Јов/ 8 глава

Од Wikisource

7 глава Јов
8 глава
од н.п.
9 глава
Текстот е базиран на македонскиот превод на Библијата од 1999 година.

  1 Тогаш проговори Валдад од Шуах и рече:
  2 „Уште до кога ќе зборуваш така, до кога твојот збор ќе биде како виор?
  3 Па зар може Бог да ја гази правината, може ли Сèсилниот да ја изопачи правдата?
  4 Ако твоите деца Му згрешија, затоа ги предаде на нивните беззаконија.
  5 Но ако го побараш Бога искрено и замолиш ти милост од Сèдржителот;
  6 ако бидеш чист и непорочен, отсега Тој секогаш ќе бдее над тебе и ќе ја обнови куќата на праведникот.
  7 Ќе биде мала твојата мината среќа, во однос на идната што ќе те чека.
  8 Но прашај ги само поранешните поколенија, внимавај на мудроста на нивните татковци.
  9 Ние сме од вчера и не знаеме ништо, нашите земни денови се како сенки.
10 Тие ќе те поучат и ќе ти речат, од своето срце ќе извлечат беседи:
11 Зар ќе никне рогозата вон мочуриштето? Зар ќе порасте трската без вода?
12 Сета се зелени, но и некосена се исушува пред секоја друга трева.
13 Такви се патиштата на секој што го заборава Бога; така пропаѓа надежта на безбожниците;
14 тенка е нишката на неговото надевање, а неговата надеж е пајакова куќа.
15 Ако се потпре, таа му се ниша, ако се фати за неа, таа му се разурнува.
16 Се зеленее тој и целиот расте бујно на сонцето, млади гранчиња му ја покрија целата градина.
17 Со своите корења ги испреплетка карпите, и црпи живот од жив камен.
18 Но ако некој го откорне од местото, тогаш тоа ќе се одрече од него кажувајќи: никогаш не сум те видел.
19 И еве сега како гине на патот, додека друго билје веќе никнува од земјата.
20 Не, Бог не ќе ги отфрли непорочните, ниту ќе ги потпре рацете на злосторниците.
21 Смевот пак ќе ти ја наполни устата, а од усните ќе одекне воскликнување.
22 Срамот ќе ги облече твоите непријатели и шаторот на злочинците ќе исчезне.”

Поврзано

Надворешни врски


Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.