Јов/ 6 глава

Од Wikisource

5 глава Јов
6 глава
од н.п.
7 глава
Текстот е базиран на македонскиот превод на Библијата од 1999 година.

1 А Јов одговори и рече:
  2 „О кога би можела да се измери мојата мака, а мојата неволја да се стави на мерилка!
  3 Тие сега би биле потешки од морскиот песок; и затоа моите зборови се брзоплети.
  4 Стрелите на Сèсилниот се во моите внатрешности, нивниот бес ми го испива духот, Божјите стравотии удрија против мене.
  5 Па, рика ли дивото осле покрај свежа трева? Или мука ли волот покрај својата храна?
  6 Зар се јаде блутава храна без сол? Или има ли сласт во белката на јајцето?
  7 Ама она од што душата ми се одвраќаше, тоа ми стана одвратно јадење.
  8 Се надевам дека мојата молба ќе биде послушана, Бог да ми го исполни она за кое што копнеам!
  9 О, кога Бог би сакал да ме уништи, кога би мавнал со раката да ме сотре!
10 Тоа би била вистинска утеха за мене, би можел да воскликнувам во тешки маки, зашто јас нема да ги скријам зборовите на Светиот.
11 Зар имам сила уште да чекам? И каков ми е крајот за да живеам подолго?
12 Зар е мојата сила како силата на каменот? Зар е моето тело од бакар?
13 На што можам да се потпрам во себе? Зар не ми е скратена секоја помош?
14 Кој му одбива милост на својот ближен, го презрел стравот од Сèсилниот Бог.
15 Браќата ме изневерија како поток, како зимските буици - своето корито,
16 од мразот им се накреваат матните води, бујно растат од снегот што почна да се топи;
17 но во сушно време скоро пресушуваат, тогаш од жега испаруваат, од коритото.
18 Се отстрануваат тие од своите патишта, пристигаат во пустината и се изгубуваат во неа.
19 Темските карвани ги бараат со очи, патниците од Шеба се надеваа на нив.
20 А кога ќе дојдат до нив, се наоѓаат во чудо, зашто се засрамија во својата надеж.
21 Во овој час и вие сте ми такви: Видовте ужас и се исплашивте.
22 Дали ви реков: „Подарете ми нешто, дарувајте ми нешто од својот имот;
23 избавете ме од непријателска рака, ослободете ме од силниковото ропство?”
24 Поучете ме вие и ќе молкнам, покажете ми: во што е мојот престап.
25 О колку се силни искрените беседи! Но што имаат во предвид вашите прекори?
26 Можеби мислите да ги изобличите зборовите? Па, во ветер оди очајниковиот говор!
27 Зар бисте фрлиле жрепка за сирачето и бисте тргувале со својот пријател?
28 Погледајте ме сега добро во очите, внимавајте да не ве излажам во лице.
29 Проверете дали е неправда! Проверете го зборот, јас сум правичен!
30 Зар има неправда на мојот јазик? Зар не ја вкусив секоја несреќа?”

Поврзано

Надворешни врски


Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.