Прејди на содржината

Јов/ 5 глава

Од Wikisource

4 глава Јов
5 глава
од н.п.
6 глава
Текстот е базиран на македонскиот превод на Библијата од 1999 година.

   1 Ајде повикувај! Зар ќе ти одговори некој? На кој од светците мислиш да му се обрнеш сега?
  2 Навистина, безумниот го убива неговиот гнев, љубомората ќе го докрајчи сосем лудиот.
  3 Видов безумник како се вкоренува, но веднаш ја проколнував неговата куќа.
  4 Неговите синови се далеку од сигурност, незаштитени, ги тормозат во вратите.
  5 Гладните ја изедуваат нивната жетва, самиот Бог им ја одзеде од устата, а жедните лакомат за нивните имоти.
  6 Не, нечесноста не излегува сама од земјата, ниту неволјата може да никне сама од почвата,
  7 туку човекот се раѓа за страдањата, како што орловиот лет се стреми кон висината.
  8 Но јас ќе Го побарам Бога и пред Него би ја образложил мојата работа.
  9 Тој создаде силни недоловливи дела, чудеса што не можат да се избројат.
10 Тој роси дожд по сето лице на земјата, и испраќа вода да ни ги натопи полињата.
11 За да ги издигне високо понижените, за да ги надари со среќа нажалените?
12 Редум го руши она што итреците го смислуваат, сè што со раце спроведуваат, Тој им го изјаловува.
13 Тој ги фаќа мудрите во нивното лукавство, намислите на сплеткарите, ги претворува во ништо.
14 Среде бел ден, запаѓаат во темнина, пипаат на пладне, како среде ноќта.
15 Тој го избавува бедниот од нивниот меч, го издига сиромашниот од силничките раце.
16 Така му се покажува надежта на бедниот и неправдата треба да ја затвори устата.
17 Да, блазе му на човекот кого Бог го изобличува, затоа не презирај го ти карањето на Сèсилниот!
18 Тој ранува, но ја преврзува раната, удира, и залечува со Својата рака.
19 Ќе те избави од шест неволји, ни во седмата злото нема да те допре.
20 Во глад, ќе те спаси од смрт, а во војна, ќе те грабне од остриот меч.
21 Ќе го отстрани од тебе бичот на лошиот јазик, без страв ќе бидеш пред грабнувачот.
22 Ти ќе им се смееш на сушата и студот, и не ќе се плашиш од дивите ѕверови.
23 Ти ќе склучиш сојуз со камењата на нивата, дивите ѕверови ќе бидат во мир со тебе.
24 Ќе уживаш мир во својот шатор, кога ќе го посетиш својот дом, ќе стои негибнат.
25 Ќе гледаш како се множи твоето колено и како твоето потомство расте како трева.
26 Ти ќе легнеш во гробот кога ќе бидеш стар, како што се собира житниот сноп кога ќе дозрее.
27 Го набљудуваме сè ова: вистина е жива! Затоа ти послушај сè за твое добро.

Поврзано

Надворешни врски


Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.


It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.

Public domainPublic domainfalsefalse