Проглас на силогосот „Македонија на Македонците“

Од Wikisource
П Р О Г Л А С
НА СИЛОГОСОТ „МАКЕДОНИЈА НА МАКЕДОНЦИТЕ

До македонските народи!

Нашата татковина Македонија била некогаш една од најславните земји. Македонскиот народ ги турил првите темели на овената вештина. Со победничките фаланги на Александар Велики ја пренесол Аристотеловата просвета во внатрешноста на Азија и со тоа го цивилизирал човечкиот род. Но таа некогаш толку славна татковина денес е во опасност да биде разделена и да ја снема сосема, зашто ние Македонците сме ја зафрлиле својата народност, а другите народи ја бараат нашата земја како своја, бараат да ја потчинат нашата голема народност, која во минатото во својата самостојност така светела.

Вистински Македонци!

Нашата татковина е станата сираче. Нејзиното победничко знаме, од кое трепереше целиот свет, денеска веќе не постои како знаме на одделна народност. Денес името на Македонија се пишува во географските карти како некој спомен, а нејзините победнички грбови лежат во големите гробишта на заборавот, благодарејќи на разорните сплетки на оние органи што веќе неколку години крстосуваат низ нашата земја, засипувајќи го нашиот народ со раздор и отровни страсти. Овие органи се гробари на некогашната славна Македонија. Тие работат за нејзиното распарчување и, користејќи ги локалните расправии готват терен за напливот на туѓа војска во нашата татковина. Настапија критични дни за опстанокот на Македонија. Се решава прашањето за нејзиниот живот или смрт. Јунаци македонски! Зар ќе дозволите за време на вашиот живот да се закопа нашата убава татковина? Погледнете ја разранета од отровните стрели на околните народи што сакаат меѓу себе да ја поделат. Во таквата очајна положба нашата драга мајка Македонија гледа на нас со очи полни со солзи и ни вика:

„Ако сте навистина мои деца, ако во вашите жили уште тече македонска крв, тогаш е подобро да загинете со мене отколку да останете живи сведоци на исчезнувањето на македонската народност. Не верувајте им повеќе на интригите на соседните народи коишто работат само за мојата пропаст. Вие сте чеда на мојата утроба, па макар зборувале турски, грчки, бугарски, српски, романски, влашки или еврејски. Вие сте сите мои родени деца верувале вие во Мухамед, Мојсеј или Исус. Иако вие ги признавате за старешини едни папата, други шеик-ул-исламот, трети егзархот, четврти патријархот, петти рабинот, пак сте вие сите деца од една иста мајка Македонија што плаче ден и ноќ колнејќи ве да се смирите, да се сложите и да се збратимите. Зар не ќе се засрамите ако ме расчеречат и разделат соседите кои зборуваат со односниот јазик но кои се мои непријатели? Зар вие уште ќе им помогнете за да ме закопаат в гроб, а со мене и славното име македонско? Ако тоа го нејќете, ако напротив сакате да ги залечите моите рани, како вистински Македонци вие решете: на знамето што денес го подигам да се напише: Македонија на Македонците, па тогаш истерајте ги од својата предедовска земја сите интриганти што денес го разгоруваат меѓу вас расцепот на народносните страсти што вас, моите деца и еднокрвни браќа, ве делат на разни туѓи народности. Признавајќи го ова мое знаме како единствено ваше знаме, викнете: Да живее неразделниот македонски народ!“

Од протоколот од последниот состанок на централниот силогос „Македонија на Македонците“ на кој е решено да се отпечати овој проглас на сите јазици на Македонија.

Во Цариград, 15 април 1891 год.

Централен силогос

Извор[уреди]

  • Владан Ђорђевиħ, „Србија и Грчка: 1891-1893.“, Београд, 1923, стр. 95-96.