Јов/ 9 глава

Од Wikisource

8 глава Јов
9 глава
од н.п.
10 глава
Текстот е базиран на македонскиот превод на Библијата од 1999 година.

    1 Јов проговори и рече:
  2 „Навистина, јас знам дека е така: но како човекот ќе се оправда пред Бога?
  3 Ако некој сака да се препира со Бога, не ќе му одговори ни на едно од илјада.
  4 Тој е мудар со срцето, а со силата Сèдржател, и кој би му се спротивил неказнето?
  5 Тој ги преместува планините, а тие не го знаат тоа, Тој ги превртува во својот гнев.
  6 Тој ја раздвижува земјата од нејзиното место, од основа ги растресува нејзините столбови.
  7 Штом ќе му заповеда на сонцето, тоа не се раѓа, Тој ги запечатува и ѕвездите со Својот печат.
  8 Единствено Тој ги распнува небесата и само Тој оди по морската широчина.
  9 Ги создаде Мечката, Орионот и Плеадите, и соѕвездијата на јужното небо.
10 Тој е Творец на силни, несфатливи дела; на чудеса што не можат да се избројат.
11 Поминува покрај мене, а јас не Го гледам, еве Тој заминува - јас не Го забележувам.
12 Ако грабне нешто, кој ќе Му го спречи тоа, и кој смее да Го праша: „Што си сторил?”
13 Силниот Бог не го повлекува Својот гнев: паѓаат пред Него помошниците на Рахаб (Хаосот).
14 Па како тогаш да Му одговорам Нему, кој збор да го изберам против Него?
15 И да сум прав, не би Му одговорил, ќе молам милост од својот Судија.
16 А ако и одговори на мојот зов, нема да поверувам дека го послушал мојот глас.
17 Зашто, Тој ме сотрува за едно влакно, ги умножува моите рани без причина.
18 Не ме остава да здивнам ни еден миг, туку ме напојува со секаква горчина!
19 Ако е за сила - па Тој е најјак! Ако е за правда - кој ќе го извади Него на суд?
20 Да сум и праведен, устата ќе ме осуди, Да сум и невин, ќе ме прогласи за виновен.
21 А дали сум невин? Ни самиот не знам веќе, мене ми стана сосем омразен мојот живот!
22 Зашто, тоа е сèедно; и затоа јас велам: Тој ги докрајчува невиниот и грешниот.
23 И смртниот бич кога би убивал одеднаш, Тој се смее на неволјите на невините.
24 Во земјата предадена во рацете на злочинците, Тој ги покрива очите на нејзините судии. Ако не е Тој, тогаш кој е друг?
25 Од брзоодецот моите дни се побрзи, бегаат далеку, не гледајќи никаде добро.
26 Како рогозови лотки преминуваат брзо, како орел кога се спушта врз пленот.
27 Ако речам: ќе го заборавам оплакувањето ќе го разведрам лицето и ќе бидам весел,
28 ужас ме опфаќа од моите маки, зашто знам дека Ти не ме сметаш невин.
29 Ако сум грешен, тогаш зошто напразно да се измачувам себеси?
30 Кога би се измил и со снежна вода, кога би ги очистил своите раце и со пепелница,
31 пак ќе ме турнеш во поголема нечистота и моите облеки ќе се гнасат од мене!
32 Зашто Тој не е човек, каков што сум јас, за да се правдам и да одам на суд со Него.
33 Нема некаков судија меѓу нас, за да ја стави својата рака врз нас двајцата,
34 да ја отстрани од мене Неговата прачка, неговиот ужас да не ме плаши веќе!
35 Сепак ќе зборувам без секаков страв, зашто јас не сум таков во своите очи.

Поврзано

Надворешни врски


Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.