Page:Бели мугри-Кочо Рацин.pdf/16

Од Wikisource
Оваа страница е прегледана, но треба да биде потврдена.

Елегии за тебе
1.

„Чернеј горо, чернеј сестро!...“


Вчера си појдоф, наминаф
низ таја гора зелена
пот тиа буки високи
по килим сенки широки.

Одеф со глава замаен
наведнат, мртов, зачмаен,
одеф со грутка на срце
и каракамен на гради.

Деј гиди горо зелена!
Деј гиди водо студена!
Пилците пеат — ти плачеш,
слнцето грее — ти темнеш.

Ако ги криеш коските
на дели млади јунаци
тука што лежат по тебе
за тиа темни дубрави —
зошти ги таеш песните?
Зошто по тебе дрвјата
и на дрвјата гранките
и на гранките лисјата
шумолат скришно таговно?

— 14 —