Денови
Како на вратот гердани
ниски камења студени,
така на плешки денови
легнале та натежнале.
Денови ли се – денови
аргатски маки големи!
Стани си утре порано
Дојди си вечер подоцна,
наутро радост понеси
навечер тага донеси —
ај, пусти да е, пуст да би
останал живот кучешки!
Роди се човек — роб биди
роди се човек — скот умри,
скотски цел живот работи
за други, туѓи имоти.
За туѓи бели дворови
копај си црни гробови!
За себе само ргај си
за себе маки тргај си —
нижи си гердан денови
нижи си алки ковани,
нижи си синџир железен
околу вратот навезен!