Четврта книга Мојсеева/ 26 глава
25 глава | Четврта книга Мојсеева 26 глава од Мојсеј |
27 глава |
1 После тоа зло Господ им рече на Мојсеја и на Елеазара, синот на свештеникот Арон:
2 „Извршете попис на сето општество на Израелевите синови, по нивните семејства, запишете ги сите, од дваесет години па нагоре, кои се способни за војна во Израел.”
3 И така, Мојсеј и свештеникот Елеазар ги изброија, во Моавските Полиња, покрај Јордан близу Ерихон,
4 сите од дваесет години па нагоре, како што Господ им нареди на Мојсеја и на Израелевите синови, кои излегоа од Египетската Земја:
5 Израелевиот првенец Рувим. Рувимови синови: од Енох родот на Еноховците; од Фалуј родот на Фалуевците;
6 од Асрон родот на Асроновците и од Хармиј родот на Хармиевците.
7 Тоа се Рувимовите родови. Нив ги имаше четириесет и три илјади и седум стотини и триесет.
8 Елијав беше Фалуев син,
9 а Елијавови синови: Намуил, Датан и Авирон. Овие: Датан и Аврион беа угледни членови на општеството, кое се подигна против Мојсеја и Арона во Кореевата буна, кога се побунија против Господа.
10 Тогаш земјата ја отвори својата утроба и ги проголта заедно со Кореј, кога смртта ја грабна таа група и кога огнот голтна двеста и педесет луѓе. Така станаа опомена за другите.
11 Но, Кореевите синови не загинаа.
12 Симеонови синови по нивните поколенија: од Намуил родот на Намуиловци; од Јамин родот на Јаминовците;
13 од Зара родот на Заринците и од Саул родот на Сауловците.
14 Тие се Симеоновите родови: дваесет и две илјади и двеста.
15 Гадовите синови по нивните родови: од Сифон родот на Сифоновци; од Агиј родот на Агиевци; од Суниј родот на Суниевците;
16 од Азен родот на Азеновците; од Ириј родот на Ириевците;
17 од Арод родот на Ародовците и од Арилиј родот на Арилиевците.
18 Тоа се родовите на Гадовите потомци, според нивното пребројување: четириесет илјади и пет стотини.
19 Јудини синови: Ир и Авнан. И Ир и Авнан умреа во Ханаанската Земја.
20 Јудини синови по нивните родови беа: од Силом родот на Силомовците; од Фарес родот на Фаресовците и од Зара родот на Заринци.
21 Фаресови синови пак беа: од Асрон родот на Асроновци и од Амуил родот Амуиловци.
22 Тоа се Јудините родови, а избројаните од нив: седумдесет и шест илјади и пет стотини.
23 Исахарови синови по нивните родови: од Тола родот на Толинци; од Фува родот на Фувинци;
24 од Јасув родот на Јасувовците и од Амрам родот на Амрамовци.
25 Тоа се Исахаровите родови. Нив ги запишаа шеесет и четири илјади и триста.
26 Завулонови синови по нивните родови: од Саред родот на Саредовците; од Алон родот на Алоновци и од Алил родот на Алиловци.
27 Тоа се Завулоновите родови, според нивното пребројување: шеесет илјади и пет стотини.
28 Јосифови синови по нивните родови: Манасиј и Ефрем.
29 Манасиеви синови: од Махир родот на Махировци. На Махира му се роди Галад. Од Галад е родот на Галадовци.
30 Овие беа Галадови синови: од Ахиезер родот на Ахиезеровците; од Халек родот на Халековци;
31 од Есрил родот на Есриловци; од Сихем родот на Сихемовци;
32 од Симаер родот на Симаеровци и од Офер родот на Оферовци.
33 Оферовиот син Салпад немаше синови, туку ќерки. Имињата на Салпадовите ќерки беа: Мала, Нуја, Егла, Мелха и Терса.
34 Тоа се Манасиеви родови. Избројаните од нив: педесет и две илјади и седум стотини.
35 Овие пак се Ефремовите синови, по нивните родови: од Сутал родот на Суталовците; од Вехер родот на Вехеровци и од Тахан родот на Тахановци.
36 Овие се Суталови синови: од Еран родот на Ерановците.
37 Тоа се родовите на Ефремовите синови, според нивното пребројување: триесет и две илјади и пет стотини. Тоа се Јосифови синови, по нивните родови.
38 Венијаминовите синови, по нивните родови: од Вела родот на Велинци; од Асвил родот на Асвиловци; од Ахирам родот на Ахирамовци;
39 од Суфам родот на Суфамовци и од Уфам родот на Уфамовци.
40 Велини синови беа: Адер и Наман. И така, од Адер родот на Адеровци, а од Наман родот на Намановци.
41 Тоа се Венијаминовите синови, по нивните родови. Нив ги запишаа четириесет и пет илјади и шест стотини.
42 Овие се Данови синови, по нивните родови: од Самеј родот на Самеевци. Тоа се Дановите синови, според нивните родови.
43 Од сите родови на Самеевците беа запишани шеесет и четири илјади и четири стотини.
44 Асировите синови, по нивните родови: од Јамин родот на Јаминовците; од Јесуј родот на Јесуевците и од Вериј родот на Вериевците.
45 Од Вериините синови: од Ховер родот на Ховеровци и од Мелхил родот на Мелхиловци.
46 На Аировата ќерка името и беше Сара.
47 Тоа се родовите на Асировите синови. Нив ги запишаа педесет и три илјади и четири стотини.
48 Нефталимовите синови, по нивните родови: од Асил родот на Асиловци; од Гуниј родот на Гуниевци;
49 од Есер родот на Есеровци и од Селим родот на Селимовци.
50 Тоа се родовите на Нефталиевците. По нивните родови беа запишани четириесет и пет илјади и четири стотини.
51 И така, запишани Израелци имаше шест стотини и една илјада и седум стотини и триесет.
52 Господ му рече на Мојсеја:
53 „На овие нека им биде разделена земјата во наследство според бројот на нивните имиња.
54 На поголемиот број зголеми му го наследството, а на помалиот намали му го неговото наследство; секому нека му биде дадено неговото наследство според бројот на запишаните.
55 Но земјата нека биде поделена со жрепка; нека биде примена во наследство според дедовските племенски имиња.
56 Наследството ќе биде поделено со жрепка, на секое племе според неговата големина.”
57 Ова е попис на левитите, по нивните поколенија: од Гирсон родот на Гирсоновците; од Каат родот на Каатовци и од Мерариј родот на Мерариевци.
58 Еве се родовите на Левиевците: родот на Ловениевци, родот на Хевроновци, родот на Малиевци, родот на Мусиевци и родот на Кореевци. На Каат му се роди Амрам.
59 На Амрамовата жена името и беше Јохавета. Беше Левиева ќерка, која му се роди на Левија во Египет. Таа му ги роди на Амрам: Арона, Мојсеја и нивната сестра Маријам.
60 На Арона му се родија: Надав, Авиуд, Елеазар и Итамар.
61 Надав и Авиуд загинаа кога принесуваа непосветен оган пред Господа.
62 Сите избројани мажи од еден месец па нагоре беа дваесет и три илјади. Тие не беа избројани заедно со Израелевите синови; и не им беше доделено наследство меѓу Израелевите синови.
63 И така, тоа се оние, кои беа избројани од Мојсеја и од свештеникот Елеазар; тие го извршија овој попис на Израелците покрај Јордан, во Моавските Полиња спроти Ерихон.
64 Меѓу нив немаше ниту еден од оние кои беа избројани од Мојсеја и од свештеникот Арон, кога ги избројуваа Израелевите синови во Синајската Пустина.
65 Зашто Господ беше рекол за нив: „Нека изумрат во пустината и нека не остане никој од нив, освен: Халев, Ефониевиот син, и Исус, синот Навинов!”
Поврзано
[уреди]Надворешни врски
[уреди]
Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.
Public domainPublic domainfalsefalse