста пуста затворете
да не каже оти боли.

Очи црни ископајте
да гледајат не давајте
раци машки прекршете
срце лудо наранете.

Угаснете и светлини!
Мрак да биде — каракамен.

Има, има — в темнината
нешто живо пак да свети:
има болка на душата
има души наранети.

Болка боли — болка гори
болка пече, душа мори.
А болката кога свети —
тешко, тешко, тешко клети!

Поврзано